Дневен ред за 9. седница закажана за 30 април

На 30 април 2025 година во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 9. седница со Дневен ред за кој се предвидени осум иницијативи за дискусија и пет предлози за донесување на конечни одлуки. 

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.222/2024

Оспорени одредби: Член 197 став 1 точка 2 во делот „или лицата од членот 215 став (1) на овој закон“, член 198 став 2 во делот „од членот 185 на овој закон“, член 202 став 11“, член 205 став 1 во делот „за припадноста на заедница“, член 206 став 6 во делот „согласно со членовите 489 до 496“,член 222 во делот „ членот 392 став 2 од“, член 242 став 2 во делот „а ако е потребно, ќе се постапи согласно со одредбите на членот 239 став 4 од овој закон“ , член 317 став 2 во делот„ ќе се примени членот 391 став 3 од овој закон“ и  во втората реченица „то“ од зборот Решението, од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“  бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018).

Подносител на иницијативата: д-р Леонид Трпеноски, адвокатско друштво “Трпеноски”

Од наводите во иницијативата: 

Меѓу другото, подносителот смета дека оспорената одредба од чл. 202 став 11 од Законот е во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 6, како и со членот 30 од Уставот. Дополнува дека наведената одредба не е во согласност со членот 1 став 1 од Протоколот 1 на Европската Конвенција за човекови права. 

По однос на оспорениот  член 205 став 1 во делот „за припадноста на заедница,” подносителот смета дека при испитувањето на обвинетиот прво нешто што се бара од него е информација дали го разбира јазикот на кој се води постапката и неговите лични податоци. Се наведува како спорен идентификационен податок со кој се бара информација за припадноста на некоја од заедниците, иако тоа според подносителот воопшто не е значајно за водење на кривичната постапка. 

2. Реферат У.бр. 248/2024

Оспорен акт: 

Член 59 став 2 во делот „и кога ќе најде дека има недостатоци во постапката која претходела на донесувањето на оспорениот акт, но тие не биле од влијание за решавање на предметот на спорот”;

-член 70 став 1, алинеја 1 во делот „суштествена”;

-член 70 став 2 во делот „суштествена”

-член 70 став 2 во делот „а тоа влијаело или можело да влијае врз донесување на законита и правосилна пресуда”

-член 79 став 3 во делот „суштествена”

-член 80 став 1 во делот „или тие не се од влијание за донесување на поинаква одлука”

-член 80 став 2 во делот „суштествена”

-член 81 став 3 во деловите „кои имале одлучувачко значење”, „поради”, и „тие” од Законот за управните спорови

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби, меѓу другото се врши рестриктивно условување на важењето на уставните гаранции, правните стандарди и се предвидува допуштеност на непримена на закон како и повреди на закон, кои најчесто стануваат повреди на правата на едната странка или во одредени случаи државата како странка. Во иницијативата се тврди дека одредбите се недоволно јасни и прецизни. 

3. Реферат У.бр.271/2024

Оспорен акт: Делот „за јавна администрација” од член 15-в од Законот за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорениот дел може да доведе до заблуда во примената во однос на надлежноста на тоа кој го носи актот за организација на работата и вршењето на инспекцискиот надзор. 

4. Реферат У.бр.1/2025

Оспорен акт: Член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8(делница: Тетово-Гостивар-Букојчани) и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10(делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија

Подносител на иницијативата: Жарко Стеваноски, адвокат

Содржина на оспорената одредба: 

Додека се користат експроприраните јами и каменоломи за целите на Проектот, Инвеститорот и Стратешкиот партнер ќе ги почитуваат сите применливи регулативи за минерални суровини, со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделената концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот.”

5. Реферат У.бр.210/2024

Оспорен акт: Член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорената одредба е во спротивност со член 12 став 2 и 3 од Законот за работните односи и уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 алинеја 3, како и членот 32 став 6 од Уставот. Се наведува дека со одредбата се создава правна несигурност.

6. Реферат У.бр.234/2024

Оспорен акт: Одлука за објавување јавен оглас за именување на претседател и членови на Државна комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен од 23.09.2024

Подносител на иницијативата: Даниела Бочварска, Кристијан Чушков, Весна Илиева Лубуриќ, Фидан Јусуфи, Јетмир Љика, Виктор Бубевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите сметаат дека со оспорената одлука се нарушува темелната вредност владеење на правото бидејќи, меѓу другото Комисијата за прашања за изборите и именувањата  нема правен легитимитет да донесува одлуки, туку да дава предлози до Собранието. Дополнително се оспорува и фактот што претседателот на Комисијата за прашања за изборите и именувања ја потпишал Одлуката за јавниот оглас. 

7. Реферат У.бр.73/2022

Oспорени акти: Oдлука за донесување на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 бр.07-5068/1 од 03.12.2012 година, Одлука за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница Пинтија” бр.07-4421 од 06.07.2007 година донесена од Совет на Општина Кисела Вода, Одлука за донесување Детален урбанистички план за населба Пинтија бр.07-49/2 донесена од Совет на Општина Кисела Вода, Одлука за донесување на Детален урбанистички план за фабрика ОХИС бр.07-8027/9 донесена од Совет на Општина Кисела Вода инфраструктура со тех.бр.ПА-002-01/14/2 од „”ГЕИНГ Кербс унд Кифер.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите на иницијативата наведуваат дека ГУП-от на Град Скопје е противзаконит бидејќи предвидува промена на булеварот „Борис Трајковски”  со која планираните сообраќајни ленти зафаќаат недвижен имот во приватна сопственост на физички и правни лица кои се наоѓаат само на едната страна на постоечкиот булевар, во насока од Стаклара кон мостот на Маркова река. Поради овие причини подносителите наведуваат дека се зафаќа приватната сопственост со потреба за вршење на експропријација во обем кој доведува до големо оштетување на носителите на правото на сопственост, како што е драстично намалување на вредноста на недвижностите.

8. Реферат У.бр.179/2024

Оспорен акт: Статутот на Здружението „Ловечко друштво Церн Камен 2010”

Подносител на иницијативата: Друштво за консалтинг Лански, Ганзгер, Зеќири и партнер ДОО Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека дисциплинскиот суд не може во исто време да биде посебен орган на Здружението и орган на Собранието, кое е во рамки на Здружението. Се тврди дека со оспорениот Статут се прави ограничување на составот , односно се истакнува дека членовите-основачи имаат право да бидат дел од Собранието и се ставени во понеповолна положба останатите членови на Здружението кои не се ниту членови-основачи ниту членови на Управен одбор или претседатели на подружници и истите да немаат право да бидат дел од Собранието и да учествуваат во неговата работа, иако ги исполнуваат условите. 

II- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА 

1. У.бр.207/2023

На 05.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 129/2023 и 53/2024).

2. У.бр.5/2024

На 05.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за  оценување на уставноста и законитоста на член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/20).

3. У.бр.186/2024

На 26.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за за оценување на уставноста на членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024 од 11 март 2024).

4. У.бр.198/2024

На 26.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019), донесена од Владата на Република Северна Македонија на 26 март 2024 година.

5. У.бр.244/2024

На 19.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.