У.бр.22/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.22/2024
Скопје, 28.05.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28.05.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп“ бр.11/2004 и 15/2020).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп“ бр.11/2004 и 15/2020).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на 25 декември 2023 година, Уставниот суд, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување уставност и законитост на оспорената одредба од Деловникот на Советот на Општина Прилеп.

II

На седницата Судот утврди дека во поглавјетo VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп, содржана е точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108.

Според член 105 од Деловникот, барање за автетично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на општината и државните органи кога потребата од автентичното толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење

Во член 106 од Деловникот е утврдено дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседател на Советот кој веднаш барањето го доставува до Статутарно-правната комисија.

Согласно со член 107 од истиот Деловник, Статутарно- правната комисија по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од работните тела на Советот и од општинската администрација.

Според член 108 од Деловникот, ако Статутарно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Статутарно-правната комисија за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. А според ставот 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, според член 110 алинеја 2 од Уставот.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Врз основа на член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Советот на Општина Прилеп, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и член 26 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Прилеп („Службен гласник на Општина Прилеп” бр.6/2003) го донел Деловникот на Советот на Општина Прилеп, објавен во „Службен гласник на Општина Прилеп” бр.11/2004.

Во конкретниот случај, Деловникот на Советот на Општина Прилеп во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ содржи точка 9 „Автентично толкување на општи акти” во која преку содржината на членовите 105, 106, 107 и 108 го уредува институтот „автентично толкување“ како и процедурата за истиот.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 248/2023).

Законот за локалната самоуправа, во член 36 став 1 точка 1 определува дека Советот на Општината го донесува статутот на општината и други прописи, односно според член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Во конкретниот случај, според Судот, станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт. Од Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се предвиди автентично толкување на општи акти. Оттука, Судот цени дека Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа.

Врз основа на наведеното, а согласно со одредбите од член 51 од Уставот според кои во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, во конкретниот случај, Судот изрази сомнеж во однос на согласноста на точката 9 „Автентично толкување на општи акти“ и членовите 105, 106, 107 и 108 содржани во поглавјето VIII „Постапка за донесување акти на советот“ од Деловникот на Советот на Општина Прилеп, со Законот за локалната самоуправа, и со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според која во правниот поредок треба да егзистираат правно усогласени прописи со Уставот и со законите.

IV

Имајќи предвид дека според Судот основано се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Деловникот на Советот на Општина Прилеп, Судот цени дека се исполнети и условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

VI

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска