У.бр.268/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.268/2024
Скопје, 11.06.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 јуни 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024, 218/2024 и 275/2024).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 32 алинеи 1 и 2, член 34 точки 1 и 3 и член 35 точки 1 и 3 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023, 263/2023, 286/2023, 135/2024 и 218/2024).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Ѓорѓи Крстевски, Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Авни Ќаили, сите од Скопје, поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби се повредуваат член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7, член 9, член 30 став 1, 2 и 3, член 47 став 2, член 51 и член 55 став 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Се наведува дека со член 132 став 2 од Законот за авторското право и сродните права, се определени принципите на работа на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), меѓу кои и почитувањето на правилата за конкуренција. Исто така, согласно член 144 став 1 од истиот закон, Здружението има овластување за донесување општ акт за распределба на надоместоци согласно закон, статут, односно договор за основање, при што во продолжение се цитирани ставовите 2, 3 и 4 од овој член.

Во иницијативата е изложена претходната и новата содржина на оспорените одредби, при што се дава заклучок дека ЗАМП со овие измени и дополнувања, прави противуставно, противзаконско и произволно изедначување на сите радија и телевизии, без разлика дали се на локално, регионално или државно ниво и тоа во поглед на категориите, репартициските класи и паричните фондови на репартициските класи.

На овој начин, се поставува во улога на законодавец и целосно и свесно го занемарува Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како единствен материјален закон кој ја прави поделбата и категоризацијата на давателите на аудиовизуелните медиумски услуги, преку определување услови, критериуми, начин и постапка за издавање дозвола на државно, регионално и локално ниво за обезбедување телевизиско и радио емитување.

Согласно овој закон, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, води регистар на радиодифузери, каде Македонската радиотелевизија е издвоена како јавен радиодифузен сервис којшто врши дејност од јавен интерес за кој важат посебни одредби во поглед на годишната програма за работа, програми и програмски сервиси, обезбедување влијание на јавноста.

Овие одредби ја одразуваат вистинската логика на пазарната економија и создаваат вистинска можност за поттикнување и развој на конкуренцијата во аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.

Со јасното разграничување на радиодифузните друштва на повеќе нивоа во зависност од тоа на какво подрачје ја емитуваат својата програма и за кое имаат дозвола за работа, се потврдува почитувањето на правилата за конкуренција и адресирана е достапноста и можноста за слушаност на нивната програма од страна на поголем аудиториум во зависност од територијата на која зрачат програма.

Кон оваа логика на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се надоврзува и Законот за медиуми, кој предвидува обврска за радиодифузерите да достават податоци до регулаторното тело за остварените вкупни приходи и расходи во претходната година од дејноста и податоци за просечната гледаност или слушаност на радиодифузерот во претходната година.

Дополнително, се укажува на тоа дека и Законот за заштита на конкуренција, предвидува постоење на слободна конкуренција на домашниот пазар заради поттикнување економска ефикасност и благосостојба на потрошувачите.

Овој закон, го дефинира поимот „релевантен географски пазар“ како пазар на подрачје во кое засегнатите претпријатија се вклучени во понудата и побарувачката на стоки и/или услуги, во кое условите се доволно хомогени и можат да се разграничат од соседните подрачја според условите за конкуренција кои се значително различни во тие подрачја.

Според наводите, конкуренцијата треба да постои меѓу радиодифузни друштва коишто емитуваат програма на исто ниво (на пример, емитување на локално, регионално или државно ниво).

Покрај општиот акт за распределба на авторските надоместоци, ЗАМП е овластен да донесе и Правилник со тарифа за користење авторски музички дела, каде согласно член 10 од овој акт, при определувањето на висината на надоместоците за користење авторско дело се земаат предвид правата, видовите и обемот на нивното користење, бројноста на потенцијалните корисници, категоријата и големината на просторот, времетраењето и бројот на користењата, разликата на цените во работењето на корисникот поради користење на делата, структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис) согласно издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузното емитување), религиозните, културните општествените и социјалните интереси на корисниците и интересите на младите и лицата со посебни потреби.

За одбележување е тоа што во Правилникот за тарифата и претходно важечките одредби од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, во однос на користењето авторски музички дела, ја следат законската рамка и пазарната логика за медиумите, како што е уредено во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.

Со оспорените измени и дополнувања, целосно се отстапува од овој закон, со занемарување на сите суштински особености што го квалификуваат еден медиум како државен, регионален или локален, при што врз основа на Правилникот за тарифа се пресметуваат и наплатуваат надоместоци за користење на делата од секој медиум.

На овој начин, оспорените одредби го повредуваат член 51 од Уставот, според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Исто така се повредува и член 8 од Уставот во однос на владеењето на правото и начелото на легитимни очекувања, бидејќи создаваат општа и правна несигурност кај авторите во поглед на категоризацијата на медиумите, надоместоците што медиумите го плаќаат за користење авторски музички дела и би ги добиле авторите за емитување на нивните дела.

Во продолжение, се наведува дека секој медиум е обврзан да плаќа надоместок за користење музички дела, при што основ за плаќање надоместок кон ЗАМП е користењето на делата од страна на медиумот во текот на една репартициска година, додека висината на надоместокот врз основа на пресметката се базира на остварен приход во годината во која се користени делата, според однапред определена тарифа.

Исто така, согласно член 3 од Законот за авторското право и сродните права, авторот, односно носителот на сродното право има право на правичен надомест за секој вид користење авторско дело или предметот на сродното право, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Авторот има право на сопственост на неговите авторски музички дела, па помеѓу правата што произлегуваат од оваа сопственост, се и материјалните права кои овие авторски дела ги остваруваат.

За користењето на авторските музички дела, ЗАМП согласно Законот за авторското право и сродните права, води евиденција за тоа кој медиум или корисник, колку го користел делото. Согласно истиот закон, медиумите и корисниците, доставуваат листи и програми за користени авторски дела и според Тарифникот, исплаќаат материјални средства на ЗАМП за користењето на делата.

Во прилог на наводите во иницијативата, приложени се податоци за 2022 година, со цел да се даде приказ за висината на исплатени средства за користење на авторските музички дела од страна на медиумите на државно, регионално и локално ниво.

Врз основа на ова, се констатира дека доколку сумите од државните и локалните тв медиуми, станат дел од иста класа за распределба, како што предвидуваат оспорените одредби, произлегува дека на одредено авторско музичко дело кое било емитувано само на локалните медиуми, ќе му припаднат и дел од средствата кои ги платиле медиумите на државно ниво, а кои се неспоредливо поголеми за користењето авторски дела, иако овие медиуми не го користеле тоа дело во својата програма. Во иницијативата е даден и сличен пример во овој контекст, кој се однесува на радиските медиуми.

Имајќи ги предвид член 30 ставови 1, 2 и 3 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, легитимно се наметнува заклучокот дека групирањето на медиумите во класи мора да биде на начин со земање предвид на правната и финансиската логика и параметри, обемот и територијата на зрачење и поделбата на локални, регионални и државни медиуми и МРТ како јавен сервис.

Впрочем, ова е случај со Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми и одредбите за класите од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кои претходеа на оспорените.

Не може да се дозволи ЗАМП, произволно и без никаква правна, финансиска или каква била оправданост да одредува класи по своја волја и да ги става сите медиуми во иста категорија, како што е сторено со оспорените одредби (класа 100 за сите радија и класа 300 за сите телевизии).

Таквото групирање претставува најгрубо кршење на правото на сопственост и обид за кражба на материјалните средства кои ги остваруваат и припаѓаат на авторите по основ на користење на нивните авторски дела од страна на МРТ или телевизиите и радијата на државно ниво, кои за авторските дела кои го користат на своите програми согласно Тарифата и договорите плаќаат неспоредливо поголеми материјални средства од на пример, локалните радио и тв медиуми.

Во однос на оспорувањето на новиот став 7 на член 46 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, се наведува дека на овој начин се воведува помало вреднување на делата емитувани во периодот од 00:00 часот до 07:00 часот.

Ова е спротивно на Законот за авторското право и сродните права, кој не го предвидува временскиот период на емитување на делото како параметар за пресметување на правичниот надоместок за користење на делото, ниту таквата можност е предвидена со друг закон или Тарифата, со што ЗАМП излегува надвор од своите законски овластувања.

Во прилог на ова е и фактот што медиумите не плаќаат различни суми на ЗАМП за користење на делата во различни периоди од денот, туку износ на средства согласно Правилникот со тарифа за користење на делата за период од една година согласно процентот од приходот остварен во текот на таа година.

Согласно член 139 од Законот за авторското право и сродните права, ЗАМП не може своеволно и без договор да одредува услови за користење авторски дела и околности поради кои висината на определени надоместоци, се зголемува или намалува, ниту во договорите со медиумите или Правилникот со тарифа, не се определени различни вредности во зависност од периодот од нивното користење во текот на неделите, месеците и слично.

Со ова ново решение, ЗАМП се стекнува со средство кое му овозможува да ја одредува вредноста врз основа на сопствена произволна оцена без никакви критериуми, само заради тоа што одредено дело е користено во одреден период на денот, што директно влијае врз материјалните права кои произлегуваат од сопственоста и што е во спротивност со член 30 став 2 од Уставот.

II

Судот, утврди дека во оспорениот член 32 алинеи 1 и 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци е предвидено дека наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се однесува на следните категории: радио (Македонско радио и трговски радиодифузни друштва (радија) на локално, регионално и државно ниво); и телевизија (Македонска телевизија и трговски радиодифузни друштва (телевизии) на локално, регионално и државно ниво).

Исто така, со оспорениот член 34 точки 1 и 3 од истиот правилник, се утврдени следните репартициски класи: 100) Радио (Јавно претпријатие Македонско радио и Трговски радиодифузни друштва-радио програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво); и 300) Телевизија (Јавно претпријатие Македонска телевизија и Трговски радиодифузни друштва-телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво).

Потоа, согласно оспорениот член 35 точки 1 и 3 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, паричните фондови на репартициските класи, меѓу другото се составени од следниве видови приходи: 100) Радио (Јавно претпријатие Македонско радио и Трговски радиодифузни друштва – радио програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво) и тоа: приходите од ЈП Македонско радио и радио програмските сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските на надоместоци и приходите од радиските кабелски мрежи; и 300) Телевизија (Јавно претпријатие Македонска телевизија и Трговски радиодифузни друштва-телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво) и тоа од приходите од ЈП Македонска телевизија и телевизиските програмски сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т. е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно со членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци и приходите од телевизиските кабелски мрежи.

Судот, исто така утврди дека според оспорениот член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, авторските музички дела кои се употребуваат или користат од страна на корисниците класифицирани во репартициските класи од член 34 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 од овој правилник, во временскиот период од 00:00 часот до 07:00 часот се вреднуваат со коефициент 0,10 за траење од 1 (една) минута.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 30 став 1 од Уставот го гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според став 2 на истиот член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Согласно ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со член 47 став 2 од Уставот, се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 55 став 1 од Уставот, ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Според став 2 реченица прва на истиот член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, додека според реченица втора на истиот став, Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010-исправка, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.87/2025), е предвидено дека со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците-изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.

Според член 1-а став 2 од истиот закон, јавно користење означува секое користење на авторското дело, односно на предметот на сродните права, достапно на јавноста или користење на авторско дело односно предмет на сродните права во простор до кој јавноста има пристап, како и овозможување на достапност на припадник на јавноста до авторско дело односно предмет на сродните права во време и место кое самиот ќе го избере.

Член 2 став 1 од Законот, предвидува дека авторското дело и предметите на сродните права се сметаат објавени доколку станале достапни на јавноста, во согласност со носителите на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено (член 3 од Законот).

Согласно член 12 став 1 од Законот, авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и новинарството, изразена на кој било начин и форма.

Според член 20 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело, додека согласно став 2 од истиот член, авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.

Член 30 точки 1-7 од Законот, определува што е јавно соопштување во смисла на овој закон: 1) јавно изведување; 2) јавно пренесување; 3) јавно изложување; 4) јавно прикажување; 5) радиодифузно емитување; 6) реемитување и 7) ставање на располагање на јавноста.

Согласно со член 63 став 1 од истиот закон, авторот може да пренесе на други лица одделни материјални права, на начин и под услови определени со овој закон. Пренесувањето од ставот 1 на овој член може да се врши со наследување, со пишан договор (исклучиво и неисклучиво) или на друг пишан начин (неисклучиво) со дозвола, изјава, согласност и слично (став 2 на истиот член).

Член 66 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, уредува дека авторскиот надоместок се определува според принципот на правичност, видот на делото, видот и обемот на правото на користење што се пренесува, времетраењето и други битни околности за неговото користење.

Членот 129 (насловен „Индивидуално и колективно управување“) став 1 од овој закон, предвидува дека носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон.

Колективното управување со правата од ставот 1 на овој член, опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти (став 2 на истиот член).

Ставот 3 на овој член, нормира дека колективно се управуваат авторското право и сродните права само за објавени авторски дела и за објавени предмети на сродните права, додека според став 5 на овој член, во случај на колективно управување правата се пренесуваат неисклучиво.

Во член 131 точки 1-10 од овој закон е утврдено кои права по правило се управуваат колективно: 1) јавно соопштување несценско музичко и несценско книжевно дело; 2) право на авторот на надоместок од правото на следство; 3) право на авторот на надоместок од јавна послуга; 4) право на надоместок на автор и изведувач за изнајмување фонограми или видеограми; 5) право на надоместок на изведувач за радиодифузно емитување и друго јавно соопшување на својата изведба што, сама по себе, е радиодифузна или е направена од снимка; 6) право на надоместок на изведувач и на произведувач на фонограми од единствениот надоместок од јавно соопштување на фонограми со изведби издадени за комерцијална цел; 7) право на надоместок на автор и издавач од умножување на хартија или на сличен носач на запис, по пат на фотокопирање или која било слична техника со слични ефекти, за приватно користење; 8) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на фонограмот од умножување на фонограм за приватно користење; 9) право на надоместок на автор, изведувач и произведувач на видеограмот (филмски продуцент) од умножување на видеограм за приватно користење и 10) право на кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права кое, како исклучиво право, задолжително се управува колективно, освен правото на емитување од радио-телевизиска организација, независно дали се работи за нејзиното сопствено право или правото и е пренесено од друг носител на правата.

Согласно член 132 став 1 од овој закон, колективно управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација).

Според став 2 на овој член, организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата за конкуренција.

Нејзините обврски се утврдени со член 133 точки 1-12 од Законот за авторското право и сродните права: 1) ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Македонија и во странство; 2) ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и други органи заради заштита на авторското право и сродните права и слично; 3) донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон; 4) склучува договори со соодветни организации во странство; 5) неисклучиво пренесува право за користење авторски дела и предмети на сродни права со договор или на друг пишан начин; 6) ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; 7) бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата; 8) врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права; 9) обезбедува внатрешна контрола, отчетност и одговорност на органите и лицата за работите во нивна надлежност во согласност со закон и општите акти; 10) обезбедува и овозможува јавност на работењето (обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата); 11) обезбедува и овозможува увид во работењето и податоците од страна на носителите на правата, на начин, во обем и под услови определени со закон и општи акти на организацијата; и 12) обезбедува и одржува просторни, кадровски и други услови определени со овој закон заради успешно остварување на работата.

Според член 135-а став 1 од Законот, заради електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права, организациите за колективно управување се должни да обезбедат и да инсталираат кај радио-телевизиските организации систем за електронско евидентирање на емитуваните авторски дела, односно предмети на сродни права (во натамошниот текст: систем за електронска евиденција).

Системот за електронска евиденција обезбедува особено: идентификување на емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права во времето кога тие се емитуваат на програмата на радио-телевизиската организација, со дозволено временско отстапување согласно актот од член 135-д став (2) од овој закон; записи од емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права; дневни, месечни и годишни извештаи и други периодични извештаи за емитуваните авторски дела односно предмети на сродни права по одредени параметри (број на емитувања на авторското дело, односно предметот на сродно право, временски период на емитување, времетраење на емитување, идентификување на радио-телевизиските организации на кои е емитувано делото, дневен извештај за радио-телевизиските организации кои евидентирале податоци за емитувани авторски дела односно предмети на сродни права во системот за електронска евиденција); известување по електронски пат до лицето во организацијата за колективно управување и лицето во радио-телевизиската организација за прекинот во работата на системот за електронска евиденција; и чување на податоците од системот за електронска евиденција во рок од пет години од денот на нивното евидентирање (став 6 алинеи 1-6 на истиот член).

Во членот 137 (насловен „Основи за определување надоместоци, корисници и крајни корисници“) од Законот, се содржани дефиниции за поимите „корисници“ (на авторско дело, н.з.) и „крајни корисници“ (на услугите на корисниците на авторските дела, н.з.).

Според став 2 на овој член, корисник, во смисла на ставот 1 на овој член, е физичко или правно лице кое користи авторско дело и/или предмет на сродни права за вршење на дејност или занимање. Доколку повеќе корисници заеднички користат авторско дело, односно предмет на сродни права, обврските кон организацијата ги исполнуваат солидарно, доколку со претходен меѓусебен договор поинаку не се договориле.

Согласно став 3 на истиот член, како краен корисник на услугите на корисниците од ставот 1 на овој член, во смисла на овој закон, е физичко или правно лице кое како потрошувач за непосредна сопствена потрошувачка за цели што не се наменети за вршење на негово занимање или за други деловни дејности, користи услуги во кои се содржани авторски дела, односно предмети на сродни права.

Во член 144 став 1 од овој закон е предвидено дека организацијата донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање.

Според ставот 2 на овој член, распределбата на надоместоците од ставот 1 на овој член се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Надоместоците од радиодифузно емитување на авторски дела и/или предмети на сродни права се распределуваат меѓу авторите, односно носителите на сродни права врз основа на податоците за исплата добиени од системот за електронска евиденција на емитувани авторски дела, односно предмети на сродни права од членот 135-а од овој закон (став 3 на истиот член).

Согласно став 5 на овој член, средствата кои организацијата ги прибира од корисниците, а се пресметуваат во паушални износи и средствата кои организацијата ги прибира од кабелско реемитување авторски дела и предмети на сродни права, се распределуваат меѓу авторите односно носителите на сродните права сразмерно на исплатата на надоместокот кои тие го оствариле во согласност со податоците за користени дела од системот за електронска евиденција односно во согласност со податоците од член 135 ставови 6 и 7 од овој закон.

Според член 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013, 13/2014, 44/2014, 101/2014, 132/2014, 142/2016, 132/2017, 168/2018, 248/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/2020, 77/2021, 154/2023, 55/2024 и 193/2024), со овој закон се уредуваат правата, обврските и одговорностите во областа на аудио и аудио-визуелните медиумски услуги, вклучувајќи ги радиодифузерите и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање; давателите на услуги платформи за споделување видеа и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи кои ги емитуваат или реемитуваат програмските сервиси на радиодифузерите.

Во член 3 од истиот закон, се содржани дефиниции за значењето кои одделни изрази го имаат, во смисла на Законот.

„Радио емитување“ e линеарна аудио медиумска услуга која ја обезбедува радиодифузер со цел да овозможи истовремено слушање аудио програми врз основа на однапред утврден хронолошки редослед на програмите – програмска шема (точка 16 на член 3).

„Радиодифузер“ е давател на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги за радио или телевизиско емитување (точка 17 на член 3).

„Телевизиско емитување“ e линеарна аудиовизуелна медиумска услуга која ја обезбедува радиодифузер со цел да овозможи истовремено гледање аудиовизуелни програми врз основа на однапред утврден хронолошки редослед на програмите (програмска шема). Телевизиското емитување особено вклучува дигитално телевизиско емитување, пренос во живо (live streaming), емитување преку веб (webcasting) или обезбедување на медиумска услуга приближна на видео по барање (точка 21 на член 3).

Член 62 од овој закон, ги утврдува условите за обезбедување на телевизиско или радио емитување.

Според став 1 на овој член, дејноста обезбедување на телевизиско или радио емитување ја врши радиодифузер кој е запишан во Централниот регистар на Република Македонија, има седиште и уредништво во Република Македонија и има дозвола за телевизиско или радио емитување.

Радиодифузер може да започне со обезбедување на телевизиско или радио емитување по добивање на дозвола за телевизиско или радио емитување (став 2).

Дозволата од ставот 2 на овој член може да се издаде за подрачје на целата територија на Република Македонија, односно за државно ниво, за подрачје на одреден регион, односно за регионално ниво или за подрачје на одредено населено место со најблиската околина, односно за локално ниво, согласно со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата. Имателот на дозволата стекнува право да го емитува радио или телевизискиот програмски сервис во подрачјето, односно нивото за кое ја добил дозволата (став 3).

За обезбедување на телевизиско или радио емитување покрај условите и обврските пропишани во овој закон, радиодифузерот треба да исполнува посебни минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови во зависност од програмскиот формат, пропишани со подзаконски акт донесен од страна на Агенцијата (став 6 на истиот член).

Во член 65 од истиот закон, се предвидени видовите на радиодифузери.

Радиодифузер може да биде трговско радиодифузно друштво, јавнo радиодифузнo претпријатие или непрофитна радиодифузна установа (став 1 на овој член).

Трговско радиодифузно друштво можат да основаат правни и физички лица под услови утврдени со овој и друг закон (став 2).

Јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис (став 3 на истиот член).

Согласно член 104 став 1 од овој закон, функциите на јавен радиодифузен сервис во Република Македонија ги врши Македонската радио-телевизија ( во натамошниот текст: МРТ).

МРТ врши дејност од јавен интерес во областа на радиодифузијата во Република Македонија што опфаќа производство и обезбедување на радио и телевизиски програми и програмски сервиси согласно со членот 107 од овој закон преку исполнување на програмски обврски, стандарди и начела согласно со членовите 91, 92, 110 и 111 од овој закон (став 4).

Врз основа на член 132 став 2 и член 144 од Законот за авторското право и сродните права и членовите 13, 24 и 48 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП), Собранието на ова здружение, на седницата одржана на 23.09.2014 година го донело Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.141/2014 од 24 септември 2014 година.

Овој правилник е изменуван и дополнуван повеќе пати и тоа: Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2016); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281/2022) кој е поништен со Одлуката У.бр.25/2023 од 27.09.2023 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија; Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.263/2023); Правилник за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.135/2024); Правилник за измени и дополнување на Правилникот за дополнување на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („службен весник на Република Северна Македонија“ бр.286/2023) и Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 135/2024) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2024); и Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2024).

Согласно член 1 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, овој правилник ги утврдува основните начела за распределба на авторските надоместоци на носителите на авторски музички права (во понатамошен текст: носители на права) кои ЗАМП колективно ги управува во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање, како и врз основа на Решението за давање дозвола согласно Законот за авторското право и сродните права на Република Македонија (во понатамошен текст: ЗАПСП).

Според член 2 став 1 точки 1-4 од Правилникот, ЗАМП е организација за колективно управување на авторските музички права на носителите на права која согласно со Решение за давање дозвола на Министерството за култура на Владата на Република Македонија бр.54-54-5454/1 од 03.04.2011 година објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/11 од 10.05.2011 година, ги управува следните права: 1. Умножување и изнајмување несценски музички дела на фонограми и видеограми; 2. Јавно соопштување несценски музички дела (јавно изведување; јавно пренесување; радиодифузно емитување; реемитување и ставање на располагање на јавноста); 3. Кабелско реемитување на музички несценски дела; 4. Надомест од правото на следство на оригинал (ракопис) на музички дела.

ЗАМП во случаите на единствените надоместоци согласно ЗАПСП а предвидени во Статутот, колективното управување на правата може да го врши по овластување на други организации на носители на права преку склучување посебен договор или може со договор да овласти друга соодветна организација да го врши колективното управување на тие права (став 2 на овој член).

Согласно став 3 на истиот член, ЗАМП може да врши административно технички работи за права кои се надвор од правата за кои има дозвола, а се во надлежност на други здруженија согласно договор.

Според член 3 од овој правилник, правата од член 2 на овој правилник, ЗАМП ги управува врз основа на Законот за авторското право и сродните права, Статутот на ЗАМП, овој правилник и други акти и одлуки донесени врз основа на Статутот. Во согласност со соодветните законски прописи, ЗАМП го обезбедува колективното управување со моралните и материјални права на носителите на права.

Во член 4 став 1 од Правилникот, е предвидено дека ЗАМП колективно ги управува авторските музички права на носителите на права кои со пријавување на своите дела или врз основа на договор за тоа му даваат овластување на ЗАМП.

Согласно член 5 став 1 од Правилникот, авторските права на носителите на права ЗАМП ги управува под еднакви услови.

Одредбите на овој правилник се задолжителни за сите носители на права чии права ЗАМП ги управува согласно ЗАПСП, Статутот, како и врз основа на договор со авторот (став 2 на истиот член).

Согласно член 10 од Правилникот, ЗАМП колективно ги управува само објавените несценски музички дела.

Во колективното управување на авторските музички права, ЗАМП ги извршува следниве работи: неисклучиво пренесува право за користење авторски дела со договор или на друг пишан начин; ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; врши пресметка, распределба и исплата на авторски надоместоци примени од странските организации, за користење дела од домашни автори во странство; склучува договори за умножување несценски музички дела на фонограми и видеограми, како и за други видови користења на музички несценски дела и го контролира извршувањето на тие договори; од корисниците на музички дела собира програми и податоци за изведените и снимените дела и води евиденција за тоа; врши контрола за користењето на авторските дела; ги врши правните работи и односите на носителите на правата со корисниците и води постапки пред судовите и другите органи заради заштита на авторското право и слично; презема и други мерки предвидени со законот и со други прописи заради заштита и остварување на колективното управување на авторските музички права (член 11 точки 1-8 од Правилникот).

Репертоарот на ЗАМП го сочинуваат објавени музичко несценски дела како што се: а) ораториуми, кантати, дела на симфониската, камерната, солистичката, хорската, забавната, детската, народната, џез музиката и сл.; б) извадоци од музички сценски дела (опери, балети, оперети и сл.) без оглед на нивното траење под услов тие извадоци да не претставуваат драмска целина; в) музика од музичко-кореографски дела (концертни и радио изведувања) без оглед на траењето; г) музички дела користени во драмски дела, било да се користени како музичка придружба или како музичка илустрација или да се вклопени во самиот драмски текст; д) музика користена во ТВ серии, ТВ филмови и кинематографски филмови што се емитуваат преку телевизија; ѓ) несценски музички дела кои драмско-сценски или кореографски се прикажуваат на сцена или телевизија; е) музика за музичко-литературни емисии или приредби (музички приказни, рецитали, хумористични и слични емисии, приредби и слично); ж) музички дела употребени за шпици, звучни записи, интермеца со звучна илустрација; з) обработка на народни творби (член 13 точки а) до з) од Правилникот).

Во член 30 став 1 од Правилникот е определено дека музичко дело (оригинално или обработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото.

Според член 32 алинеи 1 до 8 од истиот правилник, наплатата на авторските надоместоци за јавно соопштување на музички несценски дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се однесува на следните категории: радио (Македонско радио и Трговски радиодифузни друштва (радија) на локално, регионално и државно ниво); телевизија (Македонска телевизија и Трговски радиодифузни друштва (телевизии) на локално, регионално и државно ниво); приредби (приходи од забави, игранки, другарски вечери, матурски, дипломски, модни ревии, артистичкии спортски натпревари); жива музика (угостителски објекти со жива музика); концерти на популарна музика; концерти на сериозна музика; јавно пренесување приходи по основ на јавно соопштување преку звучник, екран или било кое друготехничко средство во (угостителски објекти, дискоклубови, ноќни барови, хотели, трговски и деловни простории, занаетчиски дуќани, превозни средства, спортски објекти и др.); и кабелско реемитување.

Согласно член 33 став 1 од овој правилник, авторските надоместоци за јавно соопштување на музички дела во една календарска година се разликуваат според видот на користењето и се основа за формирање на репартициски класи. Авторските надоместоци од секоја репартициска класа на прибрани средства се внесуваат во соодветниот репартициски фонд.

Според став 2 од истиот правилник, секој репартициски фонд се состои од надоместок наплатен за јавно соопштување на музички дела од соодветната репартициска класа.

Со член 34 од Правилникот, меѓу другото, се утврдуваат следните репартициски класи: 100) Радио (Јавно претпријатие Македонско радио и Трговски радиодифузни друштва-радио програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво) и 300) Телевизија (Јавно претпријатие Македонска телевизија и Трговски радиодифузни друштва-телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво).

Во член 39 од Правилникот е предвидено дека поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година.

Согласно член 41 од истиот акт, распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Според член 46 став 1 од Правилникот, пресметката на авторскиот надомест се определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или било каква употреба на музичкото дело.

Траењето на авторското музичко дело од 1 (една) минута се вреднува со коефициент 1 (еден), според ставот 2 на истиот член.

Пресметката на авторскиот надомест со оглед на периодот на користење на авторското музичко дело кое се емитува:
– 10 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,30;
– 20 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,60;
– 30 години после настанувањето се вреднува со коефициент 1,90;
Како момент на настанување на делото се зема датумот на пријава на делото во ЗАМП, односно првото евидентирано користење во ЗАМП доколку и претходи на пријава на делото (став 3).

Секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент (став 4).

Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута (став 5).

И на крајот, согласно член 1 од Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017 и 154/2017-исправка), со овој правилник се определуваат условите под кои правно или физичко лице (во натамошниот текст: корисник) може јавно да соопштува, односно објавува музички дела, кои ЗАМП колективно ги управува на територијата на Р. Македонија, во согласност со Законот за авторското право и сродните права (во понатамошниот текст ЗАПСП), Статутот на ЗАМП и Решението за давање дозвола за колективно управување на Министерството за култура на Владата на Република Македонија (член 1).

При определувањето на висината на надоместоците се земаат предвид: 1) правата, видовите и обемот на нивното користење; 2) бројноста на потенцијалните корисници; 3) категоријата и големината на просторот; 4) времетраењето и бројот на користењата; 5) разликата на цените во работењето на корисникот поради користењето на делата; 6) структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност (кај радиодифузното емитување); 7) религиозните, културните, општествените и социјалните интереси на корисниците и 8) интересите на младите и лицата со посебни потреби (член 10 точки 1 – 8).

Во Правилникот се содржани посебни тарифни броеви за емитување на несценски музички дела кога користењето на авторското дело се врши од страна на ЈП Македонска радиотелевизија (тарифен број 20); емитување и пренос на радио програмски сервис (трговски радио дифузни друштва) со посебни табели за утврдување на месечното плаќање на авторскиот надомест, доколку со договор не е поинаку определено за радио програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво (тарифен број 21); и емитување и пренос на телевизиски програмски сервис (трговски радио дифузни друштва) со посебни табели за утврдување на месечното плаќање на авторскиот надомест, доколку со договор не е поинаку определено и тоа за телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво (тарифен број 22).

Правилникот за распределба на авторските надоместоци, во кој се содржани оспорените одредби, детално ги разработува законските одредби кои се однесуваат на остварувањето на материјалните права на авторите на музички дела во делот на пресметката и распределбата на авторските надоместоци како материјални права со кои колективно управува ЗАМП.

Истиот е подзаконски акт, донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) врз основа на член 133 точка 3 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.

Согласно првата одредба, организацијата за колективно управување со авторското право и сродните права, има обврска да донесува и објавува општи акти за прибирање и распределба на надоместоци од користењето и донесувањето и објавувањето на овие акти да е во согласност со закон.

Втората пак, содржи овластување за оваа организација да донесе општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и нејзиниот статут, односно со договорот за нејзино основање.

Правилникот, утврдува правило за категоризација и определување на едно музичко дело (оригинално или обработка) – согласно ефективното траење на делото (член 30 став 1).

Потоа, предвидува различни категории според видот на користењето при јавно соопштување на музички несценски дела за наплата на авторските надоместоци во една календарска година (член 32 алинеи 1-8).

Притоа, во оспорената алинеја 1 на овој член, радиото е предвидено како посебна категорија во која се опфатени: Македонското радио и трговските радиодифузни друштва (радија) на локално, регионално и државно ниво, додека во исто така оспорената алинеја 2 на истиот член, телевизијата е предвидена како друга посебна категорија во која се опфатени Македонската телевизија и трговските радиодифузни друштва (телевизии) на локално, регионално и државно ниво.

Од друга страна, различните видови на користење на делата се основ за разликување на авторските надоместоци за нивното јавно соопштување во една календарска година врз основа на кои се основаат репартициските класи во чии соодветни фондови се внесуваат прибраните средства од овие надоместоци (член 33 став 1 и 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци).

Конкретно, од значење за анализата, во член 34 од Правилникот, меѓу другите се утврдени следните репартициски класи: 100) Радио (Јавно претпријатие Македонско радио и Трговски радиодифузни друштва – радио програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво) (оспорена точка 1) и 300) Телевизија (Јавно претпријатие Македонска телевизија и Трговски радиодифузни друштва-телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво) (оспорена точка 3).

Понатаму, во член 35 од истиот правилник се утврдени видовите приходи на паричните фондови на секоја од репартициските класи, каде меѓу другото, за репартициската класа 100) Радио (Јавно претпријатие Македонско радио и Трговски радиодифузни друштва – радио програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво) (приходите од ЈП Македонско радио и радио програмските сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т.е јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските на надоместоци; и приходите од радиските кабелски мрежи) (оспорена точка 1) и за репартициската класа 300) Телевизија (Јавно претпријатие Македонска телевизија и Трговски радиодифузни друштва-телевизиски програмски сервиси на локално, регионално и државно ниво); приходите од ЈП Македонска телевизија и телевизиските програмски сервиси по оваа основа; дел од приходите од јавното пренесување т. е. јавното соопштување преку звучник екран или друго техничко средство согласно со членовите 32, 33 став 3 и 37 ст. 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци; и приходите од телевизиските кабелски мрежи (оспорена точка 3).

Во однос на оспорените член 32 алинеи 1 и 2, член 34 точки 1 и 3 и член 35 точки 1 и 3 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци, основен аргумент во иницијативата е дека ваквото подзаконско уредување го нема предвид класифицирањето на радиодифузерите кои имаат дозвола за телевизиско или радио емитување за подрачјето на целата територија на Република Македонија, односно државно ниво, потоа за подрачјето на одреден регион или регионално ниво или пак за подрачје на одредено населено место со најблиската околина, односно локално ниво. На овој начин, според иницијативата, сите радиодифузери се изедначуваат и се повредуваат правилата на конкуренција, иако се разликуваат во поглед на достапноста и можноста за слушаност на нивната програма од страна на различен број на публика во зависност од територијата на која зрачат програма и за што соодветно плаќаат надоместоци на ЗАМП во различна висина.

Според Судот, основно е што со оспорените одредби се дефинираат различните видови на користење на авторското музичко дело кои се основ за разликување на авторските надоместоци за нивното јавно соопштување во една календарска година врз основа на кои се основаат репартициските класи во чии соодветни фондови се внесуваат прибраните средства од овие надоместоци и се определуваат видовите приходи на секоја од репартициските класи.

Во случајот, станува збор за два дефинирани вида на користење на авторските дела – преку емитување на радио или емитување на телевизија, при што неспорно е дека видот на користење на делото е еден од законските основи за определување на авторскиот надоместок, кој понатаму, согласно законско овластување се утврдува и уредува со подзаконски акт којшто го донесува организацијата за колективно управување, каков што во случајот е Правилникот за распределба на авторските надоместоци.

Притоа, во рамките на двата вида користење на делата опфатени се различните видови радиодифузери: кај радиото (Македонското радио и трговските радиодифузни друштва (радија) на локално, регионално и државно ниво); и кај телевизијата (Македонската телевизија и трговските радиодифузни друштва (телевизии) на локално, регионално и државно ниво).

Неспорно е дека овие различни видови радиодифузери се разликуваат во опсегот на давање аудио и аудивизуелни медиумски услуги во територијална смисла што има за последица да има разлика во бројот на потенцијални крајни корисници.

Но, без оглед на тоа за кој вид радиодифузер станува збор, заеднички за сите нив е истиот начин на кој што ги користат авторските музички дела – едните, преку радио емитување, додека другите тоа го прават преку телевизиско емитување.

За двете емитувања има законска дефиниција што подеднакво важи и се применува за сите овие субјекти – даватели на иста аудио или аудиовизуелна медиумска услуга за радио или телевизиско емитување и која не дава основ за поинакво уредување (на пример, да постои посебен вид на користење на делото на радио или телевизија од страна на јавен радиодифузер, односно трговски радиодифузни друштва на државно ниво, потоа, посебен вид користење од трговски радиодифузни друштва на регионално ниво и на крајот на локално ниво).

Тоа што радиодифузерите се со различен опсег на емитување е адресирано со подзаконското уредување кое го уредува прашањето за определување на висината на надоместоците кои истите овие субјекти како корисници на авторски музички дела треба да ги платат на организацијата за колективно управување.

Конкретно тоа е операционализирано преку Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела со кој се разработуваат критериумите од член 138 од Законот за авторското право и сродните права, каде меѓу другото, се предвидени бројноста на потенцијалните корисници (точка 2); категоријата и големината на просторот (точка 3) и структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис), согласно со издадената дозвола за вршење радиодифузна дејност, кај радиодифузно емитување (точка 6).

Всушност, ако се има предвид предметот на уредување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, со овој акт всушност ниту може да се уредува прашањето поинаку, освен да се утврди видот на користење на делото, што во случајот е сторено.

Како акт тој се однесува на уредување на авторските и сродните права на музички дела, за кои Законот за авторското право и сродните права, не прави дистинкција дали станува збор за музичко дело кое се користи на национално, регионално или локално ниво, ниту пак таква поделба објективно е можна.

Правото на авторскиот надоместок произлегува од самиот факт на користење, каде се вреднува пред сѐ времето на негово користење, при што се зема предвид видот (начинот) на кој е користено и тоа во случајот е уредено со подзаконски акт.

Во таа смисла, предмет на Правилникот не се прашања на регулација на пазарот или конкуренцијата, туку исклучиво начинот на остварување на материјалните права на авторите.

Од тие причини, не може да се постави прашање за уставноста и законитоста на овие одредби поради причините наведени во иницијативата во овој дел.

Понатаму, прашања кои се покренаа при анализата на тоа, дали постојат основи за сомнеж за уставноста и законитоста на член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци е тоа дали: (1) постои основ и оправданост за вакво различно (и неповолно) третирање на авторските дела во однос на периодот во кој биле користени во рамките на иста репартициска класа; (2) предвидувањето на периодот на користење или употреба на авторското музичко дело е разработка на основите предвидени со член 66 став 1 од Законот за авторското право; (3) е правно релевантен бројот на крајни корисници при утврдувањето на критериумите за распределба на авторските надоместоци за музичките дела кои биле користени; и (4) нема ограничување на начинот на уредување на правилата за распределба на авторските надоместоци со правично определување на временски рамки во кои авторските музички дела би биле емитувани.

Според Судот, фактот во кој период од денот едно музичко дело било користено, не може да биде критериум за вреднување на авторските музички дела.

Анализата на законската рамка укажува на тоа дека при уредувањето на начинот на распределба на авторските надоместоци, единствен правен факт од кој зависи дали авторот се стекнал со право на надоместок за своето музичко дело и истиот да му биде распределен е тоа, дали неговото дело е користено, во случајот од страна на радијата и телевизиите на начин да е јавно соопштено како несценско музичко дело во формите кои ги предвидува Законот.

Во поткрепа на ова, конкретно може да се посочи на член 3 од Законот, според кој правото на правичен надомест произлегува од секој вид користење; потоа на член 66 од истиот закон, согласно кој авторскиот надоместок меѓу другото се определува според обемот на правото на користење што се пренесува и други битни околности за неговото користење; член 144 став 2 од Законот, според кој распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата; како и на генералното правило за пресметка на авторскиот надомест од Правилникот кое е засновано на самото користење на делото.

Притоа, користењето се вреднува според неговото времетраење што е општо правило кое се однесува на сите авторски музички дела подеднакво и има свој основ во законското начело за право на авторот на правичен надомест за секој вид користење на неговото дело.

Наспроти ова, предвидувањето на периодот на користење го дерогира ова правило и суштински му противвречи, каде самиот факт на користење на делото се минимизира, а се вреднува периодот кога е користено самото дело. Дополнително, не само што нема основ, ниту разумна оправданост за ваквото уредување, туку истото авторите чии дела се емитувани во тој период, ги става во нееднаква положба.

Впрочем, ако се има предвид историјатот на регулирање на ова прашање, во основниот текст на Правилникот за распределба на авторските надоместоци донесен во 2014 година, нема разликување во однос на периодот кога е користено делото, туку тоа за првпат е воведено со неговите измени и дополнувања од јуни 2024 година.

Во одговорот на полномошникот на доносителот на Правилникот, се посочува на член 137 став 3 од Законот за авторското и сродните права, како основ за ваквото уредување што е оспорено пред Судот.

Меѓутоа, треба да се укаже дека овој став е дел од член кој не се однесува на правното уредување на распределбата на авторските надоместоци, туку на надоместоците за користење на авторско дело, односно предмет на сродните права (кои ги прибира организацијата од корисниците), што е сосема различно и се уредува со други одредби од Законот и други подзаконски акти.

Така, согласно член 139 став 1 точки 1 до 3 од Законот за авторското право и сродните права, висината на тие надоместоци се уредува со: општ договор меѓу организацијата и здруженијата на одделни категории корисници, односно нивните комори што го претставуваат мнозинството корисници (општ договор); поединечен договор меѓу организацијата и поединечен корисник (поединечен договор); и општ акт на организацијата за определување за висината на надоместоци за користење (во натамошниот текст: тарифата).

Притоа, во член 138 точка 2 од истиот закон, бројноста на корисниците е предвидена како еден од критериумите при определувањето на висината на овие надоместоци и тоа не се однесува на критериумите за распределба на авторските надоместоци.

Исто така, во својот одговор, полномошникот на доносителот на Правилникот, наведува дека на ваков начин се задоволувала правичноста во соодносот – број на крајни корисници на емитуваното музичко дело и авторскиот надоместок кој следува за емитуваното музичко дело.

Неспорно, принципот на правичност е еден од основите за определување на авторскиот надоместок предвиден со закон. Како принцип, тој е коректив на правдата која значи еднаквост за сите, додека правичноста има за цел да ја индивидуализира на начин на субјектот да му се даде она што го заслужува или она што му припаѓа.

Во конкретниот случај, овој принцип на подзаконско ниво е разработен преку основното правило предвидено во член 46 ставови 1 и 2 од Правилникот, за определување на авторскиот надоместок согласно ефективното траење на користењето на самото дело.

За ова правило, ирелевантен е соодносот на кој се укажува во одговорот на полномошникот, туку определувањето е исклучиво само врз основа на фактот на користење и колку тоа траело.

Уште повеќе, според Судот, таквиот сооднос не може ниту да се земе предвид при уредувањето на определувањето на авторскиот надоместок, туку тој е единствено релевантен во утврдувањето на обврските на корисниците кон организацијата за колективно управување.

Од погоре цитираната одредба од член 137 став 3 од Законот за авторското право и сродните права, произлегува дека единствено постои категорија „краен корисник на услугите на корисниците“, додека категорија „краен корисник на емитувано музичко дело“, Законот не предвидува.

Категоријата пак, „корисник на авторско дело“ е дефинирана во став 2 реченица прва на истиот член од Законот и ги означува правните субјекти кои користат авторски дела и/или предмет на сродни права за вршење дејност или занимање, кои во делот на авторските музички дела, согласно Правилникот се категоризирани во различни репартициски класи.

Според тоа, во случајот со оспорената одредба од член 46 став 7 од Правилникот за распределба за авторските надоместоци, не само што не се разработуваат законските одредби, туку надвор од Законот се воведува нов основ за определување на авторскиот надоместок.

Последното, значи дека доносителот на овој акт не е неограничен во разработката на законските одредби, туку треба да ги уредува прашањата за кои му е дадено овластување во рамки предвидени со Законот и да го почитува принципот на еднаквост, а во спротивно се повредуваат владеењето на правото и уставноста и законитоста.

Со ставањето пак во понеповолна положба, авторите чии музички дела се емитуваат во периодот опфатен со оспорениот став 7 од член 46 од Правилникот, не можат да ги остварат материјалните права од нивното авторско музичко дел во ист обем како другите автори чии дела се емитуваат во другиот период, што претставува повреда на уставните норми со кои се штити сопственоста.

Поради тоа, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, член 9, член 30 став 1, 2 и 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 3, член 66 став 1 и член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права.

V

Врз основа на наведеното, Судот со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски