УЗ.бр.38/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.38/2025
Скопје, 08.04.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 8 април 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за уредување на постапката при решавање на барање за одобрение за сеча во приватна шума, број 02-958/1 од 23.10.2015 година.

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Здружението на граѓани „Засегнати сопственици на недвижен имот“ од Берово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 14 став 1 алинеја 1 од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба не е во согласност со членовите 50, 51 и 52 од Уставот, со законските одредби коишто го регулираат стопанисувањето со приватните шуми, како и со законските одредби коишто ги регулираат условите за неиздавање одобрение за сеча во приватна шума.

Воедно, се посочуваат правните основи врз основа на кои е донесено Упатството чијашто одредба се оспорува – член 36 од Статутот на ЈП „Македонски шуми“, а во врска со повеќе законски и подзаконски одредби.

Според наводите, во ниту еден од наведените правни основи не е уредена хипотеката, туку напротив во ниту еден од нив воопшто не е спомената.

Согласно со член 14 од Упатството, се регулираат условите за неиздавање одобрение за сеча, при што според став 1 алинеја 1 одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде, покрај другото, и кога постои хипотека на шумата за која се доставува барањето, односно кога се бара одобрение за сеча.

Исто така, се наведува дека Упатството нема правен основ за донесување, бидејќи во член 68 од Законот за шумите се регулирани условите под кои не може да се издаде одобрение за сеча во приватните шуми, при што хипотеката не е услов за неиздавање вакво одобрение.

Согласно со член 43 од Законот за шумите е предвидено во нив да се вршат одгледувачки работи, но тоа е невозможно без добивање одобрение за сеча во шуми врз кои има воспоставено хипотека.

Се наведува дека со член 14 од Упатството, се повредува и член 27 став 2 од Законот за договорен залог, според кој доколку предметот на залогот дава плодови, како што во конкретниот случај тоа е годишниот прираст на шумата изразен во сечив етат, заложниот должник ќе го задржи за себе ако со договорот за залог поинаку не е предвидено. Таков тип на хипотекарен договор ретко може да се склучи за шумите, бидејки годишниот прираст како сечив етат стручно преставува одгледна мерка за шумата, предвидена за сеча согласно со член 43 од Законот за шумите.

Подносителот, исто така, смета дека со оспорената одредба повреден е и член 4 од Законот за општа управна постапка, без да се дадат соодветни причини за оспорување.

Оспорената одредба предизвикува големи штети на сопствениците на недвижен имот од Берово, бидејќи со примена на предметното упатство, сопствениците на шуми се лишени од правото на користење на дозволениот годишен сечив етат.

Покрај тоа, без одобрение за сеча тие не се во можност да ги извршуваат заштитно-одгледните работи предвидени со Законот за шумите и на тој начин да ја зголемат вредноста на сопствената шума.

Исто така, се наведува дека во повеќе наврати сопствениците изјавиле жалби до надлежната Второстепена комисија, коишто биле одбиени. Покрај ова донесена е и првостепена пресуда од Управниот суд, со која е одлучено во корист на ЈП „Национални шуми“ со образложение дека шумата е под хипотека.

Имајќи го предвид наведеното се предлага Уставниот суд да ја оцени уставноста и законитоста на оспорената одредба.

II

На седницата Судот утврди дека со член 14 став 1 алинеја 1 од Упатството за уредување на постапката при решавање на барање за одобрение за сеча во приватна шума, број 02-958/1 од 23.10.2015 година, донесено од директорот на ЈП „Национални шуми“ – Скопје, е пропишано дека одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде ако барателот/ите не поседува/ат доказ за право на сопственост на шумата или постои хипотека на шумата за која се доставува барањето.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Согласно со член 26 од Актот на Уставниот суд, при испитување на иницијативата, Судот не е ограничен со наводите или одредбите што се оспорени во истата.

Согласно со член 63 став 1 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015, 7/2016, 39/2016 и 147/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 274/2022, 255/2024, 59/2025 и 58/2026), ознака за сеча (стеблимична и групимично пребирна) во државна шума ја извршува стручно лице, со високо образование дипломиран шумарски инженер – насока шумарство, вработено во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми “ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја, кое има работно искуство од најмалку две години од областа на стопанисување со шумите.

Според став 2 од истиот член, ознака за површинска – чиста сеча и ознака на ретки видови дрвја и поединечни или група шумски дрвја на површини надвор од шума како пасишта, земјоделско и градежно земјиште обраснато со висока вегетација, во државна сопственост извршува стручно лице со високо образование дипломиран шумарски инженер – насока шумарство, со или без работно искуство во областа на стопанисување со шумите, или стручно лице со средна стручна подготовка шумарски техничар – насока шумарство, со најмалку една година работно искуство од областа на стопанисување со шумите, вработено во Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.

Со став 3 од истиот член е пропишано дека ознака за сеча (стеблимична, групимично пребирна и површинска-чиста сеча), како и ознака на ретки видови на дрвја, на поединечни или група на шумски дрвја на површини надвор од шума во приватна сопственост, вршат Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја.

Согласно со став 4 на овој член, јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ за шумите со стопанска намена и приватните шуми, другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја за шумите во заштитените подрачја и приватните шуми и наставно-научните установи од шумарска струка изработуваат шумски жиг за ознака за сеча и шумски жиг за жигосување на дрво и дрвни сортименти, како и правните лица кои вршат увоз и продажба на дрво и дрвни сортименти изработуваат шумски жиг за жигосување на увезеното дрво и истите ги доставуваат на увид и заверка во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството. Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Национални шуми“ за шумите со стопанска намена и другите субјекти задолжени да управуваат со заштитените подрачја за шумите во заштитените подрачја за обележување на дрвната маса од настаната шумска штета изработуваат шумски жиг и истото го доставуваат на увид и заверка во органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Со став 5 од овој член се пропишува дека за вршење на ознака за сеча согласно со ставовите (1) и (2) на овој член средства обезбедува корисникот на шумата, а за вршење на ознака за сеча согласно со ставот (3) на овој член средства обезбедува сопственикот на шумата.

Според став 6 од овој член, за заверените шумски жигови за ознака за сеча, шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти и шумски жигови за жигосување на увезено дрво од ставот (4) на овој член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството води евиденција во Регистар на заверени шумски жигови за ознака за сеча и шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти.

Согласно со став 7 од истиот член, формата и содржината на регистарот на заверени шумски жигови за ознака за сеча, шумски жигови за жигосување на дрво и дрвни сортименти, шумски жигови за жигосување на увезено дрво и шумски жигови за обележување на дрвна маса од настаната шумска штета како и начинот на неговото водење го пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Со член 68 од Законот за шумите се пропишани условите за неиздавање одобрение за сеча, на тој начин што е предвидено дека одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде ако лицето не поседува доказ за право на сопственост на шумата, не е извршена промена на културата во катастарската евиденција, видно и трајно не се обележани границите на шумата за која се однесува барањето за сеча од страна на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи и не се извршени предвидените мерки во одобрението за сеча од претходната година.

Со член 36 од Статутот на ЈП „Македонски шуми” бр. 02-168/1 од 06.03.2023 (пречистен текст) е предвидено дека директорот донесува акти и упатства од негова надлежност и издава налози и наредби со кои се обезбедува работењето на јавното претпријатие.

IV

Упатството чијашто одредба се оспорува во иницијативата е донесено врз основа на член 36 од Статутот на ЈП „Македонски шуми”, а во врска со член 63 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 64/2009); член 3 од Законот за измени и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.79 од 31.05.2013 година); член 3 од Законот за измени и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.160 од 31.10.2014 година); Правилникот за начинот на жигосување, видот на шумскиот жиг за жигосување за исечено дрво и дрвни сортименти, начинот на издавање испратница, пуштање во промет на исечено дрво, формата и содржината на регистарот на издадени и заверени испратници, формата и содржината на испратниците, формата и содржината на барањето за издавање на испратница и висината на надоместокот за издадени испратници („Службен весник на Република Македонија“ бр.183 од 12.12.2014 година); Правилникот за видот на ознаката за сеча, видот на шумскиот жиг за ознака за сеча, начинот на вршење на ознаката за сеча, формата и содржината на книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во приватна сопственост и книгата за евиденција за направена шумска штета во шума во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.183 од 12.12.2014 година) и Правилникот за критериуми за стопанисување со шумите во приватна сопственост за кои не се изработува посебен план или програма како и формата и содржината на евиденцискиот картон за приватни шуми за секоја катастарска парцела посебно („Службен весник на Република Македонија“ бр.102 од 18.06.2013 година),од страна на директорот на ЈП „Македонски шуми“ п.о. Скопје.

Oд анализата на Законот за шумите произлегува дека законодавецот ги уредил прашањата поврзани со ознаката за сеча, субјектите овластени да ја вршат, условите под кои се врши, како и случаите во кои не може да се издаде одобрение за сеча. Во таа насока, Законот за шумите јасно ги определува и органите надлежни за донесување подзаконски акти, при што овластувањето за уредување на одредени прашања со подзаконски прописи изречно му е доверено на министерот надлежен за работите од областа на шумарството, а не на органите на ЈП „Македонски шуми“.

Оттука, во Законот за шумите не постои законска норма со која би се воспоставило овластување за директорот или друг орган на ЈП „Македонски шуми“ да донесува упатства со нормативен карактер, со кои се пропишуваат услови, ограничувања или последици што директно задираат во правата и обврските на субјектите во постапката за издавање одобрение за сеча.

Во таа смисла, Статутот на ЈП „Македонски шуми“ не претставува правен основ за донесување на оспореното упатство, бидејќи ваквиот вид акт не може да воспостави надлежност што претходно не е утврдена со закон. Секое поинакво толкување би значело дозволување подзаконски акт да создава нови овластувања надвор од законската рамка, што е спротивно на начелото на законитост и хиерархијата на прописи.

Понатаму, ниту правилниците врз чија основа е донесено Упатството не содржат одредби со кои се делегира надлежност за донесување на ваков вид упатства, ниту пак предвидуваат можност ЈП „Македонски шуми“ да уредува прашања што веќе се предмет на законско регулирање. Со тоа, повикувањето на истите не претставува правен основ за донесување на оспорениот акт.

Особено значајно е што содржината на оспорената одредба од Упатството фактички воспоставува дополнителни услови за неиздавање одобрение за сеча, што не се предвидени со член 68 од Законот за шумите. На овој начин, со подзаконски акт се интервенира во материја што е исклучиво предмет на законско уредување, при што се прошируваат законските ограничувања без соодветна правна основа.

Доносителот на Упатството излегол надвор од рамките на своите законски овластувања и навлегол во сфера на создавање нови правни норми без законски основ, поради што оспореното упатство не претставува акт на операционализација на Законот.

Владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија се остварува и преку уставната определба од член 51 од Уставот, според која законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Следствено на наведеното, во правниот поредок не може да егзистира пропис што не се темели на закон, ниту пак може со подзаконски акт да се менува или проширува законски уредена материја. Оттука, со донесувањето на Упатството без законски основ се повредуваат член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски