
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.167/2025
Скопје, 29.04.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 37 став 1 и член 73 алинеја 4 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 29 април 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија
1. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 6 став 6 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2011, 54/2011, 155/2012, 53/2013, 72/2013, 44/2014, 115/2014, 199/2014, 124/2015, 129/2015, 217/2015, 31/2016 и 190/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 174/2021 и 41/2026), до донесување конечна одлука од страна на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Александар Михајлоски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива со која се оспорува уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 217/2015), како спротивен на член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 51 став 1 и член 54 став 1 од Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 6 став 6 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2011, 54/2011, 155/2012, 53/2013, 72/2013, 44/2014, 115/2014, 199/2014, 124/2015, 129/2015, 217/2015, 31/2016 и 190/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 174/2021 и 41/2026) по исклучок од ставот 3 на овој член, доколку бесправниот објект е изграден на земјиште кое не е сопственост на барателот или на Република Македонија, односно земјиштето е сопственост на друго физичко или правно лице, односно бесправниот објект е изграден на земјиште кое е сосопственост на барателот и друго физичко или правно лице, а барателот нема склучено договор за долготраен закуп на земјиштето со сопственикот, односно сосопственикот на земјиштето или нема доставено изјава заверена на нотар со која сопственикот, односно сосопственикот на земјиштето изјавува дека е согласен да се утврди правен статус на бесправниот објект и истиот да се запише во јавните книги за запишување на правата на недвижности на име на барателот, а во моментот на изградбата на бесправниот објект земјиштето на кое e изграден истиот било сопственост на Република Македонија, барателот покрај доказите од ставот 2 на овој член, е должен да достави и уверение за движење за земјиштето на кое е изграден бесправниот објект и изјава заверена на нотар, дадена под кривична и материјална одговорност, во која ќе потврди која година е изграден бесправниот објект.
III
Согласно со член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд, по предлог на подносителот или по сопствена оцена, може по поведувањето на постапката, до донесување конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со нивното извршување би можело да настанат тешко отстанливи последици.
Уставниот суд по изнесување на предметот на седница и по негово разгледување, одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение бидејќи основано се постави прашањето неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 30 од Уставот.
Имајќи предвид дека Судот оцени дека со извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, би можело да настанат тешко отстранливи последици, од таа причина одлучи да се запре нивното извршување сè до донесувањето конечна одлука по овој предмет.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
V
Ова решение произведува правно дејство од денот на неговото донесување.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски