
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025
Скопје, 24.12.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 2 и 3 и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 51/2024).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Ерол Абдулаи и Александра Палашевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија доставија две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на законите означени во диспозитивот на ова решение.
Здружението на судиите на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател Иван Џолев, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.
Според наводите во првата иницијатива, со Законот за изменување на Законот за платите на судиите, донесен на 29.02.2024 година и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024 повредени се темелните вредности на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска; правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право), Амандманот XXV на Уставот, според која судовите се самостојни и независни, како и член 32 став 3 од Уставот којшто предвидува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Се наведува дека и покрај тоа што Уставниот суд во 2024 година одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на истиот закон (Решение У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 од 15.05.2024 година), со оглед на воспоставената практика при одлучувањето за уставноста на Законот за облигационите односи, потребно е Судот ова прашање повторно да го разгледа од следниве причини: фактот што во повеќе судови во земјата биле донесени правосилни пресуди по тужби за помалку исплатена плата поднесени од судии со кои им било признато правото на разлика за помалку исплатена плата за јануари 2024 година и доплата на придонеси од што може да се заклучи дека намалувањето на коефициентите што всушност претставува намалување на платите коишто требало да бидат повисоки, доколку не била извршена оспорената измена на коефициентите; дека коефициентите за плата на судиите биле утврдени во 2007 година и тие биле непроменети до 2024 година, така што ова претставувало стекнато право на судиите кое им било повредено без да се дадат аргументирани причини за нужноста за намалување на коефициентите; дека при законодавната интервенција, мора да бидат образложени факторите од кои зависи висината на платата на судиите (статусот на судијата, сложеноста на работата на судијата, товарот на работата, одговорноста на судијата, ризикот во работата, достоинството на судската функција, доверливоста, независноста, потребата за заштита од притисоци кои влијаат врз одлучувањето, тековните услови за работа, животните трошоци и др). и дека тие фактори во изминатиот период не се променети, ниту намалени, така што ниту платите не можеле да бидат намалени.
Понатаму се укажува дека до Собранието во 2022 година бил поднесен Предлог-закон за изменување на Законот за платите на судиите со кој било предвидено зголемување на коефициентите за плата на судиите од 3,22 до 4,50 со што се признава дека поставеноста на судството како независна и самостојна власт треба да биде проследено со соодветна материјална и финансиска подршка согласно повеќе меѓународни инструменти; дека намалувањето на платите на судиите претставува арогантно и несериозно поигрување со судството од страна на извршната и законодавната власт кое судството го носи во насока спротивна со зацртаното во Уставот и мегународните стандарди; дека намалувањето на коефициентот и платата е спротивно со насоките кои државата ги има преземено за подобрување на состојбата на судството, како и забелешките на меѓународните фактори коишто се однесуваат на судството; дека не е јасна промената на правецот на Владата која од стремеж за подобрување на состојбата во судството, признавањето на судството како независна и самостојна власт, за период од две години го прави токму спротивното и два пати ги намалува платите во 2024 и во 2025; дека намалувањето на коефициентите на платите на судиите е спротивно со практиката на Европскиот суд за човекови права кој во случајот Кубат и други против Република Чешка (Kubat and Others v. Czech Republic), бр.61721/19, ја анализирал одлуката на чешкиот Уставен суд и укажал дека „само во многу исклучителни околности (како на пример државата да се најде во лоша финансиска ситуација), мешањето во материјалното обезбедување на судиите можело да се смета за оправдано“ и дека „дури и при евентуално постоење на такви околности, морало да се земе предвид различната позиција на судиите во споредба со онаа на претставниците на извршната и законодавната власт, како и потребата судиите да го зачуваат своето достоинство и да се зачува судската независност“.
Според наводите во иницијативата, од аспект на принципот на поделба на власта, законодавецот има ограничен простор кога станува збор за ограничувањето на платите на судиите и третирањето на судиите на ист начин со другите функционери е погрешно, бидејќи Законот за платите на судиите бил поврзан со Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица. Но, за разлика од нив, судската функција е неспојлива со вршење на други јавни функции и професии, членувања во управни и надзорни органи, членување во политичка партија, што значи дека иако судиите не можат да остваруваат приходи за живот по ниту еден друг основ, тие сепак земаат пониска плата од сите други именувани функционери од Владата, без оглед на разликите во сложеноста на работата и одговорноста која суштински е различна.
Подносителите на иницијативата сметаат дека Уставниот суд треба да процени дали намалувањето на коефициентот коешто се оспорува со предметната иницијатива, следува како резултат на реални и објективни околности во државата, или пак претставува популистичка мерка што била преземена поради големото покачување на платите на судиите коишто биле „замрзнати“ повеке години. За да интервенцијата биде оправдана, согласно и практиката на Европскиот суд за човековите права, потребно е да постојат реални и објективни околности, од кои би произлегло дека станува збор за економски мерки и финансиска криза, што треба да биде образложено во Предлог-законот, потребно е да постојат општи мерки на штедење заради надминување на економска криза и слични околности кои укажуваат дека државата на сите полиња се бори со тековната економска криза. При непостоење исклучителни околности, а особено без да биде донесен акт за прогласување вонредна состојба во интерес на штедење. Напротив, при порастот на минималната и просечната плата во државата, оспорената интервенција во коефициентите за пресметка на платите на судиите е неоправдана, дотолку повеќе што судиите 13 години земале помала плата. Став на Европскиот суд за човековите права, е дека со едно намалување на платите на судиите во полза на буџетот, просторот за натамошни ограничувања од страна на државата е исцрпен.
Во прилог на нивното тврдење дека државата не се наоѓа во кризна состојба што би го оправдала намалувањето на платите на судиите, подносителите во иницијативата ги наведуваат следниве примери: во 2022 Министерството за правда изготвило Предлог-закон со кој било предвидено коефициентите на платите на судиите да се зголемат од 3.22 на 4.5; се наведуваат податоци од Фискалнaта страгетија за 2025-2029 во која државата не се опишува како држава во економски колапс, туку напротив, се наведува дека економската активност во вториот квартал од 2024 година била забрзана, забележувајќи реален раст од 2,3% на годишна основа; индустриското производство забележало раст од 3,8%; стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 година, била намалена соодветно; инфлацијата била намалена на 2,2% на годишно ниво; биле обезбедени дополнителни средства за исплата на апанажи на функционерите; средства за финансирање на радиодифузна дејност; средства за финансирање на изборните активности и политички партии; Владата планирала изградба на автопатски делници и патишта во општините; рехабилитацијата на железничката пруга; гасификација, подобрување на водната инфраструктура; континуирано инвестирање на средства од централниот буџет за капитални инфраструктурни проекти во општините до 250 милиони евра. Понатаму се наведува дека сите национални координатори коишто ги именува Владата имаат повисоки коефициенти и дека директори во органи во состав на министерствата имаат поголеми коефициенти од судиите; дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски има 17 советници, кои без никаква одговорност, земаат плата приближно колку судија; дека градоначалниците и директорите на независните регулаторни тела и јавните претпријатија имаат поголеми плати од судиите; дека биле зголемени платите на државните правобранители; дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ има објавено дека во Буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите; дека премиерот дал изјава дека ке следува зголемување на платите во здравството и дека во 2025 година ќе растат платите на сите вработени, освен на функционерите и дека тој процент од година во година ќе се намалува, со цел да се дојде до процент еднаков на нула; дека на почетокот на 2025 година пратениците не го изгласале предлогот за намалување на патните трошоци на пратениците итн.
Сите овие примери, според подносителите на иницијативата, не ја претставуваат Република Северна Македонија како земја која е на работ на економски колапс, ниту како држава во која се преземаат општи и сеопфатни мерки на штедење, со нужност да се опфати и судската власт, тие недвосмислено покажуваат дека Владата не е насочена кон спроведување општи мерки за штедење, ниту пак интервенира во другите сектори и дека при состојба кога другите јавни службеници земаат и повисоки плати од судиите, намалувањето на коефициентите со што фактички се намалуваат платите на судиите – не може да се смета за вонредно и пропорционално. Напротив, произлеrува дека целта е намалување на материјалната безбедност на судиите, без притоа да постојат исклучителни околности коишто би го оправдале еднаквото ограничување во однос на другите јавни службеници. За подносителите очигледно е дека вмешувањето на државата не е насочено кон обезбедување на правична рамнотежа (фер баланс), т.е. балансирање на државниот буџет, како што претходно оценил Уставниот суд во Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 од 15.05.2024 година.
Според наводите во иницијативата, интервенцијата во коефициентите, во 2024 и повторно во 2025 година е мотивирана од други причини, насочени кон обезвреднување на судската независност и намалување на достоинството на судската власт, таа не претставува привремено законско решение, преземено евентуално заради постигнување на конкретна и јасно презентирана цел, туку долгогодишно вмешување и слабеење на материјална сигурност на судиите, изразено преку различни модалитети. Подносителите на иницијативата не се согласуваат со образложението на Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 на Уставниот суд од 15.05.2024 година, дека намалувањето на коефициентот, имало темпорален карактер и дека платите не биле замрзнати на неопределено време, бидејќи во оспорениот закон не биле предвидени одредби за ограничено важење, туку трајно е намален веќе утврдениот коефициент. Изјавите дека намалувањето на коефициентите ќе се вршело секоја година додека не се дојде до процент еднаков на нула, создавале неизвесност до кога ќе се врши вмешување и намалување. Откако Уставниот суд со својата одлука го дозволил вмешувањето преку намалувањето на коефициентот во 2024 година, очигледно му обезбедил целосна слобода на предлагачот. Подносителите поставуваат прашање до кое ниво ќе се намалува коефициентот за платите на судиите, само со цел да се избегне неминовното усогласување и до кое ниво ќе се доведе судската власт, нејзината независност и спречувањето на надворешни влијанија врз судиите. До кое ниво ќе се намалува достоинството и одговорноста што ја носи професијата на судиите и дали намалувањето оди во полза на заштита на судиите од надворешни влијанија врз нивните одлуки. Со изјавите за намалување на коефициентот до нула се деградираат судиите и нивната функција во општеството, тука станувало збор за една цел од повисок ранг, која е во интерес на дел од стремежите и очекувањата за општеството, а тоа е – објективната независност на судството, преку која се обезбедува општество во кое владее правото, во кое постои добро владеење, преку ефикасен систем којшто ги штити човековите права и граѓански слободи и токуму ова треба да го заштити Уставниот суд. Постапувањето на државата сметано од 2010 до 2023 година, а потоа во 2024 и 2025 година е целосно сп
ротивно со патоказот и визијата која ја има преземено државата во однос на подобрувањето на состојбата на судството, што во крајна инстанца е во полза на граѓаните и идните генерации, како што е наведено и во Национална развојна стратегија за наредните 20 години.
Во иницијативата подносителите се повикуваат на повеќе меѓународни документи од областа на судството: Мислењето бр.1 (2001) на Советодавниот совет на Европските судии, според кое платите на судиите треба да бидат содветни на нивната улога и одговорност, во висина која ке обезбеди соодветна здравствена и пензиска заштита, да бидат гарантирани со специфични правни одредби насочени против нивното намалување и да има одредби за покачување, пропорционално на порастот на животните трошоци; Препорака од Комитетот на министри на Советот на Европа, CM/Rec(2010)12, од 17.11.2010 година, за независноста, ефикасноста и одговорностите на судиите според која основните правила на системот за наградување на професионалните судии треба да да бидат утврдени со закон, а наградувањето на судиите треба да биде пропорционално на нивната професија и одговорности и доволно за да ги заштити од поттикнувања насочени кон влијание врз нивните одлуки; Препорака бр. Р (94) 12 од Советодавниот совет на европските судии според која платите на судиите треба да бидат гарантирани со закон и соодветни на достоинството и одговорноста што ја носи професијата (Начела I (2)(а)(ии) и III (1)(6)); Европската повелба на судиите којашто ја признава улогата на соодветните плати во заштитата од притисоци кои влијаат врз одлучувањето, независноста и обезбедување на де факто зголемување на платите пропорционално на статусот и улогата и животните трошоци и според која финансирањето на судството се смета за основна претпоставка за неговата независност, самостојност и интегритет, почнувајќи од судскиот буџет како основа на финансиската независност и самостојност, па сè до платите и другите надоместоци на судиите.
На крајот од иницијативата, подносителите ги резимираат нивните аргументи во вид на следните заклучоци: намалувањето на коефициените за пресметка на платите на судиите, е директна повреда на стекнато право и мешање во независноста на судската власт; намалувањето е извршено без оправдани причини и при непроменети параметри кои биле основа за формирање висината на коефициентот во 2007 година; намалувањето на коефициентите не е од привремен карактер; судиите по својата функција не се и не смеат да се поистоветуваат со другите фунционери во државата; намалувањето на коефициентите е спротивно со патоказот и визијата која државата ја има преземено во однос на подобрувањето на состојбата на судството.
Кон иницијативата, подносителите ги доставуваат: Пресудата на Апелационен суд Гостивар, РОЖ-731/24 од 23.01.2025 година; пресудите на Основен суд Велес, РОЖ-252/24 од 28.01.2025 година и РО-253/24 од 18.12.2024 година; Пресудата на Основен суд Куманово, РО-470/24 од 21.10.2024 година; принт скринови од цитирани текстови од медиумите; текстови на меѓународните документи.
Истите подносители, Ерол Абдулаи и Александра Палашевска, со втората иницијатива го оспоруваат Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен на 27 декември 2024 година, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024. Аргументите за оспорување во основа се целосно идентични со првата иницијатива. Се наведува дека станува збор за второ намалување на коефициентите за исплата на плата на судиите со кое претходно намалените коефициенти коишто изнесувале од 2.43 до 3.21, уште еднаш се намалуваат и изнесуваат од 2.15 до 2.84. Со повторното намалување на коефициентите било извршено директно намалување на платите на судиите. Имено, пред да се донесе оваа измена, основната бруто-плата на судија на основен суд со проширена надлежност изнесувала 138.388,оо денари (износ добиен со множење на просечната исплатена бруто плата за 2023 година), со втората измена било извршено намалување на платата на судијата за 140,оо денари (просечната бруто плата за 2024 година изнесува 61.984,оо денари, помножено со коефициентот за судија на основен суд со проширена надлежност 2.23, бруто платата изнесува 138.224,оо денари). Со тоа бил повреден член 2 став 2 од Законот за платата на судиите кој определува дека платата на судијата не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган. При тоа, износот за кој е намалена платата, според подносителите, не е од суштинско значење, од суштинско значење е самоволието на предлагачот и на законодавецот кој директно ги прекршува законите што сам ги донел.
Според подносителите, со член 2 од Законот за изменување на Законот за платите на судиите од декември 2024 година, кој предвидува дека основица за пресметување на платата за месец јануари 2025 година е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за 2023 година, според податоците на Државниот завод за статистика, направена е дополнителна повреда на правата на судиите. Со овој член законодавецот повторно внесува нејасна и двојна одредба за начинот на пресметување на платите на судиите, како што било порано со одрдбата од член 5-а од Законот која Уставниот суд ја укинал со Одлуката У.бр.113/2022 од 21.03.2023. Со член 2 од оспорениот закон, законодавецот определува нова основица за пресметување на платата на судијата, определувајќи дека платата за месец јануари 2025 година ќе се пресмета согласно просечната плата по вработен за 2023 година, и покрај тоа што во законот е определено дека основица е просечната исплатена плата за претходната година, што значи дека правилно платата за месец јануари 2025 година треба да биде пресметана според просечната исплатена плата за 2024 година, а не за 2023 година како што определува законодавецот. Со ова се доаѓа до ситуација во која постојат две норми односно две правни правила за утврдување на основицата на платата, и тоа една норма определена во член 2 од Законот за изменување на Законот за платите на судиите од 27.12.2024 година, и друга, определена во член 5 став 2 од Законот за платите на судиите. Уставниот суд за ова прашање веќе одлучувал со Одлука У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година.
На крајот и од оваа иницијатива, подносителите ги издвојуваат следните заклучоци: законодавецот во дел од оспорениот закон ја врши истата повреда утврдена од Уставниот суд со Одлука У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година; намалувањето на коефициентите за пресметка на платите на судиите е директна повреда на стекнато право и мешање во независноста на судската власт; освен извршеното намалување на коефициентите извршено е и реално намалување на висината на износот на плата, за разлика од висината на платата што судиите ја примале претходно; намалувањето на коефициентите е извршено без оправдани причини и при непроменети параметри кои биле основа за формирање на висинатат на коефициентите во 2007 година; намалувањето на коефициентите не е од привремен карактер; судиите по својата функција не се и не смеат да се поистоветуваат со другите функционери во државата; намалувањето на коефициентите е спротивно со патоказот и визијата која државата ја има преземено во однос на подобрувањето на состојбите во судството.
Со втората иницијатива, подносителите бараат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024 од 27.12.2024 година) и да ги поништи одредбите од членовите 1 и 2 од истиот.
Кон втората иницијатива се доставени истите прилози како и кон првата иницијатива.
Со третата иницијатива поднесена од Здружението на судиите на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател Иван Џолев, се оспорува Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/24 од 27.12.2024). Според наводите во иницијативата, со оспорениот закон било извршено намалување на коефициентите за утврдување на платите на судиите од 2.43 до 3.21 на 2.15 до 2.84 што значи намалување на личните примања на судиите и спречување на усогласување на нивните плати согласно општиот пораст на цените, потрошувачката кошница и порастот и усогласувањето на платите на останатите вработени во јавниот сектор. Се укажува дека оспорениот закон бил донесен во скратена постапка, без да се побара мислење од струката и од Судскиот совет како институција која е надлежна да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Со тоа што по втор пат се интервенира врз коефициентите за определување на платите, директно и континуирано се врши упад врз самостојноста и независноста на судската власт, се поткопуваат основните темелни вредности на уставниот поредок на земјата, како што се поделбата на власта на законодавна, извршна и судска и владеењето на правото. Имајќи ги предвид најавите од страна на извршната и законодавната власт дека ваква интервенција во коефициентите би се вршела секоја година за да се спречи натамошниот пораст на платите на судиите, очигледно било дека со законските измени нема да се обезбедат целите на законот наведени во образложението, нема да се обезбеди ниту правична, ниту одржлива законска регулатива, ниту транспарентност, а уште помалку правична распределба на буџетските средства.
Понатаму се наведува дека со оспорените законски измени се повредува и правото на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот, кое е доразработено во Законот за платите на судиите и коешто има за цел да обезбеди достоинство на судската функција, отпорност од евентуални надворешни или внатрешни влијанија при одлучувањето. Се укажува дека за да се постигне функционална самостојност и независност на судската власт, потребно е најпрвин да се има финансиска самостојност, што подразбира плата и соодветни надоместоци кои ќе растат континуирано.
Во иницијативата се цитираат одредбите од меѓународните документи за статусот на судиите како што се Препораката (94)12 на Комитетот на министри на земјите членки во која е наведено дека наградата на судиите треба да биде гарантирана со закон; Мислењето бр. 1(2001) на Советодавниот совет на европските судии во кое се укажува дека платите на судиите треба да бидат гарантирани со посебни правни одредби насочени против нивното намалување; Општата повелба на судиите усвоена од страна на Собранието на Меѓународното здружение на судии во Тајван во 1999 година; Бангалорските начела за судско поведение усвоени од страна на Комисијата за човекови права на ООН во 2003 година.
На крајот се наведува дека оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на судиите е спротивен на Уставот и на наведените меѓународни акти, дека со него се нанесува директна штета на судиите која е изразена како спречување на зголемување на нечиј имот (испуштена корист) и дека имотот согласно воспоставената судска практика на Европскиот суд за човекови права ги подразбира и личните примања и летгитимните очекувања за нивно зголемување, се доведува во прашање воспоставениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и самостојноста и независноста на судската власт загарантирана со Уставот. Со измените на Законот за платите на судиите се врши ограничување на слободите и правата надвор од случаите предвидени во член 54 од Уставот, бидејќи втора година по ред без да има соодветно образложение и без да е прогласена воена или вонредна состојба, финансиска криза или буџетски дефицит од огромни размери, се врши ограничување на правата и слободите на граѓанинот без да се има превид принципот на пропорционалност. Ограничувањата треба да се предвидени во законот, да се легитимни и да се во полза на јавниот интерес, но во конкретниот случај ова ограничување не е предвидено со закон, тоа е забрането, целта воопшто не е легитимна, ниту пак е во насока на задоволување на јавниот интерес.
Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/24 од 27.12.2024), а потоа истиот да го поништи или укине. Со иницијативата, исто така, се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот закон до донесување на конечна одлука, со цел да се спречат тешко отстранливи последици во вид на дополнителни трошоци врз државниот буџет.
II
На седницата Судот утврди дека Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024), ја има следнaта содржина:
„Член 1
Во Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” број 110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/10, 97/10, 135/11, 231/15 и 248/18), членот 7 се менува и гласи:
„(1) Коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесува од 2,43 до 3,21.
(2) Коефициентите од ставот (1) на овој член се определуваат според видот на судот во кој судијата работи и според сложеноста на задачите и овластувањата за извршување на дополнителните работи утврдени врз основа на закон:
а) во првата група од членот 6 став (2) алинеја 1 коефициентот изнесува за:
– судија 2,43 и – претседател на судот 2,60;
б) во втората група од членот 6 став (2) алинеја 2 коефициентот изнесува за:
– судија 2,52 и
– претседател на судот 2,78;
в) во третата група од членот 6 став (2) алинеја 3 коефициентот изнесува за:
– судија 2,78 и
– претседател на судот 3,04;
г) во четвртата група од членот 6 став (2) алинеја 4 коефициентот изнесува за:
– судија 2,86 и
– претседател на судот 3,12;
д) во петтата група од членот 6 став (2) алинеја 5 коефициентот изнесува за:
– судија 2,91 и
– претседател на судот 3,17 и
ѓ) во шестата група од членот 6 став (2) алинеја 6 коефициентот изнесува за:
– судија 2,95 и
– претседател на судот 3,21.
(3) На претседател на суд во кој има над 50 судии коефициентот на плата изнесува 2,95.
(4) На претседател на оддел и одделение, утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,2.
(5) На претседател на совет утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,1.
Член 2
Коефициентите од членот 1 од овој закон ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2024 година.
Член 3
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.“
На седницата Судот утврди дека оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) ја има следната содржина:
„Член 1
Во Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” број 110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/10, 97/10, 135/11, 231/15 и 248/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 51/24), членот 7 се менува и гласи:
„(1) Коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесува од 2,15 до 2,84.
(2) Коефициентите од ставот (1) на овој член се определуваат според видот на судот во кој судијата работи и според сложеноста на задачите и овластувањата за извршување на дополнителните работи утврдени врз основа на закон:
а) во првата група од членот 6 став (2) алинеја 1 коефициентот изнесува за:
– судија 2,15 и
– претседател на судот 2,30;
б) во втората група од членот 6 став (2) алинеја 2 коефициентот изнесува за:
– судија 2,23 и
– претседател на судот 2,46;
в) во третата група од членот 6 став (2) алинеја 3 коефициентот изнесува за:
– судија 2,46 и
– претседател на судот 2,69;
г) во четвртата група од членот 6 став (2) алинеја 4 коефициентот изнесува за:
– судија 2,53 и
– претседател на судот 2,76;
д) во петтата група од членот 6 став (2) алинеја 5 коефициентот изнесува за:
– судија 2,58 и
– претседател на судот 2,80 и
ѓ) во шестата група од членот 6 став (2) алинеја 6 коефициентот изнесува за:
– судија 2,61 и
– претседател на судот 2,84.
(3) На претседател на суд во кој има над 50 судии коефициентот на плата изнесува 2,61.
(4) На претседател на оддел и одделение, утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,2.
(5) На претседател на совет утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,1.“
Член 2
Основица за пресметување на платата за месец јануари 2025 година е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за 2023 година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Член 3
Коефициентите од членот 1 од овој закон ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година.
Член 4
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.“
III
Уставни одредби
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Во член 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Согласно со точка 1 став 2 реченица прва од Амандманот XXV од на Уставот судовите се самостојни и независни. Оваа уставна определба е понатаму конкретизирана во неколку уставни одредби кои претставуваат уставни гаранции за самостојноста и независноста на судската власт: член 99 ставови 1 и 2 според кои судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот и забраната за преместување спротивно на волјата на судијата; Амандман XVI кој ги утврдува на основите за престанок и разрешување од судиската функција; Амандман XXVII кој го регулира имунитетот на судиите и неспојливоста на судиската функција; забраната на политичко организирање и дејствување во судството; Амандманот XXVIII кој го регулира статусот и надлежностите на Судскиот совет.
Меѓународни стандарди во врска
со платите на судиите
Препораката (94)12 на Комитетот на министри на Советот на Европа предвидува дека „платата на судиите треба да биде гарантирана со закон“ (Принцип 1.2б.2) и да „одговара на дигнитетот на нивната професија и товарот на одговорностите“ (Принцип III,1.b).
Член 13 од Универзалната повелба за судиите предвидува дека судијата мора да добие доволен надоместок (плата) за да обезбеди вистинска економска независност. Платата не смее да зависи од резултатите од работата на судиите и не смее да биде намалена за време на неговата/нејзината судиска служба.
Иста одредба е содржана и во Европската повелба за статусот на судиите според која „судските плати мора да бидат адекватни, за да се обезбеди вистинска економска независност и тие не смеат да бидат намалени за време на нивниот мандат“. Во глава 6 oд истата, судиите што ја вршат судската функција професионално имаат право на плата чијашто висина е утврдена така за да ги заштити од притисоци кои имаат за цел влијание врз нивните одлуки со што се загрозува нивната независност и непристрасност.
Во Препораката ЦМ/РЕЦ(2010)12 од 17 ноември 2010 за независноста, ефикасноста и одговорностите на судиите, Комитетот на министри на Советот на Европа укажал дека најважните правила за системот на плати на професионалните судии треба да бидат утврдени со закон; цека платите на судиите треба да одговараат на нивната професија и одговорностите и да бидат доволни за да ги заштити од притисоци заради влијание врз нивните одлука; и дека треба да се воведат посебни правни правила за заштита од намалување на платите на судиите.
Консултативниот совет на европските судии при Советот на Европа во своето Мислење бр.1 укажува „особено важно за новите демократии е да постои посебна правна одредба со која ќе бидат гарантирани судските плати од намалување и за да се обезбеди де факто зголемување на платите согласно трошоците на животот“ (став 62).
Слично и Комитетот за човекови права на ООН укажал дека државите треба да преземат посебни мерки со кои ќе се гарантира независноста на судиите и нивна заштита од секоја форма на политичко влијание при одлучувањето, меѓу другото, и со нивните плати (Меѓународен пакт за граѓански и политички права, член 14, Општ коментар бр.32 став 19).
Релевантни законски одредби
Закон за судовите
Уставните гаранции за независноста на судството се понатаму операционализирани во Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), кој предвидува и определени гаранции поврзани со материјалната положба на судиите и нивните плати.
Член 59 од Законот за судовите предвидува дека судиите ги уживаат сите права од работен однос што им припаѓаат според закон.
Со член 60 од Законот за судовите се предвидува дека висината на платата на судијата се утврдува во зависност од: видот на судот, специјализираниот судски оддел (видот на предмети по кои постапува), внатрешните должности во судот (претседател на: суд, оддел, одделение и совет), судискиот стаж, научно-стручните звања и специјализација и постигнатите резултати во вршењето на судиската функција. Согласно став 2 на овој член од Законот, судиската плата во време на траење на судиската функција не смее да се намали, освен во случаи определени со закон. Во став 3 на истиот член е определено дека висината на судиската плата се определува на начин што на судијата му обезбедува заштита од притисоци и влијанија при неговото постапување и одлучување, а во став 4 е предвидено дека платите и другите надоместоци на судиите се уредуваат со закон.
Закон за платите на судиите
За платите на судиите е донесен посебен закон (lex specialis) – Закон за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” бр.110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/2010, 97/2010, 135/2011, 231/2015, 248/2018, 51/2024, 272/2024) којшто го уредува системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на судиите.
Во член 2 од Законот е определено дека судијата има право на плата соодветна на значењето и угледот на судската функција што ја врши, тежината на работата и неговата одговорност. Платата на судиите утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган. Платата на судијата може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност согласно со закон.
Според член 3 од Законот, средствата за плата, другите надоместоци и примања на судиите утврдени со овој закон се обезбедуваат од Судскиот буџет на Република Македонија. Платите на судиите се пресметуваат во бруто износ, а се исплатуваат во нето паричен износ еднаш месечно во тековниот месец за претходниот месец, а најдоцна до 15 во тековниот месец.
Член 4 од Законот предвидува дека висината на платата на судијата се утврдува во зависност од:
– видот на судот,
– специјализираниот судски оддел (видот на предмети по кои постапува),
– внатрешните должности во судот (претседател на: суд, оддел, одделение и совет),
– судскиот стаж,
– научно-стручните звања и специјализацијата и
– постигнатите резултати во вршењето на судиската функција.
Согласно со член 5 од Законот, платата се пресметува на начин што се множи основицата со коефициентот за утврдување на платата. Основицата за пресметување на платата на судиите е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Според член 6 од Законот, платите на судиите се распоредени во шест групи изразени во коефициенти. Распоредувањето на платите се врши според видот на судот во кој судијата работи, и тоа:
– првата група ги опфаќа судиите и претседателите на судовите со основна надлежност,
– втората група ги опфаќа судиите и претседателите на судови со проширена надлежност,
– третата група ги опфаќа судиите и претседателите на апелационите судови, и судиите во специјализираното судско одделение во Основниот суд Скопје 1 Скопје надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија,
– четвртата група ги опфаќа судиите и претседателот на Управниот суд,
– петтата група ги опфаќа судиите и претседателот на Вишиот управен суд и
– шестата група ги опфаќа судиите и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија.
Коефициентите за пресметување на платите на судиите се определени во член 7, па така коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесува од 2,15 до 2,84. Коефициентите од ставот (1) на овој член се определуваат според видот на судот во кој судијата работи и според сложеноста на задачите и овластувањата за извршување на дополнителните работи утврдени врз основа на закон:
а) во првата група од членот 6 став (2) алинеја 1 коефициентот изнесува за:
– судија 2,15 и
– претседател на судот 2,30;
б) во втората група од членот 6 став (2) алинеја 2 коефициентот изнесува за:
– судија 2,23 и
– претседател на судот 2,46;
в) во третата група од членот 6 став (2) алинеја 3 коефициентот изнесува за:
– судија 2,46 и
– претседател на судот 2,69;
г) во четвртата група од членот 6 став (2) алинеја 4 коефициентот изнесува за:
– судија 2,53 и
– претседател на судот 2,76;
д) во петтата група од членот 6 став (2) алинеја 5 коефициентот изнесува за:
– судија 2,58 и
– претседател на судот 2,80 и
ѓ) во шестата група од членот 6 став (2) алинеја 6 коефициентот изнесува за:
– судија 2,61 и
– претседател на судот 2,84.
(3) На претседател на суд во кој има над 50 судии коефициентот на плата изнесува 2,61.
(4) На претседател на оддел и одделение, утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,2.
(5) На претседател на совет утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,1.
IV
Ставови на Судот
Во однос на Законот за изменување на Законот за
платите на судиите од февруари 2024 година
Законот за изменување на Законот за платите на судиите од февруари 2024 година беше оспорен пред Уставниот суд кој со Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 од 15 мај 2024 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на неговата уставност. Во Решението Уставниот суд изрази став дека со намалувањето на коефициентите за пресметување на судиските плати не се нарушува независноста на судството, ниту принципот на поделбата на власта и укажа на следното: дека уредувањето на платите на избраните и именуваните лица и воопшто, платите на вработените во државниот и јавниот сектор, е законска материја и спаѓа во доменот на законодавната власт на Собранието, дека платите на судиите, како и платите воопшто во јавниот сектор, зависат од економската состојба во земјата и тие не се непроменлива категорија, така што и забраната за намалување на платите на судиите нема апсолутен карактер; дека законодавецот при интервенирањето во платите на судиите мора да ја земе предвид посебната улога и функција на судовите и нивното значење за остварувањето и заштитата на правата на граѓаните, и да обезбеди, меѓу другото, гаранции за положбата и статусот на судиите, и соодветни материјални основи за да можат судиите да ја остваруваат судиската функција самостојно и независно. Тоа значи дека при секоја интервенција во платите на судиите, особено во случај на нивно намалување, мора да се води сметка платата и понатаму да ја гарантира и обезбедува материјалната сигурност на носителите на судиската функција и со својот износ да претставува брана од можни надворешни притисоци и влијанија и заштита од корупција.
Според ставот на Судот изразен во Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 од 15 мај 2024 година, намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на судиите и на членовите на Судскиот совет извршено со законските измени во февруари 2024 година, не ја загрозиле уставно загарантираната независност и самостојност на судството од причина што Судот оценил дека законодавецот, при намалувањето на коефициентите за пресметка на платата на судиите за 13%, водел сметка да не се наруши материјалната сигурност на судиите и износот на нивните плати по измената на Законот за платите на судиите од февруари 2024 година да не се намали во споредба со платите што ги добивале претходно. Судот оценил дека и со вака намалена основица, поради пресметаниот пораст на просечната плата, судиите и понатаму земале плата што одговара на нивниот општествен статус и улога и на дигнитетот на судиската функција, дека со намалувањето на коефициентите за пресметка на плата, не била влошена, ниту загрозена материјалната сигурност на судиите, бидејќи тие и понатаму влегувале во групата на јавни функционери кои примаат највисоки плати во земјата.
Аргументите истакнати во предметната иницијатива дека ова прашање Уставниот суд треба повторно да го разгледа, од причина што по донесувањето на Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 на Уставниот суд, повеќе судии тужеле пред редовните судови за надоместок за помалку исплатена плата, во поткрепа на што се приложени и неколку пресуди на основните и апелационите судови, за Судот се неосновани. Имено, доставените пресуди во прилог на иницијативата поднесена од Ерол Абдулаи и Александра Палашевска се тужбени барања коишто се однесуваат за неисплатени надоместоци од плата и неисплатени регреси за годишен одмор и за помалку исплатена плата за месец јануари 2024 година, поради тоа што пресметувањето на платата за овој месец било извршено според просечната плата остварена за 2022 година. Оттука, произлегува дека станува збор за помалку исплатена плата за јануари 2024 година, кога оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на судиите воопшто не бил ни донесен, така што помалку исплатената плата во никој случај не може да се поврзе со измените на Законот и намалените коефициенти, ниту пак со Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 на Уставниот суд од 15 мај 2024 година.
Имајќи предвид дека оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на судиите од февруари 2024 година веќе бил предмет на оценка од страна на Уставниот суд и дека одредбите од овој закон се практично дерогирани со подоцнежните измени на Законот усвоени во декември 2024 со Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024), Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеи 2 и 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на првата иницијатива поради res judicata и поради постоење на процесни пречки за одлучување.
Во однос на Законот за изменување на Законот
за платите на судиите од декември 2024 година
При анализата на оспорениот Закон за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) со кој законодавецот повторно, во декември 2024 година, изврши намалување на коефициентите на судиските плати, за Уставниот суд појдовни беа наведените уставни одредби од кои произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок коишто се нераскинливо поврзани со принципот на самостојност и независност на судството. Принципот на независност на судството всушност се темели и произлегува од принципот на поделбата на власта кој подразбира таква организација на државната власт во која трите власти – законодавната, извршната и судската се независни една од друга, при што постојат контролни механизми што не допуштаат доминација на едната власт врз другите две. Со други зборови, принципот на независносот и самостојност на судството значи дека судиите ја остваруваат судската власт самостојно и без мешање на законодавната и извршната власт, што пак е претпоставка за остварување на начелото на владеењето на правото. Toa начело има многу елементи и аспекти, но посебно значаен елемент е дека законите треба да важат и да се применуваат подеднакво спрема сите субјекти, без какви и да било привилегии за одделни поединци или групи. За да се оствари тоа, основна претпоставка претставува самостојното и независното судство, бидејќи само судии што се независни, можат да претставуваат гаранција за непристрасно и објективно правораздавање, со почитување на правата на странките независно од тоа на која општествена група припаѓаат. Иако Уставот на Република Северна Македонија не содржи посебни одредби за финансирањето на судството и за платите на судиите, за Судот е неспорно дека општиот принцип на самостојност и независност на судството ја опфаќа во себе и материјалната независност на судиите како значаен аспект на независноста на судството, така што прашањето за платите и другите надоместоци со кои се обезбедува нивната материјална независност, претставуваат составен елемент на индивидуалната независност на судиите.
Поаѓајќи од овие основни принципи, во однос на Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во декември 2024 година, Судот оцени дека постојат основи поради кои може да се доведе под сомнение уставноста на наведените законски измени.
Имено, со оглед на тоа што правото на плата на судиите претставува законска материја и дека законодавецот има право да ги определува платите во јавниот сектор вклучително и платите на носителите на јавните функции меѓу кои се и носителите на судската функција, Судот во досегашната уставно-судска практика (Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024) има искажано став дека законодавецот нема апсолутна слобода во тоа до кој обем може да интервенира во висината на платата на носителите на судската функција преку измена, односно намалување на коефициентите. Судот укажа дека при уредување на ова прашање, а особено во случај на интервенции во висината на платите, законодавецот е посебно врзан со принципот на независност и самостојност на судството кој е гарантиран со Уставот, така што тој мора да ја земе предвид посебната улога и функција на судовите и нивното значење за остварувањето и заштитата на правата на граѓаните и да обезбеди, меѓу другите гаранции за положбата и статусот на судиите, и соодветни материјални основи за да можат судиите да ја остваруваат судиската функција самостојно и независно. Тоа значи дека при секоја интервенција во платите на судиите, особено во случај на нивно намалување, мора да се води сметка платата и понатаму да ја гарантира и обезбедува материјалната сигурност на носителите на судиската функција и со својот износ да претставува „брана“ од можни надворешни притисоци и влијанија и заштита од корупција.
Oттука, фактот што со измените на Законот за платите на судиите во декември 2024 година, по вторпат за неполна година се намалени коефициентите за пресметување на судиските плати, според оценката на Судот, укажува дека законодавецот не ги имал предвид наведените ставови на Уставниот суд, ниту пак ги зел предвид факторите од кои зависи платата на судиите, како што се нивната општествена улога и значење и потребата тие да бидат заштитени од надворешни притисоци и влијанија и од корупција со плати чијашто висина ќе им обезбеди материјална сигурност и особено фактот што судската функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција или професија, со што судиите трајно се оневозможени да заработуваат средства за живот на друг начин и со дополнителна работа.
Повторното намалување на коефициентите на платите на судиите, според мислењето на Судот, исто така не е во согласност со меѓународните стандарди во оваа област, посебно со Европската повелба за статусот на судиите според која „судските плати мора да бидат адекватни, за да се обезбеди вистинска економска независност и тие не смеат да бидат намалени за време на нивниот мандат“ и дека висината на платата на судијата треба да биде така утврдена за да ги заштити од притисоци коишто имаат за цел влијание врз нивните одлуки со што се загрозува нивната независност и непристрасност, како и со Препораката ЦМ/РЕЦ(2010)12 од 17 ноември 2010 година за независноста, ефикасноста и одговорностите на судиите, во која Комитетот на министри на Советот на Европа укажал дека платите на судиите треба да одговараат на нивната професија и одговорностите и да бидат доволни за да ги заштитат од притисоци заради влијание врз нивните одлуки; и дека треба да се воведат посебни правни правила за заштита од намалување на платите на судиите. Понатаму, Консултативниот совет на европските судии при Советот на Европа во своето Мислење бр.1 укажува дека „особено важно за новите демократии е да постои посебна правна одредба со која ќе бидат гарантирани судските плати од намалување и за да се обезбеди де факто зголемување на платите согласно трошоците на животот“.
Неспорно е дека во изминатата година постоеше тенденција на зголемување на трошоците на животот поради што беше забележан пораст на платите речиси во сите сектори и дејности, освен платите на носителите на јавните функции, односно избраните и именуваните лица, вклучувајќи ги судиите. Фактот што коефициентите се намалуваат по вторпат за една нецела година, според Судот, се намалува реалниот износ на судиските плати, што создава опасност од загрозување на нивната материјална положба, а со тоа и загрозување на независноста и самостојноста на судството. Оттука, Судот смета дека по првичното намалување на коефициентите за пресметка на платите на судиите во февруари 2024 година, просторот за натамошни интервенции на законодавецот во судиските плати е стеснет, бидејќи секое натамошно намалување на коефициентите значи намалување на номиналниот износ на судиските плати, а со тоа и директно загрозување на самостојноста и независноста на судството и противуставно навлегување на законодавната и извршната власт во судската власт. Од претходно наведените меѓународни стандарди произлегува дека платите на судиите се статусно нераскинливо поврзани со нивните утврдени прерогативи на независност и самостојност. Токму затоа, меѓународните стандарди коишто налагаат заштитни механизми против намалување на платите на судиите се во функција на заштита на овие прерогативи, самостојноста и независноста.
Уставниот суд со Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 година го оцени намалувањето на коефициентите на платите на судиите како мерка од темпорален карактер, но, имајќи го предвид последното, односно повторното намалување на коефициентите, произлегува дека не станува збор за привремена мерка, туку се работи за очигледна тенденција на намалување на коефициентите што треба да доведе и до намалување на износите на судиските плати, што не може да се оправда од гледна точка на уставно загарантираната самостојност и независност на судската власт, владеењето на правото и правната сигурност како негов составен елемент. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во однос на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) може да се постави прашањето за неговата согласност со уставните одредби од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 51 и 54 и Амандманот XXV на Уставот на Република Северна Македонија.
Во однос на предлогот истакнат во иницијативата поднесена од страна на Здружението на судиите на Република Северна Македонија, Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот закон до донесување на конечна одлука, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд, од причина што изрекувањето на ваква мерка би довело до неможност за исплата на платите на судиите, а со тоа и настанување на штетни последици.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски