У.бр.102/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.102/2024
Скопје, 09.10.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот „Доколку не се приложат изјавите за согласност за исправка на грешка или постоењето на истата се утврди во постапка по службена должност, направената грешка не се отстранува, а постоењето на грешката се прибележува во имотниот лист, со потврда за запишување на промена.“ од член 209 став 6 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016, 172/2016 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на делот „ако кон пријавата за исправка на грешка се приложи изјава за согласност за исправка на грешката заверена кај нотар дадена од носителите на правата запишани во катастарот на недвижностите и субјектите во чија корист се запишани други стварни права, товари, ограничувања и прибележувања“ од член 209 став 6 и целината на член 209 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение
I

Симо Трипуноски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на деловите од член 35 од Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019), означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Судот, анализирајќи ги наводите од иницијативата, утврди дека во уводниот дел на иницијативата, подносителот бара да се направи уставно-судска анализа на целината на член 35 од измената на Законот објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019. Во образложението на иницијативата се бара уставно-судска анализа само на ставот 6 од член 35 од истиот закон. Во завршницата на иницијативата се бара оцена на уставноста на деловите означени во точките 1 и 2 од ова решение од член 35 од означената измена на Законот.

Судот имаше предвид дека со член 35 од Законот, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124/2019, целосно се менува содржината на член 209 од Законот за катастар на недвижности. Но, заради карактерот на покренатото правно прашање и потребата од целосен увид и анализа на целината на Законот, Судот определи член 209 од Законот со сите измени и дополнувања, да биде предмет на уставно-судска анализа, наместо означениот во иницијативата, член 35.

Инаку, според подносителот на иницијативата, оспорената одредба е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9 став 2, член 30 ставови 1 и 2 и член 51 од Уставот поради што се бара донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени и преземени врз основа на делот од оспорената одредба.

Во продолжение на иницијативата се наведува дека со член 35 од означениот закон се менува член 209 од основниот текст на Законот, па се цитира дел од ставот 6 кој гласи:

„ако кон пријавата за исправка на грешка се приложи изјава за согласност за исправка на грешката заверена кај нотар дадена од носителите на правата запишани во катастарот на недвижностите и субјектите во чија корист се запишани други стварни права, товари, ограничувања и прибележувања. Доколку не се приложат изјавите за согласност за исправка на грешка или постоењето на истата се утврди во постапка по службена должност, направената грешка не се отстранува, а постоењето на грешката се прибележува во имотниот лист, со потврда за запишување на промена.“

Според подносителот на иницијативата вака цитираниот дел од одредбата е во спротивност со означените уставни одредби.

Во иницијативата се цитира член 7 од Законот за сопственост и други стварни права според кој стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон, а согласно со член 112 од истиот закон правото на сопственост се стекнува според закон, врз основа на правна работа и со наследување, како и со одлука на надлежен државен орган, на начин и под услови определени со закон.

Потоа се цитираат членовите 174, 175 и 176 од Законот за катастар на недвижности каде се уредени правниот основ, исправите и условите за запишување во катастарската евиденција, како и целината на член 209 од Законот кој ја уредува проблематиката на отстранување на грешките во запишувањето. Во наведената смисла се цитира и член 97 од Законот за општата управна постапка каде е пропишана постапката за исправање на сторени очигледни технички грешки во управен акт.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба е на штета на носителот на правото на сопственост, односно вистинскиот носител на правото на сопственост во случаите кога нема согласност од лицето на кое по грешка му е запишано правото на сопственост. Оттаму, со неможноста да изврши исправка по службена должност се повредува уставно гарантираното право на сопственост, а вистинскиот носител на правото треба да води посебна постапка за заштита на правото на свој трошок, не по своја вина. Со тоа сериозно му се повредуваат уставно гарантираните права како и правната сигурност. Со оспорениот дел од одредбата се овозможува лицето кое по грешка е евидентирано како носител на правото на сопственост да остане запишано во евиденцијата само затоа што одбива да даде согласност за исправка на грешката без притоа да има правен основ за негово запишување како сопственик. Ваквото законско решение евидентно создава правна несигурност и нееднаквост на граѓаните и го загрозува правото на сопственост.

Врз основа на изнесеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 209 став 6 од Законот, а потоа истиот да го поништи.

II

На седницата Судот утврди дека во член 209 став 6 од Законот е предвидено дека грешките од ставот 4 на овој член се отстрануваат и доколку се извршени промени по однос на видот на правото и носителот на правото, ако кон пријавата за исправка на грешка се приложи изјава за согласност за исправка на грешката заверена кај нотар дадена од носителите на правата запишани во катастарот на недвижностите и субјектите во чија корист се запишани други стварни права, товари, ограничувања и прибележувања. Доколку не се приложат изјавите за согласност за исправка на грешка или постоењето на истата се утврди во постапка по службена должност, направената грешка не се отстранува, а постоењето на грешката се прибележува во имотниот лист, со потврда за запишување на промена.

Судот, исто така, утврди дека во ставот 4 од членот 209 од Законот, на кој упатува ставот 6 од истата законска одредба во која се содржани оспорените делови е предвидено следново „При одржување на катастарот на недвижности се отстрануваат и грешките кои се однесуваат на податоците за правата и за носителите на правата на недвижностите запишани при востановување и одржување на катастарот на недвижности, доколку при одржување на катастарот на недвижностите не се извршени промени по однос на видот на правото и за носителот на правото, што се утврдува со увид во правниот основ за запишување.“

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 9 став 2 од Уставот е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата според ставот 2 од истата уставна одредба.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Судот, поставувајќи ги наводите во иницијативата во корелација со содржината на целината на член 209 од Законот, утврди дека истите всушност можат да се поврзат единствено по однос на можни повреди на делот „Доколку не се приложат изјавите за согласност за исправка на грешка или постоењето на истата се утврди во постапка по службена должност, направената грешка не се отстранува, а постоењето на грешката се прибележува во имотниот лист, со потврда за запишување на промена“ од ставот 6 од означената законска одредба со означените уставни одредби. Ова од причина што според наводите од иницијативата за подносителот не е спорно правото на Агенцијата да направи исправка на грешка под услови и на начин определен во наведената одредба кога е приложена изјава за согласност за исправка, туку спорно е непостоењето на овластување на Агенцијата да ја исправи грешката кога не е приложена таква изјава.

Анализирајќи ги наводите од иницијативата произлегува дека за подносителот нема спорни моменти за случаите кога катастарот ја отстранува грешката и врши промени по однос на видот на правото и носителот на правото, ако кон пријавата за исправка на грешка се приложи изјава за согласност за исправка на грешката заверена кај нотар дадена од носителите на правата запишани во катастарот на недвижности и субјектите во чија корист се запишани други стварни права, товари, ограничувања и прибележувања. Поточно за подносителот, од уставен аспект, не е проблематично овластувањето на катастарот при постоење на нотарски заверена изјава за согласност за исправка на грешката да ја отстрани настанатата грешка, од каде за првиот дел од оспорената одредба во иницијативата не може да се направи поврзување на причините за оспорување со содржината на овој дел од одредбата. Оттаму, за овој дел од одредбата, Судот оцени дека всушност и не е предмет на интерес на подносителот на иницијативата од каде нема деловнички услови да биде предмет на посебна уставно-судска анализа.

За подносителот уставно-проблематична е ситуацијата кога во катастарот не се приложува изјава за согласност за исправка на настаната грешка или кога катастарот таква грешка ќе утврди по службена должност за што законодавецот предвидел направената грешка да не се отстранува, а постоењето на грешката да се прибележи во имотниот лист со потврда за запишување на промената.

Со цел да се даде одговор на прашањата покренати со иницијативата, за Судот беше неопходно да направи поширока анализа на дел од одредбите од Законот поврзани со значењето на катастарот на недвижности, начинот на неговото функционирање и воспоставениот системот на внесување и одржување на потребните податоци за недвижностите.

Имено, според член 2 точка 2 од Законот за катастар на недвижности, изразот „катастар на недвижности” употребен во овој закон значи дека катастарот е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоците за недвижностите, како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон.

Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Законот во надлежност на Агенцијата за катастар на недвижности, меѓу другото, спаѓа востановување и одржување на катастарот на недвижности.

Во Законот во член 145 е вградено начелото на точност и верба, според кое податоците во катастарот на недвижностите се сметаат за точни, па совесното лице кое верувало на запишаното во катастарот на недвижности, не знаејќи дека она што е запишано е неточно или нецелосно, нема да трпи штетни последици.

Во член 174 став 1 од Законот, како правни основи за запишување во катастарот на недвижности се определени:
– закон,
– правосилни судски одлуки, одлуки за привремена мерка, претходна мерка и други акти за обезбедување на побарувања согласно со закон,
– одлука на Владата на Република Македонија,
– конечни, односно правосилни акти на органите на државната власт, на органите на единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања,
– правни дела и
– изјави заверени кај нотар врз основа на кои може да се изврши запишување на правата на недвижностите, или за прифаќање на ново утврдената гранична линија и прифаќање на фактичка состојба дадени кај овластениот геодет составен дел на геодетскиот елаборат, чие поднесување е задолжително утврдено со овој или со друг закон.

Според член 175 став 1 од Законот, при востановување и одржување на катастарот на недвижности се користат исправи во кои е содржан правниот основ од член 174 став 1 од овој закон.

Во став 2 од член 175 од Законот е определено дека за запишување на недвижностите кои останале со незапишани права, а за кои не постојат податоци во катастарот на земјиште, исправите од ставот 1 на овој член треба да содржат доволно податоци за недвижноста и за носителите на правата на недвижноста (адреса, број, влез, стан и слично), кои споредени со податоците прибрани со премерот овозможуваат идентификација на недвижноста (соодветност на податоци).

За запишување на инфраструктурни објекти, согласно став 3 од член 175 од Законот, во катастарот на инфраструктурни објекти како дел од катастарот на недвижности исправите од ставот 1 на овој член треба да содржат доволно податоци за недвижноста и за носителите на правата на недвижноста (идентификатор на инфраструктурниот објект, тип на инфраструктурниот објект во основната класификација, тип од поткласификација во рамките на основната класификација, должина/ висина/површина, лични и адресни податоци на субјектите носители на правата на инфраструктурните објекти (ЕМБС/ЕМБГ, назив/име презиме, седиште/адреса) и други податоци специфични за инфраструктурниот објект) кои споредени со податоците прибрани со премерот овозможуваат идентификација на недвижноста (соодветност на податоци).

Во постапката на одржување на катастарот на недвижности согласно став 4 од истата одредба се смета дека постои соодветност на податоците во однос на носителот на правото на недвижноста и недвижноста, доколку податоците за правниот претходник и податоците за недвижноста наведени во исправата за правниот основ се идентични со податоците за носителот на правото на недвижноста и за недвижноста запишани во катастарот на недвижности пред поднесување на пријавата.

Запишувањето на правата на недвижностите во постапката на одржување на Катастарот на недвижности нема да се изврши ако не постои соодветност на податоците содржани во исправата за правниот основ, како што определува член 175 став 5 од Законот.

Членот 176 од Законот кој носи наслов „Услови за запишување“ ја сумира соржината на двете претходно цитирани одредби на начин што за да настане запишување ги предвидува како услови: постоење на правен основ подобен за запишување, односно исправите за правниот основ да се склучени во писмена/електронска форма и заверени од надлежен орган согласно со закон, актите на надлежните органи да се конечни, односно правосилни и да постои соодветност на податоците од член 175 од овој закон. Оттаму, до запишување во катастарот на недвижности доаѓа само ако постои подобен правен основ, конечен, правосилен и заверен акт на надлежен орган, а податоците во исправите се соодветни за запишување.

Во член 209 став 4 од Законот е предвидено дека при одржување на катастарот на недвижности се отстрануваат и грешките кои се однесуваат на податоците за правата и за носителите на правата на недвижностите запишани при востановување и одржување на катастарот на недвижности, доколку при одржување на катастарот на недвижностите не се извршени промени по однос на видот на правото и за носителот на правото, што се утврдува со увид во правниот основ за запишување. Според ставот 5 од истата одредба грешките од ставовите 1 и 4 на овој член се отстрануваат во имотниот лист, по пријава на странка или по службена должност со потврда за исправка на грешка.

Од анализата на делот од став 6 на член 209 од Законот, кој упатува на соодветна примена на ставот 4 од истата одредба и за кој Судот оцени дека може да се поврзе со наводите во иницијативата (став 1 од изреката на решението) заради неговиот предмет на интерес, се утврди дека неприложувањето на изјави за согласност за исправка на грешка или констатирањето на таква грешка по службена должност е законска пречка да се направи исправка на грешката за што е определено истата да не се отстранува, но таквата грешка да се прибележи на имотниот лист со потврда за запишување на промена. Прибелешката се прави со цел констатираната грешка да биде лесно воочлива во евентуалниот натамошен правен промет на недвижноста, но и со цел да се обезбеди писмена трага за постоење на специфична грешка која не е можно да се отстрани од страна на Агенцијата. Во секој случај не станува збор за очигледни технички грешки направени во управен акт кои согласно со одредбите од Законот за општата управна постапка можат да се отстранат, туку за специфични по вид грешки кои се однесуваат на податоците за правата и носителите на правата на недвижностите.

Имено, при очигледно постоење на отсуство на волја од страна на лицето во чија корист, по грешка, е запишано некое право поврзано со конкретна недвижност, истата да се исправи во корист на вистинскиот носител на правата, Агенцијата за катастар на надвижности како орган надлежен за воспоставување и одржување на катастарот нема надлежност да го решава настанатиот спор и не располага со механизми за присилување и постигнување согласност на волја за вакви случаи. Единствено е можно, согласно со член 238 од Законот, да се поднесе тужба за бришење на запишувањето. Поточно, согласно со оваа одредба секое лице кое има правен интерес може со тужба пред Управен суд да бара бришење на запишаното во Катастарот на недвижности во рок од три години од извршеното запишување. Исто така, на засегнатото лице му стојат на располагање правните механизми од Законот за сопственост и други стварни права за заштита на неговото право од констатираната, но не и корегирана грешка при запишување или одржување на катастарот.

Начелото на точност и верба од член 145 од Законот, како и законската забрана од член 175 став 5 од Законот да не се направи запишување кога не постои соодветност на податоците содржани во исправата за правниот основ преставуваат законска пречка да се пристапи кон корекција на грешката кога нема согласност од лицето во чија корист, по грешка, е настанато запишувањето.

Врз основа на наведеното, Судот, по однос на делот од член 209 став 6 од Законот, за кој определи дека е предмет на интерес во иницијативата, оцени дека не е уставно проблематичен бидејќи обезбедената точност на податоците, на начин како што определува целината на споменатата одредба, обезбедува правна сигурност за граѓаните по однос на запишаните податоци, па во смисла на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е во правец на владеење на правото. Напротив прифаќањето на исправка на грешка без согласност и изјава на лицето во чија корист е направено запишувањето може да доведе до правен хаос со поднесување барања за исправка од едната и од другата страна сè до бесконечност. Со ваквата уреденост и обезбедената правна заштита се обезбедува и уставно загарантираното право на сопственост од член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

Според оцена на Судот, нема повреда ни на член 8 став 1 алинеја 1, член 9 и член 51 од Уставот, од причина што правниот систем го дава одговорот на прашањето како да се заштити сопственоста во вакви случаи. Лицето во чија корист е направено запишувањето и лицето на чија штета е направено запишувањето се наоѓаат во нееднаква правна положба (првиот одбива да даде изјава, а вториот мора да води спор за заштита на правото), но не заради содржината на одредбата, туку заради поставеноста на Агенцијата како орган кој не е овластен да решава спорни ситуации, туку да ги спроведува промените врз основа на законски правни основи и приложените податоци да ги смета како точни сè додека на законски утврден начин истите не се променат.

По однос на оспорениот дел од член 209 став 6 од Законот означен во точката 2 од ова решение Судот имаше предвид дека од анализата на целината на ставот 4 и ставот 6, како и од анализата на другите цитирани одредби од Законот произлегува дека приложената изјава за согласност за исправка на грешка заверена кај нотар сама по себе не е доволен основ за да се пристапи кон исправка на констатирана грешка. Поточно, за исправка на грешката покрај приложената изјава неопходно е со увид катастарот да констатира совпаѓање на податоците од изјавата со оние содржани во правниот основ за запишување и тоа како по однос на видот на правото, така и по однос на носителот на правото. Во секој случај, од наводите од иницијативата произлегува дека за подносителот не е спорна ситуацијата кога се приложува согласност за исправка на грешката, туку кога таква согласност не се приложува, што според Судот, при отсуство на конкретни причини за оспорување, е немање на правен интерес за оспорување на овој дел од одредбата.

Што се однесува до оспорувањето на целината на член 209 и посебно целината на ставот 6 од Законот, како и по делот означен во точката 2 од ова решение од член 209 став 6 од Законот кои во иницијативата, исто така, се означуваат како оспорени, Судот утврди отсуство на наводи кои би можеле да се доведат во корелација со уставните одредби означени во иницијативата. Имајќи предвид дека согласно со член 23 став 2 од Актот на Судот, иницијативата, меѓу другото, содржи и причини за оспорување, што овде не е случај, по однос на означените оспорени одредби за овие делови од иницијативата постојат процесни пречки за одлучување поради што Судот утврди дека се исполнети условите за отфлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Деловникот.

Врз основа на сето наведено, според Судот, не се исполнети условите од член 37 од Актот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби и делови од одредби од Законот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Судот, согласно со член 79 став 2 од Актот на Судот, одлучи ова решение да се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.102/2024 (од судијата м-р Фатмир Скендер)

Издвоено мислење по предметот У.бр.102/2024 (од судијата м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева)