
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.145/2024
Скопје, 03.12.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 3 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување (образец бр.21), од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2024).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување (во форма на образец), составен дел од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.88/2019).
Според подносителот на иницијативата, со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, како и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.
Во прилог на наводите, во иницијативата се цитирани член 40 став 5 од Законот за извршување, членовите 1 и 2 од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија, како и содржината на образецот бр.21 во кој е содржан оспорениот дел.
Дополнително, подносителот наведува дека со Одлуката на Уставниот суд У.бр.143/2016 од 29 ноември 2017 година, укината е точка 4 од став 1 на член 12 од Законот за извршување, којашто предвидувала донесување заклучок за утврдување на трошоци како еден од видовите на извршни исправи. Согласно ова, заклучокот за утврдување на трошоци повеќе не може да егзистира во правниот поредок согласно со Законот за извршување.
Образецот на кој се посочува, како дел од позаконски акт, нема законски основ, дотолку повеќе што истиот е нејасен и неразбирлив, бидејќи не е јасно како и на кој начин во една ваква ситуација, доверителот, односно извршителот, ќе побара од должникот/ доверителот, да ги плати износите наведени во цитираниот заклучок како извршна исправа. Поради тоа, создава нејаснотија и можност за различно толкување со што се повредува правната сигурност како составен елемент на владеење на правото.
Врз основа на претходно наведеното, подносителот смета дека оспорениот дел од образец бр.21 од Правилникот е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 ставови 1 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија, поради што предлага истиот да се укине.
II
На седницата Судот утврди дека точка 2 став 2 од Заклучокот којшто формално е образецот бр.21 од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2024), гласи: „Се задолжува должникот/доверителот __________________ да му ги плати на доверителот/извршителот __________________ износите наведени во овој заклучок, како извршна исправа, во рок од 15 дена од приемот на заклучокот“.
Оспорен е делот „како извршна исправа“.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 12 став 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020 и 154/2023) извршни исправи се: извршна судска одлука и судско порамнување; извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; извршна нотарска исправа; решение за издавање на нотарски платен налог и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Со член 40 став 5 од истиот закон е предвидено дека при преземањето на дејствијата, извршителот ги изготвува налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти со форма пропишана од министерот. Актите кои не се во пропишаната форма се сметаат за неважечки.
Со иницијативата е оспорен делот од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.88/2019), но во меѓувреме Судот констатира дека е донесен нов правилник, со ист назив и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.90/2024, со кој претходниот правилник е ставен вон сила.
Согласно со член 2 од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија, формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти е пропишана со обрасците од бр.1 до бр.99, коишто се дадени во прилог и се составен дел на овој правилник.
IV
Од уставно-судската анализа произлегува дека во новиот правилник повторно е содржан делот „како извршна исправа“, којшто создава ист уставноправен проблем од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, поради што останува потребата Судот да ја оцени уставноста и законитоста на спорната формулација.
Оспорениот дел од образецот бр.21 е составен дел од подзаконскиот пропис, кој согласно со член 110 од Уставот е подобен за уставно-судска анализа. Формата на актите којшто ги користат извршителите е операционализирана преку обрасците од бр.1 до бр.99 како прилози на Правилникот, каде во верзијата од 2019 година е уредено во целина, а во онаа од 2024 година, експлицитно е формулирано како „Прилози бр.1 и 1-а“. На тој начин се обезбедува континуитет на образецот бр.21 и во новиот правилник од 2024 година, којшто со член 3 го става вон сила претходниот од 2019 година, но притоа ја уредува истата материја, поради што уставноправниот проблем останува перзистентен.
Иако формално претставува дел од Правилникот, образецот бр.21 по својата содржина не само што ја утврдува формата, туку и нормира материјално-правни последици. Во точка 2 став 2 е пропишано дека заклучокот претставува „извршна исправа“ и воведува рок за плаќање од 15 дена. Со тоа се излегува надвор од овластувањето предвидено во член 40 став 5 од Законот за извршување, според кој министерот е овластен исклучиво да ја пропише формата на актите, а не и нивната правна природа или извршност. Со ваквото уредување, образецот бр.21 фактички му пропишува извршност на заклучокот и на тој начин врши материјално-правно уредување, со што се надминуваат овластувањата утврдени во член 40 став 5 од Законот за извршување.
Имајќи предвид дека со Одлуката на Уставниот суд У.бр.143/2016 од 29 ноември 2017 година, укинати се повеќе одредби од Законот за извршување, меѓу кои и точка 4 од став 1 на член 12, со која заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето беше третиран како извршна исправа, произлегува дека оспорениот дел од образецот нема правна основа. Притоа, оспорениот дел е нејасен и неразбирлив, бидејќи не е јасно на кој начин доверителот или извршителот може да бара од должникот да ги плати износите наведени во заклучокот „како извршна исправа“, а во услови кога таквата извршност повеќе не е предвидена со законско решение. Ова создава правна несигурност и различно толкување при примената на правото, што може негативно да влијае врз правната сигурност како суштински елемент на владеењето на правото. Воедно, Судот оцени дека таквото решение е спротивно на владеењето на правото, имајќи предвид дека позицијата и овластувањата на извршителот се строго законски ограничени и дека извршната исправа мора да се заснова на закон.
Со укинувачката одлука на Судот, правниот поредок повеќе не предвидува „заклучок на извршителот“ како извршна исправа, поради што секој обид преку подзаконски акт повторно да се создаде истото правно дејство, како што е случајот со оспорениот дел од образецот, претставува заобиколување на Одлуката на Уставниот суд и нарушување на хиерархијата на прописите, со што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Понатаму, владеењето на правото, како темелна вредност на Уставот утврдена во член 8 став 1 алинеја 3, наложува сите пониски правни акти да бидат конзистентни со повисоките правни акти. Правната сигурност, како елемент на владеење на правото, наложува законските одредби да бидат јасни, прецизни и конзистентни.
Следствено на ова, Судот утврди дека делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување, (образец бр.21) од Правилникот, нема правна основа бидејќи се заснова на укината одредба од Законот за извршување, што значи дека повеќе не може да егзистира во правниот поредок. Правната дерогација на одредбата од повисокиот правен акт, којашто повеќе не постои во правниот поредок, доведува до тоа делот „како извршна исправа“ да создава правна несигурност, бидејќи не е јасно како и на кој начин доверителот или извршителот може да бара од должникот да ги плати износите наведени во Заклучокот. Ваквата двосмисленост доведува до различни толкувања, што го загрозува принципот на правна сигурност како составен дел на владеењето на правото, а тоа може да резултира со неконзистентна примена на извршните исправи, загрозување на правата на сите засегнати страни, како и нарушување на кредибилитетот на правниот систем.
Според член 51 од Уставот, законите и другите прописи мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Делот „како извршна исправа“ е во спротивност со оваа уставна одредба од причина што „Заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето“, е укинат со Одлука на Уставниот суд. Следствено на тоа, оспорениот дел од образец бр.21 како прилог и составен дел од подзаконскиот акт не е во согласност со Законот за извршување, ниту со Уставот, со што се нарушува принципот за доследност во правната хиерархија.
Оттаму, делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување, (образец бр.21), од Правилникот којшто се заснова на укината законска одредба, не ги исполнува уставните принципи на јасност и конзистентност, што резултира со недостиг на правна сигурност. Неговото користење создава конфузија кај извршителите и доверителите, бидејќи истите користат подзаконски акт којшто нема законска основа. Па така, оспорениот дел од образецот креира правна несигурност со тоа што дозволува носење на заклучок за утврдување на трошоци и извршување, со својство на извршна исправа, врз основа на непостоечка законска одредба, што доведува до произволни и неконзистентни практики спротивно на темелната вредност – владеење на правото.
Врз основа на наведеното, Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на делот „како извршна исправа,“ од точка 2 став 2 од Заклучокот за утврдување на трошоците за извршување, (образец бр.21) од Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија, со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски