На 30 октомври во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 28. седница со дневен ред за кој се закажани седум иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободите и правата и четири предлози за одлучување со нацрт-одлуки.
1. Реферат У.бр.41/2023
Оспорен: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014)
Подносител на иницијативата: Александра Илиева Милчова
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека со оспорената одредба се воспоставува монопол на Бирото за судско вештачење наспроти другите вешти лица кога се работи за предмети на барање од државни органи и се овозможува влијание кај истите лица кои се вработени во рамки на Министерството за правда аналогно на начинот на кој се исплаќани за трудот.
2. Реферат У.бр.138/2023
Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023)
Подносител на иницијативата: Хелсиншки комитет за човекови права од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека законодавецот го користи терминот „градби од стратешки интерес“ без притоа да утврди јасни рамки за тоа какви сѐ видови на градби може да се сметаат за градби од стрaтешки интерес, што е непотребно, бидејќи јавниот интерес и градбите од јавен интерес се веќе утврдени со закон. Единствена причина за оваа формулација е да се воведат олеснети правила за овој вид на градби и да се елиминираат заштитните механизми во сферата на урбанистичкото планирање. Се наведува дека урбанистичките проекти за градби од стратешки интерес нема да се изработуваат за нивната законски утврдена цел (разработка и спроведување на урбанистичките планови), туку за градби од стратешки интерес со што се напуштаат правилата за хиерархијата на урбанистичките планови бидејќи урбанистичкиот проект се издигнува над урбанистичките планови кои се документи од повисоко хиерархиско ниво.
3. Реферат У.бр.139/2023
Оспорен: Член 1 и член 2 став 1 зборовите „како и за изградба на градби од стратешки интерес.“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за екпропријација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023)
Подносител на иницијативата: Уранија Пировска, Извршен директор на Хелсиншки комитет за човекови права
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот оспорените одредби се противуставни бидејќи доведуваат до губење на гаранциите што секој сопс-
твеник треба да го добие при експропријација кои ги дава Уставот на Република Северна Македонија и Европската конвенција за човекови слободи и права – Протокол 1 истовремено намалувајќи го степенот на гаранција дека средствата за надомест на експропријацијата се обезбедени, притоа ограничувајќи го правото на сопственост кое е загарантирано со Уставот и меѓународните стандарди. Подносителот смета дека Законот за експропријација е единствен закон со кој може да се изврши одземање или ограничување на правото на сопственост во точно утврдена постапка и само со постоење на јавен интерес.
4. Реферат У.бр.182/2024
Оспорен: Член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 163/2021 и 111/2023).
Подносител на иницијативата: Жарко Стеваноски, адвокат од Прилеп
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека исклучокот содржан во член 10 став 4 од Законот, според кој на стратешкиот партнер му се дозволува да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини уште со чинот на поднесување барање за доделување концесија од страна на инвеститорот, не е во согласност со владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата како темелни вредности на уставниот поредок.
Според подносителот во еден конкретен случај има настанати штети со спроведувањето на Законот. Имено, инвеститорот – Јавното претпријатие за државни патишта, поднел барање за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – мермер на локалитетот „Ореовец” Општина Прилеп, при што, користејќи се со законски дадената можност од оспорениот член 10 став 4, изведувачот/стратешкиот партнер, веќе вршел целосна експлоатација на минерална суровина – мермер на наведениот локалитет, и тоа без физибилити студија за оправданоста на доделување на концесија на добра од општ интерес, процена на влијанието врз животната средина на концесијата на добра од општ интерес, како и без спроведени други активности неопходни за спроведување на постапката, со што се прави огромна штета на локалитетот Ореовец. Подносителот наведува дека граѓаните кои живеат непосредно до ископот, се соочуваат со последици од оспореното законско уредување, вклучително и последици за животинскиот и растителниот свет.
5. Реферат У.бр.212/2024
Оспорен: Член 5 став 3, член 6 став 1 и 2, член 8 став 2, член 23 став 2 и член 25 став 2 во делот „Социјалистичка“, член 5 став 3 во делот „Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ и член 5 став 3, член 8 став 2 и член 25 став 2 во делот „Извршниот совет“ од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 45/1977, 8/1980 и 51/1988 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/1993)
Подносител на иницијативата:Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата оспорениот дел „Извршниот совет“ од член 5 став 3, член 8 став 2 и член 25 став 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” број 45/77, 8/80 и 51/88 и „Службен весник на Република Македонија“ број 62/1993) е во спротивност со член 8 алинеа 4 од Уставот на Република Северна Македонија.
6. Реферат У.бр.150/2024
Оспорен: Член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.81/2022)
Подносител на иницијативата:Никола Темелковски
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот, со оспорениот член од Уредбата се дава повратно дејство на самата Уредбата, иако е понеповолна за странките, истата овозможува да се примени надоместокот утврден во прегледот на веќе започнатите постапки за приватизација кои се во постапка на решавање пред надлежен орган, а кои поради неажурност на органите сè уште не се решени.
7. Реферат У.бр.166/2023
Оспорен: Одлука за времен прекин на дел од постапките со кои се спроведува Деталениот урбанистички план Градска четврт С303, Општина Ѓорче Петров, Скопје („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/2023)
Подносител на иницијативата:Друштво за инвестиции и услуги СОЕН ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот, како инвеститор на објект кој се наоѓал во границите на опфатот на Деталниот урбанистички план Градска четврт С3 03, Општина Ѓорче Петров, Скопје, смета дека оспорената одлука важела селективно, односно само за градежни парцели со основна класа на намена „А1- домување во стамбени куќи“ и „А2 – домување во стамбени згради“, но не и за градежни парцели со класи на намена „В – Јавани институции“ и „Е – инфраструктура“, со што смета дека граѓаните се ставаат во нееднаква положба, односно физичките и правните лица сопственици на катастарските парцели како носители на право на градење со основана намена „А1“ и „А2“, во однос на лицата коишто биле носители на право на градење, односно инвеститори на катастарските парцели со класи на намена „В“ и „Е“.
II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
У.бр.108/2024
Подносител на барањето: Глигорие Ќатоски
Оспорени: Дејствија на Министерство за внатрешни работи
Од наводите во барањето:
Според наводите во барањето, со дејствијата на МВР конкретно со издавање на неговиот пасош (09.02.2020 год.) и лична карта со старото име на државата (28.05.2021 год.), иако „Преспанскиот договор“ бил во правна сила повеќе од две години, подносителот на барањето тврди дека му е загрозено уставно загарантираното право слободно да ја напушти територијата на државата и да се врати во неа. Со официјалното соопштение на МВР од 11.02.2024 година подносителот за прв пат дознава дека и возачката дозвола нема да важи доколку е со старото име на државата со што тој смета дека му е ограничено користењето на патничкото моторно возило и слободата на движење. Оттука, со овие дејствија на Министерството за внатрешни работи подносителот на барањето смета дека е ставен во понеповолна положба во однос на другите граѓани на Република Северна Македонија кои извадиле пасош, лична карта и возачка дозвола во втората половина на 2021 година со новото име на државата и МВР сторило дискриминација врз подносителот врз основа на национална и социјална припадност.
III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр. 121/2023
Одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на параграф 4 алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија, заведено под бр. 02-295/1 од 16.07.2012 година донесено од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
2. У.бр. 22/2024
Одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп“ бр.11/2004 и 15/2020).
3. У.бр. 76/2024
Одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Могила, број 07-113/3 од 14.03.2006 година („Службен гласник на Општина Могила“ број 1/2006).
4. У.бр. 170/2024
Одлука по поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар, донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, У.О бр.0202/329 од 25.05.2023 година, У.О бр.0202/366 од 29.06.2023 година и У.О бр.0202/009 од 18.01.2024 година.