УЗ.бр.20/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.20/2025
Скопје, 03.12.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 3 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор на Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2024).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Мултиетнички синдикат Скопје, преку Насковски Александар од Скопје, како овластено лице, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од актот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

Според наводите изнесени во иницијативата, оспорената одредба од Колективниот договор на Министерството за одбрана и репрезентативниот синдикат (Независен синдикат на одбраната) е незаконита од причина што истата уредува финансирање на синдикатите од Буџетот на Министерството за одбрана за синдикални игри, спротивно на член 195 од Законот за работните односи.

Во репрезентативниот синдикат членуваат над 2500 вработени во Министерството за одбрана и Армијата и нивната членарина изнесува 0,6% од нето-платата на вработениот член на овој синдикат. Освен овој синдикат во Армијата постојат уште три синдикати, Синдикатот на одбраната и безбедноста со приближен број околу 700 члена кои плаќаат членарина од 1% од нето-платата, Независниот синдикат на професионални војници на Македонија со 1270 члена и членарина од 100 денари и Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје со 450 члена кои плаќале членарина од 100 денари.

Според просечните примања на вработените членови на синдикатите, приходите по основ на месечна членарина на синдикатите се движат приближно по 700.000,00 за репрезентативниот синдикат, а за останатите синдикати приближно по 280,000,00 127,000,00 и 45.000,00 денари.

Од ваквата анализа произлегува дека синдикатите се самофинансираат и располагаат со финансиски средства за функционирање од членарина на вработените членови.

Оспорениот член од Колективниот договор, уредува дополнително финансирање на синдикатите во Армијата од страна на работодавецот, врз основа на што репрезентативниот синдикат добива средства во износ од 2.152.500,00 денари, а останатите синдикати износ од 430,500, 00 денари.

Подносителот наведува дека репрезенативниот синдикат при годишни приходи од членарина во висина од 8.400,000 денари добива дополнителни 2.152,500 денари, или вкупно 10.552,500 денари, иако според подносителот, овој синдикат има големи сопствени финансиски приходи само од својата членарина поради што непотребно е дополнително финансирање на синдикатот од страна на работодавецот.

Со оспорениот член од Колективниот договор се фаворизира одреден синдикат преку незаконско финансирање со што се влијае на придобивање членови со организирање синдикални игри, на кои им била овозможена неколкудневна рекреација и дружење, што инаку им е ускратено на останатите синдикати и нивните членови.

Подносителот смета дека во точка 7 од оспорениот член од Колективниот договор, спротивно на член 195 од Законот за работните односи, е уредено дека работодавачот со финансиски средства од Буџетот, го финансира и потпомага репрезентативниот синдикат да ја плаќа членарината кон Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации – EUROMIL, како годишна обврска на Независниот синдикат на одбраната и финансиски го потпомага истиот за конференции, гости од страна на EUROMIL, патувања на организирани конференциски организации од страна на EUROMIL на меѓународно ниво.

Со ваквата уреденост во оспорениот член од Колективниот договор се овозможува директен надзор на работодавачот над синдикатите, со фаворизирање на еден синдикат со што индиректно се спречува напредокот и дејствувањето на останатите синдикати, синдикалното организирање и едукација.

Со оглед на тоа дека постои голема разлика помеѓу синдикатите во Армијата во однос на финансиската поддршка за организирање на синдикални игри, се прави нееднаквост помеѓу вработените во Армијата што влијае на личната волја за пристапување во синдикат којшто ги застапува и подобрува правата на работниците. На овој начин работодавачот врши директна контрола и надзор над репрезентативниот синдикат, исто така влијае и на неговото делување.

Спред подносителот, работодавачот селективно ги доделува финансиските средства, нееднакво и со противзаконско финансирање и злоупотреба на буџетски средста што е видно од годишниот план за јавни набавки на Министерството за одбрана за 2025 година од кој може да се заклучи дека Министерството планирало ставка – хотелски и угостителски услуги за потребите на синдикатот во вредност од 2.800,000 денари, од каде произлегува дека работодавачот не обезбедил доволно финансиски средства за сите синдикати, односно овие средства биле планирани само за репрезентативниот и за уште еден синдикат од Министерството за одбрана.

Во дополнувањето на иницијативата, се наведува дека оспорените одредби од Колективниот договор не се усогласени со Законот за работните односи, а со тоа спротивни се и на членовите 9, 32 и 51 од Уставот, од причина што работодавецот и репрезентативниот синдикат со склучување на Колективниот договор ги става членовите на другите синдикати во нееднаква положба.

II

На седницата Судот утврди дека член 114 став 1 точка 4 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, уредува дека Министерството соработува при реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, во смисла на обезбедување на финансиски средства, односно, на Репрезентативниот синдикат му се одобруваат средства во висина од 50 просечни нето плати исплатени во Републиката во последните три месеци, додека на синдикати кај кои членуваат повеќе од 400 члена кај работодавачот му се одобруваат средства во висина од 10 просечни нето плати исплатени во Републиката во последните три месеци.

Во оспорената точка 7 од овој член, се уредува дека Министерството обезбедува финансиски средства за овозможување на соработката на Репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации – EUROMIL и со други синдикални организации од меѓународен карактер.

III

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно со член 110 алинеа 2 од Уставот.

Согласно со член 195 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019, 267/2020, 151/2021, 288/2021, 111/2023, 39/2025, 74/2025 и 124/2025), работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво, ниту со цел на таков надзор смеат да ги финансираат или на друг начин потпомагаат синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво.

Член 210 став 1 од истиот закон, уредува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Според член 212 став 2 од Законот, репрезентативен синдикат на ниво на јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води Министерството за економија и труд и во кој се зачленети најмалку 20 % од бројот на вработени во јавниот сектор и кои плаќаат членарина.

Министерството надлежно за работите од областа на економијата и трудот, утврдува репрезентативност на одреден синдикат на предлог од Комисијата за утврдување на репрезентативноста (член 213-а), за што донесува решение за репрезентативност (член 213-г став 2), кое може да се обжали до второстепена надлежна комисија, а и да се води управен спор пред надлежен суд против решението со кое е одлучувано по жалбата (член 213-г ставови 3 и 4).

Со член 219 став 1 од Законот, се определени страните за склучување на поединечниот колективен договор, а тоа се: репрезентативниот синдикат кај работодавачот и овластенето лице од работодавачот. Според став 2 на истиот член, ако во склучувањето на колективниот договор од ставот 1 на овој член учествуваат повеќе репрезентативни синдикати се образува одбор за преговори.

Во член 142 со наслов „Планирање“ од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2001, 5/2003, 58/2006, 110/2008, 51/2011, 151/2011 и 215/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020), е определено дека заради систематски, рационален и плански развој на одбраната на Републиката се воведува систем на планирање, програмирање и буџетирање на одбраната. Основен носител, организатор и реализатор на системот на планирање, програмирање и буџетирање за потребите на одбраната е Министерството за одбрана.

Согласно со член 146 од овој закон, план за финансиски средства потребни за Министерството за одбрана што се обезбедуваат со Буџетот на Републиката, изработува Министерството за одбрана.

Во член 67 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019), е уредено дека како работи од јавен интерес, покрај дејностите што се со закон определени како работи од јавен интерес, се сметаат и активностите што се вршат во рамките на дејствувањето на политичките партии, синдикатите, здруженијата и фондациите.

IV

Контролата на усогласеноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите е надлежност на Уставниот суд, утврдена во член 110 алинеја 2 од Уставот.

Во конкретниот случај, Уставниот суд ги цени оспорените одредби од Колективниот договор на Министерството за одбрана од аспект на нивната соглaсност со членовите 9, 32 и 51 од Уставот, како и согласноста со член 195 од Законот за работните односи на што се повикува подносителот на иницијативата.

Од цитираните уставни одредби, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори, а колективните договори мора да бидат во согласност со Устав и со закон.

Со иницијативата се оспорува член 114 став 1 точка 4 од овој колективен договор, којшто уредува дека Министерството соработува при реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, во смисла на обезбедување финансиски средства, односно, на Репрезентативниот синдикат му се одобруваат средства во висина од 50 просечни нето-плати исплатени во Републиката во последните три месеци, додека на синдикати кај кои членуваат повеќе од 400 члена кај работодавачот, му се одобруваат средства во висина од 10 просечни нето плати исплатени во Републиката во последните три месеци. Понатаму, во оспорената точка 7 од овој член, се уредува дека Министерството обезбедува финансиски средства за овозможување на соработката на Репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации – EUROMIL и со други синдикални организации од меѓународен карактер.

Според наводите во иницијативата, оспореното уредување значи директна селективност во доделувањето на финансиски средства на репрезентативниот синдикат и фаворизирање на овој синдикат што влијае на зголемување на членството и нееднаква кон другите синдикати во нееднаква финансиската распределба, а со тоа и надзор над нив.

Од анализата на оспорениот член од колективниот договор гледан од аспект на наводите изнесени во иницијативата, Судот утврди дека во Законот за работните односи, во главата XIX „Колективни договори” (членови 209 до 235), уредени се видовите на колективни договори, примената и важноста на колективниот договор, предметот на колективното договарање, обврската за колективното договарање, лицата кои ги обврзува колективниот договор, обликот на колективниот договор, учесниците во склучувањето на колективниот договор, прашањето за репрезентативност на синдикатот и на здружението на работодавачи, условите за определување на репрезентативност на синдикатот, односно постапката за утврдување на репрезентативност, судската заштита на правата од колективен договор и други прашања кои произлегуваат од колективното договарање.

Правен основ за склучување на поединечен колективен договор на ниво на работодавач е членот 32 од Уставот и наведените одредби од Законот за работните односи. Во оваа смисла, е склучен поединечен Колективен договор на ниво на работодавач, помеѓу Министерството за одбрана и Независниот синдикат на одбраната.

Согласно член 1, предмет на уредување на овој колективен договор е уредување, односно доуредување на правата и обврските од работен однос на вработените во Министерството за одбрана (во натамошниот текст: Министерството) и Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), од една страна и Министерството како работодавец од друга страна, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работниот однос или во врска со работниот однос.

Со член 2 на Колективниот договор, е определено дека работодавач во смисла на овој колективен договор е Министерството,  претставувано од министерот за одбрана, а според член 4 алинеја 2 од истиот Колективен договор, репрезентативен синдикат во смисла на овој колективен договор е Независниот синдикат на одбраната, претставуван од претседателот и неговите овластени претставници.

Имајќи ги предвид погоре цитираните законски одредби, според кои колективен договор на ниво на работодавач склучуваат репрезентативниот синдикат на вработените и работодавачот, а во конкретниот случај станува збор за таков вид колективен договор, како и имајќи предвид дека, страни потписнички на склучениот колективен договор на Министерството за одбрана се токму субјектите коишто според Законот за работните односи, се определени како легитимни страни за склучување на колективен договор на ниво на работодавач.

Со конкретниот колективен договор, се доуредени правата и обврските од работен однос на вработените во Министерството за одбрана и Армијата од една страна и Министерството за одбрана како работодавач, од друга страна. Меѓу другото, со оспорениот член 114 став 1 точка 4 од истиот, се уредува распределба на финансиски средства за реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, според бројност на членовите, такашто синдикатите се поделени во две групи, односно репрезентативен синдикат и синдикати кај кои членуваат повеќе од 400 члена, а според тоа е определена висината на средства од 50 односно 10 просечни нето плати исплатени во Републиката во последните три месеци. Додека во оспорената точка 7 на став 1 од истиот член, се уредува обврска на Министерството да обезбеди финансиски средства заради овозможување и соработка на Репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации EUROMIL и други синдикални организации од меѓународен карактер.

Анализирајќи ги оспорените одредби од гледна точка од која се оспоруваат, Судот смета дека, уредената содржина на оспорениот член 114 став 1 точките 4 и 7 од Колективниот договор на Министерството за одбрана, не имплицира селективност и фаворизирање на репрезентативниот синдикат наспроти останатите синдикати во Армијата. На репрезентативниот синдикат како синдикат со најголем број членови се определува висина на средства спрема бројот на членовите чие право е сами да одлучуваат во која синдикално здружение ќе се зачленат. Имено, правото на синдикално здружување на работниците, што значи и негово делување, произлегува од самиот Устав, а воедно и во член 184 од Законот за работни односи е транспонирана уставната одредба за правото на работниците по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси и истиот може да се основа без какво било претходно одобрување.

Прашањето дали е правилна распределбата на висината на средствата за одржување на синдикални активности на репрезентативниот наспроти останатите синдикати, за Судот не е правно проблематично, туку е спорно дали синдикалните активности воопшто може да бидат предмет на колективниот договор и дали постои законски основ за утврдување на вакво право на финансирање со буџетски средства, особено ако експлицитно не е предвидено со закон.

Надлежностите на Министерството за одбрана како орган на државната управа се утврдени во Законот за одбрана.

Член 142 од Законот од одбрана предвидува систем на планирање, програмирање и буџетирање на одбраната, а согласно со член 146 од истиот закон, планот за финансиски средства потребни за Министерството за одбрана што се обезбедуваат со Буџетот на Републиката, го изработува Министерството за одбрана.

Тоа значи дека одобрените средства со Буџетот, коишто претставуваат годишен максимален износ на право на трошење за буџетскиот корисник за утврдената намена во случајот Министерството, изготвува план за начинот на трошење буџетски средства во Министерството за одбрана, кој опфаќа правни и административни процедури коишто дефинираат како се распределуваат, одобруваат и реализираат буџетските средства во рамките на Министерството.

Со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024), се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Од анализата на одредбите од Законот за одбрана и Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, произлегува дека нема законски основ со кој ќе биде обврзано Министерството да соработува при реализација на синдикални спротски игри и соработка на репрезентативниот синдикат со Европската организација на воени асоцијации и синдикални организации и други синдикални организации од меѓународен карактер, во смисла на обезбедување финансиски средства за оваа намена.

Предвидувањето исплата од буџетски средства, како што е уредено во оспорениот член 114 став 1 точки 4 и 7 од Колективниот договор во случаите кога за тоа нема законски основ, е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Со оспорените одредби од Колективниот договор се утврдува право во смисла на обезбедување финансиски средства за реализација на синдикални спортски игри во организација на синдикатите, која како таква нема да може да се оправда од уставно-правен аспект. Утврдувањето на ваквото право не само што нема уставна, туку нема ни законска основа.

Од друга страна, законодавецот забранува користење на државни средства за приватни цели или нивно давање на користење на друго лице, согласно со член 54 реченица втора од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, што е применливо и во случајот, ако се има предвид карактерот на синдикатите како организации коишто застапуваат интереси на работници како приватни лица.

Иако, со можноста да се финансира синдикална организација како што предвидуваат оспорените одредби индиректно се повредува претходно цитираната одредба, бидејќи е правен основ за располагање со буџетски средства коешто законот го забранува, поради што основано може да се постави прашањето за нејзината законитост, а следствено на тоа и нејзината уставност.

Синдикатот како облик на организирање на работниците, како и неговото учество во колективното договарање е предмет на уредување на Законот за работните односи.

Во член 195 од Законот за работните односи, е предвидено дека работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво.

Според Судот, екстензивното толкување на оваа одредба значи дека истата се однесува и на неможност за финансирање со кое се врши еден вид „надзор“ на дејствувањето на синдикалните организации.

Врз основа на претходно изнесеното, според Судот може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Колективниот договор на Министерството за одбрана со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 195 од Законот за работните односи.

V.

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски