Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.116/2024
Скопје, 20.11.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 20 ноември 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста од табеларниот приказ во глава V. Висина на надоместоци за уредување на градежно земјиште и тоа во делот на табелите:
– V-а. Висина на уредување на градежно земјиште во градот Богданци реден број 15 и 16 од Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Советот на Општина Богданци, бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024);
– V-б. Висина на уредување на градежно земјиште во населените места и урбанистички план за село реден број 15 и 16 од Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Советот на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024) и
– V-в. Висина на уредување на градежно земјиште во Урбанистички план вон населено место, локална и државна урбанистичка планска документација, инфраструктурен проект и урбанистички проект реден број 16 и 17 од Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Советот на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста во во останатиот дел на Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Советот на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024).
Образложение
I
Блаже Шапов, градоначалник на Општина Богданци, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година, донесена од Совет на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година.
Во иницијативата подносителот наведува дека со донесувањето на Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година е повреден член 94 став 4 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016, 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019).
Како причина за оспорување, подносителот наведува дека Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година не е во согласност со Правилникот за степенот за уредување на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоци за уредувањето во зависност од степенот на уреденост („Службен весник на Република Македонија“ бр.193/2016, 72/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.16/2022).
Подносителот на иницијативата смета дека одредбите коишто не се во согласност со Правилникот се содржани во глава V. Висина на надоместоци за уредување на градежно земјиште во табелите V-а. Висина на уредување на градежно земјиште во градот Богданци реден број 15 и 16, V-б. Висина на уредување на градежно земјиште во населените места и урбанистички план за село реден број 15 и 16 и V-в. Висина на уредување на градежно земјиште во Урбанистички план вон населено место, локална и државна урбанистичка планска документација, инфраструктурен проект и урбанистички проект реден број 16 и 17 со намена Ветерници за производство на електрична енергија со сума 6.000.000 денари/единица мерка и со намена Фотоволтаични централи со сума 240 денари/м2.
Имено, според подносителот, со вака дефинираните суми, Советот на Општина Богданци предвидел надоместок којшто не е во согласност со Правилникот донесен од страна на министерот и одредил суми кои се надвор од законските одредби. Согласно наведениот правилник, за објекти за производство на електрична енергија (фотонапонски панели), според подносителот, висината на трошоците за уредување на градежното земјиште не можел да биде повисок од 20% од висината на просечната нето плата во Република Северна Македонија за последната година, помножена со коефициентот од член 4 став 1 точка 12 од Правилникот, додека за објектите за производство на електрична енергија (ветерници) висината на трошоците за уредување на градежното земјиште не може да биде повисока од 1.200.000 денари за една ветерница.
Поради наведените причини во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на Програмата за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година донесена од Советот на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година („Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024) и истата да ја укине.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 95 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016, 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019), член 22 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и Статутот на Општина Богданци, Советот на Општина Богданци ја донел Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општината Богданци за 2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Уставниот суд на Република Северна Македонија согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Разгледувајќи ја предметната иницијатива од аспект на изнесените наводи за незаконитост на оспорената Програма за уредување на градежно земјиште во Општина Богданци за 2024 година донесена од Советот на Општина Богданци бр. 08-1859/10 од 28.12.2023 година, објавена во „Службен гласник на општина Богданци“ бр.03/2024 го утврдивме следното:
Со Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2016, 142/2016, 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 275/2019 , 224/2024 и 233/2024) согласно со член 1 се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште, уредувањето на градежното земјиште, условите и начинот на располагање со градежното земјиште, како и други прашања од областа на градежното земјиште. Согласно со член 2 став 1 точка 1 „Градежно земјиште е земјиштето кое е планирано со урбанистички план, урбанистичко планска документација, урбанистичко-проектна документација, општ акт или проект за инфраструктура“.
Членот 3 од Законот уредува дека градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој и друг закон и дека уредувањето на градежното земјиште е дејност од јавен интерес.
Согласно со член 7 од Законот, градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Северна Македонија, во сопственост на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, во сопственост на јавните претпријатија, акционерски друштва и други субјекти основани од Владата на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија и во сопственост на домашни и странски физички и правни лица, под услови утврдени со овој и друг закон.
Во глава II. Права на градежно земјиште, точка 2. Права на градежно земјиште во сопственост на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, член 12 став 2 од Законот, уредува дека сопственоста на градежното земјиште на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, вклучува право на градење на земјиштето, користење на земјиштето, право на пренесување на правото на градење на други лица, како и право на отуѓување на градежното земјиште, согласно со овој и друг закон. Ставот 3 уредувал дека уредувањето на градежното земјиште од ставот (1) на овој член може да биде целосно или делумно (со измената и дополнувањето на Законот објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019 ставот 3 се брише). Во ставот 4 е предвидено дека „Степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост го пропишува министерот“.
Врз основа на член 94 став 4 од Законот за градежно земјиште, министерот за транспорт и врски го донел Правилникот за степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 193/2016 и 72/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.16/2022).
Согласно со член 1 од Правилникот се пропишува степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комунална инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредување во зависност од степенот на уреденоста.
Членот 2 од Правилникот го уредува прашањето за тоа како се определува степенот на уреденоста на градежното земјиште (основен, понизок и повисок).
Трошоците на уредувањето на градежното земјиште се утврдуваат во согласност со реалните трошоци направени за соодветните степени за уредност на градежното земјиште.
Член 4 став 1 од Правилникот уредува дека висината на трошоците за уредување на градежното земјиште во зависност од степенот на уреденоста на градежното земјиште, согласно член 2 на Правилникот се пресметува врз основа на нивната корисна површина што ќе се гради, што претставува збир на нето површините по метар квадратен на подовите на сите простории во објектот согласно заверениот основен проект и анекс на основниот проект помножен со коефициентот и тоа за станбени објекти, за деловни, јавни и производни објекти и за други објекти наведени во посебни точки.
Правилникот во член 4 став 1 точка 12 уредува дека за објекти за производство на електрична енергија од сончева енергија (фотонапонски панели), за 50% од површината на градежната парцела, коефициентот е 0,01.“
Согласно со член 4 ставовите 8 и 9 од Правилникот е уредено дека „За објектите за производство на електрична енергија од сончева енергија (фотонапонски панели), висината на трошоците за уредување на градежното земјиште не може да биде повисока од 20% од висината на просечната нето плата во Република Северна Македонија за последната година, помножена со коефициентот утврден во став (1) точка 12 од овој член (став 8), а за објекти за производство на електрична енергија од ветерна енергија (ветерници) висината на трошоците за уредување на градежно земјиште не може да биде повисока од 1.200.000 денари за една ветерница.“ (став 9).
Според член 95 став 1 од Законот за градежно земјиште уредувањето на градежното земјиште од член 94 од овој закон го вршат општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје врз основа на Програмата за уредување на градежно земјиште што ја донесува Советот. Програмата за уредување на градежно земјиште особено содржи податоци за: просторот кој е предмет на уредување, обемот на работите за подготвување и расчистување на градежното земјиште, обемот и степенот на опремување на градежното земјиште со објекти на основната и секундарната инфраструктура, изворите за финансирање на програмата, пресметување на трошоците за уредувањето на градежното земјиште, висината на надоместокот за уредувањето на градежното земјиште и неговата распределба, начин на распределба на средствата за финансирање за изградба и одржување на инфраструктурата, динамика на извршување на програмата и објекти на инфраструктурата од јавен интерес за Република Северна Македонија и оцена за нивното влијание врз животната средина и природата, согласно со закон, што ги финансира Република Северна Македонија, односно инвеститорот на кого земјиштето му го отуѓила или дала под долготраен закуп Република Северна Македонија (став 5).
Општините, меѓу другите надлежности утврдени со член 22 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2024 ), се надлежни за урбанистичко планирање, издавање на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредување на градежното земјиште (став 1 точка 1).
Во вршењето на работите од својата надлежност, советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон ( член 62 од Законот за локална самоуправа). Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.
Врз основа на наведените одредби од Законот за градежното земјиште, Законот за локалната самоуправа, Советот на Општина Богданци, донел Програма за уредување на градежно земјиште на просторот на Општината Богданци за 2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Богданци“ бр.03/2024.
Со донесената Програма, Советот на Општината, во Глава V. Висина на надоместоци за уредување на градежно земјиште во табелите V-а. Висина на уредување на градежно земјиште во градот Богданци реден број 15 и 16, V-б. Висина на уредување на градежно земјиште во населените места и урбанистички план за село реден број 15 и 16 и V-в. Висина на уредување на градежно земјиште во Урбанистички план вон населено место, локална и државна урбанистичка планска документација, инфраструктурен проект и урбанистички проект реден број 16 и 17 со намена на Ветерници за производство на електрична енергија предвидел надоместок за уредување на градежното земјиште 6.000.000 денари/единица мерка и со намена Фотоволтаични централи надоместок за уредување на градежното земјиште 240 денари/м2.
Тргнувајќи од анализата на член 95 став 1 од Законот за градежно земјиште, јасно произлегува дека со програма како подзаконски акт, општините треба да ги уредат правата и обврските во поглед на градежното земјиште и уредувањето на тоа земјиште. Токму во таа насока, доносителот на оспорената програма ги дефинира обврските за уредување на градежното земјиште во согласност со Законот за градежното земјиште. Пресметувањето и утврдување на надоместокот за уредување на градежното земјиште зависи од просторот, односно конфигурацијата на теренот кој е предмет на уредување, изградба на објекти на инфраструктурата, заради обезбедување на непречен пристап до градежната парцела со сите потребни приклучоци до градежната парцела. Според став 4 од истата одредба, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје имаат законска основа за уредување на градежното земјиште и тоа врз основа на програма која ја носи советот.
Меѓутоа, доносителот на оспорениот акт, во конкретниот случај Советот на Општина Богданци при донесување на оспорената Програма не ја зел предвид законската одредба утврдена во член 94 став 4 од Законот за градежно земјиште дека „Степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденост го пропишува министерот“ и се впуштил во утврдување на висина на трошоци за уредување на градежното земјиште надвор од пропишаните рамки, што значи дека не била во целост запазена постапката за донесување на оспорената програма.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби, содржината на оспорената програма како и наводите во иницијативата, Судот изрази сомнеж дека означените оспорени делови V-а V-б и V-в од Програмата може да се доведат под сомнение по однос на член 94 став 4 од Законот за градежно земјиште, дека се уставно проблематични и основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 51 од Уставот, а со тоа и повреда на владеењето на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Со оглед на фактот дека подносителот на иницијативата само начелно ја оспорува целината на Програмата без да конкретизира во што се состои несогласноста на законите на овој акт како целина, според Судот, за целината на актот се исполнети условите за отфлање, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски