У.бр.267/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.267/2024
Скопје, 16.04.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 23 став 4 и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 16 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 37 став 4 во делот „Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител” и став 8 точка 4) во делот „и одземање на уверение” и член 41 став 1 во делот „и одземање на уверението” и став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 173/2022 и 47/2025).

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 173/2022 и 47/2025).

Образложение

I

Новица Наков од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 40 и член 41 од Законот означен во диспозитивот на Решението.

Подносителот наведува дека во член 16 од Законот за вршење на сметководствени работи, законодавецот ги пропишал работите коишто ги врши Институтот на сметководители и овластени сметководители, меѓу другото и дека издава уверение за сметководител, односно овластен сметководител, и издава и одзема лиценци за работа на трговци поединци – сметководители, трговци поединци – овластени сметководители и друштва за вршење на сметководствени работи, но во тој член од Законот законодавецот не предвидел одземање уверенија, што е логично, бидејќи уверенијата се стекнуваат преку полагање испит независно од лиценцата за работа, слично како што во адвокатската струка правосудниот испит и адвокатската лиценца се стекнуваат посебно. Оттука, според подносителот, и сосема логично е стекнатиот статус со полагање испит да не може да се одземе, а со тоа и не може во член 41 од Законот да се предвидува бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител, односно овластен сметководител.

Од наведените причини подносителот смета дека член 40 и член 41 од Законот за вршење на сметководствени работи, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, и предлага Уставниот суд итно да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените членови, а потоа да донесе одлука со која истите ќе ги поништи или укине.

II

На седницата Судот утврди дека предмет на оспорување со иницијативата се член 40 и член 41 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 173/2022). Судот, исто така, утврди дека во текот на постапката по иницијативата, Собранието на Република Северна Македонија донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 47/2025) со кој се вршат измени и дополнувања на одредени одредби од Законот. Помеѓу другото, со член 5 од овој закон, се врши измена на точката 1 од член 40 став 1 од Законот, по што истата гласи: „продолжи да не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон и покрај изречената мерка од членот 39 став (2) од овој закон;”. Точката 2) се брише. Точките 3), 4), 5) и 6) стануваат точки 2), 3), 4) и 5). Во ставот (2) зборовите „точки 2 и 3“ се заменуваат со зборовите „точка 2)“. Воедно, поради изменетиот редослед на ставовите од член 40 на Законот, со член 6 од измените на Законот, направена е корекција и во член 41 став 1 точка 4), односно бројот 5), се заменува со бројот 4).

Судот утврди дека не станува збор за суштински измени коишто би довеле до процесна пречка за постапување по иницијативата, по што се впушти по иницијативата и разгледување на оспорените членови со содржините коишто ги добиваат по измените на Законот.

Воедно, Уставниот суд по сопствена иницијатива одлучи да се впушти во оценување на уставноста и на одредбите од член 37 став 4 и став 8 од Законот за вршење на сметководствени работи.

Имено, на седницата Судот утврди дека според член 37 став 4 од Законот, во случај на повторување на дисциплинската повреда во период од една до три години од денот на изрекување на дисциплинската мерка, се изрекува потешка дисциплинска мерка од став 8 на овој член. Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител, а според став 8 точка 4) од истиот член дека Дисциплинската комисија за дисциплинска повреда може да изрече дисциплинска мерка бришење од соодветниот регистар на Институтот и одземање на уверение на сметководител, односно овластен сметководител.

Според оспорениот член 40 став 1 од Законот, дисциплинската мерка – времено бришење од соодветниот регистар во траење до една година, му се изрекува на физичко лице вршител на сметководствени работи ако:

1) продолжи да не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон и покрај изречената мерка од членот 39 став (2) од овој закон;
2) предизвика очигледна материјална штета на субјектот каде е вработен при вршењето на сметководствените работи;
3) несовесно и нестручно врши сметководствени работи без почитување на прописите и Меѓународниот кодекс на етика за професионални сметководители;
4) потпише годишна сметка/финансиски извештаи и даночни пријави/биланси за обврзник за водење на сметководствени работи со кој нема склучено договор за вработување на полно или скратено работно време;
5) потпише годишна сметка и даночни пријави за обврзник за водење на сметководствени работи за кој друштвото за водење на сметководствени работи и/или трговецот-поединец сметководител или овластен сметководител каде што е вработен нема склучено договор за вршење на сметководствени работи.

Според став 2 од наведениот член, сметководител, односно овластен сметководител може да поднесе барање за упис во соодветниот регистар во Институтот по истекот на периодот за кој е избришан согласно со членот 36 став (2) точка 2 од овој закон.

Според оспорениот член 41 став 1 од Законот, дисциплинската мерка – бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител односно овластен сметководител се изрекува ако:

1) врши сметководствени работи за времетраењето на мерката времено бришење од соодветниот регистар;
2) го поставува личниот финансиски интерес во судир со положбата и статусот на професијата сметководител;
3) оддава информации стекнати при вршење на сметководствените работи односно со истите постапува спротивно на членот 24 став (2) од овој закон;
4) го повтори прекршокот од членот 40 став (1) точка 4) од овој закон;
5) одбива да даде податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон и
6) дава неточни податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон.

Според став 2 на наведениот член, сметководител, односно овластен сметководител, може да поднесе барање за полагање на испит за стекнување на статус на сметководител, односно овластен сметководител по истекот на две години од денот на бришењето од соодветниот регистар.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно со член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд, може по сопствена иницијатива да одлучи да оформи предмет за оценување уставност на закон, уставност и законитост на пропис или друг општ акт или уставност на програма и статут на политички партии и здруженија на граѓани.

Со Законот за вршење на сметководствени работи се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања коишто се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

Во глава VIII. од Законот се содржани членовите од 37 до 44, со кои е уредена дисциплинската постапка против сметководител односно овластен сметководител и мерките коишто може да ги изрече дисциплинската комисија на Институтот за сторена дисциплинска повреда.

Со оспорениот член 40 став 1 од Законот, е предвидена дисциплинската мерка – времено бришење од соодветниот регистар во траење до една година, и истата му се изрекува на физичко лице вршител на сметководствени работи ако: 1) продолжи да не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон и покрај изречената мерка од членот 39 став (2) од овој закон; 2) предизвика очигледна материјална штета на субјектот каде е вработен при вршењето на сметководствените работи; 3) несовесно и нестручно врши сметководствени работи без почитување на прописите и Меѓународниот кодекс на етика за професионални сметководители; 4) потпише годишна сметка/финансиски извештаи и даночни пријави/биланси за обврзник за водење на сметководствени работи со кој нема склучено договор за вработување на полно или скратено работно време и 5) потпише годишна сметка и даночни пријави за обврзник за водење на сметководствени работи за кој друштвото за водење на сметководствени работи и/или трговецот-поединец сметководител или овластен сметководител каде што е вработен нема склучено договор за вршење на сметководствени работи. Согласно со став 2 од наведениот член, сметководител, односно овластен сметководител може да поднесе барање за упис во соодветниот регистар во Институтот по истекот на периодот за кој е избришан согласно со членот 36 став (2) точка 2 од овој закон.

Според оспорениот член 41 став 1 од Законот, дисциплинската мерка – бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител односно овластен сметководител се изрекува ако: 1) врши сметководствени работи за времетраењето на мерката времено бришење од соодветниот регистар; 2) го поставува личниот финансиски интерес во судир со положбата и статусот на професијата сметководител; 3) оддава информации стекнати при вршење на сметководствените работи односно со истите постапува спротивно на членот 24 став (2) од овој закон; 4) го повтори прекршокот од членот 40 став (1) точка 4) од овој закон; 5) одбива да даде податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон и 6) дава неточни податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон. Според став 2 од истиот член, сметководител, односно овластен сметководител, може да поднесе барање за полагање на испит за стекнување на статус на сметководител, односно овластен сметководител по истекот на две години од денот на бришењето од соодветниот регистар.

Подносителот на иницијативата смета дека со одземањето на уверението се повредува начелото на владеење на правото бидејќи  стекнатиот статус со полагање испит не може да се одземе.

Според член 2 точка 9. од Законот, испит за стекнување статус на сметководител и/или овластен сметководител, е испит што го организира и спроведува Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија согласно со одредбите од овој закон, а според точка 23. од истиот член, уверение за сметководител односно за овластен сметководител, е документ издаден од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на лицата кои го положиле испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител.

Според Судот, имајќи предвид дека станува збор за документ којшто се издава на лице кое го положил испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, одземањето на уверението значи негирање на претходно потврден факт – положен испит, за што и е издадено уверението, па оттука, Судот, како основани ги оцени наводите од иницијативата дека стекнатиот статус со полагање испит не може да се одземе, со што изрази сомнеж во однос на согласноста на пропишаната мерка одземање на уверението од член 41 став 1 од Законот, со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имајќи предвид дека став 2 од истиот член којшто уредува дека сметководител, односно овластен сметководител, може да поднесе барање за полагање испит за стекнување на статус на сметководител, односно овластен сметководител по истекот на две години од денот на бришењето од соодветниот регистар, е во врска со пропишаната мерка одземање на уверението од став 1 на член 41 од Законот, следствено, и во однос на оваа законска одредба Судот изрази сомнеж за нејзината согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Дополнително, Судот, по сопствена иницијатива се впушти во оцена на уставноста на член 37 став 4 и став 8 точка 4) од Законот.

Имено, според член 37 став 4 од Законот „Во случај на повторување на дисциплинската повреда во период од една до три години од денот на изрекување на дисциплинската мерка, се изрекува потешка дисциплинска мерка од став 8 на овој член. Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител.

Според член 37 став 8 точка 4) од истиот закон, дисциплинската комисија за дисциплинска повреда може да изрече дисциплинска мерка  бришење од соодветниот регистар на Институтот и одземање на уверение на сметководител, односно овластен сметководител.

Имајќи ги предвид одредбите од Законот, произлегува дека со оспорениот член 41 став 1 точките од 1) до 6) од Законот, се дефинирани дисциплинските повреди коишто доведуваат до изрекување на дисциплинска мерка одземањето на уверението на сметководител односно овластен сметководител, додека ваквата дисциплинска мерка, всушност е предвидена со одредбите од член 37 став 4 и став 8 точка 4) од Законот. Поточно, основа за изрекување на дисциплинската мерка одземање на уверението од оспорениот член 41 од Законот, се всушност одредбите од член 37 став 4 и став 8 точка 4) од Законот со кои се предвидува ваквата мерка, следствено, Судот изрази сомнеж и за согласноста на член 37 став 4 во делот „Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител” и став 8 точка 4) во делот „и одземање на уверение” од Законот за вршење на сметководствени работи, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со иницијативата подносителот го оспорува и член 40 од Законот, со истите наводи и од истите причини како и во однос на член 41 од Законот, што е нејасно, имајќи предвид дека со овој член се дефинирани дисциплинските повреди за кои се изрекува дисциплинската мерка времено бришење од соодветниот регистар во траење до една година, но не и одземање на уверение што е причина и повод за поднесената иницијатива.

Иако иницијативата не содржи наводи компатибилни со содржината на оспорениот член 40 од Законот, Судот пристапи кон разгледување и на одредбите од овој оспорен член, но не воочи негова спротивност со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Во став 1 точки од 1) до 5) на оспорениот член 40 од Законот, јасно се наведени причините за изрекувањето на дисциплинската мерка – времено бришење од соодветниот регистар во траење до една година, што значи одредбата не остава простор за правна несигурност во поглед на поведението коешто може да доведе до времено бришење на сметководител, односно овластен сметководител од соодветниот регистир. Воедно, според Судот, со ништо не се повредува владеењето на правото со дадената можност од став 2 на оспорениот член 40 од Законот, сметководител, односно овластен сметководител да може повторно да поднесе барање за упис во соодветниот регистар во Институтот по истекот на периодот за кој е избришан согласно со членот 36 став (2) точки 2 и 3 од овој закон. Судот, не најде повреда и на член 9 од Уставот, бидејќи одредбите од член 40 од Законот, не содржат никакви исклучоци во однос на субјектите на кои дисципинската мерка може да се изрече, поточно истата се однесува за секој сторител на дисциплинска повреда независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, пред Судот, со основ се постави прашањето за согласноста на член 37 став 4 во делот „Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител” и став 8 точка 4) во делот „и одземање на уверение” и член 41 став 1 во делот „и одземање на уверението” и став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 173/2022 и 47/2025), со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Во однос на член 40 од истиот закон, Судот оцени дека истиот не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во став 1, и едногласно како во став 2 од диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски