
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.112/2025
Скопје, 06.05.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 6 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 37 став 1 во делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Кирил Михајлоски, адвокат од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел од законската одредба е спротивен на член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, од причина што со воведувањето на условот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ се ставаат во понеповолна положба деца чии родители се државјани на Република Северна Македонија, а кои се родени во странство, во однос на деца чии родители се исто така државјани на Република Северна Македонија, но кои се родени на територијата на државата.
Се укажува дека местото на раѓање не зависи од волјата на детето, ниту пак може да биде релевантен критериум за остварување права од областа на детската заштита.
Во иницијативата се повикува и на член 4 од Законот за државјанство, според кој дете стекнува државјанство по потекло доколку во моментот на раѓањето двата родители се државјани на Република Северна Македонија, независно од местото на раѓање.
Како доказ за конкретната и актуелна примена на оспорениот дел од одредбата, во прилог на иницијативата се доставува Решение на Министерството за социјална политика, демографија и млади со кое е одбиено барање исклучиво поради тоа што детето е родено надвор од територијата на Република Северна Македонија.
Со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел и истиот да го поништи.
II
На седницата Судот утврди дека согласно со член 37 став 1 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 88/2020, 311/2020, 294/2021, 150/2022, 236/2022, 236/2022, 265/2024, 17/2025 и 132/2025), право на еднократна парична помош за новороденче родено на територијата на Република Северна Македонија има еден од родителите, државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Северна Македонија до денот на раѓањето на детето.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 27 став 2 од Уставот е пропишано дека секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.
Со член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.
Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 4 точка 1 од Законот за државјанството на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/1992, 8/2004, 45/2004, 98/2008, 158/2011, и 55/2016 и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 174/2021 и 67/2022), со потекло стекнува државјанство на Република Северна Македонија дете на кое во моментот на раѓањето двата родители се државјани на Република Северна Македонија.
Согласно со член 5 став 1 од истиот закон, дете родено во странство на кое едниот родител во моментот на раѓањето е државјанин на Република Северна Македонија, а другиот странски државјанин, со потекло стекнува државјанство на Република Северна Македонија ако до наполнети 18 години живот биде пријавено за запишување како државјанин на Република Северна Македонија или ако до наполнети 18 години живот постојано се насели во Република Северна Македонија со родителот кој е државјанин на Република Северна Македонија.
IV
Од анализата на горенаведените уставни и законски одредби произлегува дека со одредбата во која е содржан оспорениот дел се предвидува право на еднократна парична помош само за новороденче родено на територијата на Републиката доколку еден од родителите е државјанин на Републиката.
Имено, од ова право на еднократна парична помош е исклучен родителот државјанин на Република Северна Македонија со место на живеење на територијата на Републиката непрекинато 12 месеци до денот на раѓањето во случаите кога новороденчето е родено надвор од територијата на Република Северна Македонија. Оттука, според Судот, на ваков начин одредени граѓани се ставаат во понеповолна положба без постоење легитимна цел, објективно и разумно оправдување со што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел со правото на еднаквост и правото да се напушти територијата на Републиката што се предвидени со Уставот.
Според Судот, различен третман е дозволен само доколку постои објективно и разумно оправдување и мерката е пропорционална на целта, но во конкретниот случај не постои легитимна цел што би оправдала исклучување од правото на еднократна парична помош на родителите чии деца се родени надвор од територијата на Републиката, што претставува несразмерна мерка.
За децата родени надвор од територијата на Република Северна Македонија чии родители се државјани на Републиката, местото на раѓање не е релевантно за стекнување на државјанство согласно со Законот за државјанство.
Со тоа, преку Законот за заштита на децата не може индиректно да се релативизира статусот на државјанството на родителите, ниту да се воведе условот од оспорениот дел од одредбата што резултира со нееднакво стекнување на правата.
По направената уставно-судска анализа, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 37 став 1 од Законот за заштита на децата со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 27 став 2, член 40 став 1 и член 42 став 1 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски