У.бр.71/2025

Уставен суд на                                                                                                             
Република Северна Македонијa   
У.бр.71/2025                                                                                                                  
Скопје, 24.12.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска,   д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) и
– Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024),

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија, застапувано од Елвин Вели, претседател на здружението, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на законите означени во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорените закони се спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11, член 9, член 32 став 3, член 54 став 1 и член 106 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивни на член 1 од Протокол 1 од Европската конвенција за човековите права.

Во иницијативата се наведува дека оспорените закони се противуставно и незаконито решение со што се загрозува независноста на јавните обвинители со економски притисок, преку правно недозволено намалување на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители како самостојни државни органи.

Неспорно е дека уредувањето на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители е законска материја, а законодавецот има право да ја уредува висината на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавни обвинители, но принципот на независност единствено може да се гарантира само преку обезбедување материјална сигурност на носителите на овие јавни функции која ќе гарантира неможност на било какви надворешни притисоци врз носителите на тие функции.

Државата, спротивно на принципот на правната сигурност, многу често донесува законски измени преку кои се влијае со намалување на платите на јавните обвинители. Со ваквото намалување на платите со закон, се губи предвидливоста во остварувањето на месечните приходи и ускладување на своите финансиски обврски спротивно на уставно гарантираното право на плата.

Со оспорените законски измени се нанесува директна штета на јавните обвинители и членовите на Советот на јавни обвинители, која штета била изразена како спречување на зголемување на нечиј имот што согласно со праксата на Европскиот суд за човекови права се подразбираат и личните примања и легитимните очекувања за зголемување на тие примања.

Законодавецот во период од една година, по вторпат интервенирајќи со намалување на коефициентите и ограничување на порастот на платите, при иста методологија на пресметка на плати, влијае на намалување на платите, што може да доведе до состојба на зависност спротивно на уставната гаранција за независност на јавното обвинителство како државен орган како и спротивно на член 74 став 2 од Законот за јавното обвинителство, член 2 став 2 од Законот за платите на јавните обвинители и член 2 став 2 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, за кои законски решенија подносителот наведува дека се донесени во правец на гарантирање на независноста на јавните обвинители, која независност преку економски притисок и често намалување на платите може да биде доведена во прашање.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека начинот на пресметување на платата на јавните обвинители и членовите на Советот на јавни обвинители којшто се врши преку пресметка на коефициенти од просечната исплатена нето-плата, гарантира дека платите на јавните обвинители и членовите на Советот ќе се движат во рамки на пазарните законитости, односно ќе расте или ќе се намалува во согласност со порастот или намалувањето на просечната плата што има оправдување, но, оспорените законски решенија не се поврзани со економскиот пораст или пад, туку овозможуваат намалување на платите на јавните обвинители коишто се ставени во понеповолна положба, независно од растот или падот на економијата, а со тоа и на просечната плата во државата.

Со оглед на тоа дека овие законски измени се донесени во услови кога има пораст на минималната плата, зголемен буџет и зголемен бруто домашен производ, значи дека не станува збор за финансиска состојба во државата што беше оправдување на Владата за претходно донесените измени.

Се наведува дека судската независност како и јавнообвинителската независност се составен дел од правото на Европската Унија, па мерките коишто го нарушиле овој принцип како неосновано намалување на платите на судиите и јавните обвинители и советите коишто се дел од правосудниот систем и ја гарантираат независноста и самостојноста на судиите и јавните обвинители, може да доведат до повреда на принципите на самостојност и независност.

Со иницијативата се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените закони и истите да ги поништи или укине, а до донесување на конечна одлука, Судот, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените закони, бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици во вид на дополнителни трошоци по државниот Буџет.

II

На седницата Судот утврди дека Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, донесени на седницата на Собранието одржана на 25 декември 2024 и објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 272 од 27.12.2024 година.

Со член 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители се предвидува дека во Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија” бр.153/2009, 67/2010, 97/2010 и 231/2015) и („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 51/2024), членот 6 се менува и гласи:

„(1) Платите на јавните обвинители се распоредени во пет групи, изразени во коефициенти.
(2) Коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители изнесува од 2,15 до 2,84.
(3) Пресметувањето на платите се врши според видот на јавното обвинителство во кое јавниот обвинител ја врши својата функција и тоа:

1. првата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 2,30 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,15, кои постапуваат пред судовите со основна надлежност;
2. втората група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент од 2,46 и јавните обвинители во основните јавни обвинителства со коефициент од 2,23, кои постапуваат пред судовите со проширена надлежност;
3. третата група ги опфаќа основниот јавен обвинител со коефициент 2,69 и јавните обвинители со коефициент 2,46 во Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција;
4. четвртата група ги опфаќа вишиот јавен обвинител со коефициент 2,69 и јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство со коефициент 2,46 и
5. петтата група ги опфаќа Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со коефициент 2,84 и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија со коефициент 2,61.

(4) На коефициентот на плата на јавен обвинител кој раководи со одделение во Јавното обвинителство се додава 0,2.“

Во член 1 од оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, е предвидено дека во Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 139/2009, 67/2010 и 97/2010) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 51/2024), членот 5 се менува и гласи:

„Коефициентот за утврдување на платите изнесува:
– на претседателот на Советот 3,07,
– на заменик-претседателот на Советот 2,84 и
– на членовите на Советот 2,84.“

Двата оспорени закони содржат идентични членови 2, 3 и 4 со кои е определено дека основица за пресметување на платата за месец јануари 2025 година е просечна исплатена месечна плата по вработен во Републиката за 2023 година според податоците од Државниот завод за статистика, предвидените коефициенти ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година и дека законите влегуваат во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, правната заштита на сопственоста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Согласно со член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во член 106 став 1 од Уставот, е предвидено дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Според член 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица („Службен весник на СР Македонија“ бр.36/90, „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/91, 23/97, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 51/24 и 272/24), основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Со член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 272/2024) се менува член 12 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, според кој коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на платата изнесуваат од 1,69 до 3,47.

Според член 2 став 2 од Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2009, 67/2010, 97/2010, 231/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024 и 272/2024), платата на јавниот обвинител, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган. Платата на јавниот обвинител може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност согласно со закон.

Согласно со член 5 од истиот закон, платата на јавниот обвинител се пресметува на начин што се множи основицата со коефициентот за утврдување на платата. Основица за пресметување на платата на јавните обвинители е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Според член 2 став 2 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2009, 67/2010 и 97/2010 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024 и 272/2024), платата на членот на Советот, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со друг закон или одлука на државен орган.

Во член 4 од Законот е предвидено дека платата на членовите на Советот на јавните обвинители се пресметува на начин што основицата се множи со коефициентот за пресметување на платата. Основицата за пресметување на платата на членовите на Советот на јавните обвинители е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Член 74 став 2 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), предвидува дека платата на јавниот обвинител во време на траење на функцијата јавен обвинител не смее да се намали, освен во случаи определени со закон.

IV

Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт, правната заштита на сопственоста, почитување на општо прифатените норми на меѓународното право, како темелни вредности, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, правото на соодветна заработувачка, случаите на ограничувања на слободите и правата и положбата на јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган, се уредени во член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4, 6 и 11 член 9, член 32 став 3, член 54 став 1 и член 106 став 1 од Уставот.

Исто така, во рамки на меѓународноправните стандарди определени во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, правото на сопственост е утврдено во член 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со иницијативата се оспоруваат Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, донесени на седницата на Собранието одржана на 25 декември 2024 година и објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 272 од 27.12.2024 година. Со овие законски измени се намалени коефициентите за пресметување на плата на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

Двата оспорени закони содржат идентични членови 2, 3 и 4 со кои е определено дека основица за пресметување на платата за месец јануари 2025 година е просечна исплатена месечна плата по вработен во Републиката за 2023 година според податоците од Државниот завод за статистика, предвидените коефициенти ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година и дека законите влегуваат во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Со оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) со членот 1 се намалени коефициентите за утврдување на платата на јавните обвинители. Пред усвојување на измените коефициентот за утврдување на платата на јавните обвинители беше утврден на 2.43 до 3.21 што значи дека најнискиот коефициент од 2.43 е намален за 0.28, додека највисокиот коефициент од 3.21 е намален за 0.37, платите на јавните обвинители се распоредени во пет групи изразени во коефициенти.

Што се однесува до коефициентите за утврдување на платата на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, истите се разликуваат во зависност од должностите како член, претседател, односно заменик-претседател на Советот и на членовите на Советот и се намалени со член 1 од Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители. Претходно коефициентот за утврдување на платата на претседателот на Советот изнесувал 3.47, а на заменик на претседателот и на членовите на Советот изнесувал 3.21, односно коефициентот е намален за 0.4 или 0.37.

Според членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Со член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) се менува член 12 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, според кој коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на платата изнесуваат од 1,69 до 3,47.

Според официјалните податоци објавени од Државниот завод за статистика, просечната исплатена бруто-плата по вработен за 2023 година изнесувала 54 916,оо денари, а за 2024 таа изнесува 61 984,оо денари. Поради овој пораст на просечната бруто-плата во 2024 година, од почетокот на 2024 година, платите на функционерите вклучително и на јавните обвинители се пресметуваат по нова основица за 12,87%.

Со Законот за платите на јавните обвинители, се уредува системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на јавните обвинители. Јавниот обвинител има право на плата соодветна на значењето и угледот на јавнообвинителската функција што ја врши, тежината на работата и неговата одговорност. Платата на јавниот обвинител, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган. Платата на јавниот обвинител може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност согласно со закон. Средствата за плата, надоместоци и примања на јавниот обвинител утврдени со овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Платата на јавниот обвинител се пресметува во бруто износ, а се исплатува во нето паричен износ еднаш месечно во тековниот месец за претходниот месец, а најдоцна до 15 во тековниот месец. Висината на платата на јавниот обвинител се утврдува во зависност од: видот на јавното обвинителство, одделот и видот на предметите по кои постапува, внатрешните должности во јавното обвинителство, работниот стаж, научно-стручните звања и специјализација и постигнатите резултати во вршењето на функцијата јавен обвинител.

Според член 2 од овој закон, Јавниот обвинител има право на плата соодветна на значењето и угледот на јавнообвинителската функција што ја врши, тежината на работата и неговата одговорност. Платата на јавниот обвинител, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган. Платата на јавниот обвинител може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност согласно со закон.

Согласно со член 5 од истиот закон, платата на јавниот обвинител се пресметува на начин што се множи основицата со коефициентот за утврдување на платата. Основицата за пресметување на платата на јавните обвинители е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Со Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија се уредуваат системот на плати, надомeстоците на плата, други надоместоци и примања на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија. Одредбите на овој закон не се однесуваат на членовите на Советот по функција.

Според член 2 од Законот, членот на Советот има право на плата, надоместоци на плата, други надоместоци и примања соодветни на значењето и угледот на неговата функција. Платата на членот на Советот, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со друг закон или одлука на државен орган.

Во член 4 од Законот е предвидено дека платата на членовите на Советот на јавните обвинители се пресметува на начин што основицата се множи со коефициентот за пресметување на платата. Основицата за пресметување на платата на членовите на Советот на јавните обвинители е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.

Со Законот за плати на јавните обвинители и со Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, законодавецот го уредил системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, при што ги вградил сите барања што произлегуваат и од меѓународноправни инструменти како што се сразмерност на платите на обвинителите со значењето и угледот на јавнообвинителската функција, тежината на работата и одговорноста, начелото на неменливост, односно забрана на намалување на платите со што се гарантира стабилноста на плати, утврдување на рок за исплата на платите со што се обезбедува редовност на платите. Со Законот, исто така, се утврдува и начинот на пресметка на платите, при што основицата за пресметка на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители е врзана со основицата за пресметување на платата на избрани и именувани лица со што се овозможува платите да бидат на еднакво рамниште со платите на носителите на највисоките функции во законодавната и во извршната власт.

Во однос на коефициентите на платите, законодавецот предвидел тие да се определуваат според определени објективни критериуми како што се видот на јавното обвинителство, сложеноста на задачите и дополнителните работи и овластувања на јавниот обвинител.

Со оспорениот член 1 од Законот за измени на Законот за платите на јавните обвинители, намалени се коефициентите за утврдување на платата на јавните обвинители и тие сега изнесуваат од 2,15 до 2,84 за разлика од претходно, пред измената, кога изнесувале од 2,43 до 3,21.

Исто така, со оспорениот член 1 од Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, намалени се коефициентите за утврдување на платата на членовите на Советот и тие сега изнесуваат: за претседател на Советот е намалена на 3.07 за разлика од претходно пред измената кога изнесувале 3.47, на заменик на претседател на Советот на 2.84 од 3.21 и членовите на Советот на 2.84 од 3.21.

Од анализата на одредбите на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, произлегува дека со овој закон законодавецот го уредил системот на плати, надомeстоците на плата, други надоместоци и примања на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија. Слично како и за јавните обвинители и за членовите на Советот на јавните обвинители, законодавецот предвидел правото на плата и на други надоместоци на членовите на Советот да бидат соодветни на значењето и угледот на функцијата и дека платата на членот на Советот не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган, од што произлегува заклучокот дека и за оваа категорија на функционери законодавецот предвидел речиси идентични гаранции за плата како и за јавните обвинители.

Во двата оспорени закони во член 2, е предвидено дека основицата за пресметување на платата за месец јануари 2025 година е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за 2023 година, според податоците на Државниот завод за статистика, како и член 3 кој предвидува дека Законот влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Според тоа, за Судот не е спорно дека платите на јавните обвинители како и платите воопшто во јавниот сектор зависат од економската состојба во земјата и тие не се непроменлива категорија, така што и забраната за намалување на платите на јавните обвинители нема апсолутен карактер. Но, сепак, тоа не значи дека законодавецот е сосема слободен при уредувањето на правото на плата на јавните обвинители. При уредувањето на ова прашање, а особено во случај на интервенции во висината на платите, законодавецот е посебно врзан со принципот на независност и самостојност на правосудните органи којшто е гарантиран со Уставот, така што тој мора да ја земе предвид посебната улога и функција на јавните обвинители и нивното значење за остварувањето и заштитата на правата на граѓаните и да обезбеди, меѓу другото, гаранции за положбата и статусот на јавните обвинители, и соодветни материјални основи за да можат јавните обвинители да ја остваруваат јавнообвинителската функција самостојно и независно. Оттука, со секоја интервенција во платите на јавните обвинители, мора да се води сметка платата и понатаму да ја гарантира и обезбедува материјалната сигурност на носителите на јавнообвинителската функција и со својот износ да претставува сигурност од можни надворешни притисоци и влијанија, како и заштита од корупција.

Меѓутоа, законодавецот во период од една година направи две интервенции во оспорените закони со донесување закони за изменување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители при што ги намали коефициентите за утврдување на плата.

Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024), беа предмет на оцена пред Уставниот суд кој во Решението У.бр.131/2024 и У.бр.143/2024 од 20 јуни 2024 година, во фактичка состојба утврди дека по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година, произлезе зголемување на основицата за утврдување на платата на избраните и именуваните лица. Со цел да се ограничи можноста за ново и значително покачување на платите на избраните и именуваните лица, при исплатата на платите за февруари и март, било пресметано усогласување на платите од 15% за колку што пораснала просечната плата во јавниот сектор во минатата година, но истовремено со законската измена биле намалени коефициентите за 13%. Судот утврди дека, платите на обвинителите и на членовите на Советот на јавните обвинители не се намалиле, туку незначително (за 2%) се зголемиле.

Со сега оспорените Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, повторно се намалуваат коефициентите за утврдување на платата на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, што значи во овој случај со намалувањето на коефициентите има намалување и на платата, што е спротивно на член 2 став 2 од Законот за платите на јавните обвинители, според кој платата на јавниот обвинител, утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намaлена со закон или одлука на државен орган.

Неспорно е дека уредувањето на платите е законска материја и законодавецот има право да ја уредува висината на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавни обвинители, но Судот изрази сомнеж дека, законодавецот, со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство, а го доведува во прашање и остварувањето на правото на вработените на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот, коешто произлегува од нивниот статус и создава обврска за државата преку законското уредување да обезбеди правен основ за негово остварување.

Поради наведените причини, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените закони со владеењето на правото како темелна вредност уредена во член 8 став 1 алинеја 3, како и со принципот на самостојност и независност на јавното обвинителство согласно со член 106 став 1 и правото на вработените на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.71/2025