Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.198/2024 со кое Уставниот суд, на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 26 март 2024, а објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, го изразуваме нашето несогласување и го образложуваме со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
На седницата одржана на ден 26.02.2025 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.198/2024 одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – с. Кондово, Скопје, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 26 март 2024 година.
Меѓутоа, како судии на овој суд, ние не се се согласуваме со изнесените ставови и заклучоци во Решението коишто се изнесени како одговор на спорните фактички прашања.
Ако се оди по ред, според тоа како се поставени спорните фактички прашања, прво спорно фактичко прашање поставено во Решението е дали постојното исламско верско училиште „Медреса Иса Бег“ од с. Кондово ќе се трансформира во приватна гимназија во која ќе се изведува граѓанска настава и второто прашање е дали постојното верско училиште „Медреса Иса Бег“ останува да работи, но покрај верската настава ќе се изведува граѓанска настава согласно со програмата на надлежното Министерство за образование и наука.
Како трето фактичко прашање наведено во Решението е тоа дека новото училиште било именувано како „Медресеја Иса Беу“ и истото доведува до забуна со името на веќе постојното верско училиште „Медреса Иса Бег“.
Четврто фактичко прашање коешто е поставено во Решението е дали целата постапка околу основањето на училиштето е завршена. Иако од седницата на Владата и надлежното Министерство за образование не е доставен одговор, за сите овие прашања најсоодветен одговор ќе беше добиен доколку овој суд се обратеше со барање до Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Без оглед на тоа што нема одговор од Владата и Министерството за образование и наука, за нас поставените прашања не се спорни и немаме дилеми. Имено, се работи за две различни училишта, едното се вика „Медреса Иса Бег“ коешто е основано за изведување на верска настава уште во осумдесетите години од минатиот век, а другото е училиште во кое ќе се изведува граѓанска настава, согласно со програмите на Министерството за образование и наука, коешто е ново училиште и се вика внимавајте „Медресеја Иса Беу“- различно од претходното.
Без оглед на тоа што нам би ни звучело како исто име, сепак тоа не е исто. Во Централниот регистар сите фирми и сите правни лица било да се државни или приватни, кога се регистрираат се наведува името на правното лице, матичен број, седиште, основач, управител, дејност на правното лице, застапник и слично, сè што е потребно согласно закон.
Во правниот промет егзистираат и правни лица кои се регистрирани во Централниот регистар под исто или слично име, но со различни карактеристики според кои се разликува едното од другото друштво.
Во Решението детално се наведени одредбите содржани во Уставот, во Законот за средното образование и Законот за положбата на верските заедници.
Според наше мислење, не гледаме во овој случај со оспорената одлука на Владата дека има повреда на секуларноста, утврдена во Амандманот VII од Уставот на Република Северна Македонија.
Во овој амандман никаде не пишува дека верските заедници имаат забрана да основаат приватни средни училишта со граѓанска настава, туку напротив истиот оди пошироко и им дава право само на нив слободно да формираат верски училишта.
Во член 45 од Уставот се кажува дека граѓаните имаат право да основаат приватни образовни установи во сите степени на образование, во согласност со закон, но не и во основно. Овие одредби се целосно разработени во Законот за средното образование.
Во член 2 од Законот за средното образование е пропишано дека средните училишта се основаат како јавни и приватни училишта.
Во член 10 од истиот закон се наведени субјектите кои можат да основаат јавни и приватни училишта. Кога станува збор за приватните средни училишта наведено е дека истите може да ги основа домашно и странско правно лице, како и физичко лице, врз основа на одобрение, согласно овој закон.
Условите под кои може да се основа средното училиште се детално наведени во член 11 од истиот закон.
Имајќи ги во вид наведените уставни и законски одредби нејасно е зошто не можат Македонската православна црква, ИВЗ и другите заедници да основаат средни училишта во кои ќе се изведува граѓанска настава. Ова од причина, што наведените верски заедници се регистрирани во Централниот регистар на РСМ како правни лица, а во член 10 од Законот за средно образование е наведено дека основачи на средни приватни училишта можат да бидат домашни и странски правни лица.
Дали е правично на другите правни лица, домашни и странски, да им се дозволи да основаат средни училишта, а на верските заедници да не им е дозволено? Нашиот одговор е дека тоа не само што не е правично туку е и дискриминаторски, само заради тоа што се верски заедници.
Во овој случај би бил повреден член 9 од Уставот којшто забранува дискриминација по кој било основ.
Сосема е друго прашањето како ќе функционира новооснованото средно училиште. Дали во истото ќе се изведува граѓанска настава или не, односно дали ќе се почитува член 7 од Законот за средното образование со кој е забрането политичко дејствување и верско образование. Меѓутоа, тоа е прашање поврзано со примената на законите. Тоа не е надлежност на овој суд, туку на другите органи, пред сè на надлежното министерство во чиј состав функционира и Државниот просветен испекторат.
Доколку одредено средно училиште ги прекрши одредбите на Законот за средното образование, односно не ја врши онаа дејност за која е основано и регистрирано, тогаш по предлог на надлежното министерство, Владата, согласно со член 15 од Законот, има овластување и може со одлука да го одземе одобрението за работа на конкретното училиште и истото училиште да биде избришано од регистарот на училишта.
Имајќи го во вид сето кажано, по наше мислење, оспорената одлука не може да биде проблематична од уставен и законски аспект.
Оспорената одлука е донесена согласно со одредбите на Уставот и Законот за средното образование и пред да биде донесена истата, во целост биле испочитувани сите услови предвидени во Законот за средното образование. Ние немаме право, a priori да говориме дека во тоа училиште наместо граѓанска настава ќе се изведува верска, како и тоа дека верското средно училиште ќе се трансформира во граѓанско училиште. Овој суд нема такви надлежности. Тоа е во сферата на примена на законите.
Судии на Уставниот суд
на Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер
Насер Ајдари