На 25 јуни 2025 година во 9.30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 14. седница со Дневен ред за кој се предвидени осум иницијативи за оценување уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и два предлози за одлучување со нацрт-одлуки.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.135/2023
Оспорен: член 11 став 1 точка 1 и 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа
Подносител на иницијативата: Славко Лазовски
Од наводите во иницијативата:
Се оспорува редоследот на имињата на министерствата при набројување како функции на државната управа бидејќи Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи се на врвот на наброените институции. Подносителот смета дека редоследот на министерствата наброени во оспорената одредба не го отсликува граѓанскиот карактер на државата што е спротивно на духот на функционирањето на граѓанските држави засновано на владеењето на правото и социјалната правда.
2. Реферат У.бр.231/2024
Оспорен: член 93 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022)
Подносител на иницијативата: Миа Георгиевска, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека по донесување на оспорената одредба престанува вршењето на функцијата на Второстепената комисија и надлежноста за вршење на функцијата-водење на започнатите, а сеуште незавршени постапки и се дава законска основа за постапување на Регулаторната комисија за енергетика како првостепен орган кој ги донел првостепените одлуки по чии жалби одлучувала Комисијата за жалби. Се тврди дека во правниот поредок се случува преседан на начин што и како првостепен и како второстепен орган се јавува исто тело- Регулаторната комисија за енергетика. Се наведува дека во случај на претпоставена постапка кога Управниот суд би го вратил предметот на повторно одлучување на второстепената комисија за жалби, со оглед дека таа не постои согласно оспорената одредба, второстепената одлука ќе треба да ја донесе истата комисија која ја донела и првостепената одлука, а тоа е Регулаторната комисија за енергетика.
3. Реферат У.бр.254/2024
Оспорен: член 288, член 381 ставови 3 и 4, член 483, 484, 485, 486, 487, 488, 489 и 490 од Законот за кривичната постапка
Подносител на иницијативата: Александра Илиева-Милчова, адвокат од Скопје
Од наводите во иницијативата: Подносителката смета дека Јавното обвинителство има точно утврдени надлежности со крајна цел да ги гони сторителите на кривични дела и не може во исто време да биде и орган кој ќе пресудува дали постои кривично дело или ќе ги отфрли пријавите, дали било застарено делото и дали постоеле други околности кои евентуално би допринеле да не се гони сторителот. Се наведува дека оспорените одредби не се во согласност со членот 13 од Уставот.
4. Реферат У.бр.4/2025
Оспорен: член 9 став 4 во делот „без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци“ од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта
Подносител на иницијативата: Манчо Манчев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Се наведува дека со оспорената одредба се овозможува вработување на лице на арбитрарен начин поради немање на оглас кој ќе ги содржи условите за вработување на кои би се јавиле заинтересираните кандидати и тоа доведува до правна несигурност.
5. Реферат У.бр.9/2025
Оспорен: член 167 став 4 во делот „Законот за државните службеници“ од Законот за заштита на културното наследство
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел упатува на примена на одредба која не е дел од правниот промет во Република Северна Македонија.
6. Реферат У.бр.148/2023
Оспорен акт: Правилник за начинот и постапката за следење на функционирањето на пазарите на енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2023)
Подносител на иницијативата: Кренар Лога
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот правилник е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ спротивно на членот 52 од Уставот поради тоа што не е испочитуван уставниот рок за објавување на прописите во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
7. Реферат У.бр.217/2024
Оспорен акт: Уредба за националната рамка на високообразованите квалификации („Службен весник на Република Македонија бр.154/2010)
Подносител на иницијативата: Васе Андриевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот во иницијативата наведува дека Владата со оспорената Уредба, конкретно во членот 13 не го вклучила поранешното вишо образование (VI степен прв циклус), додипломски студии-целата завршена студиска програма три години (31 испит), поради што во правниот промет се изедначува со VI степен, кратки циклуси-делумно завршени студиски програми во рамките на првиот циклус, една до две години (10 до 20 испити), што е спротивно на член 9, член 44 и член 51 од Уставот. Се наведува и дека е спротивен на Законот за високото образование и Законот за националната рамка на квалификациите, со што се врши повреда на правата на граѓаните кои се засегнати.
8. Реферат У.бр.161/2023
Оспорен акт: член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште бр.01- 2845/3 од 02.07.2007 година
Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.
II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
1. У.бр.165/2024
Подносител на барањето: Билјана Ванковска – Цветковска од Скопје во својство на потврден независен претседателски кандидат
Оспорен акт: Точка 3 од Упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година
Од наводите во барањето:
Подносителката на барањето смета дека со оспорениот акт ѝ е сторена дискриминација по основ на политичка припадност и го повредува нејзиното уставно загарантирано право на политичко дејствување бидејќи распределбата на минутажата за платено политичко рекламирање (ППР) за Претседатеските избори 2024 е заснована на наприменлива и нерелевантна законска одредба in conreto. Имено, во барањето се наведува дека со упатството ѝ се скратува нејзиното право за ППР за најмалку 51,5 секунди со што ѝ се повредуваат нејзините уставно загарантирани права на политичко дејствување и еднаквост пред законите т.е забрана на дискриминација по основ на политичка припадност. Со ова дејствие сторена е и повреда на правото како граѓанин активно да учествува во политичкиот живот преку кандидирање за вршење јавни функции и да биде избрана на фер и демократски избори, како и дискриминација по основ на политичка припадност што ја доведува во нееднаква и понеповолна положба во однос на нејзиното политичко дејствување vis-à-vis останатите претседателски кандидати, особено оние со поголема доделена минутажа.
2. БЗСП бр.1/2025
Подносител на барањето: Ангелчо Бузлиев
Оспорени акти: Пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 25 март 2022 година и пресуда на Апелациониот суд Скопје донесена на 15 октомври 2024 година.
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот. Според наводите во неговото барање, го известува Судот дека незаконски, без негово знаење и одобрување, му е преземан имот, и во текот на судските постапки било утврдено дека ја продал сопственоста поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации. Подносителот тврди дека двата суда, во постапките го дикриминирале и не му дозволиле да докаже дека преземањето на неговата фирма, фото-напонската централа и земјиште од 40 000m2 од закупец кој според него потоа станал сопственик, било овозможено на начин што судовите го третирале како странка со лоша имотна состојба и не му ги прифатиле ниту наводите, ниту сведоците за да ја докаже сопственоста.
III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр.197/2024
Уставниот суд на 09.04.2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 47 и 48 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/14 и 36/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/23, 263/23, 286/23, 135/24, 218/24 и 275/2024).
2. У.бр.251/2024
Уставниот суд на 12.03.2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел II „Општ дел“ точка 5 потточка 1 во делот „„Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ и потточка 2 во делот „„Вкупно нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021).