На 22 април 2026 година со почеток во 9:30 часотУставниот суд ќе ја одржи 10. Седница со Дневен ред на кој е предвидено да се дискутира по пет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, две барања за заштита на слободите и правата и по два предмета ќе се донесат конечни одлуки. Седницата ќе се емитува во живо на следниот линк, објавен на веб-страницата на Судот: https://ustavensud.mk/%D0%B2%D0%BE-%D0%B6%D0%B8%D0%B2%D0%BE
I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.63/2025
Закон за даночно ослободување со цел реализирање на Oдлуката за склучување на анекс на договорот за концесија за промена на намената на дел од средствата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.87/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека според оспорените одредби се врши ослободување од данокот на додадена вредност со „право на одбивка на претходниот данок”, а притоа Законот за данок на додадена вредност во ниту еден член, став или алинеја, од својата содржина не пропишува можност со закон да се изврши ослободувње од данок на додадена вредност со “право на одбивка на претходниот данок”, онака како што е пропишано со оспорениот закон.
2. Реферат У.бр.107/2025
Оспорен акт: Член 64 став 7, член 96 став 2 алинеја 1, член 97 став 1 и член 120 став 1 од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2024).
Подносител на иницијативата: Николче Мушаревски
Oд наводите во иницијативата:
Меѓу наводите има тврдења дека со оспорените одредби се пропишува оценувањето на вработените во Министерството, кои укажуваат на квалитетот, посветеноста на вработените при извршувањето на работните задачи, но се тврди дека не е дадена можност на вработениот да поднесе жалба или приговор против одлуката на овластениот одбор со што се ускратува можноста за заштита на евентуално повредените права.
Забелешка: Предметот беше предложен за разгледување на 8. седница на Судот, одржана на 25 март 2026 година, но истиот беше повлечен од страна на судијата-известител, поради испитување на дополнителни околности.
3. Реферат У.бр.118/2025
Оспорен акт: Член 34 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019) и член 3 став 1 точка 5, член 24 став 2 алинеја 3, како и член 69 точка 4 во делот „Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган„ од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).
Подносител на иницијативата: Адвокат Бранко Радојчиќ
Од наводите во иницијативата:
Се тврди дека со оспорените одредби се создава системски ризик за уставниот поредок пореди несоодветна и уставно неиздржана надлежност на Управниот суд да врши контрола врз акти на Собранието кои по својата природа не се управни, туку политички коишто произлегуваат директно од неговата уставна функција како законодавен и политички орган. Се наведува дека оваа поставеност директно го нарушува темелното уставно начело на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Подносителот наведува дека Одлука на Собранието за избор на судија на Уставниот суд, член на Судски совет, гувернер не претставува управен акт по својата природа и одлуката не се носи во управна постапка, туку во посебна собраниска процедура која е израз на политичка волја.
Забелешка: Предметот беше предложен за разгледување на 8. седница на Судот, одржана на 25 март 2026 година, но истиот беше повлечен од страна на судијата-известител, пред усвојување на Дневниот ред, поради испитување на дополнителни околности.
4. Реферат У.бр.175/2025
Оспорен акт: Насловот и поднасловот „Агенција за квалитет во високото образование” содржан во глава петта, оддел 3 и член 45 во целина и посебно став 1 во делот „стручен” од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија” бр. 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/2019, 178/2021, 58/2024 и 124/2025).
Подносител на инцијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорениот дел „стручен” се воспоставува хибридност во определувањето на карактерот и природата на Агенцијата за квалитет во високото образование, што според него не е во согласност со начелото на владеењето на правото. Според подносителот, во ниту еден друг член од Законот, а ниту во оспорените одредби, не се пропишуваат надлежностите на Агенцијата, со што се доведува во прашање усогласеноста со оспорениот член со Уставот. Се тврди дека е нејасна и непрецизна оспорената норма.
5. Реферат У.бр.186/2025
Oспорен акт: Член 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.3/2025).
Подносител на инцијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека измените упатуваат на oдредба која не е дел од правниот промет, па поради тоа доведува до забуна при примената. Се наведува дека ова е спротивно на начелото на владеење на правото уредено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
II- БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
1. Реферат БЗСП бр.17/2025
Предмет на барањето:
Барањето е поднесено согласно член 110 алинеја 3 од Уставот во врска со забрана од дискриминација на граѓаните, по основ на социјална припадност
Оспорен акт: Пресуда донесена од Основниот граѓански суд Скопје на 21.03.2024 година и Пресуда донесена од Апелациониот суд Скопје на 02.07.2025 година.
Подносител на барањето: Југослав Миленковиќ преку полномошник Жаклина Караниколова Пинзовска
Од наводите во барањето:
Подносителот бара од Уставниот суд да утврди повреда на неговите слободи и права поради дискриминација по основ на социјална припадност бидејќи навдно е ставен во понеповолна положба во однос на група лица(компаратори). Имено, подносителот на барањето тврди дека четворица негови поранешни колеги во Уставниот суд, кои ги нарекува „компаратори” поради фактот дека и тие како и тој тужеле и барале да им се исплатат придонеси од 2015 до 2019 година по основ на стекнато право на додаток на платата за кариера “B” и зголемување на платата за 15% од додаток на звање како вработени во Уставниот суд. Тој наведува дека за разлика од него, на компараторите, со пресуди во основните и апелационите судови им било усвоено тужбеното барање да им се исплатат придонесите и зголемувањето од 15% на платата која ја земале во тој период. Подносителот тврди дека е дискриминиран и поради фактот што Државното правобранителство како законски застапник на Уставниот суд постапило понеповолно кон него и не дало ниту одговор ниту образложение по неговите наводи поврзани со начелото на еднаквост и забрана од дискриминација изнесени на две главни расправи. Според подносителот доказ дека е дискриминиран по основ на социјалната припадност е тоа што компараторите добиле трајно зголемена старосна пензија и поголеми придонеси, за разлика од него.
2. Реферат БЗСП бр.18/2025
Предмет на барањето: Заштита на слободите и правата на граѓаните согласно член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на правото на заштита од дискриминација.
Подносители на барањето: Ордан Крстевски и Светлана Барбина
Од наводите во барањето:
Подносителите тврдат дека во кривична постапка им е ускратено правото на јавно изјаснување, правото на целосен исказ во своја одбрана како и правото на правична постапка и изнесување на докази. Се тврди дека од страна на јавен обвинител е повредено начелото на еднаквост пред законот.
III. ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА
1. У.бр.145/2024
На 03.12.2025 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување (образец бр.21), од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2024).
Решението за поведување на постапка: https://ustavensud.mk/archives/37691
2. УЗ.бр.20/2025
На 03.12.2025 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор на Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2024).
Решението за поведување на постапка: https://ustavensud.mk/archives/37189
