Дневен ред за 12. седница закажана за 11 јуни 2025 година

На 11 јуни во 9:30 часот Уставниот суд ќе ја одржи 12. седница со Дневен ред за кој се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и ќе се донесат конечни одлуки за два предмета. 

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.9/2024

Оспорен: Член 65 ставови 1 и 2 од Законот за вештачење

Подносител: Стевче Стојанов

Од наводите во иницијативата:

Оспорените законски одредби според подносителот на иницијативата содржат непрецизност или двосмисленост и ја нарушуваат функционално-логичката целина на Законот за вештачење, при што се дава можност за недоследно или различно применување на тие законски одредби во практиката. Со оваа одредба на Законот се овозможува неуставно мешање на извршната власт во функционирањето на здруженијата на граѓани и се дерогира уставната слобода во оваа област, се наведува во иницијативата. 

2. Реферат У.бр.209/2024

Оспорен акт: Член 40 став 5 од Закон за дивечот и ловството

Подносител на иницијативата: Адвокат Владимир Михајловски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека оспорените делови не се во согласност со Уставот и Законот за дивечот и ловството, бидејќи ги лишува од право на доделување на дивечот во ловиштето на користење правните лица и управители на субјекти на кои во претходниот стопански период им било одземено правото за користење на дивечот во ловиштето или концесија по основ на едностран раскин на договорот или со извршна судска одлука. Наспроти ова, се наведува дека се создадени услови за едностран раскин на договорот од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

3. Реферат У.бр.264/2024

Оспорен акт: Член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација и член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Подносител на иницијативата: Mарјанчо Веселиновски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените акти, со закон прво е приватизиран, па потоа одземен имот во корист на општина Делчево, поради изградба на  градски пазар-големи трговски единици изградени на соседни градежни парцели, a на дел од КП бр.6581/1 е изградена пристапна улица, која не е планирана ниту со ГУП, ниту со ДУП на Општината. 

4. Реферат У.бр.268/2024

Оспорен акт: Член 32 алинеи 1 и 2, член 34 точки 1 и 3, член 35 точки 1 и 3 и член  46 став 7 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци   („Службен весник на Република Македонија бр.141/2014 и 36/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.147/2023,   263/2023, 286/2023 и 135/2024).

Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Крстевски, Кристијан Габроски, Робертино Саздов, Авни Ќаили

5. Реферат У.бр.214/2024

Oспорен акт: Член 3 став 25 од Уредбата за поблиските критериуми за директни    плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот  на директни плаќања за 2024 година („Службен весник на Република    Северна Македонија“ бр.18/2024 и 34/2024).

Подносител на иницијативата: Друштво за консалтинг ЛАНСКИ, ГАНЗГЕР, ЗЕЌИРИ+ ПАРТНЕР ДОО Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорениот член е спротивен на член 47 од Законот за земјоделство и рурален развој и притоа е спротивен на намената и целта која треба да се постигне со директните плаќања како инструменти и мерки за поддршка на земјоделството и земјоделските стопанства. Се наведува дека е повредено начелото на уставност и законитост уредено со член 51 од Уставот.  

6. Реферат У.бр.272/2024

Член 19 од Уредбата за начинот, поблиските критериуми за   доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка („Службен весник на  Република Северна Македонија“ бр.182/2024 и 251/2024).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека против решението на министерот не е дозволена жалба, а барателот на финансиска поддршка може да поведе управен спор. Оспореното прашање според него, со подзаконскиот акт не треба да уредува право на правна заштита, бидејќи тоа е предмет на уредување на законска материја. 

7. Реферат У.бр.192/2024

Оспорен акт: Член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна  Македонија

Подносители на иницијативата: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите сметаат дека со оспорениот член се прави обид за ограничување на уставното право на слободно здружување. Во иницијативата се тврди дека членот 8 од Статутот е спротивен на Законот за адвокатурата и дека Комората ги пречекорила надлежностите, да уредува односи кои се во надлежност на Собранието. Тврдат дека иако се членови на АКРСМ, тоа не ги ограничува и не значи забрана за членување во други здруженија, сојузи, асоцијации во државата и во странство. 

8. Реферат УЗ.бр.9/2025

Oспорен акт: Решение бр.25-33/15 од 21.01.202 донесено од Министерството за финансии-Управа за имотно-правни работи, подрачно одделение за првостепена управна постапка Делчево.

Подносител на иницијативата: Марјанчо Веселиновски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека не е доволно во законот да се наведе дека постои јавен интерес, туку е потребно да се набројат видовите објекти за лија изградба се врши експропријацијата, како и дека е потребно да се утврди во што се остварува јавниот интерес.

II.   БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. БЗСП бр.1/2025

Оспорени акти: Пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 25 март 2022 година и пресуда на Апелациониот суд Скопје донесена на 15 октомври 2024 година.

Подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот. Според наводите во неговото барање, го известува Судот дека незаконски, без негово знаење и одобрување, му е преземан имот, и во текот на судските постапки било утврдено дека ја продал сопственоста поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации. Подносителот тврди дека двата суда, во постапките го дикриминирале и не му дозволиле да докаже дека преземањето на неговата фирма, фото-напонската централа и земјиште од 40 000m2 од закупец кој според него потоа станал сопственик, било овозможено на начин што судовите го третирале како странка со лоша имотна состојба и не му ги прифатиле ниту наводите, ниту сведоците за да ја докаже сопственоста. 

2.БЗСП бр.3/2025

Заштита од дискриминација по основ на социјална нееднаквост 

Подносител на барањето: Соња Велјаноска

Подносителката наведува дека со Решение од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија е дискриминирана по основ на социјална нееднаквост, бидејќи иако стекнала право на старосна пензија во износ поголем од 76,239 денари (определен од државата како највисок), сепак не ја добила пензијата која и била пресметана, туку највисокиот износ на пензијата определен во моментот на стекнување на правото на пензија. Притоа, со усогласувањето на пензиите во септември 2024 година, тврди дека Фондот објавил дека највисоката пензија изнесува не 76.053, туку 82.780 денари(усогласена), но таа тврди дека во нејзиниот случај не е извршена корекција. Се наведува дека највисоката пензија од 82.780 денари може да ја остварат само граѓани кои се сретнале со право на старосна пензија со највисок износ во јануари и февруари 2024 година, што според неа претставува нееднаквост за граѓаните кои се стекнале со ова право претходно. 

III.  ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

У.бр.98/2023

На 12.03.2025 година Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 во делот „и јавнообвинителските службеници“, член 4, член 5, член 6 став 1 во делот „и јавнообвинителските службеници од член 4 на овој Правилник“, став 3 и член 7 став 2 од Правилникот за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година.

 У.бр.172/2024

На 19 февруари Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината на Јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги – здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју бр.02-1186/2 од 13.10.2023 година, донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница  „д-р Трифун Пановски“ – Битола.