Дневен ред за 5. седница закажана за 25.02.2026 година

На 25 февруари 2025 година(среда) со почеток во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 5. седница во 2026 година Дневен ред на кој ќе се дискутира по седум предмети за оценување на уставност  и законитост и предвидено е да се гласа по пет Предлог-одлуки.

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

Реферат У.бр.65/2025, У.бр.88/2025, 95/2025, У.бр.111/2025, 151/2025

Оспорени акти: Членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнувањена Законот за пензиско и инвалидското осигурување во целина и посебно членот 1 во делот „во член 37 став (1) по зборот „врши” се додаваат зборовите :на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија, “ и  членот 3 во делот „во член 18 во ставот 3 по зборовите „ 28 февруари 2025 година” се додаваат зборовите: „ и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.75/2025)

Подносител на иницијативата(65/2025): Игорчо Точев од Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека одредбата предизвикува дискриминација, бидејќи ја ограничуваат исплатата на зголемување за 2500 денари само на пензионерите кои ја примаат пензијата во Македонија, но не и на пензионерите кои ја примаат пензијата во странство. Според наводите, ирелевантно е каде пензионерот ја прима пензијата, бидејќи тој добива пензија заради остварената старост, а не географска локација каде што живее. 

Подносител на иницијативата(88/2025): Љубомир Сандевски со живеалиште во Р. Словенија

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата тврди дека со оспорените измени се врши дискриминација и трајно финансиско оштетување на осигурениците на Фондот на ПИОСМ кои се државјани на Република Северна Македонија и на кои пензиите им се исплаќаат надвор од државата, бидејќи нема да го добиваат редовното усогласување на пензиите во иднина, вклучително и усогласувањето на пензиите од март 2025 година. Се наведува дека државата го ускратува стекнатото право и своеволно без уставна надлежност Собранието ги донело измените кои прават дискриминација и категоризација на пензионери кои пензиите ги примаат во Македонија и пензионери кои живеат надвор од државата, без да се земе предвид фактот дека пензиите се стекнати врз основа на придонесите кои ги уплаќале во текот на работниот век, а не според географската локација каде што ги примаат пензиите.   

Подносител на иницијативата(95/2025): Темелко Ристески од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените делови се повредени членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 27 став 2, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот. Се тврди дека со додадените одредби се создава нееднаквост меѓу пензионерите, бидејќи иако имаат ист „статус” на пензионери, сепак се оневозможува усогласувањето да се применува за сите поеднакво. Подносителот тврди дека на овој начин индиректно се ограничува слободата на движење на околу 12 000 пензионери, како едно од уставно гарантирани права.

Подносител на иницијативата(111/2025): Kире Батев со живеалиште во СР Германија

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорениот закон е направена дискриминација на пензионерите кои живеат во странство а не им се исплаќа линеарното усогласување на пензиите. Дополнително, тој тврди дека целиот работен век го остварил во Македонија и поради лични причини живее со децата во странство, за што наведува дека социјалното и пензиско осигурување редовно го уплаќал во матичната држава . 

Подносител на иницијативата(151/2025): Народен правобранител на Република Северна Македонија, по поднесени повеќе барања од граѓани

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека до него се обратиле повеќе граѓани кои се засегнати за нивните права од областа на пензиското и инвалидското осигурување, како корисници на правото на пензија од Република Северна Македонија, кои живеат надвор од земјата. Се тврди дека се изземени од исплатата на предвидените покачувања на пензиите, па поради тоа укажуваат на дискриминација и нееднаква положба со другите корисници кои живеат во државата.

2. Реферат У.бр.66/2025

Оспорен акт: член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македониjа” („Службен весник на Република Македонија” бр.56/1999 и 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.21/202).

Подносител на иницијативата: Андреа Кулаков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека уставно гарантираното право на секој да ги почитува Уставот и законите е во корелација со достапноста на истите за секого, без надоместок. Но, според него бесмислено е да се наметне меселна претплата за пристап до целата законска и подзаконска регулатива, нешто што според него е во спротивност со уставните принципи, особено ако се земе предвид дека пречистениот текст на законите не се објавува редовно на веб страниците на институциите. 

3. Реферат У.бр.67/2025

Оспорен акт: член 10 став 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019, 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.42/2020, 72/2020, 160/2020, 74/2021, 215/2021, 58/2024 и 76/2024).

Подносител на иницијативата: Мирослав Трлин

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот ја спори одредбата која предвидува дека „пратениците не можат да бидат отповикани”, за што наведува дека е во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок, владеење на правото и создава можности за злоупотреба. Се наведува дека крајната цел на оваа иницијатива е да се преиспита правото на пратениците да го задржат мандатот кога ја менуваат партиската припадност. 

4. Реферат У.бр.77/2025

Оспорен акт: Член 84 став 3 алинеја 4 од Законот за вработени во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.53/2024).

Подносител на иницијативата: Николче Мушаревски

Од наводите во ининијативата:

Подносителот наведува дека постои правна нелогичност и неоправданост на одредбата бидејќи во истовреме на вработен во Министерството за одбрана за иста работа може да му се изрече и мерка дисциплинска неуредност и дисциплински престап. Според неговите наводи „одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува” претставува дисциплинска неуредност и не може да биде дефинирано како дисциплински престап, за што е потребно да се одвои и прецизира за да не настане забуна при примената. 

5. Реферат У.бр.78/2025 

Оспорен акт: член 4 став 1 точка 5, член 10 став 1 алинеи 1 и 2 и член 10 став 2 од Законот за социјална сигурност за старите лица („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.104/2019 и 192/2025).

Подносител на иницијативата: Сузана Цветкова

Од наводите во ининијативата:

Се наведува дека Законодавачот ја ограничува социјалната сигурност на лице со наполнети 65 години, бидејќи според него истото лице не смее да оствари никакви приходи по било кој основ, па потоа за три месеци да оствари право на социјална пензија. Се тврди дека постои празнина од 3 месеци без пензија, понатаму, според неа спорно е што корисниците се оставени повторно да прибираат и доставуваат податоци за материјалната и имотна состојба, без притоа органот да ги обезбеди по службен пат. 

6. Реферат У.бр.113/2025

Oспорен: Член 176 став 2 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.23/13, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 26/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236,2022, 17/2025 и 132/2025). 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека одредбата се однесува на овозможување надоместок кој им следува на членови на Комисија за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценца за работа на лица кои се заинтересирани да се вклучат во системот за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст, на директори на уставнови за деца и на лица вклучени во системот за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Тој тврди дека сите наведени функции кои се однесуваат на згрижување и на воспитување на деца се дел од управната функција на органот и членувањето на лицата во Комисијата, според него не е нешто што е надвор од редовните функции на органот, па затоа може да се доведе во сомнеж согласноста на оспорениот член со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. 

7. Реферат УЗ.бр.24/2025

Оспорен акт: Правилник за техничките и организациските мерки за безбедност и заштита на обработката на личните податоци бр. 02-5200/1 од 28 октомври 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија бр.248 од 5 ноември 2021 година).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорениот акт е спорен бидејќи, според него не е јасно дали истиот е донесен врз основа на претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, односно денес Министерство за социјална политика,демографија и млади. Дополнително, се наведува дека во ниту еден член на законот не се определува контролорот, на начин на кој што се посочува. 

II.     ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023

На 12.02.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.188/2023) и определи рок од 6 месеци на Собранието на Република Северна Македонија за измена и/или дополнување на Законот од точката 1 од диспозитивот во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на ова решение.

2. УЗ.бр.60/2025 и УЗ.бр.61/2025

На 11.12.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029 („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.9 од 22.08.2025 година) и

– Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028 („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.9 од 22.08.2025 година).

3.УЗ.бр.68/2025

На 24.12.2025 година Уставниот суд постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 24 точка 113 од Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.174/2020).

4. У.бр.103/2025

На 11.12.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 29 став 1 точка 4 од Законот за рибарство и аквакултура (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.64/2024 и 160/2025).

5. У.бр.5/2025

На 24.12.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 9 ставови 1, 2 и 3 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).