На 6 мај 2026 година со почеток во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 12. Седница со Дневен ред на кој ќе се дискутира за шест иницијативи во кои е оспорена уставност и законитост на акти и предвидено е да се гласа за две Нацрт-одлуки:
I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.75/2025, У.бр.84/2025, У.бр.104/2025
Оспорен акт: Член 9, 10 и 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2025).
Подносител на иницијативата(75/2025): Деспина Влаќеска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката тврди дека со оспорените одредби во поповолна положба се ставаат инвеститорите, наспроти соседите на парцелите на градење, бидејќи тие немаат право на увид во техничката документација, ниту право на жалба, нешто што било дел од претодниот закон. Се наведува дека одредбите предизвикуваат и ретроактивност при примената, што според подносителката е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот.
Подносител на иницијативата(84/2025): Aлександар Огненовски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот член се брише членот 62-а кој овозможувал право за поведување на посебна постапка, односно право на непосредните соседи да извршат увид во градежно-техничка документација врз основа на која органот во претходна постапка, веќе издал одобрение за градење на конкретен инвеститор. Дополнително, се тврди дека Законодавачот пропуштил овој закон да предвиди одредби со кои ќе биде регулирано како ќе завршат постапките поведени врз основа на членот 62-а, со што се предизвикува правна несигурност за лицата кои повеле управни постапки и спорови.
Подносител на иницијативата(104/2025): Химет Лимани
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со членот 9 е избришан членот 62 во кој е регулирано дека надлежниот орган што го носи одобрението за градење е должен во рок од 3 дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела со кои се донесува одобранието за градење дека во рок од 15 дена од денот на издавањето на одобрението можат да извршат увид во документацијата. Се тврди дека со оспорените одредби настануваат несогледливи последици за сите кои досега биле учесници во управната постапка, во управните спорови, бидејќи со даденото одобрение за градба, извршениот премер на лице место, габаритот на новиот објект навлегува во туѓа сопственост, но иако засегнат и оштетен како непосреден сосед, се губи правото на жалба и оспорување на градбата.
2. Реферат У.бр.93/2025
Оспорен акт: Член 1 и член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2025).
Подносител на иницијативата: Илија Ивановски од Република Србија
Содржина на оспорени одредби:
Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се врши дополнување на содржината на член 37 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 27/18, 35/18, 220/18 и 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/19, 275/19, 31/20, 267/20, 67/22, 79/23 и 193/24) на начин што, по зборот „врши“ се додаваат зборовите: „на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија“.
Со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се врши дополнување на содржината на член 18 во став (3) од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 193/24), на начин што по зборовите „28 февруари 2025 година“ се додаваат зборовите: „и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија“.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби го ставаат во нееднаква и дискриминирачка положба во однос на другите пензионери кои оствариле право на пензија според истиот закон, но живеат и ја примаат пензијата во државата. И покрај тоа што правото на пензија го остварил согласно важечкиот закон, со оспорените одредби тоа право му се ограничува врз основа на местото на живеење, што претставува повреда на уставно загарантираните права, се наведува во иницијативата. Подносителот смета дека одредбите се во спротивност со член 110 став 3 од Уставот, кој гарантира заштита на слободите и правата на граѓаните, вклучувајќи ја еднаквоста на сите пред законите.
3. Реферат У.бр.112/2025
Оспорен акт: Член 37 став 1, во делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 27/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025).
Подносител на иницијативата: Кирил Михајловски
Содржина на оспорената одредба:
Член 37
(1) Право на еднократна парична помош за новороденче родено на територијата на Република Северна Македонија има еден од родителите, државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Северна Македонија до денот на раѓањето на детето.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со воведувањето на условот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ се ставаат во понеповолна положба за добивање на еднократна парична помош, деца чии родители се државјани на Република Северна Македонија, а кои се родени во странство, во однос на деца чии родители се исто така државјани на Република Северна Македонија, но кои се родени на територијата на државата.
Подносителот укажува дека местото на раѓање не зависи од волјата на детето, ниту пак може да биде релевантен критериум за остварување права од областа на детската заштита.
Во иницијативата се повикува и на член 4 од Законот за државјанство, според кој дете стекнува државјанство по потекло доколку во моментот на раѓање двата родители се државјани на Република Северна Македонија, независно од местото на раѓање.
4. Реферат УЗ.бр.81/2025
Оспорен акт: Член 74 од Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лица кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација („Службен весник на Република Македонија“ бр.177 од 14.10.2015 година).
Подносител на иницијативата: Дарко Јаневски
Содржина на оспорената одредба:
По исклучок, при активно откривање на невакцинирани или некомплетно вакцинирани, вакцинацијата може да се врши и на терен, надвор од здравствените установи, со запазување на принципите на „студен синџир” за транспорт и чување на вакцините за соодветна диспозиција на медицински отпад, како и обезбедена антишок терапија(ампули адреналин, кортизонски препарат со брзо дејство и антихистамински препарат).
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека одредбата е нејасна и непрецизна, создава права несигурност и е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, од Уставот, односно го поткопува владеењето на правото.
5. Реферат УЗ.бр.78/2025
Оспорен акт: Судот да ја оцени уставноста и законитоста на член 3 од Уредбата за престанување на важење, односно на примена на прописите опфатени со проектот регулаторна гилотина („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2008).
Подносител на иницијативата: Ненад Гавриловиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека Владата ги пречекорила своите овластувања и уредила прашање, кое не е во нејзина надлежност, односно регулирала материја со донесување на Уредба, а која требала да биде уредена со Законот за облигациони односи.
6. УЗ.бр.62/2025
Оспорен акт: Член 7 од Статутот на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, донесен од Собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 02.11.2024 година и на ден 03.11.2024 година и објавен на веб-страницата на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија.
Подносител на иницијативата: Јовица Јовевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорените одредби од Правилникот се врши надополнување на членот 46 став 1 од Законот за вршење на сметководствени работи, што според него е во спротивност со член 51 став 1 и 2 од Уставот. Се наведува дека со оспорениот член се пропишани овластувања на контролорите на квалитет вработени во Институт кои не произлегуваат од Законот за вршење на сметководствени работи. Истовремено, се тврди дека незаконски, Институтот им дава овластувања на своите контролори на квалитет да оценуваат постоење на минимално технички услови за обавување на сметководствена дејност, од аспект на канцелариска и техничка опрема која е неопходна за непрекинато одвивање на работата и обезбедување на доверливост и безбедност на документација на клиентите. Се тврди дека ИСОС своите контролори на квалитет на мала врата ги промовира како трудови инспектори, бидејќи според наводите, постоењето на минимално технички услови за обавување на дејност не е предмет на контролата на квалитет согласно Законот за вршење сметководствени работи.
II. НАЦРТ ОДЛУКА И НАЦРТ-РЕШЕНИЈА ПО ПРЕДМЕТИТЕ
1. БЗСП.бр.1/2026
2. У.бр.167/2025
3. У.бр.18/2026
