На 4 март 2026 година со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 6. Седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по 8 иницијативи во кои се бара преиспитување на уставност и законитост на акти и да се одлучува по 4 Предлог-одлуки.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1.Реферат У.бр.5/2023
Оспорен акт: Член 6 став 2, член 37 став 2, член 111 ставови 4 и 5, член 123 став 1, член 138 став 3 и член 139 став 2, сите во делот „напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот” од Законот за заштита на потрошувачите(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022).
Подносител на иницијативата: Валентин Пепељугоски и други
Од наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека со Уставниот амандман V покрај македонскиот јазик е предвидено „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е исто така службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член” и смета дека ова се однесува како обврска на државата и институциите, но не и на приватните лица. Исто како и уставното уредување, Законот за употреба на јазиците е насочен за регулирање на односот и јазикот помеѓу државните единици и правни лица со јавни овластувања од јавен интерес и не го опфаќа начинот на комуникација меѓу приватните лица како ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Се наведува дека трговецот има обврска за јасно и видливо информирање на потрошувачите од аспект на амбалажа, налепница, упатство, декларација, сертификат и/или друг документ да му даде прецизни информации на потрошувачот за стоката.
Забелешка: Рефератот беше разгледуван на дневен ред за 26. седница на Судот, одржана на 3 декември 2025 година. Предлогот на судијата-известител не го доби потребното мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање.
2. Реферат У.бр.146/2024
Oспорен акт: член 13 став 2 во делот „и заклучок“ од Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2016, 142/2016, 178/2017, 26/2018, 233/2018, 14/2020, 86/2020, 136/2020 и 154/2023).
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека е нејасно „како одлука во управна постапка, во смисла на овој закон, се смета… и заклучок на орган на државната управа…“, бидејќи во актуелниот Закон за општа управна постапка веќе не е уреден „заклучокот“ како еден од видовите на управни акти како што било предвидено во претходниот Закон за општата управна постапка, кој одамна не е во примена. Оттука, подносителот смета дека оспорената законска одредба е спротивна на владеењето на правото и правната сигурност.
Забелешка: Рефератот беше разгледуван на Дневен ред на 9. седница на Судот, одржана на 28 мај 2025 година. Предлогот на судијата-известител не го доби потребното мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање.
3.Реферат У.бр.23/2025
Оспорен aкт: Член 1 став 3 во делот “Академија за судии и јавни обвинители” од Законот за судскиот буџет „(Службен весник на Република Македонија” бр.60/2003, 37/2006, 103/2008 и 145/2010).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев, Љубица Стојковска-Перковска, Биљана Димовска, Евица Џајковска, Рољанда Доко, Атеме Муамеди, Анета Стевановиќ, Незаат Реџепи, Мирјанка Тренчевска, Иљбере Нухиу и Едвин Захитовиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителите тврдат дека оспорената одредба не е во согласност со Амандманот XXV од Уставот. Меѓу другото се наведува дека основниот профил на Судскиот совет кој се добива од Централниот регистар на Република Северна Македонија, евидира со шифра на претежна дејност 84.23, според Националната класификација на дејности и истата шифра е резервирана за „Судски и правосудни дејности”, а правната форма евидира под шифрата „01.9-Уставен суд”. Следствено на ова, се наведува дека Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството, па претходно наведената поставеност на Академијата за судии и јавни обвинители како дел од „Судската власт” е противуставно.
Забелешка: Рефератот беше разгледуван на Дневен ред за 2. седница на Судот, одржана на 28 јануари 2026 година. Судијата-известител го повлече предметот и Судот го одложи разгледувањето и одлучувањето по истиот за една од наредните седници на Судот.
4. Реферат У.бр.53/2025
Оспорен акт: Член 12 алинеја 9 од Законот за адвокатурата (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.199/2023).
Содржина на оспорената одредба:
Во именикот на адвокатите може да се запише лице кое ги исполнува општите услови за основање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење адвокатска дејност и ги исполнува следните услови:
-да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер, односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител со конечна одлука во судска, дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата односно службата додека не поминат пет години од конечноста на одлуката.
Подносител на иницијативата: Атанасов Таско
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека одредбата е спротивна на Уставот бидејќи престанокот на функцијата или работниот однос со судска, дисциплинска или друг вид на постапка не смее да претставува ограничувачки критериум или услов за пристап до работно место, односно до вршење на професија, дејност или должност и може да произлезе единствено врз основа на правосилна судска одлука и изречена кривична санкција.
Забелешка: Рефератот беше разгледуван на дневен ред за III-та седница на Судот, одржана на 4 февруари 2026 година. Предлогот на судијата-известител не го доби потребното мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање.
5. Реферат У.бр.57/2025
Оспорен акт: Член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2023).
Подносител на иницијативата: Драган Лазаров, адвокат
Содржина на оспорената одредба:
Тужба за оспорување татковство во согласност со членот 2, од овој закон со кој се додава нов член 65-а, може да се поднесе во рок од една година, од денот на влегувањето во сила на овој закон, за дете кое до денот на влегување во сила на овој закон наполнило една година возраст, но нема повеќе од пет години.
Од наводите во иницијативта:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба произведува ограничувања во однос на временските рокови за поднесување на тужбата, а е во директна спротивност и со Законот за семејство. Се наведува дека со одредбата се создава нееднаквост на граѓаните, како на претпоставените татковци, така и на децата, преку изменување на законските рокови и ограничување на можноста во поглед на возраста на детето за кое се оспорува, односно се докажува татковството.
6. Реферат У.бр.59/2025
Член 9 став 2 во делот „на самостоен орган на државна управа” од Законот за индустриската сопственост („Службен весник на Република Македонија” бр.21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015, 53/2016 и 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.31/2020 и 86/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорените делови упатуваат на погрешна примена и арбитрерно толкување при примената, бидејќи според него се нејасни и непрецизни.
7. Реферат УЗ.бр.35/2025
Oспорен акт: Одлука за донесување на Деталниот Урбанистички план за локалитет Горно Лисиче, Урбана единица Е, донесена од Советот на Општина Аеродром-Скопје бр.07-2972 од 28.07.2010 година.
Подносител на иницијативата: Злате Левковски преку адвокат Трајче Арсов
Од наводите на иницијативата:
Подносителот како сопственик на градежна парцела во Општина Аеродром, напоменува дека во текот на јавната анкета и јавниот увид укажал на непропорционално и неправедно планирање на улица и паркинг на дел од неговата парцела, со што значително му се намалува градежниот потенцијал на имотот. Се тврди дека забелешките се прифатени усно од стручната комиисија, но сепак Општината не доставила образложение за одбивањето на забелешките со што го повредила принципот на транспарентност, правото на мирно уживање на сопственост уредено со членот 26 од Уставот.
8. Реферат УЗ.бр.10/2025
Одлука за промена на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, донесена од Советот на Општина Тетово под бр.07-766/4 од 24.04.2007 година, објавена во „Службен гласник на Општина Тетово” бр.25/2007 од 26.04.2007 година.
Подносител на иницијативата: Општинска организација на сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово, преку овластено лице Љиљана Симовска, претседател на организацијата.
Од наводите во иницијативите:
Во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Тетово излегол надвор од своите надлежности со промена на имињата на улици и други инфраструктурни објекти, бидејќи тоа е прашање коешто се уредува со специјалниот закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, донесен од Собранието на Република Македонија во 2004 година. Се наведува дека Одлуката е донесена спротивно на член 5 став 2 од Законот, односно без претходна согласност од Владата.
Забелешка: Рефератот беше разгледуван на дневен ред за 1. седница на Судот, одржана на 21 јануари 2026 година. Предлогот на судијата-известител не го доби потребното мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање.
II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр.161/2023
На 25.06.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште бр.01-2845/3 од 02.07.2007 година.
2. У.бр.30/2024
На 02.07.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје бр.08-4264/1 од 01.10.2020 година.
3.У.бр.267/2024
На 16.04.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 37 став 4 во делот „Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител” и став 8 точка 4) во делот „и одземање на уверение” и член 41 став 1 во делот „и одземање на уверението” и став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 173/2022 и 47/2025).
Забелешка: Предлогот за одлучување бил на дневен ред за 15. седница на Судот, одржана на 2 јули 2025 година. Предлогот на судијата известител не го добил потребното мнозинство гласови.
4. У.бр.13/2025
На 19.11.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 oд Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2025).
Забелешка: Предлогот за одлучување бил на дневен ред за XXVIII-та седница на Судот, одржана на 24 декември 2025 година. Предлогот на судијата известител не го добил потребното мнозинство гласови.
