Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.30/2024
Скопје, 02.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје бр.08-4264/1 од 01.10.2020 година.
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје бр.08-4264/1 од 01.10.2020 година.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
На работниот состанок одржан на ден 14.09.2023 година, Уставниот суд одлучи, врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива да оформи предмет во кој ќе се води постапка за оценување на согласноста на оспорените одредби, со одредбите на Уставот и законите.
II
На седницата Судот утврди дека член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје бр.08-4264/1 од 01.10.2020 година пропишува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.
III
Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.
Согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.
Врз основа на член 122 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр.3/06), Комисијата за статут и прописи, на 26-та седница, одржана на 01.10.2020 година го утврдила Пречистениот текст на Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје. Пречистениот текст на Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје го опфаќа Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр.3/06), Одлуката за изменување и дополнување на Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр.12/15) и Одлуката за изменување и дополнување на Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр.20/20), во кои е означено времето на нивното влегување во сила и примена.
Пречистениот текст на Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје бр.08-4264/1 од 01.10.2020 содржи член 15 каде во алинеја 3 се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.
Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” 248/2023).
Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.
Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, односно дека согласно член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.
Во Деловникот на Општина Центар, е уредена постапката за давање на автентично толкување на прописите на советот, што е спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, и принципот на уставност и законитост од член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивно на Законот за локалната самоуправа.
Со оглед на тоа дека во Деловникот е содржан член 15 алинеја 3 со кој се дава право на член од Советот на седниците на Советот да поднесува барање за давање на автентично толкување на прописите, а со тоа Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, во однос на кои Судот изразува сомнеж за нивната уставност и законитост, за Судот, тоа е доволна причина да го покрене прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба од Деловникот.
Имајќи го предвид сето погоре изнесено, пред Судот со основ се постави прашањето за уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје бр.08-4264/1 од 01.10.2020 година.
Поради можноста од настанување штетни последици, а согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека е потребно да се запре примената на спорната одредба од Деловникот на Општината, како и да запре извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, до донесувањето на конечната одлука.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски