Дневен ред за 10. седница на Уставниот суд закажана за 14 мај 2025 година

Уставниот суд ќе ја одржи 10. седница на 14 мај 2025 година со почеток во 9:30 часот. На Дневен ред e предвидено да се дискутира по осум предмети за оценување на уставност  и законитост и да се донесат одлуки за четири предмети. 

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.204/2023

Оспорени: Член 24 и член 77 од Законот за животната средина;

– Уредба за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката на оцена на влијанијата врз животната средина;

– Уредбата за определување на      проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата   за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз       животната средина ;

– Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува       елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на       стручни работи од областа на животната средина;

-Уредбата за     дејностите и активностите за кои задолжително се изработува       елаборат, а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на    општините во градот Скопје.

Подносител: Центар за истражување и информирање за животната средина „ЕКО СВЕСТ“, застапувани од Ана Чоловиќ-Лешовска

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека со оспорените одредби е повредено правото на граѓаните на здрава животна средина, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на животната средина, утврдена како темелна вредност во членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, како и слободата на пристап и примање на информации, уредени со членот 16 од Уставот. Според наводите во иницијативата, противуставно е спроведувањето на проекти коишто би можеле да имаат влијание врз животната средина, без да биде спроведена постапка за оценување на влијанието на проектот врз животната средина и без информирање и вклучување на јавноста во донесувањето на одлуки за животната средина. 

2. Реферат У.бр.126/2024

Оспорени: Член 213 ставови 16, 17 и 18 од Законот за водите

Подносители: Друштво за производство, промет и услуги ГОРСКА ДООЕЛ Скопје, Пелистерка АД Скопје, МЛ-ГАРИ ДООЕЛ и Друштво за производство, трговија и услуги КОЖУВЧАНКА, преку Симона Костадинова, адвокат од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби е воведена дополнителна давачка за флаширање на вода која според подносителите е противуставна и противзаконска, бидејќи со оваа давачка се наплатува два пати за користење на вода од едно водно тело за иста суровина, во услови кога како концедент се јавува еден ист субјект, а тоа е Владата на Република Северна Македонија. Според подносителите, наведената јавна давачка создава правна несигурност кај обврзниците затоа што ги обврзува повторно да плаќаат надоместок што веќе го платиле, што според нив се нарушува концептот на правна сигурност и легитимните очекувања на сите концесионери врз основа на склучениот договор за концесија. Се тврди дека со наметнување на давачката од оспорената законска одредба се ограничува конкуренцијата на пазарот на македонските производители во споредба со странските компании коишто продаваат странски, увозни води во нашата држава, со што се повредува слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на субјектите на пазарот.

3. Реферат У.бр.204/2024

Оспорени: Точка 24 од став 1 на член 211 од Законот за животната средина  

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорената одредба упатува на непостоечку предмет на уредување-донесување на план онака како што било уредено, заклучно со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, при што, според него, може да доведе до забуна во примената на одредбата. Подносителот констатира дека оваа одредба не е во согласност со начелото на владеењето на правото предвидено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. 

4. Реферат У.бр.246/2024

Оспорен акт: Член 33 став 5 и член 33 став 6 во делот „во случаите од ставот (5) на   овој член, кога судот не е во можност да одлучи за предметот без  списите“ од Законот за управните спорови.

Подносител на иницијативата: Aлександар Наумовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби се овозможува одлучување во спор без списи и со тоа се спречува судската заштита на законитоста на поединечните акти на Државна управа од операционализирано испитување на причините поради кои може да се поднесе тужбата, се оневозможува испитување на управен акт и управни дејствија итн. 

5. Реферат У.бр.257/2024

Член 16 став 3 во делот „и членот 16-б став 2 од овој закон“ од  Законот за земјоделското земјиште 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:  

Подносителот смета дека оспорениот дел упатува на одредба која повеќе не е во примена , односно од 07.01.2014 не е дел од правниот поредок.

6. Реферат У.бр.100/2021, У.бр.102/2021 и У.бр.103/2021

Оспорен: Правилник за образецот на барањето за издавање на личната   карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти, донесен од министерот за внатрешни работи бр.13.1.1-78898/1 од 20 август 2021 година.

Подносители: Светски македонски конгрес, Томе Тодоровски, адвокат, Политичка партија „Левица”

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека оспорениот Правилник не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, Амандманот VI, член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта. Меѓу другото се тврди дека Министерот за внатрешни работи донесувајќи го оспорениот Правилник, извршил самоволно менување на образецот на личната карта, спротивно на постојниот Закон за личната карта. Меѓу наводите во иницијативите е посочено дека во членот 5 од оспорениот Правилник стоел натпис Република „Северна” Македонија итн, иако во Законот за личната карта не стоел зборот „Северна”. Се тврди дека со недонесени и неизгласани измени на Законот за личната карта во Собранието, оспорениот Правилник го суспендирал постоечкиот Закон за личната карта, со воведување на нови задолженија, нови правила и прописи коишто ги немало во актуелниот Закон за личната карта, спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на државата, поради што во прашање била доведена и правната сигурност на граѓаните. 

7.Реферат У.бр.193/2024

Oспорени: Член 1 и 5 од Правилникот за изменување и дополнување на    Правилникот за начинот, постапката и документацијата потребна за     добивање   согласности.

Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски, Светлана Нечева и Бојан Стоилков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите меѓу другото наведуваат дека оспорениот член 1 наметнува обврска за Надзорниот орган во Правилникот за спроведување на постапка за оцена на исполнување на условите за вршење на функцијата член на орган на управување на друштвото за осигурување. Се наведува дека ваква обврска не е предвидена со Законот за супервизија на осигурувањето, ниту пак можност за донесување на дополнителен позаконски акт за разработка на условите за избор на член на орган на управување. 

8. Реферат У.бр.119/2024

Оспорен акт: Одлука за донесување изменување и дополнување на Детален Урбанистички План Тасино чешмиче 1, Општина Центар – Скопје    бр.07-4414/6 од 18 јули 2014 година („Службен гласник на Општина  Центар-Скопје“ бр.9/2014).

Подносител: Ѓорѓи Радојков

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука за донесување на ДУП е во спротивност со Законот за локалната самоуправа бидејќи за нејзиното донесување не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа „за“ како што предвидува Законот. Имено, од вкупно 23 члена на Советот, биле присутни 12 членови од кои 11 члена гласале „ЗА“, а еден гласал против. Воедно, подносителот смета дека измените и дополнувањата на конкретниот ДУП на Општина Центар не е усогласен и со ГУП на Град Скопје што е спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

II- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА 

1. У.бр.207/2023

На 05.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 129/2023 и 53/2024).

2. У.бр.5/2024

На 05.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за  оценување на уставноста и законитоста на член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/20).

3. У.бр.186/2024

На 26.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за за оценување на уставноста на членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024 од 11 март 2024).

4. У.бр.244/2024

На 19.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.