Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.102/2024 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 35 од Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.124/2019) писмено го образложувам моето
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Во однос на иницијативата, најпрвин сакам да кажам дека, според мое мислење, целосно се основани наводите во иницијативата. Имено, се работи за конфузна одредба, нејасна и непрецизна, со која се повредува правото на сопственост, односно со оспорената одредба се легализираат сторени грешки, а со тоа се легализира и неоснованото стекнување на право на сопственост. Во сите претходни закони од областа на катастарот на недвижностите, сегашните одредби не постоеја. Стекнувањето на правото на сопственост е правно регулирано согласно со Законот за сопственост и други стварни права.
Катастарот на недвижностите има карактер на јавна книга и претставува своевиден тип на матична книга за запишување на правото на недвижностите, односно на правата на сопственост и прибележувања на одредени околности кои се врзани за правото на сопственост и истото запишување има својство на конститутивно дејство.
Запишувањето на правото на сопственост, како и сите други права и околности коишто се поврзани со одредена недвижност, во катастарот на недвижностите се запишуваат врз основа на правна работа (договор за купопродажба, договор за дар и друго), како правни дела, потоа врз основа на наследување, закон и врз основа на одлука на државен орган.
Со оспорената одлука се овозможува грешките направени во катастарот да бидат легализирани спротивно на Уставот и законите, се дозволува арбитрарно работење на сите службеници во Агенцијата за катастар на недвижностите, со што им се овозможува на истите да немаат одговорност при вршење на своите работни задачи, при што може да се создаде хаос во правниот промет со недвижностите и да се повреди правото на сопственост на физичките и правните лица.
На овој начин доведена е во прашање правната сигурност на граѓаните, при што за отстранување на направените грешки, граѓаните се изложуваат на непотребни и големи трошоци.
Дотолку повеќе што за да се исправат настанатите грешки потребна е согласност на другата, евентуално и трета инволвирана страна. На овој начин се стимулира непрофесионалност наспроти законито постапување на вработените во Агенцијата за катастар на недвижностите. Законот за катастар на недвижностите е посебен закон од управната материја, така што Законот за општа управна постапка како општ пропис има супсидијарна примена. Ова го нагласувам од причина што во тој закон е објаснето на кој начин се отстрануваат грешките направени по службена должност. Впрочем, сите сторени грешки од страна на органите на управата, а во конкретниот случај грешките сторени од страна на Агенцијата на катастар на недвижностите, треба да бидат отстранети по службена должност.
Во таа насока, беа одредбите содржани во претходните законски решенија. Имено, во членовите 71 и 94 од Законот за премер, катастар и запишување на недвижности „Службен весник на СРМ“ бр.27/1986 година, а во врска со членовите 31 и 42 од Законот за изменување и дополнување на Законот за премер, катастар и запишување на недвижности „Службен весник на СРМ“ бр.17/1991 година, беше дозволено водење на управна постапка против одлуките на тогашната Републичка геодетска управа, која беше преименувана во Државен завод за геодетски работи, а сега Агенција за катастар на недвижностите. Поточно, со наведените одредби против поединечните акти – решенија странките имаа право на жалба до Владата на Република Македонија, како второстепен орган. Но, со постојниот закон, за жал, тоа е оневозможено. По мое мислење, сосема е неосновано за сторена грешка од страна на Агенцијата за катастар на недвижностите, да трпат последици сопствениците на недвижностите.
Сосема логично се поставува прашањето зошто сопствениците да се изложуваат на дополнителни трошоци за изготвување на геодетски елаборати и за заверување на истите од надлежни геодетски друштва, а потоа да сносат и други трошоци пред нотар, а сето тоа заради грешки направена од страна на службата.
Иронијата е дотолку поголема што вистинскиот сопственик кој е неосновано изложен на трошоци заради сторена грешка на Агенцијата, не може да ја исправи сторената грешка од причина што лицата (било тоа да се правни или физички) на кои е погрешно запишан дел од имотот немаат волја истата да се исправи, или лицата се починати или не постојат како правни лица и слично.
Во една ваква околност, сопственикот на недвижниот имот е должен да води долги и неосновани судски постапку пред редовните судови за исправка на грешки кои се сторени не по негова волја.
Легализирањето на сторени грешки по службена должност, го доведува во прашање спроведувањето на уставното и законското начело на верба во јавните книги.
Поради изнесеното, сметам дека оспорената одредба е уставно проблематична, таа е целосно конфузна, нејасна, во целост го доведува во прашање владеењето на правото, правната сигурност и го повредува правото на сопственост, загарантирано со член 8 од Уставот на Република Северна Македонија.
Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер