УЗ.бр.60/2025 и УЗ.бр.61/2025 


Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.60/2025 и УЗ.бр.61/2025
Скопје, 11.12.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1  од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 11 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029 („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.9 од 22.08.2025 година) и

– Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028 („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.9 од 22.08.2025 година).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Министерството за транспорт, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе две иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од диспозитивот на ова решение.
Според наводите изнесени во првата иницијатива, со која се оспорува Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 ха, за плански период 2019-2029, оспорената одлука не е донесена во согласност со законската регулатива, а со тоа е спротивна на Уставот.

Ова од причини што Општина Гостивар при донесувањето на оспорената Одлука за усвојување на конечен предлог-детален урбанистички план, доставила допис до Министерството за транспорт бр.18-253/48 од 28.04.2025 година, со кој побарала согласност на Конечен предлог за детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со тех.бр.14/19 од март 2025 година, изработен од ПОЛОГПРОЕКТ – ПРО, доо Гостивар.

Советот на Општина Гостивар, врз основа на Заклучокот на Комисијата за урбанизам на Општина Гостивар бр.18-253/49 од 05.08.2025 година и Известување од градоначалникот на Општина Гостивар бр.18-253/50 од 06.08.2025 година, без преходно добиена согласност од страна на Министерството за транспорт, констатирал дека постапката може да продолжи при што го усвоил урбанистичкиот план.

Како причини за оспорување, Министерството како подносител, ги наведува и Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година, како спротивна на член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што истата не била донесена после годишната програма за изработка на урбанистичките планови од страна на Општина Гостивар како доносител на урбанистичкиот план и не била објавена на веб-страницата на Општина Гостивар во рок од 5 дена од донесувањето спротивно на член 65 став 10 од Законот за животната средина.

Причина повеќе за незаконитоста и противуставноста на оспорената одлука, според подносителот, е нетранспарентноста и неинклузивноста на процедурата, односно, јавноста не била соодветно информирана и вклучена во процесот на донесување на планот.

Подносителот наведува дека нема докази за известување до субјекти и физички лица кои поднеле анкетен лист за прифаќање/ неприфаќање на забелешките и предлозите на јавната анкета согласно со член 35 став 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а воедно, упатува и на повреда на член 35 став 11 од истиот закон, во врска со рокот на изработка на Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација со бр.18-253/43 од 25.11.2024 година, кој треба да се изготви во рок од 5 работни дена од денот на завршување на јавната анкета (ЈА 31.10.2024 до 13.11.2024 година) што било евидентно во постапката за Детален урбанистички план во информацискиот систем е-урбанизам бр.26958.

Подносителот на иницијативата смета дека градоначалникот на Општина Гостивар донел незаконско решение за формирање комисија за спроведување на Јавна анкета и јавна презентација бр.18-253/37 од 25.10.2024 година, во чиј состав како стручна комисија двајца потписници биле лица вработени во општинската администрација спротивно на член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

На крајот на иницијативата се наведува дека по изготвувањето на стручната ревизија на Деталниот урбанистички план за блок 25, УС VI, VII и VIII зона, Општина Гостивар, конечниот предлог-план бил изработен од ДООЕЛ „НИМАЕР“ – Струга – д.е. Скопје, при што ревидентите се повикале на Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање, а истата била изработена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во поткрепа на ваквото тврдење, како доказ до Уставниот суд  се доставени: Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар бр.08-1964/1 од 22.08.2025 година, Извештај од јавна презентација и јавна анкета со бр.18-253/43 од 25.11.2024 година, Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година, Решение за формирање на комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета бр.18-253/37 од 25.10.2024 година и Извештај од Стручна ревизија изработен од дооел „НИМАЕР“ Струга, д.е Скопје, со тех.бр.03-39/22 од април 2025 година.

Во прилог на иницијативата, подносителот дополнително достави пријава на заинтересирани страни (сопственици на парцели, проектантски фирми и жители од Гостивар), заведена во Министерството за транспорт, Сектор за уредување на просторот со бр.15-6863/1 од 26.09.2025 година.

Со втората иницијатива, се оспорува Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028, за која подносителот тврди дека е донесена спротивно на законската регулатива, а со тоа и спротивна на Уставот.

Министерството за транспорт, како подносител и на другата иницијатива, ја оспорува втората одлука со идентични причини, како и во првата иницијатива.

Имено, се наведува дека Советот на Општина Гостивар врз основа на Заклучок на Комисијата за урбанизам на Општина Гостивар бр.23-1628/149 од 05.08.2025 година, и Известување  од градоначалникот на Општина Гостивар бр.23-1628/150 од 06.08.2025 година, констатирал дека постапката за усвојување на Детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со тех.бр.03-245/16 од февруари 2025 година, може да продолжи и го усвоила урбанистичкиот план без претходно добиена согласност од страна на Министерството за транспорт до кое било доставено барање за согласност бр.23-1628/148 од 26.05.2025 година.

Како причини за оспорување, подносителот наведува дека нема доказ за објава на Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влаијание на животната средина и врз здравјето на луѓето бр.24-1746/1 од 02.10.2023 година, заедно со формуларите, на веб- страницата на Општина Гостивар, како и тоа дека оспорената одлука не е донесена по донесувањето на Годишната програма за изработка на урбанистичките планови од страна на донесувачот на урбанистичкиот план во случајов Општина Гостивар.

Се укажува на нетранспарентноста и неинклузивноста на процедурата, поради што јавноста не била соодветно информирана и вклучена во процесот на донесување на планот како и тоа дека нема доказ за известување до субјекти и физички лица кои поднеле анкетен лист за прифаќање/ неприфаќање на забелешките и предлозите на јавната анкета.

Понатаму, со иницијативата се оспорува и рокот на изработка на Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.23-1628/128 од 22.06.2023 година, кој треба да се изготви во рок од 5 работни дена од денот на завршување на јавната анкета (ЈА 01.06-07.06.2023 година, Извештај 22.06.2023 година), евидентирано во постапка за ДУП во информацискиот систем е-урбанизам бр.8096.

Според наводите, постапката за изработување и донесување на урбанистичкиот план не е во согласност со член 36 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што не е прибавено стручно мислење за согледување на степенот на усогласеност на конечниот предлог-детален урбанистички план од страна на Комисијата за урбанизам после спроведени две јавни анкети, а исто така повреда и на член 35 став 10 од истиот закон, на начин што градоначалникот на Општина Гостивар донел Решение со кое формирал комисија за спроведување на јавна анкета и јавна презентација бр.23-1628/121 од 25.05.2023 година, во кое решение двајца потписници биле лица вработени во општинската администрација.

Во поткрепа на ваквото тврдење, како доказ до Уставниот суд  се доставени: Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар бр.08-1976/1 од 22.08.2025 година, Извештај од јавна презентација и јавна анкета со бр.23-1628/128 од 22.06.2023 година, Решение за формирање на комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета бр.23-1628/121 од 25.05.2023 година.

Помеѓу доказите доставени до Судот, наведена е и Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година, но истата недостасува во прилог.

Од наведените причини, се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на двете оспорени одлуки и истите да ги поништи како спротивни на Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за животна средина.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002) и во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), по предлог на градоначалникот на Општина Гостивар, Советот на Општина Гостивар на 49-та седница одржана на ден 22.08.2025 година, донел Одлука за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029.

Во член 1 од Одлуката се наведува дека се усвојува Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029 кој опфаќа од северна страна со магистрален пат Гостивар – Скопје и дел од магистрална улица „Илинденска“, од источна страна со магистрална улица „Илинденска“ од јужна страна со новопроектирана сервисна улица „18“ и од западна страна со новопроектирана сервисна улица „8“.

Во член 2 од Одлуката се наведува дека Деталниот урбанистички план се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ кој претставува составен дел на Одлуката.

Според член 3, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Гостивар”.

Одлуката е со број 08-1964/1 од 22.08.2025 година, потпишана од претседателот на Советот на Општина Гостивар, и објавена во „Службен гласник на Општина Гостивар” бр.9 од 22.08.2025 година.

Судот исто така утврди дека Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот 26.088 Ха, за плански период 2023-2028, донесена е врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), по предлог на градоначалникот на Општина Гостивар, од страна на Советот на Општина Гостивар на 49-та седница одржана на ден 22.08.2025 година.

Со член 1 од Одлуката се усвојува Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот 26.088 Ха, за плански период 2023-2028 со граници – од северна страна со магистрална улица „М1-М1“, јужна страна со ново проектирана сервисна улица „6“, источна страна со ново проектирана сервисна улица „8“ и од западна страна со магистрална улица „Браќа Ѓиноски“.

Во член 2 од Одлуката се наведува дека Деталниот урбанистички план се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ кој претставува составен дел на Одлуката.

Според член 3, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Гостивар”.

Одлуката е со број 08-1976/1 од 22.08.2025 година, потпишана од претседателот на Советот на Општина Гостивар, и објавена во „Службен гласник на Општина Гостивар” бр.9 од 22.08.2025 година.

III

а) Устав на Република Северна Македонија

Согласно член 8 став 1 алинеја  3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

б) Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018)

Член 20 став 1 од истиот закон под наслов „Годишна програма на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје“, утврдува дека за изработување на урбанистичките планови од членот 7 став (1) точка 2 на овој закон, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје задолжително донесуваат годишна програма, најдоцна до 31 јануари за тековната година.

Член 28 став 2 од Законот под наслов „стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето“, уредува дека донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од став 1 на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став 1 на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Член 35 од овој закон е со наслов „Јавна презентација и јавна анкета“. Во ставовите 10, 11 и 12 од овој член се пропишува:

(10) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

(11) Извештајот од ставот 10 на овој член се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам.

(12) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 10 на овој член е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект од член 32 став 1 на овој закон и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем еурбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.

Член 36 став 5 од истиот закон, сместен во точка 10 под наслов „Мислење на конечен предлог на урбанистички план“, предвидува:

Доколку во постапката за донесување на урбанистичкиот план се спроведени две јавни анкети, конечниот предлог на урбанистичкиот план се доставува и до надлежната комисија за урбанизам од член 23 на овој закон која е должна да достави стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на конечниот предлог на урбанистичкиот план, со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот, во рокот утврден во став 4 на овој член, а во спротивно ќе се смета дека нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење.

Член 38 став 3 од Законот со наслов „Согласност на урбанистички план“ уредува дека органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при повторно разгледување на урбанистички план за кој претходно било издадено известување за недостатоци согласно став 2 на овој член, не може да наведе нови недостатоци кои претходно не биле наведени во известувањето за недостатоци, освен доколку повторно е спроведена јавна анкета, или кога постојат нови податоци кои не биле приложени со барањето за добивање согласност на урбанистичкиот план за кој претходно било издадено известување за недостатоци.

в) Закон за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2022, 171/2022, 3/2025 и 124/2025).

Член 65 став 10 од Законот е сместен во глава X со наслов „Оцена на влијанието на определени стратегии, планови и програми врз животната средина“ и уредува дека органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став 8 од овој закон.

IV

Во врска со наводите во иницијативите, како и други прашања коишто беа покренати во рамки на претходната постапка, Судот, врз основа на доставената документација и одговори од Општина Гостивар, ја утврди фактичката состојба како што е изложено понатаму во текстот.

Пред донесување на Одлуката, Советот на Општина Гостивар, до Министерството за транспорт доставило допис бр.18-253/48 од 28.04.2025 година, со барање за согласност на Конечен предлог- детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со тех.бр.14/19 од март 2025 година, изработен од Пологпроект-про доо Гостивар.

Без издадена согласност од страна на Министерството за транспорт, а врз основа на Заклучок бр.18-253/49 од 06.08.2025 година, на комисијата за урбанизам на Општина Гостивар и Известување бр.253/50 од 06.08.2025 година, од страна на градоначалникот на Општина Гостивар, Советот на Општина Гостивар констатирал дека постапката може да продолжи и го усвоила урбанистичкиот план спротивно на член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Согласно со член 65 став 6 од Законот за животна средина, Општина Гостивар донела Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година. Одлуката е донесена по донесување на годишната програма за изработка, измена и дополна како и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар во 2024 година. Годишната програма е донесена од страна на Советот на Општина Гостивар со бр.08-2898/01 од 27.12.2023 година, во согласност со член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, но истата спротивно на член 65 став 10 од Законот за животната средина не е објавена на веб-страницата на Општина Гостивар во законски пропишаниот рок од 5 дена од денот на донесувањето, (одлуката е објавена на 25.11.2024 година – видно од веб-страницата).

Во постапката за спроведување на јавна презентација и јавна анкета, јавноста е соодветно информирана и вклучена во процесот на донесување на планот. Имено, донесувачот на оспорената одлука во одговор на наводите од иницијативата до Судот достави докази  и тоа Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета бр.18-253/34 од 24.10.2024 година, соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета со бр.18-253/35 од 24.10.2024 година, Известување за учество и јавна анкета согласно со член 35 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, објава на соопштение во весник „Нова Македонија“, објава на соопштение во весник „Коха“, листа на присутни на јавна презентација и известувања до три учесници на јавна анкета со фотокопија од доставници за уредна достава.

Јавната презентација и јавната анкета биле закажани во просториите на Општина Гостивар на 31.10.2024 година, со известување дека јавната анкета ќе трае во период од 31.10.2024 година до 13.11.2024 година, во период од 08:00 до 16:00 часот.   По завршување на постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета сочинет е Извештај бр.18-253/43 од 25.11.2024 година, што значи, спротивно на член 35 став 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештајот не е изготвен во законски предвидениот рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета.

Со Решението бр.18-253/37 од 25.10.2024 година, градо-началникот на Општина Гостивар формирал комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета составена од три члена во состав: Сефедин Билали – вработен во општинска администација, Беким Алиу – вработен во општинска администрација и Валентина Попоска – надворешен член – преставник на изработувачот на планот.

Согласно со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручна комисија формирана од градоначалникот на општината треба да е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Општина Гостивар во одговор на ваквите наводи појасни дека во составот на комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета, еден член е претставник на изработувачот на планот, додека од останатите два члена, еден е претставник на администрација што ја водел постапката, додека другиот член е вработен во општинската администрација и воопшто не учествувал во текот на постапката на планот и истиот бил само назначен како член на комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета како стручен работник.

Видно од Решението бр.18-253/37 од 25.10.2024 година и одговорот на Општината, градоначалникот на Општина Гостивар не формирал стручна комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета во согласност со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

По однос на оспорувањето дека во изготвувањето на стручната ревизија на Деталниот урбанистички план за блок 25, УС VI, VII и VIII зона, Општина Гостовар, конечниот предлог-план бил изработен од дооел „НИМАЕР“-Струга-д.е. Скопје, при што ревидентите се повикале на Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање, а истата била изработена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, општината во одговор појаснува дека по однос на овие наводи станува збор за техничка грешка на ревидентот што во текстот е наведен новиот Закон и Правилник за урбанистичко планирање со нивните измени, поради што сметаат дека тоа е резултат на тоа што постапката на ДУП за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостовар, во информатичкиот систем е-урбанизам се водел според постапките од 2014-2019 година, додека сите други урбанистички планови сега се водат според постапките од 2020 во информацискиот систем е-урбанизам и според Законот за урбанистичко поланирање и Правилникот за урбанистичко планирање.

Пред донесување на Одлуката, Советот на Општина Гостивар, до Министерството за транспорт доставил допис бр.23-1628/148 од 26.05.2025 година, со барање за согласност на Деталниот урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот 26.088 ха, за плански период 2023-2028, изработен од дооел Нимаер Струга, д.е. Скопје.

Без издадена согласност од страна на Министерството за транспорт, а врз основа на Заклучок бр.23-1628/149 од 05.08.2025 година, на комисијата за урбанизам на Општина Гостивар и Известување бр.23-1628/150 од 06.08.2025 година, од страна на градоначалникот на Општина Гостивар, Советот на Општина Гостивар констатирал дека постапката може да продолжи и го усвоила урбанистичкиот план спротивно на член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Подносителот, како една од причините за оспорување на оваа одлука наведува дека нема доказ за објава на веб-страницата на општината на Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето бр.24-1746/1 од 02.10.2023 година, како и тоа дека оваа одлука не била донесена по донесување на Годишната програма за изработка на урбанистичките планови од страна на донесувачот.

Во одговорот на доносителот на оспорената одлука, се наведува дека донесена е Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето бр.24-1746/1 од 02.10.2023 година, која заедно со формуларите е објавена на веб-страницата на Општината, за што во прилог достави доказ од веб-страна на Општината. Во дописот појасни дека Општина Гостивар има донесено Годишна програма за изработка на урбанистичките планови бр.08-2702/1 од 29.12.2022 година, која била доставена до Министерст¬вото во системот е-урбанизам и истата ја достави до Судот.

Во одговор на наводите за нетранспарентна и неинклузивна процедура, Општина Гостивар достави  доказ за известување на субјекти и физички лица кои поднеле анкетен лист. Во прилог на ваквото тврдење до Судот доставени се 4 известувања до граѓани со фотокопија од доставници за прием.

По завршување на постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета сочинет е Извештај бр.23-1628/128 од 22.06.2023 година, (ЈА од 01.06.2023 – 07.06.2023) што значи, спротивно на член 35 став 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештајот не е изготвен во законски предвидениот рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета.

После спроведени две јавни анкети, спротивно на член 36 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, не достави стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на конечниот предлог на урбанистичкиот план од страна на надлежната комисија за урбанизам.

Доносителот на актот во одговор на наводите појасни дека Комисијата за урбанизам сочинила Заклучок бр.23-1628/116 од 18.04.2023 година, кој бил доставен до Министерството за транспорт.

Од анализата на Заклучокот бр.23-1628/116 од 18.04.2023 година, се утврди дека овој заклучок е донесен по добиено Известување за констатирани недостатоци бр.21-5035/2 од 28 октомври 2022 година, од страна на Министерството за транспорт и врски, Сектор за уредување на просторот – Скопје.

Со допис бр.23-1628/144 од 19.07.2024 година, Општина Гостивар преку информацискиот систем е-урбанизам (постапка бр.8096), до Министерството за транспорт доставила барање за согласност на Конечен предлог-план за измена и дополнување на Детален урбанистички план за блок 24 КО Гостивар 1, Општина Гостивар.

По разгледувањето на Конечниот предлог-план и документација, Министерството за транспорт со известување за констатирани недостатоци бр.21-817/1 од 23.07.2024 година, не ја дало бараната согласност поради забалешки кои таксативно се наведени во 10 точки во известувањето за констатирани недостатоци. На крајот од известувањето е дадена напомена дека по постапување по забелешките, деталниот урбанистички план треба да се достави на согласност до Министерството за транспорт со ново барање, со што ќе продолжи постапката за негово донесување.

Општина Гостивар во одговор на наводите, до Судот не достави доказ дека ги отстранила констатираните недостатоци утврдени од страна на Министерството за транспорт.

Согласно со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручна комисија формирана од градоначалникот на општината треба да е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Видно од составот на комисијата, со Решението бр.23-1628/121 од 25.05.2023 година и одговорот на Општината, градоначалникот на Општина Гостивар не формирал стручна комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета во согласност со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно, освен надворшниот член – изработувач на планот, останатите два члена  се вработени лица во општинската администрација.

Донесувачот на актот во одговор на наводите, појасни дека од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа, за овој урбанистички план општината имала вонреден инспекциски надзор за што достави копија од записник бр.20-968 од 19.09.2025 година, за извршен инспекциски надзор во прилог на доказите.

V

Начелото на уставност и начелото на законитост се неделиво поврзани и произлегуваат од положбата на Уставот како највисок правен акт во хиерархијата на правните акти. Ваквата положба на Уставот во однос на другите правни акти произлегува од член 51 од Уставот, како клучна уставна одредба во утврдувањето на уставноста како правен принцип и тоа како принцип на супремација и приоритет на Уставот. Од овие уставни одредби произлегува и хиерархијата на правните акти, во смисла што сите закони мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со законот.

Законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Како дел од постапката за донесување на плановите во зависност од просторот кој е предмет на планирање, е добивање потребната согласност на планот изработен во форма на предлог-план и изготвен позитивен извештај за стручна ревизија, согласно со член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ваквата согласност ја дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истиот е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Постапката за донесување на урбанистичките планови е од посебно значење за уредувањето и користењето на просторот, која што мора да ги содржат сите  елементи утврдени во Законот. Од наведената законска одредба, произлегува дека согласноста што ја издава Министерството надлежно за работите од областа на уредувањето на просторот, во конкретниот случај, Министерството за транспорт, претставува составен дел, односно фаза од постапката за донесување на деталните урбанистички планови. Со оглед дека дадената согласност подразбира дека урбанистичкиот план е изработен во согласност со одредбите од  Законот, планот на кој не е дадена согласност, не може да се спроведува и да произведува правно дејство. Тоа, со други зборови значи дека во самиот Закон за просторно и урбанистичко планирање при донесување на урбанистичките планови е утврдена поделена надлежност меѓу органите на единциите на локалната управа и Министерството за транспорт, како еден од органите на извршната власт.

При анализата на доставените докази од страна на доносителот на оспорените акти наспроти наводите во иницијативите по однос на оспорените одлуки донесени од страна на Советот на Општина Гостивар и тоа Одлука за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 ха, за плански период 2019-2029 и Одлука за усвојување на конечен Детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028, Судот утврди дека двете оспорени одлуки се донесени без претходно добиена согласност од страна на Министерството за транспорт како орган на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај Министерството за транспорт не издало согласност за двете оспорени одлуки за донесување детален урабнистички план, неспорно произлегува дека доносителот на оспорените акти постапил спротивно на уредувањето во член 38 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со што ги пречекорил своите законски овластувања, и притоа сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот пропишал дека во постапката за донесување на видовите на планови од член 7 од овој закон, во конкретниот случај урбанистичките планови, постои обврска за изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која смисла донесувачот на урбанистичкиот план  е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Според член 65 став 6 од Законот за животна средина, органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот 4 на овој член.  Според ставот 10 на истиот член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со член 61 став 8 од овој закон.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на Детален урабнистички план, да донесе Одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена. Притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно член 65 од Законот за животната средина, на што упатуваат и одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.

Во конкретниот случај, в.д.градоначалникот на Општина Гостивар, по однос на постапката за донесување Конечен предлог- детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, на 04.11.2024 година, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година во која во точката 2 од Одлуката е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страницата на Општина Гостивар www.gostivari.gov.mk.

Оваа одлука објавена е на веб-страницата на Општината на 25.11.2024 година.

При вака утврдена фактичка и правна состојба, произлегува дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година) не била истакната на веб-страницата на Општина Гостивар, како што пропишува Законот за животната средина, односно, не е објавена во законски пропишаниот рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката.

Во постапката за донесување на Одлука за усвојување на конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, по однос на Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.24-1746/1 од 02.10.2023 година, на која се повикува доносителот на актот, при пребарувањето не утврдивме дека истата е објавена на веб-страницата на Општината.

Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска оцена на веб- страницата на општината е законски пропишана обврска при донесување на детален урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката на веб-страницата на општината е значаен дел од постапка за донесување на детален урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина.

Оттука, необјавувањето на двете оспорени одлуки, односно непочитување на законски пропишаниот рок за објавување на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина, значи дека во двете оспорени одлуки, не е во целост запазена постапката за донесување на Детален урбанистички план, што значи повреда на постапката за донесување на Детален урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Спроведување на јавната презентација и јавна анкета, на предлог на детален урбанистички план е исто една од фазите за донесување Детален Урбанистички план.

Согласно со член 35 ставови 10 и 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, градоначалникот на општината формира стручна комисија за спроведената јавна презентација и јавна анкета составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање, која изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам.

Од анализата на донесените решенија од страна на градоначалникот на Општина Гостивар по двете оспорени одлуки, Судот утврди дека во постапката за донесување Одлука за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, градоначалникот донел решението бр.18-253/37 од 25.10.2024 година, додека во постапката за донесување на Одлука за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, Градоначалникот на општина Гостивар донел решението бр.23-1628/121 од 25.05.2023 година.

Видно од составот на членовите на Комисијата, во двете решенија како и видно од одговорот на Општината, градоначалникот на Општина Гостивар не формирал стручна комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета во согласност со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно, освен надворешниот член – изработувач на планот, останатите два члена  се вработени лица во општинската администрација. Тоа значи, во двете комисии не членуваат стручни лица согласно со Законот, во однос на членовите кои треба да се назначени од општинската администрација, односно, вработено лице кое е надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Покрај тоа, членовите во двете комисии формирани со две одделни решенија, по завршување на постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета по однос на Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар изготвиле Извештај бр.18-253/43 од 25.11.2024 година, а по однос на постапката за донесување на Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, изготвиле Извештај бр.23-1628/128 од 22.06.2023 година, (ЈА од 01.06.2023–07.06.2023). Од извршениот увид во доставената документа¬ција, произлегува дека, спротивно на член 35 став 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, во двата извештаи, комисиите не го запазиле законски предвидениот рок од пет работни дена за изготвување на извештаите од денот на завршување на јавната анкета.

По однос на оспорувањето за повреда на член 36 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање при донесувањето на Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, од прибавената документација произлегува дека, по спроведените две јавни анкети, не е доставено стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на конечниот предлог на урбанистичкиот план од страна на надлежната Комисија за урбанизам. Имено, донесен е Заклучок бр.23-1628/116 од 18.04.2023 година којшто бил доставен до Министерството за транспорт.

Овој заклучок е донесен по добиеното Известување за констатирани недостатоци бр.21-5035/2 од 28 октомври 2022 година, од страна на Министерството за транспорт и врски, Сектор за уредување на просторот – Скопје.

Општина Гостивар преку информацискиот систем е-урбанизам (постапка бр.8096), со допис бр.23-1628/144 од 19.07.2024 година до Министерството за транспорт, доставила барање за согласност на Конечен предлог-план за измена и дополнување на деталниот урбанистички план за блок 24 КО Гостивар 1, Општина Гостивар.

По разгледувањето на Конечниот предлог-план и документација, Министерството за транспорт, до Општина Гостивар доставило известување за констатирани недостатоци бр.21-817/1 од 23.07.2024 година, со констатирани недостатоци таксативно наведени во 10 точки од известувањето. На крајот од известувањето е дадена напомена дека по постапување по забелешките, Деталниот урбанистички план треба да се достави до Министерството за транспорт со ново барање за согласност, со што ќе продолжи постапката за негово донесување.

И покрај истакнатите забелешки, Советот на Општина Гостивар, по Заклучокот на Комисијата за урбанизам бр.23-2628/149 од 05.08.2025 година и Известувањето од градоначалникот на Општина Гостивар бр.23-1628/150 од 06.08.2025 година, констатирал дека постапката може да продолжи по што го усвоила урбанистичкиот план без потребната согласност од страна на Министерството за транспорт.

Во однос на законскиот услов, добивање согласност од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, од прибавената документација произлегува дека Советот на Општина Гостивар ги донел двете оспорени одлуки за Деталниот урбанистички план за блок 25 и Деталниот урбанистички план за блок 24, без добиена согласност спротивно на член 38 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

При утврдување на фактичката состојба, Судот ги имаше предвид сите доставени докази во претходна постапка, од кои произлегува дека има отстапки во постапката за донесување на оспорените одлуки коишто претставуваат повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и на член 51 од Уставот којшто предвидува дека сите учесници вклучени во постапката за урбанистичко планирање, а особено локалната самоуправа како носител на процесот на урбанистичко планирање, треба да го обезбеди системот на урбанистичко планирање преку континуиран процес на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на плановите. Ова од причина што, тоа е единствениот начин преку кој може да се обезбеди правната сигурност на граѓаните во важењето и спроведувањето на донесените акти коишто мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, што се операционализира и остварува на начин и постапка утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во однос на наводите на Министерството за транспорт, како подносител на иницијативите дека оспорените одлуки не се во согласност со член 35 ставови 10 и 11 и член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, член 93 од Законот за урбанистичко планирање, член 65 став 10 од Законот за животната средина, а по однос на втората оспорена одлука и член 36 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а имајќи го предвид и фактот дека во конкретниот случај, од страна на Советот на Општина Гостивар, не се доставени докази дека е испочитувана и спроведена постапката за донесување на оспорените одлуки во согласност со одредбите од наведените закони, Судот изрази сомнеж дека при донесувањето на оспорените детални урбанистички планови, не се испочитувани основните фази на постапката за донесување на детален урбанистички план, предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на владеењето на правото како темелна вредност и на член 51 од Уставот.

VI

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски