Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.6/2025
Скопје, 09.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 9 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Предлог-Деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, за плански период 2018- 2023(1ха) – Општина Кичево бр. 08-1747/18 од 18.07.2023 година („Службен гласник на Општина Кичево“ бр.VII/2023 од 19.07.2023 година).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Фадил Сулоски, преку полномошникот Елизабета Трпеска, адвокат од Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на решението.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука е во спротивност со начелото на владеењето на правото и спротивна на член 51 од Уставот и на член 5, член 9 став 2, член 13,18 и 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Со иницијативата подносителот ја оспорува уставноста и законитоста на Одлуката од следните причини:
1. Деталниот урбанистички план не е во согласност со Генералниот урбанистички план, па како таква Одлуката е спротивна на член 51 од Уставот.
2. Со донесената одлука бил изменет претходниот урбанистички план на начин што КП 4368/1 која е во сопственост на Република Северна Македонија и која претставува улица, а подносителот на иницијативата ја користел за пристап до својата куќа и двор, со измената еден дел од парцелата се припоила на градежната парцела 5.20 и била оставена можност корисникот на таа парцела да ја откупи и на тој начин да го попречи патот – пристапот до домот на подносителот на иницијативата.
При донесувањето на оспорената предлог-одлука не бил применет член 5 и член 9 став 2 од Законот, односно со нејзиното донесување не бил остварен јавниот интерес, ниту приватниот интерес, а тоа доведува до правна несигурност на граѓаните. Имено, со тоа се дава можност на одделни граѓани-сопственици да дооформуваат градежни парцели со откуп на земјиште на штета на подносителот на иницијативата.
Со донесената Одлука, потребниот пристап на подносителот на иницијативата на ГП бр.5.1 бил обезбеден од станбениот крак 5, што на лице место не било така, односно немал пристап за влез во својот дом бидејќи требало да поминува низ помошни простории.
При донесување на Одлуката не бил почитуван член 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи документа-ционата основа не ги содржела потребните податоци, без темелна анализа на фактичката состојба односно истата била изработена без да се земат податоци од терен – ажурирана геодетска подлога.
3. Во постапката за донесување на оспорената предлог-одлука не бил применет член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно надлежниот орган не објавил повик за јавна презентација и анкета на начинот определен во член 50 став 3 од Законот, како сите заинтересирани лица би имале можност да дадат свои забелешки и предлози.
Врз основа на сето наведено, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
II
На седницата Судот утврди дека на 18.07.2023 година, Советот на Општина Кичево донел Одлука за донесување на Предлог-Детален урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, за плански период 2018-2023(1ха) – Општина Кичево бр. 08-1747/18, објавена во „Службен гласник на Општина Кичево“ бр.VII/2023 од 19.07.2023 година.
Одлуката е донесена врз основа на член 39 став 1 точка 1 и член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/02) согласно член 23 став 1 точка 7 од Статутот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево” бр. 9/2013), а во врска со член 39 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/1), на 23-та седница одржана на ден 18.07.2023 година.
Во член 1 од Одлуката се предвидува дека се донесува Предлог-Деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, со Предлог-планот, изготвен од „Нимаер“ дооел Струга д.е. Скопје, со тех.бр. 03- 36/18 од март 2023 година.
Согласно со член 2 од Одлуката, планот од член 1 на оваа одлука содржи: документациона основа, планска документација, текстуален дел, нумерички дел,графички дел, Одлука за отпочнување на Предлог-Деталниот урбанистички план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“,дел, со бр. 07-3389/35 од 25.12.2015 год. и дополна на Одлуката за отпочнување со бр. 08-2325/5 од 26.10.2020, извештај од извршена стручна ревизија на Конечен Предлог план изготвена од „Билд Урбан’’ ДООЕЛ, Скопје, со техн.бр.0901/64/20 од јуни 2023 година, стручно мислење по Предлог планот од стручна комисија по урбанистички планови од Општина Кичево бр. 10-702/1 од 19.03.2019 година, Извештај по јавна анекта и јавна презентација по предлог-планот со бр.10-702/9 од 12.04.2019 година и согласност на Конечен предлог-план, издадена од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот во Скопје, бр. 21-3149/2 од 10.07.2023 година.
Во член 3 е уредено дека согласно со член 42 ставови 3, 4, 5, 6, и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/1), Одлуката за донесување на урбанистичкиот план задолжително се прикачува во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам од страна на донесувачот на урбанистичкиот план, донесениот урбанистички план станува составен дел на електронски регистар на донесени урбанистички планови во рамки на информацискиот систем е-урбанизам, кон кој пристап имаат донесувачот на урбанистичкиот план, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, Агенцијата за планирање на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности, донесувачот на урбанистичкиот план е должен примерок од донесениот урбанистички план во електронска форма да го објави во својата веб-страница, АКН е должна во рок од осум работни дена од прием на известувањето во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да изврши дигитално преклопување и донесниот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од ставот 3 и ставот 6 од член 39 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/14, 44/15, 193/15,31/16,163/1).
Член 4 од Одлуката предвидува дека планот ќе го спроведува Одделението за урбанизам и сообраќај на Општина Кичево.
Според член 5 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кичево“.
III
Судот, во претходна постапка, врз основа на доставената документација од страна нa доносителот на оспорениот акт, ја утврди следната фактичка состојба:
Еран Алимовски од Кичево на 08.10.2015 година поднел барање до Општина Кичево за поведување иницијатива за измена и дополнување на урбанистички планови.
Со Известувањето од 25.10.2015 година, Општина Кичево го известува дека иницијативата е разгледана и бара подносителот на истата да се произнесе дали се согласува да се започне постапка за измена на ДУП во нас. „ДЕВЕАНА“ со самофинансирање.
Од страна на подносителот на барањето издадена е согласност и врз основа на истата донесена е Одлуката бр. 3389/35 од 25.12.2015 година за отпочнување на постапка за изработка на измена и дополнување на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“-дел.
ДОО „КАТ ПЛУС“ Кичево изработил геодетски елаборат за посебни намени за увид на лице место (ажурирана геодетска подлога) под дел. бр. 0815-12/1 од 05.01.2016 година одобрен од Агенцијата за катастар на недвижности. Ажурирана геодетска подлога е составен дел на Деталниот урбанистички план за УЕ Д дел од блок Д5 со тех. бр. 03-36/2018 година изготвен од ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје.
Со Решението бр. 09-2098/1 од 29.08.2016 година формирана е Комисијата за урбанизам на Општина Кичево.
ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје на ден 01.02.2018 година со барање се обраќа до Општина Кичево за одобрување на планска програма за ДУП.
Планската програма на Детален урбанистички план за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево, со број 03-39/18 од 01.02.2018 година од февруари 2018 година, на ден 16.02.2018 година е заверена и одобрена од страна на Општина Кичево со потврда за заверка на одобрена планска програма.
На ден 05.03.2018 година од Стручната комисија по урбанистички планови до градоначалникот на Општина Кичево доставил Предлог за одобрување на Планската програма на измена на ДУП бр. 10-310/2, а градоначалникот со Решение бр. 10-310/3 од 07.03.2018 година ја одобрува Планска програма изработена од ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје, за изработка на Детален урбанистички план за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево со број 03-39/18 од 01.02.2018 година.
Од страна на Комисијата по урбанистички планови изработен е Извештај од стручно мислење за урбанистички план – ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“-дел, Општина Кичево- Мислење под бр. 03-310/5 од 16.04.2018 година.
ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје постапил по извештајот од Комисијата и изготвил одговор за постапување по забелешки од стручно мислење за ДУП за УЕ „Д“ дел од блок „Д5“ бр. 03-254-2/18 од февруари 2019 година и доставил корегиран предлог план од страна на ДООЕЛ “НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје.
Комисијата по урбанистички планови со Извештај од стручно мислење за урбанистички план – ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“-дел, Општина Кичево се произнела и дала мислење под бр. 03-702/1 од 19.03.2019 година да продолжи постапката за планот согласно законската регулатива.
На 21.03.2019 година од страна на градоначалникот донесени се: Одлука за организирање на навна анкета со јавна презентација за измена и дополна на ДУП за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево која треба да трае 10 работни дена од 28.03.2019 година од 10.04.2019 година, јавната презентација ќе се одржи на 03.04.2019 година во просториите на Општина Кичево, а заинтересираните граѓани и правни лица во предвидениот рок на анкетни листови ќе можат да ги дадат своите забелешки, Соопштение бр.10-702/3 за организирање на јавна презентација и јавна анкета, Решение бр. 10-702/4 за формирање на Стручна комисија за изработка на извештај од јавната анкета за урбанистички план.
Доставени се Известувања за одржување јавна анкета и јавна презентација бр. 10-702/5 до Дирекцијат за заштита и спасување на РМ, Регионален Центар Кичево, Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“,Кичево, Против пожарна единица Кичево, АД Македонски телекомуникации Кичево, ЈП „Студенчица“, Министерство за животна средина и просторно планирање Скопје, ЕВН Македонија АД Скопје, КЕЦ Кичево, Управа за заштита на културно наследство Министерство за култура.
Соопштението за спроведување на јавната презентација и јавната анкета доставени се до радио „Александар Македонски“ Кичево и радио „Ускана“ Кичево за емитување, видно од доставените доставници.
Издадени се потврди од радио „Александар Македонски“ Кичево и радио „Ускана“ Кичево за емитување на соопштението за спроведување на јавната презентација и јавната анкета.
Од одржаната јавна презентација по ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“-дел изработен е Записник бр. 10-702/7-1 од 03.04.2019 година.
Иако биле доставени 3 анкетни листови што е видно од Извештај за прифатени и неприфатени забелешки за детален урбанистички план за измена и дополна на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА “ УE “Д“,Блок “Д5“-дел, Општина Кичево бр. 10-702/9 од 12.04.2019 година до Судот е доставен само еден анкетен лист од 03.04.2019 година.
Од страна на ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје изготвен е нов предлог план за ДУП за УЕ Д дел од блок Д5 бр. 03-36/2018 од јануари 2020 година.
На 24.01.2020 година до Агенцијата за катастар на недвижност доставено е барање за мислење бр.10-217/1.
Агенцијата за катастар на недвижност на 04.02.2020 година со известување бр. 0939-1469/1 од 27.01.2020 година ја известува Општината дека се исполнети условите за издавање на позитивно мислење.
Општина Кичево со барање се обратила до Друштвото за трговија и услуги БИЛД УРБАН ДООЕЛ Скопје за стручна ревизија на измена и дополна на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, изработен од ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје со техн.бр.03-36/2018 од јануари 2020 година.
Во февруари 2020 година БИЛД УРБАН д.о.о.е.л. од Скопје изготвил Извештај за извршена стручна Ревизија за Детален урбанистички план за Урбана единица Д дел од блок Д5, КО Кичево 3, Општина Кичево со тех.бр. 0901/64/20.
Понатаму, како документација доставени се и програмите за уредување на градежно земјиште за просторот на Општина Кичево за 2016, 2017, 2018, 2019 и 2020 година, донесени од страна на Општина Кичево.
До Министерството за транспорт и врски на 28.02.2020 година Општина Кичево се обраќа со барање за согласност на измена и дополна на Предлог-ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, Општина Кичево, изработен од ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје со техн.бр.03-36/2018 од јануари 2020 година.
На 27 март 2020 година, Министерството за транспорт и врски не издава согласност и ја враќа документацијата на Општина Кичево. Од страна на Министерството во однос на водената постапка дадени се следните забелешки:
„- Стручното мислење од Комисијата за урбанизам согласно член 23 од Законот е изработено за Измена и дополна на ДУП… , додека Предлог планот е изработен за ДУП…
– Да се произнесе комисијата / општината околу неусогласеноста на насловот на планот. Да се преиспита и усогласи водењето на постапката за спроведување на јавна презентација и јавна накета по планот имајќи предвид дека предлог план и конечниот предлог план се изработени за ДУП…, а не за Измена и дополна на ДУП… (Решението за формирање на стручна комисија по член 35 од Законот и Соопштението за организирање на јавна презентација и јавна анкета по планот се однесуваат за измена и дополна на ДУП…).
– Да се достави Заклучок за потребата од спроведување на повторна јавна анкета со јавна презентација на планот, имајќи ја во предвид неусогласеноста во насловите на планот и водената попстапка.
– Да се достави Одлука за спроведување / неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животна средина.
– Да се достави Мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање за прифаќање / неприфаќање на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена.
– Да се достават податоци и информации (услови) од Министерство за животна средина и просторно планирање – Сектор води поради река Сушица и добиените услови и критериуми да се вградат во мерки за заштита.
– Да се достави позитивно мислење од Дирекција за заштита и спасување – ПО Кичево имајќи ја во предвид нивната забелешка доставена преку анкетен лист.
– Да се побара писмено произнесување на планското решение од АЕК, имајќи ја предвид планираната инфраструктура во планот, а истите не се поканети за учество во јавната анкета.
– Да се побара писмено произнесување на планското решение од АД МЕР (НЕР) имајќи предвид дека од истите не се побарани податоци и информации и не се поканети за учество во јавната анкета.
– Се препорачува да се прибават мислења од институциите кои имаат инсталции во планскиот опфат и биле поканети на ЈА и ЈП, а не се произнеле по планското решение.“ Доколку ги има во списокот, а нема од нив анкетни листови нема потреба.
-Постапката за ПИМ да се поврзе со релевантни постапки во системот на Е-урбанизам“.
Воедно, од страна на Министерството се напоменува дека по усогласување на водената постапка со горенаведените забелешки и констатации, потребно е Комисијата за изготвување извештај за јавна анкета и јавна презентација, да се произнесе за потребата од спроведување на нова јавна анкета и јавна презентација.
На 26.10.2020 година од страна на Советот на Општина Кичево донесена е Одлука за измена на Одлуката бр. 3389/35 од 25.12.2015 година за отпочнување на постапка за изработка на измена и дополнување на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“-дел со која зборовите измена и дополнување се бришат.
Врз основа на забелешките дадени од Министерството за транспорт и врски, Комисијата за урбанизам со Заклучок бр. 10-217/4 од 01.12.2020 година се произнела дека станува збор за истиот плански опфат, а дека треба да се корегира насловот на планот согласно измената на Одлуката на Советот од страна на планерот врз основа на изнесеното Комисијата за урбанизам смета дека нема потреба од повторна јавна анкета со јавна презентација за истиот плански опфат.
ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје со Извештај за постапување по забелешките од неиздавање на согласноста на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево вр. 03-47/21 од февруари 2021 година се произнел по забелешките на Министерството за транспорт и врски и изработил конечен предлог план за ДУП за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево тех. бр. 03-36/2018 од февруари 2021 година.
Општина Кичево се обратила со барање бр. 10-54/3 од 25.03.2021 година до Друштвото за трговија и услуги БИЛД УРБАН ДООЕЛ Скопје за стручна ревизија на измена и дополна на ДУП за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, изработен од ДООЕЛ “НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје со техн.бр.03-36/2018 од февруари 2021 година.
Во март 2021 година од БИЛД УРБАН д.о.о.е.л. од Скопје изготвен е Извештај за извршена стручна Ревизија за Детален урбанистички план за Урбана единица Д дел од блок Д5, КО Кичево 3, Општина Кичево под тех.бр. 0901/64/20.
На 06.04.2021 година, Министерството за транспорт и врски повторно не издава согласност на Предлог-планот на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, Општина Кичево, Општина Кичево и ја враќа документацијата со одговор:
„-Точка 1 и 2
Усогласена е постапката за донесување на ДУП за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, и тоа е донесена одлука на Совет за измена на одлуката за отпочнување со бр 08-2325/5 од 26.10.2020 година.
-Точка 3
Донесен е Заклучок од страна на Комисијата за урбанизам со 10-217/4 од 01.12.2020 година.
-Точка 4 и 5
Прибавено е известување од Министерство за животна средина и просторнно планирање со бр. УП1-15-389/2020 од 17.03.2020 година и донесена е Одлука за неспроведување на стратегиска оцена од страна на Градоначалникот на Општина Кичево со бр.12-654/1 од 06.03.2020 година.
– Точка 6
Да се прибави Мислење од Министерство за животна средина – Сектор води за планираниот водотек – река Сушица. Речното корито на река Сушица е превземена од измени и дополнувања на ГУП – за УЕ“З“ со Блокови 1,5 и 6, УЕ “Д“ со Блокови 4,5,6,7 и 8, УЕ “Г“ со Блокови 1,2 и 5 донесен со Одлука на Совет 07-326/3 од 31.01.2014 година, бидејќи немаме стеснување на речното корито со што сметаме дека важаат истите услови дадени во ГУП од страна на Министерство за животна средина, сектор води.
-Точка 7
Постапено е по забелешката во точка 7, односно прибавено е позитивно мислење од страна на планерот од Дирекцијата за заштита и спасување.
-Точка 8, 9 и 10
Постапено е по точка 8, 9 и 10 и институците релевантни за донесување на планот ги давале нивните предлози и забелешки, и истиите предлози и забелешки се вградени во планот, исто така планерот прибавил мислења од наведените институции по корекциите на предлог планот по неиздавање согласност“.
Понатаму, како документација доставени се и програмите за уредување на градежно земјиште за просторот на Општина Кичево за 2021 година, донесена од страна на Општина Кичево.
На 06.04.2021 година, Општина Кичево повторно се обраќа до Министерството за транспорт и врски со барање за издавање на согласност на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево, изработен од ДООЕЛ “НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје со техн.бр.03-36/2018 од февруари 2021 година бр. 10-545/5.
На 20 мај 2021 година, Министерството за транспорт и врски не ја издава согласноста, со известување бр. 24-2713/2 за следните недостатоци:
„- збирниот графички прилог да се дополни со извод план од соседен плански опфат 9 на западна страна). Доколку нема план да се произнесе општината.
– графичкиот прилог лист број 03 „Збирен графички прилог“ од документационата основа, да се изработи со јасно нанесен плански опфат.
– да се достават заверени од овластено лице изводи од планови. Изводите да се во форма и содржина согласно подзаконскиот акт за нивната изработка.
– во Документационата основа да се приложи графички прилог на Извод од ГУП со прикажана целосна граница на УЕ „Д“ во кој ќе се нанесе границата на предметниот плански опфат.
– да се преиспитаат во Планска документација растојанијата меѓу површините за градење и границата на градежна парцела кон соседи и да се превземат во посебни услови одредбите од член 40 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.
– во текстуалниот дел од Планската документација да се даде демографска анализа врз основа на која ќе се дадат основните пресметки за димензионирање на планираната водоводна, канализациона и атмосферска инфраструктура.
– да се преиспита коефициентот на искористеност во градежните парцели каде е предвиден коефициент во вредност над 2 (ГП 5.6, 5.7, 5.11, 5.12, 5.13, 5.17, 5.19). Ако коефициентот на искористеност претставува количник од вкупно изградената површина и површина на градежна парцела се добива вредност 1,99, а не наведениот 1,50 во одредбите од планската документација.
Во однос на водената постапка да се приложи Извештајот од Стручна ревизија на Конечниот предлог план од февруари 2021 година и постапката за ПИМ да се поврзе со релевантни постапки во е-урбанизам“.
ДООЕЛ “НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје во декември 2021 година изработил Конечен предлог план за ДУП за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево, плански период 2018-2023 бр. 03-36/2018, а БИЛД УРБАН д.о.о.е.л. од Скопје изготвил Извештај за извршена стручна Ревизија за Детален урбанистички план за Урбана единица Д дел од блок Д5, КО Кичево 3, Општина Кичево под тех.бр. 0901/64/20 од јануари 2022 година.
Со Заклучок Општина Кичево врши корекција на датумот на Потврдата за заверка на Планската програма, со број 03-39/18 од 01.02.2018, изработена од ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје, на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево, од 16.02.2018 година во 16.03.2018 година и врз основа на истиот ДООЕЛ “НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје во март 2022 година изработил Конечен предлог план за ДУП за нас. “ДЕВЕАНА“ УЕ “Д“ Блок “Д5“ – дел, Општина Кичево плански период 2018-2023 бр.03-36/2018. Општина Кичево потоа повторно се обратила со барање за стручна ревизија до БИЛД УРБАН д.о.о.е.л. од Скопје кој изготвил Извештај за извршена стручна Ревизија за Детален урбанистички план за урбана единица Д дел од блок Д5, КО Кичево 3, Општина Кичево под тех.бр. 0901/64/20 од јуни 2022 година.
На 14.07.2022 година, Општина Кичево повторно се обраќа до Министерството за транспост и врски за издавање на бараната согласност, но на 3 октомври 2022 година Министерството за транспорт и врски повторно ја известува Општината за недостатоци и не ја дава бараната согласност.
ДООЕЛ „НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје, до Општина Кичево доставува Конечен Предлог план за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, Општина Кичево, плански период 2018-2023 бр. 03-36/2018 март 2023 година.
Со барање за стручна ревизија, Општината на 31.05.2023 година повторно се обраќа до Друштво за трговија и услуги БИЛД УРБАН ДООЕЛ Скопје за стручна ревизија на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“ – дел, Општина Кичево, изработен од ДООЕЛ „НИМАЕР“- Струга д.е. Скопје со техн.бр.03-36/2018 од март 2023 врз основа на што е изработен Извештај за извршена стручна Ревизија за Детален урбанистички планза Урбана единица Д дел од блок Д5, КО Кичево 3, Општина Кичево под тех.бр. 0901/64/20 од јуни 2023 година.
На 07.06.2023 година, Општина Кичево повторно се обраќа до Министерството за транспорт и врски за издавање на бараната согласност. На 10 јули 2023 година, Министерството за транспорт и врски ја известува Општината и ја издава бараната согласност бр. 21-3149/2.
Советот на Општина Кичево, Одлуката за донесување на Предлог-Детален урбанистички план за нас.„ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“,-дел со плански период 2018-2023 (1ха) Општина Кичево, ја донел на 18.07.2023 под бр. 08-1747/18 и истата ја објавил во „Службен гласник на Општина Кичево“ бр.VII/2023 од 19.07.2023 година.
На 13.11.2023 година Агенцијата за катастар на недвижности ја известува Општината и доставува извештај за дигитално преклопување на податоците од проектот со податоците од катастарскиот план за КО Кичево 3 Кичево.
Во постапката пред Судот не е доставена целокупната документација за спроведување на сите предвидени фази за донесување на оспорениот план.
Воедно, документација која била доставена од страна на доносителот на оспорениот акт до Министерството за транспорт и врски за издавање на Согласноста од 10 јуни 2023 година, а Судот не располага со истата е следната документација:
– „Мислење од Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство број 17-2638/2 од 09.09.2020 година;
– Мислење од дирекција за заштита и спасување број 09-446/2 од 28.12.2020 година;
– Мислење од Национален Енергетски Ресурски број 03-2927/2 од 22.12.2020 година;
– Мислење од Агенција за цивилно воздухопловство број 12-8/526 од 21.12.2020 година;
– Мислење од А1 Македонија ДООЕЛ Скопје број 11-4321/1 од 01.09.2020 година;
– Мислење од Македонски Телеком АД Скопје бр. 33913 од 08.02.2021 година;
– Мислење од Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје број 10-55/7-50 од 07.02.2021 година;
– Известување од ГА-МА
– Мислење од АД Мепсо број 10-7946/1 од 25.12.2020 година;
– Мислење од АЕК број 1404-3257/2 од 25.12.2020 година;
– Мислење од утврдена состојба од Агенцијата за катастар на недвижности број 0938-3993/2 од 22.03.2023 година и
– Известување од ЈП за Државни патишта број 10-9320/2 од 14.09.2020 година и
– Мислење од ЈП Железничка инфраструктура број 2001-3922/2 од 15.09.2020 година“.
IV
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Амандманот XVII точка 1 од Уставот е пропишано дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници, учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Уставот предвидел дека уредувањето и хуманизацијата на просторот како темелна вредност на уставниот поредок се операционализира преку системот на просторно и урбанистичко планирање кој меѓу другите начела се темели и на начелото на заштита на јавниот интерес. За овој принцип се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбанистичките планови, поради што и законодавецот предвидел изречна одредба според која со урбанистичкото планирање задолжително се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон. Грижата за јавниот интерес се изразува и преку сложените постапки за донесување на урбанистичките планови, кои се изработуваат во различни фази и во постапка којашто треба да биде јавна, транспарентна и инклузивна, во која граѓаните непосредно учествуваат со давање на свои мислења и забелешки, со учество на стручни лица и вршење на стручна ревизија за да на крајот постапката заврши со давање согласност од надлежното министерство со што се потврдува дека планот е донесен согласно одредбите на законот и прописите донесени врз основа на законот. Вака операционализираната темелна вредност во практиката се гарантира и заштитува преку друга темелна вредност преку владеењето на правото.
Ваквиот уставен стандард произлегува од таму што постапката за донесување на плановите се состои од вкупност на дејствија кои се преземаат последователно, при што законитото преземање на претходното дејствие е предуслов за наредното дејствие во постапката и обратно, незаконитоста на дејствието преземено претходно ја доведува во прашање законитоста на сите други преземени дејствија.
Согласно со член 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2020 и 202/2024), единици на локалната самоуправа се општините коишто се правни лица и своите надлежности ги извршуваат преку органи избрани непосредно од граѓаните.
Во глава III од Законот, насловена како „Надлежности на општините“, е содржан член 22 во кој е наведена листата на надлежностите на општините. Притоа, општините покрај другото, се надлежни за вршење на работите од областа на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште. Согласно ставот 2 на овој член, надлежностите од ставот (1) на овој член се извршуваат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон, а во ставот 3 е уредено дека со закон се утврдуваат работите од надлежност на општината кои таа задолжително ќе ги врши.
Според членовите 29 и 30 од Законот за локална самоуправа секој граѓанин поединечно или заедно со другите може да поднесува претставки и предлози за работата на органите на управата и општинската администрација. При изготвување на прописите на општината, советот, градоначалникот, може претходно да организира јавни трибини, анкети и од граѓаните да побара мислење.
Според член 32 став 1 од Законот, Советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.
Од вака наведените уставни и законски одредби, произлегува дека согласно начелото на супсидијарност, општините се надлежни само за она што со Уставот и закон е предвидено како нивна надлежност (член 20 од Законот за локалната самоуправа). Во насока на ова, основната улога и надлежност на општината како единица на локалната самоуправа е уредување и хуманизација на просторот, урбанистичко планирање на истиот и таа се остварува преку донесување на урбанистички планови и програми. Своите надлежности општините ги остваруваат преку органите на општината (совет и градоначалник), а советот е претставнички орган на граѓаните со точно пропишани законски надлежности.
Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ брoj 199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/18) се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Од горнаведените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување. Ваквата формулација значи дека сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработка, донесување и спроведување на плановите да обезбедат похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и просторен развој на населените места и градби, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природа, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирање и уредување на просторот што е и интенција на Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Според член 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко планската документација и урбанистичко-проектната документација се работи од јавен интерес.
Со член 4 од Законот се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот. Ставот 2 ги дефинира начелата и тоа рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет, оддржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на недвижното културно наследство, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии и јавност во постапка за донесување и спроведување на планската документација. Член 5 од Законот е поимник за изразите употребени во Законот со нивното значење.
Со Законот за просторно и урбанистичко планирање се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Согласно член 7 став 1 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови: просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план за вон населено место.
Член 9 став 1 од Законот го уредува значењето на просторниот план за регион и просторниот план за подрачје од јавен интерес за Републиката. Според став 2 од истиот член, просторен план за регион се изработува за подрачје кое претставува географска, економска или функционална целина утврдена со просторниот план. Согласно став 5 од истиот член 9, планот се изработува согласно Просторниот план и содржат насоки за намена на земјиштето и користењето на просторот, просторна разместеност на населените места и зоните од стопанска и нестопанска дејност, сообраќајна и друга инфраструктура, стратешка оцена на влијание врз животната средина, плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, мерки за заштита на недвижното културно наследство, мерки за заштита од воени разурнувања, мерки за заштита од природни и технолошки катастрофи и хаварии, параметри за спроведување на планот и соодветни графички прикази.
Согласно со член 11 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.
Член 13 од Законот за просторно и урбанистичко планирање го уредува планирањето на урбанистички план за вон населено место кој се донесува за плански опфат кој не е опфатен со генерален урбанистички план и со урбанистички план за село.
Понатаму, согласно член 16 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.
Член 18 од Законот го уредува начинот и постапката за одземање на линценци и овластувања на правните лица изработувачи на урбанистички планови, урбанистичко-плански документации, урбанистичко -проектни документации и регулациски план на генерален урбанистички план.
Според член 20 од Законот, за изработување на плановите од член 7 став 1 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна програма. Програмата, општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во службено гласило.
Според член 24 став 1 од Законот, постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-плански документации и урбанистичко-проектни документации се спроведува во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.
Според член 26 став 1 од Законот, урбанистичките планови од членот 7 став (1) точка 2 на овој закон, регулациските планови на генерален урбанистички план и урбанистичко-планските документации од член 7 став (2) на овој закон се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат и истата се состои од текстуален и графички дел.
Согласно ставот 2 на истиот член, планската програма се изработува од страна на комисијата за урбанизам на органот надлежен за донесување на урбанистичкиот план односно за одобрување на урбанистичко – планската документација или од страна на правно лице со лиценца за изработување на урбанистички планови, а истата ја одобрува градоначалникот на општината, градоначалникот на општината на Градот Скопје односно градоначалникот на Градот Скопје.
Со член 28 од Законот се уредува прашањето за стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето.
Согласно со член 31 од Законот, нацртот на генералниот урбанистички план, предлогот на деталниот урбанистички план, предлогот на урбанистичкиот план за село и предлогот на урбанистичкиот план за вон населено место го изработува изработувачот на урбанистичкиот план, во согласност со одобрената планска програма од член 26 на овој закон.
Според член 32 став 1 од Законот, субјектите кои ги вршат работите од областа на заштита на животната средина, заштита на културното наследство, заштитата и спасувањето, здравствената заштита, социјалната заштита, образованието, земјоделието, водостопанството, транспортот и врските, воздухопловството, безбедноста, јавните патишта, како и субјектите надлежни за изградба и одржување на сообраќајна, водоводна, канализациона, електроенергетска, телекомуникациска, топловодна и гасоводна инфраструктура, должни се да ги достават сите податоци и информации со кои располагаат до изработувачот на просторниот план, урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектна документација.
Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите го врши општината. Согласно со член 35 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање за одржување на јавна презентација и јавна анкета се известуваат субјектите од член 32 став (1) на овој закон, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета, во кое задолжително се наведува називот на планот, времето и местото на одржување на јавната анкета, времето и местото на одржување на јавната презентација, местоположбата и површината на опфатот на планот како и имињата на улиците кои се во рамки на опфатот на планот, а се објавува и соопштение во информациски систем е-урбанизам, како и во две јавни гласила, најмалку три работни дена пред започнувањето на јавната анкета.
Јавната презентација и јавната анкета се спроведуваат со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во општината или во просториите на општината. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (во електронска или писмена форма).
Според Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: претставник на изработувач на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според член 35 став 11 од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 12, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е –урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.
Според член 37 став 1 од Законот, на нацртот на Просторен план, на конечниот предлог на урбанистичките планови од членот 7 став (1) точка 2 на овој закон, на урбанистичко-планската документација од член 7 став (2) на овој закон како и на проектот за инфраструктура, се врши стручна ревизија со која се утврдува дали истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 6 на истиот член, за извршената стручна ревизија, се изготвува извештај за стручна ревизија на урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и проектот за инфраструктура, во кој се констатира дали истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот или имаат недостатоци кои треба да се отстранат.
Согласно со член 38 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 став (1) точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 2 на истиот член, надлежниот орган од став (1) на овој член е должен во рок од 10 работни дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање на согласност од страна на донесувачот на планот, да издаде согласност или да достави известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план до донесувачот на урбанистичкиот план, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, а во спротивно ќе се смета дека согласноста е издадена.
Со членот 39 од Законот се пропишува постапката за донесување на урбанистичкиот план. Според ставот 1 на овој член, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна три работни дена по добивање на согласноста од член 38 став (2) на овој закон, а доколку не е издадена согласност и не е доставено известување за констатирани недостатоци на урбанистичкиот план, по истекот на рокот за издавање на согласност утврден во член 38 став (2) на овој закон, да го достави предлогот на планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, до Советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на Советот е должен предлогот на планот да го стави на првата наредна седница на Советот, а Советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.
Членот 50 од Законот е укинат со Одлуката на Уставниот суд У.бр.136/2016 од 5 јули 2017 година („Службен весник на РМ“ бр.90/17), а со него се уредува урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес.
Согласно член 70 став 1 од Законот, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко-планската документација, архитектонско-урбанистичкиот проект со кој се формираат градежни парцели, проектот за инфраструктура, се изработуваат на дигитализирани ажурирани геодетски подлоги кои се изработуваат од страна на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.
Во членот 70 став 5 од Законот е предвидено дека, за урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектна документација чија изработка е предвидена во годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација од член 22 став (2) на овој закон, Агенцијата за катастар на недвижности врши ажурирање на катастарските планови, издава заверени дигитализирани катастарски планови и врши дигитално преклопување, без надомест.
Од изнесената анализа како и правната и фактичката состојба според Судот произлегува дека законитоста на Одлуката со која е донесен предметниот план не може да се оспори од наводите изнесени во иницијативата согласно со одредбите од Законот за урбанистичко планирање (кој не бил во сила во времето на донесување на оспорената одлука) туку согласно одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање (кој бил во сила во времето на донесување), при што анализата од страна на Судот е направена согласно важечките законски прописи во времето на донесување на оспорената одлука.
Во иницијативата подносителот дава навод дека Деталниот урбанистички план не е во согласност со Генералниот урбанистички план без аргументи за неговата неусогласеност, а таквата Одлука е спротивна на член 51 од Уставот. Според Судот, вака изнесениот навод не може да се прифати поради што во овој дел од иницијативата се исполнети условите, согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот да ја отфрли истата поради процесни пречки .
Во врска со наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, кои според Законот задолжително се применуваат при изработување на деталните урбанистички планови, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува согласноста на Одлуката со тој правилник, односно да ја оценува примената на стандардите и нормативите утврдени во истиот.
Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање е подзаконски акт, исто како и оспорената одлука, па постапувањето на Судот по барањето во иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, од аспект на несогласност со одредби од Правилникот, во суштина би значело Судот да одлучува за меѓусебна согласност на акти/прописи од ист правен ранг – подзаконски акти за коишто, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен, поради што Судот оцени иницијативата во овој дел да ја отфрли, согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Прашањето дали во Деталниот урбанистички план при планирање на површините за градба бил планиран пристап до домот од една или од друга улица, дали со вака донесениот план ќе била дадена можност или не за дооформување на градежни парцели на одредени сопственици да откупуваат или не земјиште за Судот е ирелевантно, од причина што тоа се однесува на содржината и стручно-технички прашања поврзани со Деталниот урбанистички план, што е во надлежност на доносителот на планот и надлежните органи кои даваат согласност на истиот.
Наводите дека надлежниот орган не објавил повик за јавна презентација и анкета како сите заинтересирани лица би имале можност да дадат свои забелешки и предлози е неоснован. Од списите по предметот произлегува дека соопштението за организирање и спроведување на јавната анкета со означување на време и место на спроведување било објавено до радио „Александар Македонски“ Кичево и радио „Ускана“ Кичево.
Со оглед на тоа што јавна анкета, на која не учествувал подносителот на иницијативата, била организирана и спроведена, неосновани се наводите во иницијативата за повреда заради неспроведување на повик за јавна презентација и анкета како сите заинтересирани лица би имале можност да дадат свои забелешки и предлози.
Имајќи предвид дека по спроведената анкета се поднесени три анкетни листови со забелешки по однос на планот, Судот оцени дека Општина Кичево во постапката за планирање го испочитувала Законот, поради што се неосновани наводите од иницијативата за негова повреда.
Но, видно од доставениот Извештај за прифатени и неприфатени забелешки за ДУП за измена и дополнување на ДУП за нас. „ДЕВЕАНА“ УЕ „Д“ Блок „Д5“-дел, Општина Кичево може да се види дека како забелешки по јавната анкета дадени се 3 анкетни листови. Анкетен лист од системот Е-урбанизам: Известување од страна на ДЗС-Кичево со бр. 09-90/2 од 25.03.2019 година, која забелешка се прифаќа и по истата ќе биде постапено.Анкетен лист 2 – Мислење од Управата за заштита на културното наследство со бр.17-1384/2 од 01.04.2019 година која забелешка се прифаќа и по истата ќе биде постапено и Анкетен лист 3 од Реџеп Салиу за која забелешка-барање исто така се прифаќа. Согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, Комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем е-урбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено. Доносителот на оспорениот акт и покрај доставената Ургенција на Судот не ги достави до Судот писмените известувања до подносителите на анкетните листови со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Со оглед на тоа што, пред Судот, не беше презентиран доказ за писмено известување чии забелешки биле прифатени или пак одбиени, Судот изрази сомнение за повреда на член 35 став 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а со тоа и на член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10, член 24 и 51 од Уставот.
Изработката на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот во член 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал дека при донесување на генерален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, локална и државна урбанистичко-планска документација, а при донесување на детален урбанистички план само доколку не била спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план врз основа на кој е изработен предметниот детален урбанистички план, во која смисла донесувачот на урбанистичкиот план е должен по донесување на годишната програма, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.
Според член 65 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/2005, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 129/15, 192/15 и 99/18), органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиска оцена за влијанието на планскиот документ врз животната средина односно кој е должен да ги објави на својата веб-страница, заради запознавање на јавноста, како и да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина. Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот, а решението е должен да го објави на својата веб-страница. Против ваквото решение засегнатата јавност, како и органот што го подготвува документот имаат право на жалба.
Во конкретниот случај, градоначалникот на Општина Кичево, на 05.03.2020 година, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр. 12-654/1 во која во точката 1 утврдил дека за планскиот документ Детален урбанистички план УЕ “Д“ Блок “Д5“ КО Кичево, плански период 2018- 2023 кој се носи согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е потребно да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина.
Во точка 2 од Одлуката е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страната на Општина Кичево.
Во точката 3 од Одлуката, е наведено дека согласно критериумите за определување на тоа дали еден плански документ има влијание врз животната средина од член 65 став 4 од Законот за животната средина и врз основа на податоците од прилог 2 на Правилникот за формата, содржината и образецот на Одлуката за спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена и на формуларите за потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена, донесувањето на наведениот плански документ нема да има влијание врз животната средина со причини наведени во Одлуката.
Според точката 4 од истата одлука, против оваа одлука може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на објавување на одлуката на веб-страницата.
На 17.03.2020 година, Министерството за животна средина и просторно планирање со Известување ја прифаќа Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена со напомена дека истата заедно со формуларите треба задолжително да се објави на веб-страницата на органот кој го подготвува и носи планскиот документ.
И покрај ургенцијата на Уставниот суд за доставување доказ за објава на Одлуката за неспроведување на стратешка оценка за влијанието на веб-страницата на Општина Кичево истиот не беше доставен со што основано се постави прашањето дали Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена бр. 12-654/1 од 06.03.2020 година била истакната на веб-страницата на Општината од кој датум тече законскиот рок за запознавање на јавноста и рокот за поднесување на жалба на истата. Необјавувањето на Одлуката на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, значи дека во целост не е запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, поради што Судот оцени дека може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 65 од Законот за животната средина.
Во однос на наводот дека доносителот на оспорената одлука ја донел истата без темелна анализа на фактичката состојба односно истата била изработена без да се земат податоци од терен – ажурирана геодетска подлога се неосновани, бидејќи од приложената документација од страна на доносителот на Одлуката, ДОО „КАТ ПЛУС“ Кичево изработил геодетски елаборат за посебни намени за увид на лице место (ажирирана геодетска подлога) под дел. бр. 0815-12/1 одобрено од Агенцијата за катастар на недвижности,а ажурираната геодетска подлога е составен дел на Деталниот урбанистички план за УЕ Д дел од блок Д5 со тех.бр. 03-36/2018 година изготвен од ДООЕЛ “НИМАЕР“-Струга д.е. Скопје.
Од наведеното произлегува дека во постапката за изработување на урбанистичките планови треба да се овозможи директно и ефикасно учество на граѓаните и јавноста во уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок. Тоа значи дека забелешките на граѓаните дадени во определена фаза од постапката треба да се ефектуираат во наредната фаза од постапката на изработување на урбанистичкиот план, така што ќе бидат вградени во планските решенија доколку бидат прифатени, со што ќе се потврди инклузивноста и транспарентноста на процесот на изработка и донесување на урбанистичките планови. Истото се однесува и на мислењата на органите кои учествуваат во процесот на изработување на урбанистичките планови, коишто, исто така, треба да бидат вградени во планските решенија, пред истите да преминат во наредната фаза од нивното изготвување и донесување.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај, во постапката пред Судот не беше презентиран доказ за писмено известување со образложение за прифаќање или неприфаќање на забелешките или предлози на лицата кои поднеле анкетен лист чии забелешки биле прифатени или пак одбиени, а воедно поради фактот што до Судот не беше доставен доказ за објава на Одлуката за неспроведување на стратешка оценка за влијанието на животната средина на веб-страницата на Општина Кичево, Судот оцени дека основано може да се изрази сомнение за согласноста на оспорената одлука со наведените законски и уставни одредби.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
VI
Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски