Уставниот суд на 22 октомври 2025 година во 9:30 часот ќе ја одржи 22. седница со Дневен ред на кој е предвидено да се дискутира за осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и два предлога за донесување на одлуки.
I. ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
- Реферат У.бр.176/2024
Oспорен акт: Член 141-а од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 13/2016, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2019, 42/2020, 90/2020, 140/2020, 2/2021, 48/2021, 77/2021, 154/2023, 55/2024 и 193/2024) и член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.55/2024).
Подносител на иницијативата: Адвокат Љупчо Докузов
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорените измени неосновано се навлегува во правата и обврските на радиодифузерите и нивната независност, како и на кабелските оператори кои вршат реемитување на националните програмски сервиси, а со тоа и на публиката- потрошувачите, при што со закон се налагаат и предвидуваат задолжителни облигациони односи-склучување на договори помеѓу трговски друштва основани со приватен капитал. Подносителот тврди дека Законодавецот неосновано интервенира/се меша и уредува приватно-правни односи помеѓу трговски друштва, односно на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Се тврди дека со измените државата наредува што мора да гледаат граѓаните, што да реемитуваат кабелските оператори и што да емитуваат телевизиите преку програма мултиплекс итн.
2. Реферат У.бр.29/2025
Член 113 во делот „од први јули 2019 година“ од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 20/2020 и 56/2021).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Содржина на одредбата: Одредбите од членот 5 од овој Закон кои се однесуваат на поимите дефинирани во точките 19 и 20 од членот 3 од овој закон за несогорлив тутун и електронска цигара ќе бидат употребени за определување на надоместок согласно со Законот за акцизите од 1 јули 2019 година.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со Законот за акцизи кој се спомнува во содржината на одредбата, не се содржани одредби за „несогорлив тутун” и „електронска цигара”, додека во Законот за акцизи кој почнал да се применува од 29 мај 2019 година тие термини се содржани, па според него членот 113 од Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се пропишува дека определувањето на надоместокот за „несогорлив тутун” и „електронска цигара” ќе се врши согласно Законот за акцизите од 1 јули 2019 година и може да доведе во заблуда.
3. Реферат У.бр.42/2025
Оспорен акт: Член 19 став 1 во делот „управува“ и член 20-а во деловите „или подзаконски акт донесен од Управниот одбор на Дирекцијата“ и „може да се обезбедат и од сметката за самофинансирачки активности на Дирекцијата“ од Законот за технолошки индустриски развојни зони („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2007, 103/2008, 139/2009, 156/2010, 172/2012, 41/2014, 160/2014, 72/2015, 129/2015, 173/2015, 192/2015, 217/2015, 30/2016, 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.13/2023 и 59/2025).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата, определбата дека со Дирекцијата „управува” Управниот одбор е доведена под сомнеж во поглед на усогласеноста со Законот за организацијата и работа на органите на државна управа и член 47 од законот. Во иницијативата се тврди дека се во колизија надлежностите на Управниот одбор и на Директорот.
4. Реферат УЗ.бр.25/2025
Правилник за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално финансирано осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2013).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека е беспредметно таква норма да постои, бидејќи според него, таа во примената упатува на самата себеси, а според содржината може да доведе до конфузија во примената.
5. Реферат У.бр.138/2021
Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, Блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина Карпош, Скопје, бр.09-6947/3 од 12.10.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2021); Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, Блок 06, Општина Карпош – Скопје, бр.09-6334/4 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021); Oдлука за донесување на Детален урбанистички план за Блок 9 од градска четврт ССИ 03, Општина Карпош и Општина Чаир бр.09-6334/5 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр. 15/2021); Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 06, Блок 3 06.09 Општина Карпош, Скопје, бр.09- 5967/7 од 30.08.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр. 13/2021); Одлука за донесување на измена и дополна на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол Блок 1, Општина Карпош – Скопје бр.09-5017/6 од 15.07.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.10/2021); Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03 блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје бр.09-2334/7 од 09.04.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.7/2021) и Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, Блок 04.02 Општина Карпош – Скопје бр.09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.20/2020).
Подносители на иницијативата: Невена Георгиева и Татјана Чакулев
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата меѓу другото се наведува дека со оспорените одредби се повредени член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот и членовите 5 и 34 од Законот за локална самоуправа. Подносителките тврдат дека Димитар Оровчанец, член на Советот на Општина Карпош, на 03.10.2020 година станал жител на Општина Кисела Вода, со што согласно член 46 став 1 алинеја 6 од Законот за локалната самоуправа му престанува мандатот како советник. Се наведува дека во периодот од 03.10.2020 година до 15.10.2021 година, Советот на Општина Карпош работел со незаконски број на членови.
6. Реферат У.бр.201/2024
Oспорен акт: Одлука за утврдување правила во урбанистичкото планирање и спроведување на параметри во рамки на дефинирана градежна парцела за реализација и спроведување на урбанистички план бр.08- 7099/17 од 12.06.2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово („Службен весник на Општина Тетово“ бр.7/2024).
Подносител на иницијативата: Даријан Сотировски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека Одлуката го повредува начелото на правна сигурност на граѓаните, бидејќи, меѓу другото Советот на Општината донел Одлука која разработува прашања кои треба да бидат уредени со Закон за урбанистичко планирање, па на тој начин се вели дека од 1 јули 2024 година локалната самоуправа ќе се придржува до „новите” правила во процесот на урбанистичкото планирање кои се однесуваат посебно на изградбата и одобренијата за градба во зони на индивидуално домување. Според наводите, не може да стане збор за „нови” правила, бидејќи конкретните правни прашања се регулирани со Закон врз кој што е основан ДУП на конкретни подрачја.
7. Реферат У.бр.260/2024
Точка 35 од дел III од Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2024 година бр.41-805/4 од 16 јануари 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.15/2024).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека е спорно исплаќањето на годишните програми кои се однесуваат за минати години, а се предвидени во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2024 година. Подносителот посочува дека исплатата на средства по тој основ може да се врши единствено на годината за која се носи Планот, па затоа оспорената одредба може да доведе до заблуда околу исплаќањето, што е во псротивност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.
8. Реферат У.бр.265/2024
Oспорен акт: Соопштение бр.02-763/1 од 10.06.2024 година, донесено од страна на претседателот на Стоматолошка комора на Македонија
Подносител на иницијативата: Жарко Ѓорѓиев, претседател на Здружение на приватни стоматолози
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека претседателот на Стоматолошката комора на Македонија со соопштение ги повикува заинтересираните за стручно усовршување на докторите стоматолози да достават барање и според него тоа претставува јавен повик кој е општо обврзувачки акт за подносителите на барања, односно акт кој претседателот на Комората нема право да го донесе. Се наведува дека Соопштението не е во согласност со членот 262 од Законот за здравствена заштита, како и со членот 25 од Правилникот за стручно усовршување на Комората.
II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
У.бр.258/2024
Предмет: Барање за заштита на слободите и правата на граѓаните согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на забрана од дискриминација на граѓаните, по основ на расна и национална припадност, во врска со остварување на право на образование на учениците Роми во ООУ „Добре Јовановки” Прилеп.
Подносители на барањето: Умут Неџиповски и 13 други
Дејствие со кои се тврди дека е сторена повредата:
Подносителите тврдат дека администрацијата на основното училиште презела протиправно дејствие и со тоа како последица настанала сегрегација на учениците и дискриминација на учениците Роми. Се тврди дека учениците Роми биле ставени во одделенија каде што учеле единствено Роми, додека останатите биле „етнички чисти одделенија”. Подносителите тврдат дека им е повредено правото на заштита од дискриминација и правото на еднаквост, при остварување на уставното право на образование.
БЗСП бр.4/2025
Предмет на барањето: Заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот согласно член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на забрана од дискриминација по основ на работен статус, заштита на правото на слободно изразување, правото на мирно собирање и изразување на јавен протест
Оспорен акт: Договор за продолжување на договорот за работа на определено време на професоналниот војник на служба во Армијата ОУ.бр.04-1/995 од 27.05.2024 година
Подносител на барањето: Aлександар Насковски
Подносителот на барањето наведува дека со членот 2 став 4 од Договорот се повредува член 21 од Уставот со којшто се гарантира правото на мирно собирање и изразување на јавен протест и се врши дискриминација на одредена категорија на вработени. Дополнително се тврди дека професионалните војници се дискриминирани врз основа на работниот однос во Министерството за одбрана бидејќи се тврди дека оваа одредба постои исклучиво во договорите за професионалните војници, за разлика од другите вработени.
III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ
1. У.бр.268/2024
Предвидено е Уставниот суд да донесе одлука, откако на 11 јуни 2025 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024 и 275/2024).
2. УЗ.бр.6/2025
Предвидено е Уставниот суд да донесе одлука во овој предмет откако на 09.07.2025 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Предлог-Деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, за плански период 2018- 2023(1ха) – Општина Кичево бр. 08-1747/18 од 18.07.2023 година („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.VII/2023 од 19.07.2023 година).