Дневен ред за 2. седница закажана за 12 февруари 2025 година во 9:30

На 12 февруари со почеток од 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи втората седница со Дневен ред за кој се закажани 

1. Реферат У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023

Оспорен акт: Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик

Подносител на иницијативата(162/2023): Павле Трајанов

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Подносител на иницијативата(163/2023): Крсте Велески

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека оспорените одредби се во спротивност со членот 9 од Уставот бидејќи граѓаните кои не се носители на јавни функции ги става во нерамноправна положба, бидејќи не се поблаго санкционирани.

2. Реферат У.бр. 104/2024

Оспорен: Член 245 став 3 од Законот за извршување

Подносител: Оливер Давидовски

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот, овластувањето на министерот за правда да ја утврдува висината на реално направените трошоци за пологање испит за извршител, како и надоместокот за работа на членовите на Комисијата која го спроведува испитот, значи навлегување на извршната во законодавната власт што е спротивно на Уставот.

3. Реферат У.бр. 155/2024

Оспорен: член 141 став 4 и член 143 во делот „или ако постои реципроцитет“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Подносител: Славко Лазовски од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите од Законот според кои „Фондот му обезбедува на корисникот исплата на износите што му припаѓаат во случаите кога корисникот има живеалиште надвор од територијата на Република Северна Македонија, под услови предвидени со овој закон, со ратификуван меѓународен договор или ако постои реципроцитет“ и „На корисник  на пензија и паричен надоместок за телесно оштетување – странски државјанин кој ќе се исели на постојано живеење во земјата чиј е државјанин, пензијата му се исплатува во странство ако со односната држава е склучен ратификуван меѓународен договор за плаќање на пензиите во странство или ако постои реципроцитет“. Според наводите оспорените законски одредби скратуваат право во областа на пензиското осигурување што е веќе остварено поради непостоење на реципроцитет бидејќи Законот не нуди решение што да се прави до моментот на воспоставување на реципроцитет, ниту определува рок во кој ќе се воспостави реципроцитет. На ваков начин, корисниците на пензија, државјани на Република Северна Македонија се наоѓаат во една правна неизвесност и несигурност и оттука подносителот го поставува прашањето за третманот на корисник на пензија доселен во Македонија од држава со која немаме воспоставено реципроцитет. 

4. Реферат У.бр. 178/2024    

Оспорен акт: Делот „процесната“ од членот 222 став 1 од Законот за семејството

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот станува збор за дел од одредба која упатува на нејасна примена и на тој начин би можело да доведе до заблуда во однос на тоа кој пропис треба да се примени, дали одредбите од процесната постапка според Законот за процесната постапка кој престанал да биде дел од правниот промет на ден 19.07.1998 година. Се наведува дека одредбата го повредува начелото на владеењето на правото од член 8 алинеја 3 од Уставот. 

5. Реферат У.бр. 187/2024 

Оспорен акт: Член 4 точка 2 во делот „кое има склучено договор за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија наменето за автокамп согласно со овој закон”;

– член 5 став 3 кој гласи „Градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија наменето за автокамп се оттуѓува согласно одредбите од овој закон”;

-член 10, 11, 12 став 1, 2, 4 и 5 како и 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19, 29, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27 и 28

Подносител на иницијативата: Емил Михајлов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорените одредби ја исклучуваат можноста корисник на автокамп да стане лице кое би засновало долготраен и краткотраен закуп на градежно земјиште во сопственост на државата, наменето за изградба на автокамп, при што наведува дека таквото ограничување е во спротивност со темелната вредност владеење на правото, уредена со член 8 алинеја 3 од Уставот. 

6. Реферат У.бр. 200/2024

Оспорен акт: Член 4 од Законот за празниците на Република Македонија

Подносител на иницијативата: Арбен Саити

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со донесувањето на оспорениот член 4 се врши дискриминација на граѓаните по основ на национално и социјално потекло, како и верско уверување, односно дека оспорената одредба е во спротивност со членот 9 од Уставот, како и членовите 18 и 19 со кои е уредена заштитата од повредата на личниот интегритет кој произлегува од регистрирањето на информации за нив,преку обработка на податоците, понатаму дека се повредува правото на слободно изразување на верата. 

7. Реферат У.бр. 215/2024

Оспорен акт: Член 63 од Законот за преземање на акционерските друштва на Република Македонија

Подносител на иницијативата: Адвокатско друштво „Апостолски” Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека членот 63 не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 6 и 7, членот 30 од Уставот. Се наведува дека со оспорениот член не е утврден никаков јавен интерес поради кој може да се ограничи правото на сопственост и притоа според подносителот, со таква норма се ограничува правото на сопственост во корист и интерес на големите акционери, а за сметка на малите акционери кои треба слободно да располагаат и да управуваат со своите акции, односно со стратегијата за инвесетирање. 

8.Реферат У.бр. 219/2024

Оспорен акт: Член 2 став 3 од Законот за измени и дополнувања на Законот за облигационите односи

Подносител на иницијативата: Благица Весковска

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека со оспорената одредба се нарушува темелната вредност на Уставот- владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, начелото на еднаквост на граѓаните и се врши дискриминација на одредена категорија граѓани.  Имено, се тврди дека доверителите се доведени во нерамноправна положба и стануваат оштетени, бидејќи настануваат ненадоместливи штети.  Се наведува дека за неажурноста при наплата на долговите и долгогодишните постапки, удел имаат и извршителите, при што често се случува да наплаќаат само извршни трошоци, а главниот долг со години не се наплатува и останува. 

9. Реферат У.бр.113/2024

Оспорен акт: Одлука за поништување на постапката за доделување договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснадбителен систем за водоснабдување на општина Неготино, донесена од Совет на општина Неготино

Подносител: Државен инспекторат за локална самоуправа

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одлука се поништува постапката спроведена согласно Одлуката за започнување на постапка за доделување договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснадбителен систем за водоснабдување на општина Неготино. Се наведува дека по извршен вонреден инспекциски надзор Државниот инспекторат за локална самоуправа утврдил дека оспорената одлука не е во согласност со член 21-а ставови 1 и 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, и донел Решение со кое ја запрел примената на оспорената одлука и истото ќе остане во важност до конечна одлука на Уставниот суд.

II.   БАРАЊE ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. У.бр. 117/2019

Подносител на барањето: Фатмир Мемедов

Оспорени акти: Пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје

Од наводите во барањето:

Подносителот на барањето се жали до Уставниот суд дека е дискриминиран врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност. Оспорува две пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје и тврди дека Основното јавно обвинителство Скопје му го повредило достоинството со дискриминаторско однесување поради неговата етничка припадност, бидејќи не спровело истрага ниту презеле дејствија по поднесената кривична пријава во периодот од 2014 до 2016 година со истакнато имотно правно побарување од 130 илјади денари на име надоместок на нематеријална штета за душтевна болка и повреда на лични права и камата. Подносителот напоменува дека е бил физички нападнат од страна на полициски службеници бидејќи е Ром, без никакво објаснување.

*Предметот беше повлечен од 1 седница на 05 февруари, поради утврдување на одредени околности.

ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА

1. У.бр.116/2024

На 20 ноември Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста од табеларниот приказ во глава V. Висина на надоместоци за уредување на градежно земјиште и тоа во делот на табелите:

– V-а. Висина на уредување на градежно земјиште во градот Богданци  реден број 15 и 16  од  Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Советот на Општина Богданци, бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024);

– V-б. Висина на уредување на градежно земјиште во населените места и урбанистички план за село реден број 15 и 16 од  Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Советот на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024) и

– V-в. Висина на уредување на градежно земјиште во Урбанистички план вон населено место, локална и државна урбанистичка планска документација, инфраструктурен проект и урбанистички  проект реден број 16 и 17 од  Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Советот на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024).