Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.5/2024
Скопје, 05.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 2 и 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/20).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на:
– член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/19, 162/19, 233/20, 312/20 и 38/2022) и
– Табеларен норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект кога измерените внатрешни температури се пониски од 20* С од Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачаната топлинска енергија од мај 2021 година.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Вера Георгиева од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби означени во точките 1 и 2 од ова решение, бидејќи смета дека истите се спротивни на член 8 алинеи 2, 4 Погрешно е наведена алинеја 4, наместо алинеја 3 – владеење на правото , 7 и 9 и член 51 алинеја 1 од Уставот.
Во иницијативата се цитираат одредби кои според подносителката се противуставни од причина што смета дека со истите е ускратено правото на потрошувачите да можат да се откажат од услугите за снабдување со топлинска енергија доколку минималната измерена внатрешна температура биде помала од 20+1*С.
Подносителката смета дека оспорениот член 54-а став 1, точка 2 од Правилата, е дискриминаторски бидејќи наложува на барателите кои сакаат да се исклучат од системот за централно греење да изготват проект за греење и нелегитимно е барањето за исклучување да се достави на одлучување до снабдувачот со топлинска енергија.
Поради наведените причини, подносителката бара Судот да ги укине оспорените одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/19, 162/19, 233/20, 312/20 и 38/2022), Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/20), како и оспорениот Табеларен норматив, како противуставни.
II
На седницата Судот утврди дека со член 54-а став 1 од Правилата за изменување и дополнување на правилата за снабдување со топлинска енергија, е предвидена постапка, која сопственикот – барател на посебниот дел од објектот, кој бара да се исклучи од системот за централно греење треба да ја спроведе, па со точка 1 од истиот е задолжен да обезбеди писмена согласност за исклучување од мнозинство од вкупниот број сопственици на посебни делови од објектот. По добивањето на ваквата согласност, со точката 2 на барателот му се наложува да изготви проект за греење со кој ќе се предвиди алтернативниот систем на греење којшто ќе го користи по исклучувањето да обезбедува подобри енергетски перфоманси, односно да е поефикасен и еколошки поприфатлив и да го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен и со точката 4 барателот се задолжува да му достави на снабдувачот проект за греење со барање за негово одобрување и реализирање.
Судот, на седницата, утврди дека со оспорениот член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, е предвидено потрошувачите што не склучиле Договор за снабдување со снабдувачот од кои било причини, а користат топлинска енергија, да се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле Договор за снабдување со топлинска енергија.
Табеларниот норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект кога измерените внатрешни температури се пониски од 20* С, содржи табеларен приказ на измерена внатрешна температура во колективен станбен објект во скала од 20 *С до 14,5*С, за секоја измерена температура, графа – корекција на паушалот која содржи скала на намалување во проценти од 0 до -100% и графа со утврдени проценти за плаќање на паушалот во проценти од 100% до 0% и последна графа од табеларниот норматив е насловена како „статус“ со нумерација од 21 до 60.
III
Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со член 51 од Уставот, се уредува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/20), во кои е содржан оспорениот член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 , е донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија и истиот е донесен врз основа на член 24 став 1 точка 1 алинеја 15 и член 30 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19, 236/22, 134/24 и 147/24).
Со член 24 од Законот за енергетика кој е со наслов „Надлежност на Регулаторна комисија за енергетика“, се пропишани актите што ги донесува Регулаторната комисија за енергетика заради остварување на својата надлежност и во ставот 1 точка 1 алинеја 15 е предвидено дека донесува правила за снабдување со топлинска енергија. Согласно член 30 став 1 од истиот закон, кој е со наслов „Правила за снабдување“, е определено дека Регулаторната комисија за енергетика донесува посебни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Со ставот 2 се определува дека со ваквите правила за снабдување поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот на соодветниот систем и помеѓу другото точката 9 од ставот 2 уредува дека поблиску се уредуваат условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор.
Tргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби и одредбите од Законот за енергетика, како и содржината на оспорените одредби од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, наспрема наводите во иницијативата, Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од правилата со одредбите од Законот за енергетика и со одредбите од Уставот кои ги посочува подносителот на иницијативата.
Ова од причина што владеењето на правото е уставно загарантирана темелна вредност која ги опфаќа, меѓу другото, принципот на правна сигурност и легитимни очекувања. Тоа значи дека законите важат за сите граѓани подеднакво и секое отстапување од нивната примена претставува повреда и на начелото на правната сигурност.
Имено, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, со донесените Правила за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, утврдила обврски за сопствениците на посебните делови од објектите што бараат да се исклучат од системот за централно греење да спроведат постапка за исклучување. Постапката за исклучување која треба да ја спроведе барателот т.е сопственикот на посебниот дел од објектот, вклучува обезбедување на писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови од објектот, потоа обврска на барателот да изготви проект за греење со кој ќе се предвиди алтернативен систем за греење и да го достави проектот за греење до снабдувачот, кој пак треба да одлучи за негово одобрување и реализирање.
Во член 30 став 1 од Законот за енергетика, е определено дека Регулаторната комисија за енергетика донесува посебни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Со ставот 2 од истиот член, законодавецот јасно определил дека со ваквите правила за снабдување поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот и помеѓу другото со точката 9 пропишал дека поблиску се уредуваат условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор.
Од анализата на наведените законски одредби, произлегува дека законодавецот со ваквата законска формулација, утврдил дека Регулаторната комисија за енергетика може со подзаконскиот акт (правилата за снабдување), да пропише услови и постапка за исклучување на потрошувачи од системот за пренос и дистрибуција, но само во случај кога потрошувачот престанал да ги исполнува обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор, а не и во случај кога потрошувачот сам и доброволно, со барање ќе се обрати до снабдувачот и ќе побара исклучување од системот. Неспорен е фактот дека Регулаторната комисија за енергетика може да донесува посебни правила за снабдување во кои ќе пропишува услови и постапка за исклучување од системите за пренос и дистрибуција. Но, согласно член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика, ваквите услови и постапката за исклучување, единствено и исклучиво се однесуваат само за корисниците кои престанале да ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор. Вака предвиденото исклучување на корисниците, би требало да претставува еден вид на санкција на тие корисници кои престанале да ги исполнуваат обврските, а не да се однесува и за исклучување на корисниците кои си ги исполнувале своите обврски и кои доброволно сакаат да се исклучат од системот.
Утврдените обврски од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, за сопствениците на посебни делови од објектите што бараат да се исклучуваат од системот за централно греење, исто така, не се во корелација односно согласност и со судската пракса на ЕСЧП. Имено, ЕСЧП во Пресудата Стрезовски и други против Република Северна Македонија (Апликации бр.14460/16 и 7 други), наведува дека „И мешањето во мирното уживање на сопственоста и воздржувањето од дејствија мора да ја постигнат правичната рамнотежа помеѓу барањата на општиот интерес на заедницата и потребата од заштита на индивидуалните основни права. Потребата за постигнување на оваа рамнотежа се рефлектира во структурата на член 1 од Протоколот бр. 1 како целина. Поради ова, во сите случаи за наводна повреда на овој член, Судот е должен да утврди дали поради некое дејствие или пропуштање на дејствие од страна на државата, на засегнатите лица им бил наметнат несразмерен и прекумерен товар (види Broniowski v. Poland [GC], бр. 31443/96, § 150, ECHR 2004 V; Zolotas v. Greece (no. 2), бр. 66610/09, § 40, ECHR 2013 (извадоци); и Dickmann and Gion v. Romania, бр. 10346/03 и 10893/04, § 90, 24 октомври 2017)“. Во оваа насока, Регулаторната комисија, при утврдување на наведените обврски го немала предвид фактот дека со истите се наметнува несразмерен и прекумерен товар врз корисниците на услугите, спротивно на меѓународните стандарди за човекови права и слободи.
Согласно сето погоре наведено, од анализата на оспорените одредби и наведените законски одредби, Судот цени дека оспорените одредби од член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, се незаконити, а со тоа и спротивни на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат јасни и прецизни норми и истите да бидат правно усогласени со Уставот и со законите.
По однос на оспорениот член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/19, 162/19, 233/20, 312/20 и 38/2022), Судот има установено судска пракса и со Решението У.бр.125/2012 донесено на 22.05.2013 година, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилата за снабдување со топлинска енергија, во целина, и посебно на повеќе одредби од правилата, меѓу кои, и за сега оспорениот член 9 став 2. Со Решенијата У.бр.80/2013 од 22.01.2014 година и У.бр. 34/2018 од 22 мај 2018 година, Судот ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 9 и член 53 од Правилата, поради исполнување на условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот.
Со сега доставената иницијатива повторно се оспорува уставноста и законитоста на член 9 став 2 од Правилата, vis a vis одредбите од Уставот и членовите од Законот за облигационите односи, по кои Уставниот суд со погоре наведените решенија веќе се произнел, а со оглед дека нема основи за поинакво одлучување, Судот цени дека се исполнети условите за примена на член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Со иницијативата се оспорува и Табеларниот норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект кога измерените внатрешни температури се пониски од 20* С од Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачаната топлинска енергија од мај 2021 година.
По однос на оспорениот Табеларен норматив, произлезе дека Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија на седница одржана на 11 јануари 2024 година, донела Решение за одобрување на Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачана топлинска енергија на „ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје“, бр.11-18/1 од 04.01.2024 година. Согласно член 6 од Решението, истото влегува во сила со денот на донесувањето.
Со оглед на тоа дека овој Правилник содржи нов табеларен норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект со нови мерни единици за измерена внатрешна температура, намалување во пресметката изразено во проценти, износ за доплата изразен во проценти и статус, а оспорениот правилник е веќе исцрпен од својата примена, нема правно дејство и веќе не е во правниот поредок, поради што постојат процесни пречки за постапување. Од тие причини Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
V
Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски