Дневен ред за 28. седница на Уставниот суд закажана за 24 декември 2025 година

На 24 декември 2025 година, Уставниот суд ќе ја одржи 28. Седница, која ќе биде и последна во оваа година, со Дневен ред на кој се закажани девет иницијативи за оценување на уставност и законитост и донесување на конечни одлуки за три предмети. 

I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.243/2024

Оспорен акт: Член 215 став 6 од Кривичниот законик („Службен весник на  Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017, 248/2018 и „Службен весник на  Република Северна Македонија“ бр.36/2023 и 188/2023).

Подносител на иницијативата: Васко Рубаноски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со оспорената одредба се повредува владеењето на правото бидејќи според него се предвидува неказнување на производството на опојни дроги за лична употреба. Според подносителот постои опасноста тие дроги, психотропни супстанци наместо за сопствени потреби да се пуштат во промет. 

Забелешка: Предметот беше разгледуван на 28. седница на Судот, одржана на 11 декември 2025 година и истиот е во фаза на гласање.

2. Реферат У.бр.5/2025

Оспорен акт: Член 9 став 1 во делот „на правосилноста“, член 9 став 2 во делот „на  правосилната“, член 9 став 3 во делот „за правосилни“, член 9 став 4 во делот „без образложение“ од Законот за управување со движењето  на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна  Македонија“ бр.42/2020).

Подносител на иницијативата: Александра Илиевска-Милчова

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со Уставот, бидејќи според неа, пресудите кои ги донесуваат судовите се изрекуваат јавно и јавноста треба да биде запознаена со одлуките. Се наведува дека согласно член 125 став 3 од Законот за кривичната постапка се должни во рок од два дена од донесувањето да ги објават на веб-страницата на судовите, што според подносителката е во колизија со оспорените членови. 

Забелешка: Предметот беше предложен за разгледување на дневен ред за XXVII-та седница на Судот, одржана на 11 декември 2025 година, но истиот беше одложен поради отсуство на судијата-известител

3. Реферат У.бр.12/2025

Оспорен акт: Делот „следува надоместок“ од членот 34 став 5 од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016, 189/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.7/2019, 99/2022, 129/2023, 253/2023 и 147/2024) и Точка 1 од Одлуката за давање согласност за  присоединување на Друштвото за производство, трговија и услуги  увоз-извоз Боров Дол  ДООЕЛ Радовиш кон Друштвото за  производство, трговија и услуги БУЧИМ ДООЕЛ Радовиш бр.41- 12385/7 од 31.12.2024 година („Службен весник на Република Северна  Македонија“ бр.2/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените делови се во спротивност со една од темелните вредности на Уставот- владеењето на правото бидејќи, според него се остава можност на арбитререн начин да се определува „надоместокот”. 

Забелешка: Предметот беше разгледуван на XXVII-та седница на Судот, одржана на 11 декември 2025 година и истиот е во фаза на гласање.

4. Реферат У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025

Oспорен акт: Закон за изменување на Законот за платите на судиите („Службен  весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) и Закон за  изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на  Република Северна Македонија“ бр.272/2024).

Подносител на иницијативата: Ерол Абдулаи и Александра Палашевска

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата тврди дека и покрај одлуката на Уставниот суд донесена од јануари 2024 година, да не поведе постапка, во меѓувреме се променети неколку околности, а за тоа посочува граѓански постапки за надомест на разлика на плата за месец јануари 2024 година, во кои е одлучено на тужителката да се исплати разлика за помала исплатена плата во нето износ од 15 115 денари, како и да изврши доплата на придонесите на тој износ. Притоа се наведува дека одлуката на Основниот суд Тетово, ја потврдува и Апелационен суд Гостивар, а во други судови и други судии имаат поднесено тужби со барања за помалку исплатена плата за јануари 2024 година. Според подносителот, со оспорените измени, утврдениот коефициент се намалува во 2024 година иако е стекнато право кое судиите го поседувале 17 години. Подносителот бара од Уставниот суд да направи соодветна процена, дали намалувањето на коефициентот кое се оспорува со предметната иницијатива следува како резултат на реални и објективни околности во државата или претставува само популистичка мерка.

5. Реферат У.бр.71/2025

Оспорен акт: Закон за изменување на законот за платите на јавните обвинители  („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) и Закон за изменување на законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024)

Подносител на иницијативата: Здружение на јавните обвинители преку претседател Елвин Вели

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорените закони се интервенира во член 6 кадешто се намалува коефициентот за утврдување на плата, според кој од 2.43-3.21 се намалува на 2.15-2.84 за јавните обвинители, додека за членовите на Советот на јавните обвинители  од 3.21-3.47 се намалува на 2.84-3.07. Подносителот тврди дека повреден е принципот на независност на јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители, дополнително менувањето на платата преку намалување на коефициентите оди во правец да се изгуби предвидливоста во остварувањето на месечните приходи. Во иницијативата се наведува дека со измените во платите е нанесена директна штета на обвинителите и членовите на Советот врз нивниот личен имот, односно личните примања. 

6. Реферат УЗ.бр.68/2025

Oспорен акт: Правилник за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.174/2020).

Подносители на иницијативата: Иван Мирчевски и Александар Видиновски

Содржина на оспорената одредба:

Знаци за известување се:

113) знакот „национална ознака на сообраќајните автознаци” (388) ја опишува ознаката на државата на која се однесува

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите тврдат дека употребената кратенка во одредбата не го зема предвид утврдениот UN/LOCODE  за нашата држава, којшто произлегува од ISO country alpha 2 кодови утврдени од ОН и кој за сообраќајот и секој вид транспорет е определен како МК. Во иницијативата се тврди дека според т.н. Преспански договор и УНТЕРМ(UNTERM), кодот NMK  се користи исклучиво за регистарските таблици за возилата издадени од МВР, додека во сите други случаи се користат кодовите МК и МКD, исто како и пред да биде потпишан меѓународниот договор. Подносителите наведуваат дека целта е да се поништи оспорената одредба за да се отстрани можноста соседни и други држави да се повикуваат на неа, дури и од странски стопански субјекти, вклучувајќи ги и тие кои увезуваат малопродажни продукти со овој код. За пример е посочена праксата на Република Србија, која на сообраќајните знаци покрај името на Град Скопје, ја означува нашата земја со непостоечки код NMK. 

7.Реферат УЗ.бр.28/2025 и УЗ.бр.30/2025

Оспорен акт: Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска 3 Четврт Ј 02-опфат помеѓу Жданец и Нерези, локалитет А, Б и В, Општина Карпош Скопје бр.09-2483/18 од 13.03.2025 година  („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.3/2025).

Подносители на иницијативите: 

Подносител на иницијативата(28/2025): РБЦ Медиа ДООЕЛ Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Се наведува дека со оспорената Одлука се повредени членовите 8, 30, 51 и 52 од Уставот. Подносителот тврди дека дадената согласност од Министерството за транспорт и врски не е законски употребена. Дополнително се наведува дека Градоначалникот не ја спровел Одлуката на Советот на Општина Карпош во дадениот временски период. Подносителот тврди дека како сопственици на имот, се лишени од слободата да го користат пристапниот пат за да дојдат до дома, бидејќи општината го елиминирала тој пат. 

Подносителка на иницијативата(30/2025): Маријана Марионцу Симовска

Од наводите на иницијативата:

Подносителката тврди дека е сопственичка на објект кој е впишан во Катастар, а кој со донесување на оспорениот ДУП не е целосно евидентиран, за што посочува дека постои евентуална штета во иднина да не и биде признаен објектот при потенцијлни постапки за градење, реконструкција. На овој начин, таа наведува дека е загрозена правната и фактичката состојба на имотот и притоа според неа, се повредени член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 30, член 51 од Уставот. 

8. Реферат УЗ.бр.40/2025

Оспорен акт: Член 17 став 3 од Статутот на синдикатот на работниците од  угостителството, туризмот, комунално-стамбеното стопанство, занаетчиство и заштитните друштва на Македонија

Подносител на иницијативата: Александра Дамчевска и други граѓани

Од наводите во иницијативата: Подносителите тврдат дека оспорениот член од Статутот е во спротивност со членот 20 од Уставот кој гарантира слобода на здружување, како и дека е во спротивност со членовите од Законот за работни односи кои предвидуваат доброволност при членство во здруженија на граѓани и синдикати. Според наведеното во иницијативата,  се забранува истапување од СУТКОЗ цели три години по зачленувањето, што за подносителите на иницијативата е спорно бидејќи работниците од областа на угостителството, туризмот и комунално-станбеното стопанство се обврзани да бидат дел од наведениот синдикат 3 години, без можност за истапување порано, доколку така сметаат. 

Забелешка: Предметот беше разгледуван на 26. седница на Судот, одржана на 3 декември 2025 година и истиот е во фаза на гласање.

9. Реферат УЗ.бр.15/2025

Оспорен акт: Член 7 став 2, член 8 став 3 точка 1 алинеи 1 и 2, точка 2 алинеи 1 и  2 од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и  снабдувачот во краен случај од 17.11.2023 година и Прилогот 1 на  тарифниот систем каде се одределени коефициентите за определување на цените по пресметковни елементи („Службен  весник на Република Северна Македонија“ бр.246/2023).

Подносител на иницијативата: Борче Ѓузелов

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорените одредби Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, потрошувачите ги дели  во 4 блокови. Според наводите, со поделбата на блокови и разлика во цената кон потрошувачката се прави разлика од 400% во цената на киловат час електрична енергија меѓу 1 и 4 блок и Регулаторната комисија ги става потрошувачите во нерамноправна положба, односно некои се повластени а други дискриминирани. Како пример е наведено дека цената на потрошената електрична енергија согласно поделбата на блокови изнесува 4,4376 денари(kWh), додека во Блок 4 изнесува 18,3035 денари за kWh.

Забелешка: Предметот беше разгледуван на 27. седница на Судот, одржана на 11 декември 2025 година и истиот е во фаза на гласање.

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

На 24.09.2025 Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување изменување и дополнување на Детален урбанистички план Тасино Чешмиче 1, Општина Центар – Скопје, бр.07-4414/6 од 18 јули 2014 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје”, бр.9 од 19.08.2014 година), во делот на сегашната градска четврт Ј 05-локалитет Барутана кој го опфаќа само блок 9.

1, У.бр.119/2024

2. У.бр.193/2024

На 20.05.2025 Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот, постапката и документацијата потребна за добивање согласности („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 97/2024).

3. У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023

Уставниот суд на 12.02.2025 година поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.188/2023) и определи рок од 6 месеци на Собранието на Република Северна Македонија за измена и/или дополнување на Законот од точката 1 од диспозитивот во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на ова решение.