У.бр.197/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.197/2024
Скопје, 09.04.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 47 и 48 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.141/14 и 36/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/23, 263/23, 286/23, 135/24, 218/24 и 275/2024).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 од актот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Славко Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 и член 47 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби се спротивни на член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, бидејќи воведуваат различни коефициенти со што се дискриминираат одредени авторски дела по основ на нивна употреба или тип.

На овој начин се повредува и Законот за авторското право и сродните права, согласно кој вреднувањето на авторските дела треба да се врши според јасно дефинирани и транспарентни критериуми коишто гарантираат фер и правична распределба на авторските надоместоци, што не е случај со оспорените одредби кои воведуваат нејасни и субјективни критериуми.

Специфичните износи кои треба да се платат од корисниците на различни видови музика, вклучувајќи кулисна музика, авизо музика, музика за драмски или филмски дела и слично, согласно Законот за авторското право и сродните права, се утврдуваат со тарифи кои ги донесуваат организациите за колективно управување со авторски права, а не со правилник кој ја уредува распределбата на прибраните авторски надоместоци.

Правилникот во кој се содржани оспорените одредби, го регулира начинот на кој се распределуваат собраните тантиеми и надоместоци помеѓу авторите, изведувачите и другите носители на правата, соодветно на висината на платените или прибраните износи од корисниците според тарифите, а согласно евиденциите и податоците за користење на делата.

Уставното начело за еднаквост се однесува и на принципите според кои се третираат различните видови авторски дела и секое лице има право на еднаквост пред законот што треба да се применува и на правата и обврските кои произлегуваат од законите, правилници и други нормативни акти.

Бидејќи со оспорените одредби се воведуваат различни коефициенти кои директно или индиректно фаворизираат одредени дела пред други, без да има за тоа разумен и оправдан основ, се прекршува начелото на еднаквост, бидејќи авторите на тие дела се ставаат во нееднаква положба.

II

Судот утврди дека во оспорениот член 47 став 6 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци беше предвидено дека авторските музички дела кои се употребуваат или користат од страна на корисниците класифицирани во репартициски класи 100) и 300) во смисла на член 34 од овој правилник, во временскиот период од 00:00 часот до 7:00 часот се вреднуваат со коефициент 0,10 за траење од 1 (една) минута.

Исто така, Судот утврди дека оваа одредба е изменета во целост со член 6 од Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторските надоместоци објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2024.

Потоа, се утврди и дека согласно член 47 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, врз основа на начинот на употреба на делото и степенот на застапеност на музиката во делото, видот на изведувачкиот состав, музичкото дело кое се употребува или користи како: авизо музика, односно употреба на музички мотиви за најава и/или одјава на програма или емисии (вести, репортажи, драми и сл.), за раздвојување на делови од иста емисија (звучни завеси, џинглови или музички ефекти во реклами) или повеќе различни емисии, добива коефициент 0,10 (алинеја 1) и кулисна музика, односно употреба на музички дела или нивни фрагменти како кулисна музика во говорни емисии (вести, репортажи, како и во својство на придружна музика во емисиите од други жанрови (поезија, проза, ТВ серија, драма и сл.) добива коефициент 0,05 (алинеја 2).

III

Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 9 од Уставот, предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 30 став 1 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според став 2 на истиот член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Согласно ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Член 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010-исправка, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците-изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на Законот.

Во член 1-а став 2 од истиот закон е уредено дека јавно користење означува секое користење на авторското дело, односно на предметот на сродните права, достапно на јавноста или користење на авторско дело односно предмет на сродните права во простор до кој јавноста има пристап, како и овозможување на достапност на припадник на јавноста до авторско дело односно предмет на сродните права во време и место кое самиот ќе го избере.

Член 2 став 1 од Законот, предвидува дека авторското дело и предметите на сродните права се сметаат објавени доколку станале достапни на јавноста, во согласност со носителите на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено (член 3 од Законот).

Согласно член 12 став 1 од Законот, авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма, додека според точка 2 од став на овој член, за авторско дело се смета особено, меѓу другото, музичко дело, со или без текст.

Според член 20 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело, додека согласно став 2 од истиот член, авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.

Член 30 точки 1-7 од Законот, определува што е јавно соопштување во смисла на овој закон: 1) јавно изведување; 2) јавно пренесување; 3) јавно изложување; 4) јавно прикажување; 5) радиодифузно емитување; 6) реемитување и 7) ставање на располагање на јавноста.

Согласно член 63 став 1 од истиот закон, авторот може да пренесе на други лица одделни материјални права, на начин и под услови определени со овој закон. Пренесувањето од ставот 1 на овој член може да се врши со наследување, со пишан договор (исклучиво и неисклучиво) или на друг пишан начин (неисклучиво) со дозвола, изјава, согласност и слично (став 2 на истиот член).

Член 66 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, уредува дека авторскиот надоместок се определува според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење.

Членот 129 став 1 од овој закон, предвидува дека носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон.

Колективното управување со правата од ставот 1 на овој член, опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти (став 2 на истиот член).

Ставот 3 на овој член, нормира дека колективно се управуваат авторското право и сродните права само за објавени авторски дела и за објавени предмети на сродните права, додека според став 5 на овој член, во случај на колективно управување правата се пренесуваат неисклучиво.

Во член 131 точки 1-10 од овој закон е утврдено кои права по правило се управуваат колективно: 1) јавно соопштување несценско музичко и несценско книжевно дело; 2) право на авторот на надоместок од правото на следство; 3) право на авторот на надоместок од јавна послуга; 4) право на надоместок на автор и изведувач за изнајмување фонограми или видеограми; 5) право на надоместок на изведувач за радиодифузно емитување и друго јавно соопшување на својата изведба што, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка; 6) право на надоместок на изведувач и на произведувач на фонограми од единствениот надоместок од јавно соопштување на фонограми со изведби издадени за комерцијална цел; 7) право на надоместок на автор и издавач од умножување на хартија или на сличен носач на запис, по пат на фотокопирање или која било слична техника со слични ефекти, за приватно користење; 8) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на фонограмот од умножување на фонограм за приватно користење; 9) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на видеограмот (филмски продуцент) од умножување на видеограм за приватно користење и 10) право на кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права кое, како исклучиво право, задолжително се управува колективно, освен правото на емитување од радио-телевизиска организација, независно дали се работи за нејзиното сопствено право или правото и е пренесено од друг носител на правата.

Согласно член 132 став 1 од овој закон, колективно управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).

Според став 2 на овој член, организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата за конкуренција.

Обврските на истата се утврдени со член 133 точки 1-12 од Законот за авторското право и сродните права: 1) ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Македонија и во странство; 2) ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично; 3) донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон; 4) склучува договори со соодветни организации во странство; 5) неисклучиво пренесува право за користење авторски дела и предмети на сродни права со договор или на друг пишан начин; 6) ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; 7) бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата; 8) врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права; 9) обезбедува внатрешна контрола, отчетност и одговорност на органите и лицата за работите во нивна надлежност во согласност со закон и општите акти; 10) обезбедува и овозможува јавност на работењето (обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата); 11) обезбедува и овозможува увид во работењето и податоците од страна на носителите на правата, на начин, во обем и под услови определни со закон и општи акти на организацијата; и 12) обезбедува и одржува просторни, кадровски и други услови определени со овој закон заради успешно остварување на работата.

Заради електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права, организациите за колективно управување се должни да обезбедат и да инсталираат кај радио-телевизиските организации систем за електронско евидентирање на емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права (во натамошниот текст: систем за електронска евиденција) (член 135-а став 1 од Законот).

Системот за електронска евиденција обезбедува особено: идентификување на емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права во времето кога тие се емитуваат на програмата на радио-телевизиската организација, со дозволено временско отстапување согласно актот од член 135-д став (2) од овој закон; записи од емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права; дневни, месечни и годишни извештаи и други периодични извештаи за емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права по одредени параметри (број на емитувања на авторското дело, односно предметот на сродно право, временски период на емитување, времетраење на емитување, идентификување на радио-телевизиските организации на кои е емитувано делото, дневен извештај за радио-телевизиските организации кои евидентирале податоци за емитувани авторски дела односно предмети на сродни права во системот за електронска евиденција); известување по електронски пат до лицето во организацијата за колективно управување и лицето во радио-телевизиската организација за прекинот во работата на системот за електронска евиденција; и чување на податоците од системот за електронска евиденција во рок од пет години од денот на нивното евидентирање (став 6 алинеи 1-6 на истиот член).

Во членот 137 од Законот, се содржани дефиниции за поимите „корисници“ (на авторско дело) и „крајни корисници“ (на услугите на корисниците на авторските дела).

Според став 2 на овој член, корисник, во смисла на ставот 1 на овој член, е физичко или правно лице кое користи авторско дело и/или предмет на сродни права за вршење на дејност или занимање. Доколку повеќе корисници заеднички користат авторско дело, односно предмет на сродни права, обврските кон организацијата ги исполнуваат солидарно, доколку со претходен меѓусебен договор поинаку не се договориле.

Согласно став 3 на истиот член, како краен корисник на услугите на корисниците од ставот 1 на овој член, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице кое како потрошувач за непосредна сопствена потрошувачка за цели што не се наменети за вршење на негово занимање или за други деловни дејности, користи услуги во кои се содржани авторски дела, односно предмети на сродни права.

Во член 144 став 1 од овој закон е предвидено дека организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање.

Според ставот 2 на овој член, распределбата на надоместоците од ставот 1 на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права се распределуваат меѓу авторите, односно носителите на сродни права врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а од овој закон (став 3 на истиот член).

И на крајот, согласно став 5 на овој член, средствата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи и средствата кои организацијата ги прибира од кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права, се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција односно во согласност со податоците од член 135 ставови 6 и 7 од овој закон.

Врз основа на член 132 став 2 и член 144 од Законот за авторското право и сродните права и членовите 13, 24 и 48 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), Собранието на ова здружение, на седницата одржана на 23.09.2014 година го донело Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 од 24 септември 2014 година.

Овој правилник е изменуван и дополнуван повеќе пати и тоа: Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2016); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281/2022) кој е поништен со Одлука У.бр.25/2023 од 27.09.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија; Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023); Правилник за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2024); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за дополнување на Правилникот измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ 286/2023) и Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2024) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.218/2024); и Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2024).

Согласно член 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, овој правилник ги утврдува основните начела за распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права (во понатамошен текст: носители на права) кои ЗАМП колективно ги управува во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање, како и врз основа на Решението за давање дозвола согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија (во понатамошен текст: ЗАПСП).

Според член 3 од овој правилник, правата од член 2 на овој правилник, ЗАМП ги управува врз основа на Законот за авторското право и сродните права, Статутот на ЗАМП, овој правилник и други акти и одлуки донесени врз основа на Статутот. Во согласност со соодветните законски прописи, ЗАМП го обезбедува колективното управување со моралните и материјални права на носителите на права.

Во член 4 став 1 од Правилникот, е предвидено дека ЗАМП колективно ги управува авторските музички права на носителите на права кои со пријавување на своите дела или врз основа на договор за тоа му даваат овластување на ЗАМП.

Согласно член 5 став 1 од Правилникот, авторските права на носителите на права ЗАМП ги управува под еднакви услови.

Одредбите на овој правилник се задолжителни за сите носители на права чии права ЗАМП ги управува согласно ЗАПСП, Статутот, како и врз основа на договор со авторот (став 2 на истиот член).

Согласно член 10 од Правилникот, ЗАМП колективно ги управува само објавените несценски музички дела.

Во колективното управување на авторските музички права, ЗАМП ги извршува следниве работи: неисклучиво пренесува право за користење авторски дела со договор или на друг пишан начин; ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; врши пресметка, распределба и исплата на авторски надоместоци примени од странските организации, за користење дела од домашни автори во странство; склучува договори за умножување несценски музички дела на фонограми и видеограми, како и за други видови користења на музички несценски дела и го контролира извршувањето на тие договори; од корисниците на музички дела собира програми и податоци за изведените и снимените дела и води евиденција за тоа; врши контрола за користењето на авторските дела; ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и другите органи заради заштита на авторското право и слично; презема и други мерки предвидени со законот и со други прописи заради заштита и остварување на колективното управување на авторските музички права (член 11 точки 1-8 од Правилникот).

Репертоарот на ЗАМП го сочинуваат објавени музичко несценски дела како што се: а) ораториуми, кантати, дела на симфониската, камерната, солистичката, хорската, забавната, детската, народната, џез музиката и сл.; б) извадоци од музички сценски дела (опери, балети, оперети и сл.) без оглед на нивното траење под услов тие извадоци да не претставуваат драмска целина; в) музика од музичко-кореографски дела (концертни и радио изведувања) без оглед на траењето; г) музички дела користени во драмски дела, било да се користени како музичка придружба или како музичка илустрација или да се вклопени во самиот драмски текст; д) музика користена во ТВ серии, ТВ филмови и кинематографски филмови што се емитуваат преку телевизија; ѓ) несценски музички дела кои драмско-сценски или кореографски се прикажуваат на сцена или телевизија; е) музика за музичко-литературни емисии или приредби (музички приказни, рецитали, хумористични и слични емисии, приредби и слично); ж) музички дела употребени за шпици, звучни записи, интермеца со звучна илустрација; з) обработка на народни творби (член 13 точки а) до з) од Правилникот).

Во член 30 став 1 од Правилникот е определено дека музичко дело (оригинално или обработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото.

Според член 32 алинеи 1 до 11 од истиот правилник, наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се однесува на следните категории: радио (Македонско радио и Трговски радиодифузни друштва (радија) на државно ниво); радио (Трговски радиодифузни друштва на регионално и локално ниво); телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на државно ниво); телевизија (Трговски радиодифузни друштва (телевизии) на регионално и локално ниво); приредби (приходи од забави, игранки, другарски вечери,матурски, дипломски, модни ревии, артистичкии спортски натпревари); угостителски објекти; концерти на популарна музика; концерти на сериозна музика; концерти на џез музика; јавно пренесување приходи по основ на јавно соопштување преку звучник, екран или било кое друго техничко средство во (угостителски објекти, дискоклубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, занаетчиски дуќани, превозни средства, спортски објекти и др.) и кабелско реемитување.

Согласно член 33 став 1 од овој правилник, авторските надоместоци за јавно соопштување на музички дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се основа за формирање на репартициски класи. Авторските надоместоци од секоја репартициска класа на прибрани средства се внесуваат во соодветниот репартициски фонд.

Според став 2 од истиот правилник, секој репартициски фонд се состои од надоместок наплатен за јавно соопштување на музички дела од соодветната репартициска класа.

Во член 39 од Правилникот е предвидено дека поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.

Согласно член 41 од истиот акт, распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Според член 46 став 1 од Правилникот, пресметката на авторскиот надомест се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или каква било употреба на музичкото дело.

Траењето на авторското музичко дело од 1 (една) минута се вреднува со коефициент 1 (еден) (став 2 на истиот член).

Пресметката на авторскиот надомест со оглед на периодот на користење на авторското музичко дело кое се емитува:
– 10 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,30;
– 20 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,60;
– 30 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,90;
Како момент на настанување на делото се зема датумот на пријава на делото во ЗАМП, односно првото евидентирано користење во ЗАМП доколку и претходи на пријава на делото (став 3).

Секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент (став 4).

Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута (став 5).

Во оспорениот член 47 од Правилникот е предвидено дека врз основа на начинот на употреба на делото и степенот на застапеност на музиката во делото, видот на изведувачкиот состав, музичкото дело кое се употребува или користи како: авизо музика, односно употреба на музички мотиви за најава и/или одјава на програма или емисии (вести, репортажи, драми и сл.), за раздвојување на делови од иста емисија (звучни завеси, џинглови или музички ефекти во реклами) или повеќе различни емисии, добива коефициент 0,10 (алинеја 1); кулисна музика, односно употреба на музички дела или нивни фрагменти како кулисна музика во говорни емисии (вести, репортажи, како и во својство на придружна музика во емисиите од други жанрови (поезија, проза, ТВ серија, драма и сл.) добива коефициент 0,05 (алинеја 2).

Член 48 став 1 од Правилникот, предвидува дека за музичките дела кои се користени како авизо музика се зема траење од 30 секунди, доколку траењето на делото наведено во програмата е подолго од 30 секунди.

Според став 2 на овој став, вкупното ефективно траење на музичко дело користено како авизо музика не може да биде поголемо од 30.000 секунди, во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период.

Вкупното ефективно траење на музичкото дело користено како кулисна музика не може да биде поголемо од 60.000 секунди во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период (став 3 на истиот член).

IV

Уставната гаранција од член 47 став 2 од Уставот, на правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво, значи дека Републиката има позитивна обврска, меѓу другото, да воспостави правна рамка која ќе овозможи остварување и заштита на овие права коишто се израз и потврда на личната слобода со огромно значење за духовниот и културниот развој на поединецот и општеството и претставуваат манифестација на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување.

Таквата правна рамка, кај законите треба да е во согласност со уставните вредности и норми, додека на подзаконско ниво и со законските одредби кои се однесуваат на овие права.

Во однос на уставните одредби, посебно треба да се имаат предвид и член 8 алинеја 6 и член 30 од Уставот кои се однесуваат на сопственоста, имајќи предвид дека субјективните права кои произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид творештво, вклучувајќи ги и авторските права, се именуваат како интелектуална сопственост, чија содржина е слична со овластувањата кои произлегуваат од правото на сопственост врз стварите од материјална природа.

На законско ниво, правната рамка која ги уредува прашањата кои се однесуваат на авторското право и сродните права е воспоставена со Законот за авторското право и сродните права.

Меѓу другото, овој закон дефинира што претставува јавно користење на авторско дело, односно сродно право (член 1-а став 2); ги утврдува условите под кои се смета дека авторското право и предметите на сродните права се сметаат за објавени (член 2 став 1); и определува што е јавно соопштување на делото во смисла на овој закон (член 30).

Потоа, утврдува начело дека авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено (член 3 од Законот); го утврдува музичкото дело, со или без текст како еден од видовите авторски дела (член 12 став 2 точка 4); и предвидува дека авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон (член 20 став 2).

Во Законот се утврдени и основите за определување на авторскиот надомест: според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење (член 66 став 1).

Заради остварување на правата определени со овој закон, предвидени се облиците на управување со авторските и сродните права: индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник и колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон (член 129 став 1).

Колективното управување опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти (став 2 од истиот член), при што ова управување се однесува само за објавени авторски дела и за објавени предмети на сродните права (став 3) и таксативно набројани во член 131 од Законот.

Во делот на колективното управување, Законот посебно предвидува дека во таков случај, правата се пренесуваат неисклучиво (член 129 став 5).
Покрај ова, утврдени се и условите за правниот субјект кој може да врши колективно управување – правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација) (член 132 став 1), како и начинот на работа на оваа организација – со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и почитување на правилата за конкуренција (став 2 на овој член), при што обврските на организацијата се утврдени во член 133 точки 1 – 12.

Меѓу другото, со точката 6 на член 133 од Законот е утврдена обврска за организацијата да ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти.

Освен што ги утврдува основите за определување на авторскиот надоместок, Законот за авторското право и сродните права го уредува и начинот на кој се утврдува користењето на авторските дела врз основа на кое се врши распределбата на надоместоци.

Според став 2 на член 144, распределбата на надоместоците од ставот 1 на овој член, се врши согласно евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Притоа, распределбата на надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права согласно податоците за емитување добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а од овој закон, што исто така е детално уредено.

Од друга страна, Правилникот за распределба на авторските надоместоци, во кој се содржани оспорените одредби, детално ги разработува законските одредби кои се однесуваат на остварувањето на материјалните права на авторите на музички дела во делот на пресметката и распределбата на авторските надоместоци како материјални права со кои колективно управува ЗАМП.

Истиот е подзаконски акт, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) врз основа на член 133 точка 3 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.

Согласно првата одредба, организацијата за колективно управување со авторското право и сродните права, има обврска да донесува и објавува општи акти за прибирање и распределба на надоместоци од користењето и донесувањето и објавувањето на овие акти да е во согласност со закон.

Втората пак, содржи овластување за оваа организација да донесе општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и нејзиниот статут, односно со договорот за нејзино основање.

Правилникот, утврдува правило за категоризација и определување на музичко дело (оригинално или обработка) – согласно на ефективното траење на делото (член 30 став 1); потоа, предвидува различни категории според видот на користењето при јавно соопштување на музички несценски дела за наплата на авторските надоместоци во една календарска година (член 32 алинеи 1 до 11); и врз основа на ова, определува различни репартициски класи како начин на разликување на видот на користење на музичките дела преку нивно јавно соопштување во една календарска година и основ за постоење различни репартициски фондови во кои се уплатуваат надоместоците за јавно соопштување за соодветна репартициска класа (член 33 став 1 и 2).

Покрај ова, Правилникот предвидува дека распределбата на надоместоците се врши согласно евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност (член 41).

Во член 46 од Правилникот пак е детално разработен начинот на утврдување и пресметка на авторскиот надоместок кој се распределува на авторите на музичките дела.

Општото правило е дека се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или каква било употреба на музичкото дело (став 1 на овој член), при што траењето од една минута се вреднува со коефициент 1 (еден) (став 2 на истиот член).

Став 3 на овој член, предвидува посебно вреднување на авторските музички дела во однос на годините по настанување на делото (за десет години после настанувањето, коефициент 1,30; за 20 години после настанувањето, коефициент 1,60; и за триесет години после настанувањето, коефициент, 1,90).

Во овој член, се содржани и одредби кои се однесуваат на начинот на пресметување, така што секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент (став 4), при што деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута (став 5).

Со оспорениот член 47 од Правилникот за распределба на авторски надоместоци, се предвидува посебно вреднување на авизо музика и кулисна музика, за кои во двете алинеи од овој член е даден нивен опис: (1) употреба на музички мотиви за најава и/или одјава на програма или емисии (вести, репортажи, драми и сл.), за раздвојување на делови од иста емисија (звучни завеси, џинглови или музички ефекти во реклами) или повеќе различни емисии – авизо музика и (2) употреба на музички дела или нивни фрагменти како кулисна музика во говорни емисии – вести, репортажи, како и во својство на придружна музика во емисиите од други жанрови како што се поезија, проза, ТВ серија, драма и сл. (кулисна музика).

Согласно со воведната реченица на овој член, ова издвојување е врз основа на начинот на употреба на делото и степенот на застапеност на музиката во делото и видот на изведувачкиот состав.

Со истиот член, при вреднувањето, за авизо музиката е предвиден коефициент 0,10, додека за кулисната музика коефициентот е 0,05.

Покрај за времетраењето, во однос на авизо музиката се предвидени поинакви временски интервали во однос на оние од општото правило од член 46 став 1 од Правилникот.

Така, доколку траењето на музичкото дело наведено во програмата кое се користело како авизо музика е подолго од 30 секунди, се зема траење од 30 секунди (член 48 став 1), при што вкупното ефективно траење на музичко дело користено како авизо музика не може да биде поголемо од 30.000 секунди, во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период (став 2 на истиот член).

Во однос на кулисната музика, предвидено е ограничување на начин што вкупното ефективно траење на музичкото дело користено како кулисна музика не може да биде поголемо од 60.000 секунди во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период (став 3).

Испитувајќи ги наводите во иницијативата кои се однесуваат на оспорениот член 47 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, Судот оцени дека постојат основи за сомнеж во неговата уставност и законитост.

Притоа, Судот го имаше предвид фактот дека оваа одредба, претходно е оценувана во предметот У.бр.3/2014, кога меѓу другото, е одлучено да не се поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.

Но, во случајот според Судот постојат основи за поинакво одлучување по однос на иницијативата во овој дел, во смисла на член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Неспорно, содржината на измената на овој член од јуни 2024 година која сега се оценува, речиси е иста како со одредбата од основниот текст од 2014 година кога Судот одлучувал и се однесува на истите категории, освен што сега се предвидуваат нови коефициенти за користење или употреба на авизо музика (коефициент 0,10 наместо претходниот 0,20) и за кулисна музика (коефициент 0,05 наместо претходниот 0,10).

Сепак, од правната анализа произлегуваат други аспекти по однос на уставноста и законитоста на одредбата кои не биле предмет на разгледување од страна на Судот во посочениот предмет од 2014 година, со што се исполнети условите за мериторно одлучување.

Имено, со оспорениот член 47 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, се предвидува различно и пониско вреднување на авторските музички дела – авизо музика и кулисна музика во однос на општото правило од член 46 став 1 од истиот правилник, така што се предвидени други коефициенти за пресметување на авторскиот надоместок, каде за првите е предвиден коефициент кој е за десет пати помал од општиот, додека за вторите, коефициентот е помал за дваесет пати.

Од страна на полномошникот на доносителот на актот во кој е содржана оспорената одредба, беше доставен одговор според кој, ваквото издвојување има основ во член 66 став 1 од Законот за авторското право и сродните права и тоа во критериумите – вид и обем на право на користење, кое истовремено било и релевантна околност за определување на висината на авторскиот надоместок за што доносителот имал законско овластување за уредување на правилата.

На овој начин, согласно принципот на правичност, било оневозможено идентично вреднување на непосредното користење на цело музичко дело со она во вид на авизо и/или кулисна музика.

Според Судот, од погоре изложеното, неспорно произлегува дека постои законско овластување за правно уредување на подзаконско ниво. Меѓутоа, начинот на кој е уредено вреднувањето во овој дел, не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права, на што доносителот на овој акт е обврзан со член 144 став 1 од Законот.

Најпрвин, во делот на аргументот дека ова уредување било во согласност со член 66 став 1 од овој закон, во делот – вид и обем на правото на користење.

Кај авторските музички дела, видот на нивното користење е основ за формирање на репартициските класи во чии рамки се формираат посебни фондови во кои се прибираат средствата.

Тоа значи дека преку овие репартициски класи се означува видот на користењето на делото и на овој начин е операционализиран предвидениот основ во член 66 став 1 од Законот.

Од друга страна, користењето на делата како авизо музика или кулисна музика, не се квалификува како различен вид на користење на делото и поради тоа не може да се прифати како основ за уредување во оспорената одредба, туку тоа е облик во кој е користено музичкото дело во рамките на една репартициска класа преку која се означува различниот вид на користење и не може да биде основ за поинакво (и во случајот, многу понеповолно во однос на другите облици) вреднување.

Имено, единствената разлика која ја прави Законот, покрај тоа што го предвидува музичкото дело како еден од видовите авторски дела, е таа дека овие дела може да бидат со текст или без текст. Но, ова нема никаква улога при уредувањето на прашањето за утврдување и распределба на авторските, ниту може да биде основ за различно третирање на авторските дела.
Ова неспорно произлегува од член 66 став 1 од овој закон, каде како еден од основите за определување на авторскиот надоместок е видот на делото, што значи дека без разлика на обликот во кој е изразено делото, единствено е релевантно тоа да биде од истиот вид на авторско дело (во случајот, музичко дело) .

Токму поради таа правна еднаквост е предвиден принципот на правичност од истиот член како коректив и кој се рефлектира преку вреднувањето на делата според времетраењето на нивното користење.

Во однос на другиот критериум кој го наведува полномошникот на доносителот на Правилникот – обемот на правото на користење што се пренесува, Судот укажува на тоа дека Законот за авторското право и сродните права, во член 129 став 5 предвидува дека во случај на колективно управување правата се пренесуваат неисклучиво.

Тоа значи дека ЗАМП како организација управува колективно само со авторски музички дела кои се пренесени неисклучиво, вклучувајќи ги и делата со авизо музика и кулисна музика и овој критериум не може да биде основ за различно третирање на овие дела.

Кога станува збор за применетите критериуми за раздвојување на авизо музиката и кулисната музика содржани во воведната реченица од член 47 од Правилникот, тие не се засновани во Законот. Имено, тие произлегуваат од формата преку која се изразуваат овие музички дела, а не од видот на делото како што предвидува Законот.

Исто така, со уредувањето од оспорениот член 47 од Правилникот, авторите на музичките дела на кои се однесува оваа одредба, се ставаат во понеповолна положба, поради што не можат да ги остварат материјалните права од нивните дела во ист обем како другите автори за кои важи општото правило за вреднување што може да се смета за повреда на уставните норми со кои се гарантира сопственоста и принципот на еднаквост.

Поради тоа, основано може да се постави прашањето за согласноста на член 47 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 став 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 3, член 66 став 1 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.
Имајќи го предвид последното, согласно член 26 од Актот на Судот, надвор од наводите на иницијативата и одредбите што се оспорени со истата, Судот оцени дека треба да биде испитана уставноста и законитоста и на член 48 од истиот правилник.

Ова не е само поради тоа што оваа одредба е во функција на понатамошна разработка на предвиденото со член 47 од Правилникот, туку и поради начинот на кој тоа е уредено, што според Судот, може уставно-правно да се проблематизира.

Така, со став 1 од овој член се предвидува дека за музичките дела користени како авизо музика се зема траење од 30 секунди, доколку траењето на делото во програма е подолго од 30 секунди.

Ваквото уредување е спротивно на принципот на правичност како законски основ за определување на авторските надоместоци, во однос на делата кои биле користени подолго од 30 секунди и на законското начело за правичен надомест за секој вид користење.

Во суштина, ова значи дека авторското музичко дело нема да биде вреднувано колку траело што произлегува од принципот на правичноста, ниту пак воопшто ќе се вреднува при надминувањето на прагот од 30 секунди, спротивно на начелото на право на праведен надомест за секој вид користење.

Истиот случај е и со одредбите од ставовите 2 и 3 на истиот член. Со првата, се ограничува вкупното ефективно траење на музичко дело користено како авизо музика на 30.000 секунди во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период, додека со втората, се ограничува вкупното ефективно траење на музичкото дело користено како кулисна музика на 60.000 секунди во одредена класа на распределба за одреден пресметковен период.

На овој начин, се оневозможува овие авторски музички дела да бидат вреднувани во случаите кога ќе ги надминат предвидените прагови што повторно е спротивно на тоа дека авторот има право на правичен надомест за секое користење на делото, при што и во овој дел станува збор за повреда на уставните норми со кои се гарантира сопственоста и принципот на еднаквост.

Поради тоа, основано може да се постави прашањето за согласноста на член 48 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 став 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 3, член 66 став 1 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.

На крајот, во однос на оспорениот член 47 став 6 од Правилникот, имајќи предвид дека оваа одредба е изменета со подоцнежни измени и дополнувања на овој правилник, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што истата треба да биде отфрлена во овој дел согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски