Дневен ред за 7. седница закажана за 11 март 2026 година во 9:30 часот

На 11 март 2026 година, среда, со почеток во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 7. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира по девет иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за преиспитување на одлука на Уставниот суд и два предлога за донесување конечни одлуки по предмети. 

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.177/2024 

Оспорен акт: Терминот „привремен“ во насловот и во целиот текст на Законот за таксата за привремен престој („Службен весник на Република Македонија” бр. 19/1996, 26/2002, 51/2003, 88/2008, 17/2011, 192/2015 и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/2020). 

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот, меѓудругото наведува дека терминот „привремен” е спротивен на членот 2 став 1 членот 4 став 1, членот 8 став 1, членот 27 став 1 од Уставот. Според подносителот терминот „привремен престој” е воведен во 1965 година и по толку години не може да биде усогласен со современите уставни вредности.

Забелешка: Рефератот беше разгледуван на дневен ред за 19. седница на Судот, одржана на 17 септември 2025 година. Предлогот на судија-известител не беше усвоен, поради недобиено мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање. 

2. Реферат У.бр. 12/2025

Oспорен акт: Делот „следува надоместок” од членот 34 став 5 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бp.136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016, 189/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 7/2019, 99/2022, 129/2023, 253/2023 и 147/2024) и Точка 1 од Одлуката за давање согласност за присоединување на Друштвото за производство, трговија и услуги увоз-извоз Боров Дол ДООЕЛ Радовиш кон Друштвото за производство, трговија и услуги БУЧИМ ДООЕЛ Радовиш бр.41- 12385/7 од 31.12.2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.2/2025). 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените делови се во спротивност со една од темелните вредности на Уставот, владеењето на правото бидејќи, според него се остава можност на арбитререн начин да се определува „надоместокот”. 

Забелешка:Рефератот беше разгледуван на дневен ред за 27. седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија, одржана на 11 декември 2025 година. Предлогот на судијата- известител не беше усвоен, поради недобиено мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање. 

3. Реферат У.бр.25/2026, У.бр.26/2026 и У.бр.33/2026 

Oспорен акт: член 28 став 8, член 29 став 4, членовите 48-а, 48-б, 48-в 48-г и член 83 став 8 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019, 253/2023, 13/2026).

У.бр.25/2026

Оспорени одредби: Член 4 став 5, член 5 став 3, член 8 глава 7-а, член 48-а делот „достава”, член 48-б делот „издавање на записник за сторен сообраќаен прекршок со сообраќаен патен налог”, член 7-б делот „прифаќање на одговорност за сторен прекршок, член 48-в, член 48-г „неприфаќање на одговорност за сторен прекршок” и член 15 од Законот за прекршоци од 23.01.2026 година

Подносители на иницијативата: Зиадин Села, Илире Даути, Елми Азири

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека за нив е спорно што со овој проект се наметнува законска обврска на сите граѓани да имаат личен телефонски број, електронска адреса за да се остварат комуникациите и да се биде достапен при евентуална порака за прекршок. Дополнително, се тврди дека спорно е што во ниеден дел не е предвидено дека во телефонската порака или електорнска комуникација треба да се испочитува член 7 од Уставот, во насока на Законот за употреба на јазиците. Се наведува и дека сите граѓани не се ставени во иста положба, бидејќи системот се спроведува само во Скопје, Тетово и Куманово, за што тврди дека „под лупа” е ставено албанското население кое на овие територии е во поголем број, за разлика од другите градови во државата.

 У.бр.26/2026

Oспорени одредби: Член 48-б, 48-в, 48-г

Подносител на иницијативата: Или Пачуку

Од наводите во иницијативата:

За подносителот е спорно тоа што овој систем се применува само на територијата на градовите Скопје, Куманово и Тетово, а не на целата држава и поради тоа тврди дека има селективна територијална примена и спорен начин на кој се применува. Подносителот тврди дека идентични сообраќајни прекршоци во одредени градови се санкционираат автоматски преку електронски систем, додека во други делови од територијата на државата не подлежат на ист степен на контрола и санкционирање. Се наведува дека на тој начин се создава различен третман врз граѓани, врз основа на географската локација. Се додава, дека не е јасно по кои критериуми се избрани токму овие градови и колку долго ќе трае примената.За подносителот спорна е и т.н „пилот фаза” бидејќи, според него е нејасна и временски неограничена.

У.бр.33/2026

Оспорен акт: Член 28 став 8, член 29 став 4, член 48 ставови а,б, в, г и член 83 став 8 од Законот за прекршоците

Подносител на инцијативата: Политичката партија „Алијанса на Албанците преку нејзиниот претседател Арбен Таравари”

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот спорно е што одредбите од Законот не важат на територијата на целата држава, туку се имплементирани само во Скопје, Тетово и Куманово. Според наводите, ова е во спротивност со Уставот, бидејќи законите треба да важат подеднакво за сите, без оглед на околностите во кои живеат. 

4. У.бр.64/2025  

Оспорен акт: Член 48 став 6 во делот „а може да го утврди условот од членот 88 став (4) точка б) од овој закон” од Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија” бр.24/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.87/2021 и бр. 14/2025) и членовите 16 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.14/2025). 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека одредбите доведуваат до забуна при примената, ретроактивност, а дополнително според него е нејасно како се прошируваат основите за разрешување на претседателот или членот на Државната комисија за жалби по јавни набавки за што веќе имало и примери од праксата. 

5. Реферат У.бр.129/2025

Оспорен акт: Член 136 точка 3 од Законот за забавни игри и игри на среќа („Службен весник на Република Македонија” бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016, 178/2016, 251/2012 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 168/2024).

Подносител на иницијативата: Дритан Фејзулаи

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената одредба се предвидува плаќање на месечна такса во износ од 10 евра за секој компјутер во просториите за забавни игри, независно од бројот на клиенти или добивката на претпријатието. Сето наведено, тој смета дека е спротивно со владеењето на правото, упад во правото на сопственост и нарушување на слободата на пазарот и вршење на стопанска дејност.  Во иницијативата е наведено дека со наметната обврска преку членот 136 се ограничува уставно-загарантираната слобода на приватната стопанска иницијатива, особено за малите претпријатија, бидејќи фиксната такса според него е неоправдана и ја загрозува нивната економска одржливост. 

6. Реферат У.бр.137/2025 

Оспорен акт: Член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за изменување и дополнување на Законот за метрологијата („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 156/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорената одредба се воспоставува ретроактивна примена на Законот, неповолна за граѓаните. 

7. Реферат УЗ.бр.4/2025

Оспорен акт: Одлука за одредување височина на нулта плоча за градби кај терени во пад во Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар Скопје“ бр.1/2024).

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Радојков

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената Одлука на терен се менуваат сите детални урбанистички планови во Општината, бидејќи со неа се менуваат услови во ДУП-ови со промена на максималната височина на градба, без прецизни параметри со можност за злоупотреби од големи размери, со промена на максимално дозволениот процент на изграденост, коефициентот на искористеност на градежното земјиште. Се наведува дека на Одлуката не претходела ниту стручна ревизија, расправа ниту јавна резентација или пак јавна анкета, предвидени со Законот за урбанистичко планирање. 

Забелешка: Рефератот беше разгледуван на дневен ред за од ХХ-та седница на Судот, одржана на 24 септември 2025 година. Предлогот на судијата-известител не беше усвоен, поради недобиено мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање. 

8. Реферат УЗ.бр.40/2025 

Оспорен акт: Член 17 став 3 од Статутот на синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-стамбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Македонија 

Подносител на иницијативата: Александра Дамчевска и други граѓани

Од наводите во иницијативата: Подносителите тврдат дека оспорениот член од Статутот е во спротивност со членот 20 од Уставот кој гарантира слобода на здружување, како и дека е во спротивност со членовите од Законот за работни односи кои предвидуваат доброволност при членство во здруженија на граѓани и синдикати. Според наведеното во иницијативата,  се забранува истапување од СУТКОЗ цели три години по зачленувањето, што за подносителите на иницијативата е спорно бидејќи работниците од областа на угостителството, туризмот и комунално-станбеното стопанство се обврзани да бидат дел од наведениот синдикат 3 години, без можност за истапување порано, доколку така сметаат. 

Забелешка: Предметот беше разгледуван на 26. седница на Судот, одржана на 3 декември 2025 година и истиот е во фаза на гласање.

9. Реферат УЗ.бр.55/2025 

Оспорен акт: 

Глава IV точка IV.1 точка IV.14 во делот „а ако е предложен од страна на група на избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапка за кандидирање утврдена со Изборен законик” и точка IV.17 во делот „а ако е предложен од страна на група избирачи може наместо него да предложат без собирање на потписи во постапка за кандидирање утврдена со Изборен законик” од Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје, 2025 година, пречистен текст, број 11-1583/3 од 17 август 2025 година. 

Подносител на иницијативата: Светски македонски конгрес

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека Државната изборна комисија нема надлежност да ја суспендира Одлуката на Уставниот суд, ниту може да пропишува услови за остварување на избирачкото право и правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавните функции, спротивно на Уставот и на Изборниот законик. 

II- БАРАЊЕ ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ ОДЛУКИ НА УСТАВНИОТ СУД

Реферат УЗ.бр.37/2025 

Оспорен акт: Oдлука на Уставниот суд („Службен весник на Република Северна Македонија бр.154/2023”)

Подносител на иницијативата: Вера Апостоловска

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката ја оспорува Одлуката на Уставниот суд поради учество во гласањето на судијата Елизабета Дуковска и наведува дека истата немала право на гласање поради фактот дека сега нејзиниот избор за уставен судија е поништен од Управниот суд. 

III- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ 

1. У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 

На 24.12.2025 Судот поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024).

2.У.бр.71/2025 

На 24.12.2025 година Судот поведе постапка за оценување на – Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) и

– Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024).