Дневен ред за 20. седница закажана за 16 јули 2026 година во 9 часот

На 16 јули со почеток во 9:00 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 20. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се одлучува по четири предмети.

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1.Реферат У.бр.144/2025 и У.бр.145/2025

Oспорени одредби:  Член 75-ѓ став 1 и став 12 алинеи 1 и 2, член 76-д став 5 алинеи 1 и 2 и член 78-а став 4 алинеи 1 и 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 33/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 42/2020, 74/2021, 58/2024 и 76/2024).

Подносители на иницијативите: Политичка партија “Левица” и политичка партија „Демократи”

Од наводите во иницијативата:

(144/2025)Политичка партија “Левица”

Подносителот наведува дека оспорените одредби од Изборниот законик промовираат дискриминаторски пристап од аспект на достапноста на медиумскиот простор и распределување на јавните финансиски средства за платено политичко рекламирање. Во иницијативата се тврди дека Изборниот законик треба да обезбеди уставна рамнотежа преку еднаков третман на сите политички субјекти, преку еднаков пристап, бидејќи медиумскиот простор директно влијае на видливоста на учесниците во изборната кампања. Подносителот смета дека толкувањето на Изборниот законик предвидува сите регистрирани партии кои се јавуваат како учесници во изборниот процес, без оглед дали се парламентарни или вонпарламентарни да добијат соодветна и пропорционална државна поддршка и медиумски простор за претставување на граѓаните. Притоа, нагласува дека термините „може” и „најмногу” не смеат да се толкуваат буквално рестриктивно туку во согласност со целта на законот. Подносителот тврди дека во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии. На овој начин, четирите најголеми партии-по две од власта и две од опозицијата добиваат привилигиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се потполно исклучени, се наведува во иницијативата. 

(145/2025)Политичка партија „Демократи”

Подносителот тврди дека оспорените членови се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 5, член 9, член 16 ставови 1-5 и член 51 од Уставот. Се наведува дека помалите политички партии се ставени во нерамноправна положба, бидејќи се обезбедува 80% од бесплатниот рекламен простор само на четири политички партии, а на останатите само 20% од вкупниот број рекламни паноа и билборди. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби го нарушуваат политичкиот плурализам и слободните демократски избори како темелни вредности на Уставот.

Забелешка: Рефератот беше разгледуван на дневен ред за XVIII-та седница на Судот, одржана на 8 јули 2026 година. Предлогот на судијата-известител не го доби потребното мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање.

II-ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр.112/2025

На 06.05.2026 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1 во делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025). 

Подносител на иницијативата: Aдвокат Кирил Михајлоски

2. У.бр.167/2025

На 29.04.2026 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 6 став 6 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2011, 54/2011, 155/2012, 53/2013, 72/2013, 44/2014, 115/2014, 199/2014, 124/2015, 129/2015, 217/2015, 31/2016 и 190/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 174/2021 и 41/2026). 

Подносител на иницијативата: Aдвоакт Александар Михајлоски

3.УЗ.бр.38/2025

На 08.04.2026 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за уредување на постапката при решавање на барање за одобрение за сеча во приватна шума, број 02-958/1 од 23.10.2015 година.