Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.172/2024
Скопје, 19.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 36 став 1 и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 19.02.2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината на Јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги – здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју бр.02-1186/2 од 13.10.2023 година, донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола.
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Игор Раденков од Битола, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината на Јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги – здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју бр.02-1186/2 од 13.10.2023 година и посебно членовите 5, 8 и 18 од истиот правилник, донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола, како спротивен на член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и членовите 160 и 161 од Законот за здравствена заштита и член 6 од Законот за вработените во јавниот сектор.
Според подносителот на иницијативата, Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола нема надлежност да донесува правилници како подзаконски акти, како и дека од законските одредби јасно произлегува кои органи на управата имаат право да носат правилници за доработување на некои постапки и правни работи.
Во продолжението на иницијативата, подносителот ги цитира членовите 160 и 161 од Законот за здравствена заштита, според кои не се предвидува носење правилник за регулирање бодови од интервју бидејќи тоа е уредено со Законот. Меѓутоа со одредбите од Правилникот интервјуто се бодува многу повеќе од успехот на медицинските студии и стручниот испит. Законот го предвидува интервјуто, само доколку врз основа на бодовите не може да се направи ранг-листа, односно ако има кандидати со ист број бодови, при што самото интервју не може да носи 80 бода, кога во Законот се пропишани вкупно 100 бода за целата постапка.
Поради горенаведеното, подносителот предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот и истиот да се укине или поништи.
II
На седницата Судот утврди дека Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола врз основа на членовите 6, 20-г и 20-д од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.143/2019 и 14/2020) и членовите 159, 160 и 161 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022 и 199/2023), како и врз основа на член 18 од Статутот на ЈЗУ Клиничка болница – Битола, на седницата одржана на ден 13.10.2023 година, донел Правилник за формата и содржината на Јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги-здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју бр.02-1186/1, кој содржи 21 член.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024) се предвидува дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Воедно, со член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа се предвидува дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.
Во член 100 став 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 10/2013, 38/2013, 65/2013, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 101/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 93/2017 и 20/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019, 153/2019, 180/2019, 275/2019, 76/2020, 77/2021, 122/2021, 178/2021, 150/2022, 236/2022, 199/2023, 236/2023, 263/2023, 30/2024, 74/2024 и 170/2024) предвидено е дека со јавната здравствена установа управува управен одбор, додека пак со став 5 од истиот член е предвидено дека управниот одбор го донесува статутот на установата, донесува одлука за промена на дејноста и за другите статусни измени (поделба, издвојување, спојување и припојување), го усвојува извештајот за работа, ја донесува програмата за работа и финансискиот план, ја утврдува завршната сметка, донесува општи акти и го следи нивното извршување и врши и други работи утврдени со закон, актот за основање и статутот на јавната здравствена установа.
Според 155-ж став 4 од Законот за здравствената заштита, постапката за вработување на здравствените работници и здравствените соработници во јавните здравствени установи се врши согласно со овој закон.
По однос на наводите на подносителот на иницијативата дека оспорениот правилник донесен од Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола е спротивен на член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, членовите 160 и 161 од Законот за здравствена заштита и член 6 од Законот за вработените во јавниот сектор, Судот оцени дека се основани и притоа изрази сомнеж за уставноста и законитоста на Правилникот.
Во конкретниот случај, Судот на седница оцени дека предметниот правилник, по својата форма и содржина, претставува пропис за кој Уставниот суд е надлежен да ја оценува неговата уставност и законитост, по што Судот се впушти во анализа на прашањето дали Управниот одбор е овластен со закон да донесе правилник за формата и содржината на јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги-здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју.
Притоа Судот утврди дека членовите 6, 20-г и 20-д од Законот за вработените во јавниот сектор, членовите 159, 160 и 161 од Законот за здравствена заштита и член 18 од Статутот на ЈЗУ Клиничка болница – Битола, на кои се повикал Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“-Битола, при донесувањето на оспорениот Правилник не предвидуваат донесување на подзаконски пропис за формата и содржината на јавниот оглас, начин на поднесување на пријавата за вработување на давателите на услуги-здравствени работници и соработници, како и начинот на спроведување на постапката за селекција на кандидатите за работното место за кое е објавен јавниот оглас, рангирање, тестирање и спроведување на интервју, од страна на Управниот одбор, каков што е предметниот правилник.
Имено, Правилниците како прописи по својата правна природа се подзаконски акти што се носат во функција на операционализација на законските норми, за што мора да постои законско овластување за доносителот на ваквите акти, како што е пропишано со член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Исто така, управниот одбор на јавните здравствени установи како орган кој управува со јавната здравствена установа има надлежности кои се дефинирани во член 100 став 1 од Законот за здравствената заштита, но истите не опфаќаат регулирање на прашања кои се предмет на уредување на оспорениот правилник.
Оттука произлегува дека Управниот одбор на ЈЗУ Клиничка болница „д-р Трифун Пановски“ – Битола со донесувањето на оспорениот правилник ги пречекорил своите овластувања, на начин што го донел Правилникот спротивно на член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во кој јасно и прецизно е пропишано дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, како и спротивно на член 100 став 5 од Законот за здравствената заштита во кој се уредени надлежностите на управниот одбор на јавните здравствени установи.
Во конкретниот случај, Правилникот е донесен без законски основ, со што пред Судот основано се постави прашањето за неговата уставност и законитост, односно неговата согласност со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, според кој во правниот поредок не може да егзистираат прописи за кои не постои основ со закон за нивното донесување.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
V
Ова решение прозиведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски