13. Седница на Уставниот суд ќе се одржи на 18 јуни 2025 година во 9:30 часот со Дневен ред за кој се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и два предлога за донесување на конечни одлуки.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.8/2024
Оспорен акт: Делот „поблиску го пропишува начинот на остварување“ од член 17 и делот „поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување“ од член 127 став З од Законот за пензиско и инвалидско осигурување
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Уставот не ја определува содржината на социјалното осигурување односно правата што следуваат врз основа на ова осигурување. Тоа значи дека со законот или со законите од оваа областа како и со колективни договори треба да бидат утврдени правата од социјалното осигурување коишто еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници, се наведува во иницијативата.
2.Реферат У.бр.205/2024
Оспорен акт: Делот „управата за животна средина” од член 161-а став 1 од Законот за животната средина
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот член не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51, членот 95 став 1 од Уставот, како и дека е во спротивност со членот 5 став 3, 7 и членот 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
3. У.бр.261/2024
Оспорен акт: Делот „крајот на месецот во” од член 3 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот ја спори одредбата и наведува дека платата или надоместокот од плата секој месец ја прима на основа на размена на трудот но, не и со оправдување дека треба да му се исплати цела плата до крајот на месецот иако функцијата ја завршил и порано, односно платата и надоместокот на платата според подносителот треба да се пресметува до моментот кога односот работодавач-работник престанува.
4. У.бр.7/2025
Оспорен акт: Закон за изменување и дополнување на Законот на јавните претпријатија и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва
Подносител на иницијативата: Марија Аргировска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката преку прецизирање на иницијативата ја спори и материјална и формалната страна на законот. Наведува дека содржината на донесените измени е во спротивност со членот 58 од Уставот и дополнува дека за избор на членовите во органите на правните лица во државна сопственост е потребна стручност и компетентност кои според подносителот се третираат како непотребни. Се оспорува и скратената постапка по која се донесени измените.
5. Реферат У.бр.11/2025
Оспорен акт:
- делот „Законот за игри на среќа” од член 23-а став 1 од Законот за спортот
- „Критериумите” од член 23-а став 5 од Законот за спортот
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорените одредби упатуваат на пропис кој не постои во правниот поредок на Република Северна Македонија и може да доведе до забуна во примената.
6. У.бр.14/2025
Оспорен акт: Член 104 од Законот за работни односи
Подносител на иницијативата: Санде Пејоски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека согласно оспорениот член, работниот однос на граѓаните стапува во сила кога ќе се исполнат условите за пензионирање, но и покрај тоа, во судската пракса работат адвокати кои веќе исполнуваат услови за пензија и застапуваат клиенти, а судовите им признаваат адвокатски трошоци, иако според него тие немаат право на легитимација. Се наведува дека на тој начин се создава правна несигурност и нееднаквост помеѓу граѓаните.
7. Реферат У.бр.19/2025
Оспорен акт: Закон за вршење на сметководствени работи
Подносител на иницијативата: Адвокат Александра Илиева-Милчова
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека со оспорените одредби се наведува нова категорија на сметководител, овластен сметководител кој освен завршено средно или високо образование, за што таа тврди дека не прави разлика при определување на звањето сметководител. Подносителката наведува дека во оспорнениот закон на Институтот никаде не му е дадено својство на приватно образовна институција, ниту пак на јавно образовна институција и според неа е нејасно како Законодавецот му дал овластувања да спроведува испит со предмети, кои со закон не се предвидени.
8. Реферат У.бр.252/2024
Оспорен акт: Одлука за престанување на важење на Одлука за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба на ЈНА од страна на Република Македонија донесена на 26.12.2007 година.
Подносител на иницијативата: д-р Предраг Станојевиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека Одлуката немала еднаква правна применливост кон сите вработени во Армијата, како што бил неговиот случај во врска со решавање на станбеното прашање. Се наведува дека Одлуката не е во согласност со членот 110 од Уставот.
II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
У.бр.106/2024
Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија
Подносител: Војо Ѓуроски
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека со примена на оспорениот закон му се забранува користењето на неговата патна исправа издадена од МВР која е во важност, со што му се ускратува уставно загарантираното право на слобода на движење и бара од Уставниот суд да му ја утврди повредата на неговата слобода и да ги поништи конкретните акти со кои е сторена повредата.
III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр.23/2024
Уставниот суд на 09.04.2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 18 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Кривогаштани, објавен во „Службен гласник на Општина Кривогаштани“ број 17/2011.
2. У.бр.65/2024
Уставниот суд на 04.12.2025 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на насловот на поглавјето 9 „Автентично толкување на општи акти” и члено¬вите 100, 101 и 102 од Деловникот на Советот на Општина Ресен, заведен под број 07-256/4 од 25 мај 2005 година и објавен во „Службен гласник на Општина Ресен“ бр.4/2005.