У.бр.198/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.198/2024
Скопје, 26.02.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019), донесена од Владата на Република Северна Македонија на 26 март 2024 година.

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Славко Николов од Пробиштип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука е спротивна на Уставот како највисок правен акт во државата, на Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група и на Законот за средното образование од причина што според македонската уставна и законска рамка не е дозволено црква, верска заедница и религиозна група да биде основач на приватно средно училиште во кое се организира и остварува настава за средно гимназиско образование од општествено-хуманистичко подрачје, јазично-уметничко подрачје и природно–математичко подрачје. Подносителот ја цитира уставната одредба од член 19, односно Амандман VII од Уставот и нагласува дека верските заедници можат да основаат училишта, но тие можат да бидат од верски карактер во согласност со закон, а тој закон е специјалниот Закон за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група кој уредува дека верските заедници ги основаат верските училишта и ја уредува постапката за нивното основање. Според тоа, Исламската верска заедница има уставно и законско право да основа средно верско училиште за школување на верски службеници и таа веќе има основано такво училиште „Медреса Иса Бег“ коешто постои од 1984 година. Меѓутоа, основањето на ново приватно средно училиште „Медреса Иса Беу“ кое треба да биде гимназија основана од верска заедница, за која Владата дала одобрение со оспорениот акт, е целосно спротивно на Уставот и законот бидејќи основачот нема право да основа вакво училиште. Уставот не дозволува основање на верски гимназии по чиешто завршување учениците ќе можат да бираат школувањето да го продолжат на факултетите кои се достапни за останатите јавни гимназии, од причина што учениците што завршуваат верско средно училиште можат своето високо образование да го продолжат исклучиво на факултет каде се изучува верата.

Подносителот во иницијативата понатаму наведува дека основањето од страна на верските заедници на училишта со статус и карактер еднаков на јавните училишта е спротивно на секуларниот карактер на државата и поради тоа што доведува до полова сегрегација на учениците, што произлегува од воспоставената пракса во постојната „Mедреса Иса Бег“. Постојната уставна и законска рамка се темели на почитување на слободите и правата на човекот, слободата на мисла совет и уверување вклучително и слободното манифестирање на религијата со сите придружни права на религиско организирање и живеење, но тоа мора да се остварува во дозволен обем и на дозволен начин. Во таа смисла подносителот укажува и на одлуките на Уставниот суд со кои беше укинато верското образование, односно веронауката во училиштата.

Подносителот укажува и на незаконитоста на оспорената одлука која е спротивна на Законот за средно образование кој во член 7 забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта. Подносителот заклучува дека верските училишта се издвоена целина, посебен вид на училишта кои едуцираат специфичен кадар и дека не може да постои гимназија основана од верска заедница бидејќи тоа е облик на верско дејствување. Поради наведените причини, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука и истата да ја поништи, а до конечното одлучување посебно решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука за да се спречи настанување на тешко отстранливи последици.

II

На седницата Судот утврди дека оспорената Одлука за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје е донесена врз основа на член 12 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16, 67/17, 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 229/20), од страна на Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 26 март 2024 година.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се дава одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје.

Согласно член 2 од Одлуката, одобрението од член 1 од оваа одлука, се дава врз основа на барањето од основачот Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, со седиште на ул. „Чаирска“ бр. 52 во Скопје, со ЕДБ 4075010100032.

Член 3 од Одлуката предвидува дека во Приватното средно училиште од член 1 од оваа одлука, ќе се организира и остварува настава за средно гимназиско образование од општествено-хуманистичко подрачје, комбинација А и комбинација Б, јазично-уметничко подрачје комбинација А и комбинација Б и природно-математичко подрачје комбинација А и комбинација Б, согласно наставните планови и програми одобрени од Министерството за образование и наука, согласно Законот за средното образование.

Согласно член 4 од Одлуката, потребниот наставен кадар кој ќе изведува настава во Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје е согласно Нормативот за наставниот и друг кадар во средното образование. Наставата ќе ја изведуваат 75 наставници во прва, втора, трета и во четврта година.

Член 5 предвидува дека просторот и потребната опрема за опремување на Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје се согласно нормативите за дејноста средно образование.

Според член 6 од Одлуката, Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје, ќе биде сместено, во објект во с. Кондово, Скопје, во површина од 4.084м2, во објект на ул.„Пробиштипска“ бб, во Тетово, со вкупна површина од 853 м2, во објект на ул. „18 Ноември“ бб, во Гостивар, со вкупна површина од 758 м2, во објект на ул. „Страшо Пинџур“ бр.13 во Штип, со вкупна површина од 507 м2.

Во член 7 од Одлуката е предвидено дека бројот на учениците кои ќе се запишат во прва година на образование во учебната 2024/2025 година, ќе изнесува 144 ученици во 6 паралелки, додека за наредните учебни години за бројот на ученици и паралелките ќе одлучува основачот.

Согласно член 8, наставата во Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје, ќе се изведува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, на албански јазик и неговото писмо и на турски јазик и неговото писмо.

Според член 9 од Одлуката, програмата за воспитно-образовната дејност за гимназиско образование на Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје, е соодветна на програмата за средно гимназиско образование од општествено хуманистичко подрачје, комбинација А и комбинација Б, јазично-уметничко подрачје комбинација А и комбинација Б и природно-математичко подрачје комбинација А и комбинација Б, која се остварува во јавните средни училишта во Република Северна Македонија.

Член 10 од Одлуката пропишува дека Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје ќе отпочне со работа на 1 септември 2024 година, по добивањето на решение за верификација од Министерството за образование и наука.

Член 11 од Одлуката предвидува дека средствата потребни за работа на Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје, ги обезбедува основачот.

Согласно член 12 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Одлуката е заведена под бр.41-3741/2 од 26 март 2024 година и потпишана од м-р Талат Џафери како претседател на Владата на Република Северна Македонија.

III

Уставни одредби

Согласно со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Еднаквоста на граѓаните е гарантирана со член 9 од Уставот кој предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, а со член 19 ставовите 1 и 2 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста и се гарантира слободното и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Со Амандман VII точка 1 е заменет став 3 на член 19 од Уставот и е утврдено дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.

Со точката 2 на овој амандман е заменет ставот 4 на член 19 од Уставот и е утврдено дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Според член 44 секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Во член 45 е определено дека граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Релевантни законски одредби

Закон за средното образование

Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017, 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 229/2020), ја уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.

Согласно член 2 од Законот за средно образование, во средното образование се остваруваат планови и програми за гимназиско и стручно образование. Средното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни средни училишта (средно општинско училиште, односно средно училиште на Градот Скопје и државно средно училиште) и приватно средно училиште. Државните средни училишта се основаат само за остварување на планови и програми за средно образование на одредени категории на ученици за кои државата има посебен интерес. Дејноста што се остварува во средното училиште е од јавен интерес и се врши како јавна служба. Средното училиште има својство на правно лице и се запишува во Централниот регистар на Република Македонија.

Член 3 став 3 од Законот не дозволува дискриминација заснована на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба.

Согласно член 7 од Законот, во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување. Во средното училиште не се дозволува организирање на верско образование. Во средното училиште е забрането истакнување на партиски и верски обележја.

Субјектите кои можат да основаат средно училиште се определени во член  10 од Законот, според кој средно општинско училиште може да основа општината. Одлука за основање на средно општинско училиште донесува советот на општината по претходно прибавено мислење од Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата). Средно училиште на Градот Скопје може да основа Советот на Градот Скопје. Одлука за основање на средно училиште на Градот Скопје донесува Советот на Градот Скопје по предлог на советот на општината, а по претходно прибавено мислење од Владата. Државно средно училиште основа Владата. Приватно средно училиште може да основа домашно и странско правно и физичко лице врз основа на одобрение, согласно со овој закон.

Условите што е потребно да бидат исполнети за основање на средно училиште се пропишани во член  11 според кој, средно училиште може да се основа, ако:
– постојат потреби на општината, Градот Скопје, односно државата од одреден вид кадри,
– се донесени наставни планови и програми за воспитно-образовна работа,
– се обезбедени соодветни простории и опрема за остварување на средното образование,
– со финансиски план е обезбедено одржливо ниво на финансирање најмалку за една генерација на ученици во училиштето,
– е обезбеден потребен број лица кои ги исполнуваат условите утврдени за наставници и стручни соработници во средното образование, кои дале изјава дека ќе се пријават на јавниот оглас и дека ќе засноваат работен однос, ако на јавниот оглас бидат избрани и
– се исполнети и другите услови кои се утврдени со нормативите и стандардите за основање на средно училиште заради вршење на средно образование.

Условите од ставот 1 алинеи 2, 3, 4, 5 и 6 на овој член важат и при основање на приватно средно училиште.

Нормативите и стандардите од ставот 1 алинеја 6 на овој член за основање на средно училиште ги донесува министерот надлежен за вршење на работите од областа на образованието (во натамошниот текст: министерот), на предлог на Бирото за развој на образованието.

Постапката за основање на приватно средно училиште е пропишана со Законот кој во член 12 предвидува дека одлука за давање одобрение за основање на приватно средно училиште донесува Владата по претходно мислење од Министерството, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, доколку се исполнети условите утврдени во членот 11 став 1 алинеи 2, 3, 4, 5 и 6, како и условите од членот 11-а на овој закон.

Според член 13 од Законот, со Одлуката на Владата на Република Македонија за давање одобрение за основање на приватно средно училиште се утврдува:
– воспитно-образовното подрачје, односно видот на средното образование за кое се основа приватното училиште;
– потребен наставен кадар, опрема, простор според педагошки стандарди и нормативи;
– бројот на учениците;
– јазикот на кој ќе се изведува наставата;
– програмата за воспитно – образовната дејност и
– почетокот со работа на приватното училиште.

Во член 13-а од Законот е предвидено дека по донесувањето на одлуката за давање одобрение за основање на приватно средно училиште, основачот донесува основачки акт, според предлогот на основачкиот акт од членот 11-б на овој закон кој бил приложен кон барањето на одобрение за основање на приватно средно училиште.

Согласно член 14, одобрението може да се измени или прошири во случај кога основачот бара промена на видот на средното образование или проширување на програмата за воспитно – образовната дејност.

Според член 15, Владата на Република Македонија може да го одземе одобрението по предлог на Министерството, ако:
– основачот основа приватно училиште спротивно на актот за одобрение од член 13 и
– се утврди дека приватното училиште повеќе не ги исполнува условите од член 11 став 1 алинеи 2, 3, 4, 5 и 6 на овој закон или не ги спроведува одредбите од овој закон и подзаконските акти што произлегуваат од него.
Одобрението може да престане и по барање на основачот.

Во член 19 е предвидено дека средното училиште може да започне со работа откога Министерството ќе донесе решение за верификација на средното училиште. Министерството, во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето за верификација на средното училиште, донесува решение со кое одлучува по барањето за верификација на средното училиште (во натамошниот текст: решение за верификација).

Согласно член 19-а, средните училишта по добивањето на решението за верификација се запишуваат во Централниот регистар за средни училишта кој го води Министерството согласно Законот за општата управна постапка.

Закон за правната положба на црква,
верска заедница или религиозна група

Законoт за правната положба на црква, верска заедница или религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007), го уредува основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредување на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи на црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања.Согласно ставот 2 на овој член, црквата, верската заедница и религиозната група се одвоени од државата и се еднакви пред законот.

Според член 3 од Законот, правото на слобода на уверување, мисла и совест, ја вклучува слободата на манифестирање на својата вера или убедување, што сам или заедно со другите, јавно или приватно го има секој човек.

Член 4 од Законот забранува верска дискриминација.

Автономијата на верските заедници ја гарантира член 5 од Законот според кој црквата, верската заедница и религиозната група имаат право внатрешно слободно да се организираат со нивни органи на управување, хиерархија и надлежност и да определуваат лица кои ќе ги застапуваат и претставуваат и да донесуваат акти во врска со тоа.

Образовните активности на верските заедници се предмет на уредување на посебна глава V од Законот со наслов „Верска поука и образовни дејности“. Во оваа глава, член 21 предвидува дека црква, верска заедница и религиозна група можат да изведуваат верска поука.  Верска поука се изведува во простории во кои се вршат верски обреди и други начини за јавно изразување на верата, како и во други јавни и приватни простории и места, доколку со тоа не се повредува јавниот ред и мир.

Правото на основање на верски училишта е уредено со член 22 од Законот, според кој црква, верска заедница и религиозна група имаат право да основаат верски образовни установи од сите степени на образование, освен од основното образование, за школување на свештени лица и верски службеници, како и ученички и студентски домови за сместување на лицата кои се школуваат во тие установи. Согласно ставот 2, верските образовни установи се изедначени со другите образовни установи и нивните ученици и студенти ги имаат истите права и обврски.

Член 23 од Законот предвидува дека црквата, верската заедница и религиозната група се должни известувањето за основање на верска образовна установа, со актот за целите и внатрешната организација на училиштето и наставниот план и програма, во согласност со одредбите на овој закон, да го поднесе до органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници најмалку 90 дена пред денот определен за почетокот на неговото работење. Органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници е должен своето мислење да го достави до црквата, верската заедница или религиозната група, во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на известувањето.

Според член 24 од Законот, наставните планови и програми во верските образовни установи не смеат да бидат во спротивност со Уставот и со законите. Органот на државната управа надлежен за образованието може да врши увид во наставните планови и програми на верските образовни установи во смисла на ставот (1) од овој член.

Управувањето со верските училишта е уредено со член 26 од Законот, според кој црквата, верската заедница и религиозната група самостојно управуваат со верските образовни установи и другите образовни установи, како и со ученичките и студентските домови кои можат да ги формираат во согласност со овој или друг закон. Одговорното лице во верската образовна установа, образовната установа, ученичкиот или студентскиот дом е должно да му ги стави на располагање на органот на државната управа надлежен за прашања за образованието податоците потребни за вршење увид во нивната работа и во рок определен од тој орган да ги отстрани евентуалните недостатоци.

Закон за Владата

Во член 35 од Законот за Владата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000; 26/2001; 12/2003; 55/2005; 37/2006; 115/2007; 19/2008; 82/2008; 10/2010; 51/2011; 15/2013; 27/2014; 139/2014; 196/2015; 142/2016; 140/2018; Службен весник на Република Северна Македонија бр. 98/2019) е предвидено дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Според член 36 став 3 од Законот, сo одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

Ставови на Судот

При оценката на надлежноста на Уставниот суд во однос на оспорениот акт како прво во анализата се постави прашањето за правната природа на оспорениот акт, односно се постави прашањето дали оспорениот акт претставува пропис кој подлежи на уставно-судска оценка.

Во одговор на ова прашање, Судот укажува дека од формален аспект, називот на оспорениот акт е „Одлука“ што претставува генерички или општ поим под кој влегуваат како конкретните, така и општите акти на Владата и органите на државната управа. Понатаму, оспорениот акт на Владата на Република Северна Македонија гласи „Одлука за давање одобрение“ што исклучиво од формален аспект, може да се толкува како поединечен или индивидуален акт кој јавниот орган го издава на барање на странката со примена на правилата на управната постапка. Но, ваквиот став не наоѓа поткрепа ниту низ анализата на македонското позитивно право, ниту пак во правната теорија која се бави со проучување на поимот конкретен управен акт и управна работа како предмет на управната постапка и управно-судската контрола. Во прилог на ваквиот став е фактот што Законот за општата управна постапка од 2015 година во член 4 став 1 алинеја 5 прецизно го дефинира управниот акт како „поединечен акт на јавен орган кој е донесен врз основа на закон со кој се решава за правата, обврските и правните интереси на странките“. Управните акти можат да бидат насловени како решение, одлука, наредба, лиценца, дозвола, забрана, одобрение или други. Значи, за да може еден акт кој носи назив „одлукa“ да се третира како управен акт донесен во управна постапка, тој треба по својата содржина да биде поединечен акт, односно да произведува права и обврски за конкретен правен субјект (физичко или правно лице). Со други зборови, правното дејство на тој акт треба да биде inter partes, односно да произведува правни последици само за странката на која јавниот орган и го издал поединечниот акт. Само во таков случај, согласно Законот за управните спорови од 2019 година, ќе биде возможно да се спроведе судска контрола врз законитоста на таквиот акт и тоа само доколку странката незадоволна од неговата формална или материјална законитост одлучи со тужба да поведе управен спор.

Оттука, Судот смета дека Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за давање одобрение за основање приватно средно училиште која е оспорена со иницијативата доставена пред Уставниот суд, тргнувајќи од дефиницијата на управниот акт утврдена со Законот за општа управна постапка, и покрај нејзиниот назив, не може да се смета за поединечен правен акт. Одредбите содржани во оваа одлука никако немаат само inter partes дејство, односно правно дејство само помеѓу странките (Владата и Исламската верска заедница), туку напротив, правните последици кои ги произведува Одлуката имаат општо правно дејство бидејќи предизвикуваат правни последици врз неопределен број граѓани – постојни и идни ученици, нивни родители како законски застапници, постоен и иден наставен кадар, административен кадар итн. Со други зборови, станува збор за пропис чии одредби имаат erga omnes правно дејство.

Теоретската мисла за управното право, утврдува неколку елементи кои ја чинат суштината на управниот акт, а првиот од нив е конкретноста. За ова основно обележје на управниот акт, управно-правната теорија го констатира следново „конкретноста означува дека актот се однесува на конкретна правна ситуација, која не е трајна и повторлива, туку еднократна и неповторлива.“ Несомнен факт е дека секоја одлука за издавање одобрение за основање на приватна или јавна установа не создава конкретна, туку општа правна ситуација и секако, не претставува еднократна и неповторлива, туку трајна и повторлива ситуација која опфаќа во себе давање на јавни услуги на неопределен број странки и за неограничен временски период.

Оттука, Судот оцени дека оспорената одлука на Владата на Република Северна Македонија по својата содржина има својство на пропис и подлежи на уставно-судска контрола на нејзината уставност и законитост.

Од аспект на содржината на оспорената одлука, наводите на подносителот на иницијативата се издржани, како во поглед на нејзината спротивност на Законот за средно образование кој во член 7 забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта, така и во поглед на неуставноста на истата одлука чија содржина не е во согласност со Амандманот VII точка 2 со кој е заменет ставот 4 од членот 19 од Уставот.

Имено, од наведените уставни одредби произлегува дека Република Северна Македонија е демократска држава заснована на почитување на човековите слободи и права во која сите граѓани се еднакви пред законот без каква и да било дискриминација, меѓу другото, и врз основа на нивното религиско уверување (верата). Слободата на религиското уверување е гарантирана со Уставот кој предвидува дека секој може слободно и јавно, поединечно или во заедница со други да ја изразува својата вера. Притоа, Република Северна Македонија како мултинационална, мултиконфесионална заедница е изградена на принципот на одвоеност на религијата од државата што произлегува од Амандманот VII на Уставот, според кој Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Автономијата на верските заедница во поглед на верското образование исто така е гарантирана со Уставот, според кој верските заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Принципот на одвоеноста на верските заедници од државата од Амандманот VII на Уставот, подразбира дека во односите со верските заедници и религиозните групи државата треба да биде неутрална бидејќи тоа е еден од суштинските услови за реализација на слободата на вероисповеста. Согласно со овој принцип државата не смее да се меша во прашањата на верата, односно во прашањата на верските заедници и религиозни групи, таа не смее да го поттикнува определувањето за определена вера или за вера воопшто, ниту пак да го попречува изразувањето на верата. Државата мора исто така, да ја почитува уставно прокламираната автономија во однос на образовните активности на верските заедници на начин што ќе им го препушти на верските заедници основањето и организирањето на верските училишта и нема да се меша во изборот и реализирањето на програмите и содржината на верското образование.

Уставно прокламираната одвоеност на државата и верските заедници во сферата на образованието е операционализирана во соодветните закони од сферата на образованието и Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група. Токму од тие причини, со член 7 од Законот се забранува секакво политичко и верско организирање и дејствување во училиштата, се забранува истакнување на верски обележја и не е дозволено да се организира верско образование. Верското образование се остварува исклучиво и единствено во верските училишта што ги основаат верските заедници и затоа основањето на верските училишта е уредено со Законот со кој е уреден статусот и положбата на црквата, верските заедници и религиозните групи, а не со законите од областа на образованието. Следствено, Законот за средното образование се однесува и се применува на средните училишта, приватни или јавни, во кои се остварува граѓанска настава, според програмите на гимназиското и стручно образование што ги донесува државен орган – Министерството за образование, а не и на училиштата во кои се спроведува верско образование и кои се основани од верските заедници.

Токму поаѓајќи од наведеното, Судот ги оцени како основани наводите во иницијативата дека со донесувањето на оспорената одлука Владата ја повредила уставната одредба за одвоеност на државата од верските прашања. Ова е сторено на начин што со оспорената одлука Владата дала согласност на верска заедница – Исламската верска заедница да основа гимназија, иако според Амандманот VII oд Уставот, верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија. Такво училиште, за изучување на исламската вера, веќе постои, тоа е Средното исламско училиште „Медреса Иса Бег“ во с. Кондово кое претставува едукативно-образовна институција на Исламската верска заедница која е негов основач и се грижи за остварувањето на едукативниот и образовниот процес и за плановите и програмите за верската поука.

Оттука произлегува дека системите на верското образование и на секуларното, односно граѓанско образование се јасно одделени, согласно наведениот уставен принцип. Уставот на Република Северна Македонија им гарантира слобода на верските заедници во реализирањето на воспитните и образовните дејности, што практично значи дека системот на верското образование што го организираат верските заедници како основачи на верските училишта и кој е во интерес на зачувување и развој на верската свест на припадниците на одделните вероисповести е целосно одвоен од системот на граѓанското образование како дејност од јавен интерес во кој не се промовира ниту една вера посебно, така што обидот за нивното мешање претставува повреда на уставниот принцип за одвоеност на државата и верата и на секуларниот карактер на македонското општество.

Во однос на барањето истакнато во иницијативата за донесување решение согласно со член 37 од Актот на Уставниот суд, Судот смета дека не се исполнети условите за тоа од причина што оцени дека не постојат поединечни акти кои би биле донесени директно и  непосредно врз основа на оспорената одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.198/2024