Правни основи и положби


А) Положбата, составот, надлежноста и правното дејство на одлуките на Уставниот суд се посебно уредени со Уставот на Република Македонија.

Начинот на работата и постапката пред Уставниот суд, согласно со Уставот, ја уредува Судот со свој акт. Таков акт е Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија донесен на 7 октомври 1992 година.

Б) Според Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, Претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, а судската власт ја вршат судовите. Сите овие органи, во согласност со системот на поделбата на власта, правата и должностите од своја надлежност ги вршат врз основа и во рамките на Уставот и законите. Уставниот суд на Република Македонија, во таа смисла, е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Гледано низ призмата на односите на различните носители на власта во организацијата на државната власт, Уставниот суд според својата уставна положба не спаѓа во системот на организацијата на државната власт, туку е посебен уставен орган со статус, состав, организација и надлежности конкретно утврдени со самиот Устав. Тој организационо и функционално не произлегува од законодавниот орган, ниту пак е одговорен пред него. Заштитата на уставноста и законитоста е надвор од функциите на власта и е посебна и независна, поради што нејзиното вршење излегува надвор од секој облик на остварување на меѓусебните односи на законодавната и извршната власт. Според тоа, Уставниот суд е еден од факторите во остварувањето на Уставот, а со тоа и на остварувањето на односите што со Уставот се утврдени како содржина на организацијата на власта. Овој орган, како и сите други уставни органи, е институција на Уставот која основата и границата на вршењето на својата функција ја црпе единствено од Уставот и е во функција за неговото остварување. Таквата положба на Уставниот суд едновремено му обезбедува гаранција дека условите за остварување на уставносудската функција однапред се заштитени од нивното менување од страна на актуелните носители на политичката власт заради прилагодување на оваа функција на дневните политички потреби и интереси. Со нивното уставно дефинирање се обезбедува релативна трајност на овие услови, во границите на трајноста на Уставот како највисок правен акт на земјата.

Уставната положба на Уставниот суд му обезбедува во вршењето на својата уставносудска функција да се дистанцира од секаков политички авторитет, особено од оној што моментално е на власт и континуирано и доследно да ги врши работите од својата надлежност независно од промените што настануваат кај непосредните носители на власта. Без оглед на интензитетот и обемот на остварувањето на своите функции, Уставниот суд е константно активен во обезбедувањето на заштитата на уставноста и законитоста. Со тоа, тој орган постанува гарант за остварувањето на владеењето на правото и реален општествен фактор во остварувањето на Уставот и отстранување на арбитрерноста и произволноста во толкувањето, остварувањето и спроведувањето на Уставот и законите. Уставниот суд во овој транзиционен период, преку својата работа, не допушти односно ја избегна опасноста во праксата да поприми елементи на извршен орган на оперативна дневна политика или подреден орган на законодавната и извршната власт.

Уставниот суд не создава право и не утврдува што е право, туку констатира што е неправо. Тој не пропишува оригинерни норми, туку ги испитува, оценува и конечно одлучува дали пропишаните норми и утврдените односи се во согласност со Уставот односно законите. Одлуките на Уставниот суд се последица на повредите на Уставот односно законот поради што тие имаат интервентен карактер. Суштината на оваа функција е суштина на уставноста и законитоста и на владеењето на правото, а што значи: дека нема повисок устав од Уставот и дека нема повисок закон од законот; дека никој нема повеќе власт од таа што му е дадена со Уставот и законите; дека никој не е должен да трпи насилство над својата личност; дека секој има право да ги остварува општо прифатените и признати слободи и права; дека никој нема право да ги злоупотребува тие слободи и права и дека секој е должен да ги исполнува своите должности и обврски.

Уставниот суд вршејќи ги работите од својата надлежност, се повеќе станува општествен фактор кој почитувајќи го принципот на поделбата на власта ги зацврстува односите помеѓу нивните носители, афирмирајќи ја нивната посебна положба и подигнувајќи ја довербата на граѓаните во уставноста и законитоста како битни компоненти на севкупното уредување на земјата. Обезбедувајќи го приматот и супрематијата на Уставот над законите и на сите други прописи, Уставниот суд ја обезбедува коегзистенцијата на правниот поредок.

Како резултат на поставеноста и положбата на Уставниот суд, во практиката се побројни се поднесените иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на повеќе закони и други прописи, како и барањата за заштита на одделни слободи и права на човекот и граѓанинот, што без сомнение е израз и потврда на демократизацијата на односите во општеството и поголема верба на граѓаните во Уставниот суд како заштитник на уставноста и зако­ни­тоста. Уставниот суд можеби не можеше секогаш и во потполност да излезе во пресрет на барањата и иницијативите, пред се, поради нивната неоснованост и поради карактерот и обемот на својот делокруг, но никогаш од причини на опортунитет или заради заштитување на угледот на било кој орган. Уставниот суд не признава ничија непогрешивост, ниту, пак, бара грешки по секоја цена.