У.бр.161/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.161/2023
Скопје, 25.06.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште бр.01-2845/3 од 02.07.2007 година.

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставните судии на работен состанок одлучија врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива да оформат предмет во кој ќе се води постапка за оценување на согласноста на оспорените одредби, со одредбите на Уставот и законите.

II

На седницата Судот утврди дека член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште бр.01-2845/3 од 02.07.2007 година пропишува дека Статутарно–правната комисија дава автентично-толкување на статутот, врши исправка на грешки по објавениот текст на прописот на општината.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Советот на Општина Сопиште, повикувајќи се на член 36 став 1 точка 1, член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.05/02) и член 41 точка 1 од Статутот на Општина Сопиште („Службен гласник на Општина Сопиште” број 1/97), на седницата одржана на 02.07. 2007 година, го донел Статутот на Општина Сопиште бр.01-2845/3.

Статутот на Општина Сопиште бр.01-2845/3 од 02.07.2007 година содржи член 40 каде во став 2 алинеја 4 се уредува дека Статутарно-правната комисија формирана од Советот на Општината дава автентично-толкување на Статутот, врши исправка на грешки по објавениот текст на прописот на општината.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Во Статутот на Општина Сопиште, е уредена постапката за давање на автентично толкување на прописите на советот, што е спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и принципот на уставност и законитост од член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, и спротивно на Законот за локалната самоуправа.

Со оглед на тоа дека Статутот го содржи член 40 став 2 алинеја 4 со кој се дава можност на Статутарно-правната комисија формирана од Советот на Општина Сопиште да дава автентично-толкување на Статутот, со што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, за Судот тоа е доволна причина да го постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба од Статутот и да донесе одлука како во диспозитивот на ова решение.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски