Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.98/2023
Скопје, 12.03.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, член 73 алинеја 1 и член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 март 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 во делот „и јавнообвинителските службеници“, член 4, член 5, член 6 став 1 во делот „и јавнообвинителските службеници од член 4 на овој Правилник“, став 3 и член 7 став 2 од Правилникот за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за месец април 2023 година А бр.46/2023 од 05.05.2023 година, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
Алмедин Куртановиќ и други јавнообвинителски службеници од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, застапувани од полномошникот, Адвокатско друштво Давидовиќ & Јанковиќ од Скопје, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на Одлуката за месец април 2023 година А бр.46/2023 од 05.05.2023 година, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Според наводите во иницијативата, во уводниот дел од иницијативата се оспорува Правилникот делумно, а во предлогот подносителот бара поведување на постапка за Правилникот во целост.
Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел од Правилникот и Одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, не се во согласност со начелото на владеењето на правото односно со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 8, член 9, член 30, член 32, член 34, член 51 и член 54 од Уставот, поради што бараат поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти.
Подносителот во иницијативата наведува дека по донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.231 од 31.12.2015 година), Основниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел Решение согласно со член 1 и член 2 став 3 од Законот со кое е определено и утврдено правото и висината на додатоците на плата како исклучителна компонента од плата. Согласно ова решение на јавнообвинителските службеници од ова обвинителство им се утврдени додатоци на плата во законскиот максимум како исклучителна компонента и тоа: додаток на плата за посебни услови во висина од 10%, додаток на плата за постоење на висок ризик во висина од 10% и додаток на плата за доверливост во висина од 15%. Во точка 3 од Решението е наведено дека исклучителната компонента претставува дел од вкупниот износ од пресметаната плата намалена за вкупниот износ на придонесите од задолжително социјално осигурување и за износот од персонален данок, а во точка 4 од Решението се наведува дека пресметката и исплатата на додатоците на плата на јавнообвинителските службеници ќе се врши сметано од 01.03.2016 година, односно за јавнообвинителските службеници што стапиле во работен однос подоцна, од денот на нивното вработување.
Во иницијативата како докази се наведени решенијата донесени во текот на 2016 година, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Понатаму во иницијативата се наведува дека согласно со член 6-б став 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.231/2015), според кој додатоците, нивната висина и начинот на утврдување за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уредуваат со акт на јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство, врз основа на кој е донесен и оспорениот Правилник за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А.бр 26/16-1 од 13.02.2017 година, со кој се вметнуваат и јавнообвинителските службеници вработени во ова обвинителство и нивното право на додаток на плата, иако ова право е утврдено со закон. Согласно член 6 од оспорениот правилник „1. Висината на додатоци на плата на јавниот обвинител од член 2 на овој Правилник и јавнообвинителските службеници од член 4 на овој правилник се утврдува со посебна Одлука на Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција во зависност од обезбедените финансиски средства во Буџетот на Јавното обвинителство на Република Македонија во тековната година. 2.Одлуката се носи за секој поединечен месец во текот на годината. 3.Врз основа на Одлуката а за секој поединечен јавнообвинителски службеник согласно закон се носи посебно решение. 4.Примената на решенијата од став 2 на овој член , односно нивната важност се определува со Одлука од став 1 на овој член“. Во член 7 став 3 од Правилникот е предвидено дека „Исплатата на додатоците утврдени со Одлуката од став 1 од член 6 од овој Правилник ќе се врши еднаш месечно и тоа во тековниот за претходниот месец при исплата на плата“.
Потоа во иницијативата се наведени како докази и правилниците за висината и начинот на утврдување на додатоците на плата на Основниот јавен обвинител и јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за месеци во 2016 година.
Во иницијативата се наведува и дека согласно член 6 став 2 од Правилникот, во последните три години заклучно со месец април 2023 година, се носат одлуки на месечно ниво со кои се определува висината на додатоците како за јавните обвинители, така и за јавнообвинителските службеници, кои одлуки за 2021-2023 година, за секој месец поединечно се наведени како докази во иницијативата.
Во продолжението на иницијативата се наведува дека со донесувањето на Одлуката У.бр.113/2022 од 21.03.2023 година, Уставниот суд укинал две одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија. И покрај промените коишто настанаа со донесувањето на наведената одлука на Уставниот суд, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за месец април донел Одлука А.бр 46/2023-3 од 27.04.2023 година, со која на јавнообвинителските службеници им определи висина на додатоци од 25% и тоа: 5% за посебни услови за работа, 10% за постоење на висок ризик и 10% за доверливост, притоа земајќи го предвид фактот дека во Буџетот на ова обвинителство за 2023 година се обезбедени средства за плати и додатоци на плати.
Од Министерството за финансии – Сектор за буџет до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 04.05.2023 година, е испратено Известување за плата за месец април 2023 година, поради фактот дека доставеното барање за исплата на плати со додатоци го надминува планираното месечно право за исплата на месечно ниво и овој сектор нема да ја одобри исплатата со додаток на плата. Основниот јавен обвинител согласно добиеното известување од Министерството за финансии, на 05.05.2023 година донел нова Одлука А бр. 46/2023-6 за месец април 2023 година, со која за месец април 2023 година, не се утврдува висина на додатоци на плата за јавнообвинителските службеници и истите нема да се пресметаат и исплатат.
Според наводите во иницијативата со ваквото постапување Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како работодавач, без законско овластување дополнително го регулирал прашањето за исклучителната компонента од плата-додатоци на плата и нивната висина на јавнообвинителските службеници, коешто е уредено со закон. Во овој случај донесување правилник како подзаконски акт е дозволено за платите и додатоците на плати на јавните обвинители, согласно со Законот за плати на јавните обвинители, но не и за јавнообвинителските службеници за кои во Законот за јавнообвинителската служба е утврдено дека висината и исплатата на додатоците на плата се утврдуваат со решение, а не на месечно ниво врз основа на правилници, одлуки и други подзаконски акти на работодавачот.
Во овој контекст во иницијативата се цитирани член 67, член 68, член 71 и член 72 од Законот за јавнообвинителската служба, член 7 став 3 и член 12 став 4 од Законот за работни односи.
Со донесувањето на оспорената Одлука за месец април 2023 година А бр. 46/2023-6 од 05.05.2023 година, на јавнообвинителските службеници не им бил исплатен делот од платата за исклучителната компонента и им биле намалени платите за 35%. Основата на ваквата одлука е Известувањето од Министерството за финансии – Сектор за буџет, коешто е на штета на јавнообвинителските службеници, со оглед на тоа што во буџетскиот циркулар за 2023 година биле предвидени финансиски средства за исплата на плати, додатоци на плати и придонеси за што Министерството за финансии како одговорно за финансискиот систем било запознаено и ги одобрило овие средства. Обвинителството во моментот на планирањето на буџетот за 2023 година не можело да знае за Одлуката на Уставниот суд, па следствено на тоа да го предвиди и процентот на зголемување на платите на јавните обвинители, дотолку повеќе што и без додатоците во месец април со ваквиот процент на зголемување на платите на јавните обвинители е надминото планираното месечно право на исплатата на месечно ниво.
Во иницијативата се наведува и дека во услови кога јавнообвинителските службеници се стекнале со право за исплата на додаток на плата за посебни услови за работа, додаток на плата за постоење на висок ризик и додаток на плата за доверливост, додатоците не биле пресметани и исплатени при исплатата на месечната плата од страна на работодавачот, од причина што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, повикувајќи се на оспорениот правилник, ја донел оспорената одлука со која го ограничил односно исклучил законски утврденото право на додатоци на плата и нивната висина како исклучителна компонента од платата.
Врз основа на наведеното, подносителите на иницијативата сметат дека со оспорениот правилник и оспорената одлука се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија – владеењетo на правото од член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 8, член 9, член 30, член 34, член 51 и член 54 од Уставот, поради што предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел од Правилникот за додаток на плата, неговата висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година, делумно само во делот кој се однесува на јавнообвинителските службеници и на Одлуката за месец април 2023 година А бр.46/2023 од 05.05.2023 година, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и истите да ги поништи. Воедно, со посебен предлог, подносителите предлагаат, согласно со член 27 од Деловникот, Уставниот суд да донесе решение со кое ќе го запре извршувањето односно примената на оспорените подзаконски акти Правилникот и Одлуката, за да не настанат тешкоотстранливи и штетни последици, се до донесување на конечната одлука по повод оваа иницијатива.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на РМ“ бр.231/15) и член 1 и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на РМ“ бр.231/15), Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на ден 13.02.2016 година, донел Правилник за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Правилникот вкупно содржи 8 члена. Според членот 1, со овој правилник се утврдуваат додатоците на плата, нивната висина и начинот на нивното утврдување за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во член 2 од Правилникот се утврдува висината на додаток на плата за јавниот обвинител. Со член 3 се утврдуваат правата и надлежностите на јавниот обвинител. Според член 4 јавниобвинителските службеници имаат право за додаток на плата за: Посебни услови за работа во висина до 10%, за постоење на висок ризик во висина до 10 % и за доверливост во висина до 15 %. Во член 5 се наведени правата и должностите на јавнообвинителските службеници. Во член 6 од Правилникот се наведува дека висината на додатоци на плата на јавниот обвинител и на јавнообвинителските службеници се утврдува со посебна Одлука на Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција во зависност од обезбедените финансиски средства во Буџетот на Јавното обвинителство на РСМ во тековната година и Одлуката се носи за секој поединечен месец во текот на годината. Врз основа на Одлуката за секој поединечен јавнообвинителски службеник согласно закон се носи посебно решение. Со член 7, меѓу другото е уредено дека основица за пресметка на додатоците од член 4 од овој Правилник се зема платата на јавнообвинителскиот службеник утврдена со член 69 од Законот за јавнообвинителска служба, а исплатата на додатоците утврдени со Одлуката од член 6 од Правилникот, ќе се врши еднаш месечно и тоа во тековниот за претходниот месец при исплатата на плата. И во членот 8 е определено дека овој Правилник влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе започне да се применува од 01.02.2017 година и со влегувањето во сила на овој Правилник престанува да важи Правилникот А бр.26/16 од 01.03.2016 година.
Врз основа на член 6 од Правилникот за додаток на плата, неговата висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на ден 05.05.2023 година, донел Одлука за месец април 2023 година. Со оваа Одлука, за месец април 2023 година не се утврдува висина на додатоците на плата (додаток за посебни услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост), за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во ова обвинителство и за овој месец истите не се пресметани и исплатени согласно добиеното Известување за плата за месец април 2023 година, на Министерството за финансии, заведен под бр. А.бр.158/23 од 05.05.2023 година, во кое е наведено дека доставеното барање за исплатата на плата со додатоци го надминува планираното месечно право за исплатата на месечно ниво, па Министерството за финансии-Сектор за буџет нема да одобри исплата на додаток на плата.
Одлуката за месец април 2023 година А бр.46/2023-6 од 05.05.2023 година, на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција влегува во сила од денот на нејзиното донесување, а со тоа престанува да важи Одлуката А бр.46/2023-3 од 27.04.2023 година.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 од истиот член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Правата, должностите и одговорностите како и системот на плати и надоместоци на плати на јавнообвинителсите службеници, е уреден со Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на Република Македонија” број 62/15, 231/15, 11/16, 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 235/22).
Јавнообвинителската служба ја сочинуваат јавнообвинителските службеници вработени во јавните обвинителства и лицата вработени во јавните обвинителства кои вршат технички и помошни работи. Јавнообвинителската служба ја сочинуваат и стручните лица вработени во јавните обвинителства за вршење на стручни работи поврзани со следење, откривање и истражување на криминалитетот.
Јавнообвинителските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со Законот за јавнообвинителската служба, колективните договори и другите прописи што ги уредуваат правата од работен однос.
Во зависност од службените задачи што ги извршуваат, јавнообвинителските службеници се класифицираат во следните групи и звања: категорија А-секретар; категорија Б-раководни јавнообвинителски службеници; категорија В-стручни јавнообвинителски службеници и категорија Г-помошни стручни јавнообвинителски службеници.
Според член 67 од Законот, вработените во јавнообвинителската служба имаат право на плата и надоместоци на плата, којашто одговара на работното место на кое работникот е распореден според услови и критериуми утврдени со Законот за јавнообвинителската служба или колективен договор. Платите и надоместоците од плата на вработените во јавнообвинителската служба се обезбедуваат од Буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Платата на јавнообвинителскиот службеник се состои од основна компонента и исклучителна компонента.
Согласно член 69 од истиот закон, основната компонента ја сочинуваат: минимална плата, дел од плата за степен на образование, утврден со актот за систематизација на работните места, за работното место на кое е распореден, дел на плата за звање и дел на плата за стаж.
Според член 71 од Законот за јавнообвинителска служба, исклучителната компонента ја сочинуваат: додаток на плата за посебни услови за работа, додаток на плата за постоење на висок ризик, додаток на плата за доверливост и додаток на плата за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа.
Во Законот под називот „Додатоци на плата“, е содржан членот 72, според кој:
1) Јавнообвинителскиот службеник има право на додатоци од член 71 кумулативно во висина од 35% од износот на основната плата.
2) Јавниот обвинител со решение утврдува кај кој од јавнообвинителските службеници постојат посебни услови за работа, висок ризик или доверливост, како и процентот на додатокот/додатоците но најмногу до кумулативно утврдениот процент од ставот (1) на овој член.
3) Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со решение утврдува кај кој од јавнообвинителските службеници од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постојат посебни услови за работа, висок ризик или доверливост, како и процентот на надоместокот/ надоместоците но најмногу до кумулативно утврдениот процент од ставот (1) на овој член.
Во член 6-б став 5 од Законот за платите на јавните обвинители се наведува дека додатоците од ставот 1 на овој член, нивната висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уредуваат со акт на јавниот обвинител кој раководи со тоа јавно обвинителство.
Имено, оспорениот правилник е подзаконски пропис донесен врз основа на законско овластување, а оспорената одлука има карактер на интерен акт со кој се уредуваат поединечно за секој месец додатоците на плата, нивната висина и начинот на нивното утврдување за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Согласно со уставната определба од член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка и според став 5 од истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.
Оспорениот правилник бил донесен врз основа на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 231/15) и членовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на Република Македонија“ број 231/15) и покрај определбата утврдена во наведените членови, Судот оцени дека не постои правен основ за донесување на овој Правилник донесен од Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за делот кој се однесува за јавнообвинителската служба.
Фактот дека не постои правен основ за донесување на делот за јавнообвинителските службеници од оспорениот правилник, од страна на јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да се утврди од член 72 став 3 од Законот за јавнообвинителска служба во кој јасно се наведува дека јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со решение утврдува кај кој од јавнообвинителските службеници од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постојат посебни услови за работа, висок ризик или доверливост, како и процентот на надоместокот/ надоместоците, но најмногу до кумулативно во висина до 35% од износот на основната плати.
Од ова произлегува дека врз основа на одредбите од Законот за јавнообвинителската служба, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да донесе само решение за додатоци од плата за јавнообвинителските службеници наведени во член 71 од Законот, а не правилник за додатоци за плата, нивната висина и начинот на утврдување во тоа обвинителство и за јавнообвинителската служба на тоа обвинителство. Oспорената Одлука за месец април 2023 година, е донесена врз основа на член 6 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот за утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр. 26/16-1 од 13.02.2016 година. Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на ден 05.05.2023 година, донел Одлука за месец април 2023 година со која не била утврдена висината на додатоците на плата за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници во наведеното обвинителство и за месец април истите не биле пресметани ниту исплатени, согласно добиеното Известување за плата за месец април 2023 година од страна на Министерството за финансии, од причина што доставеното барање за исплата на плата со додатоци го надминувало планираното месечно право за исплата на месечно ниво, поради што Министерството за финансии-Сектор за буџет не ја одобрил исплатата на додатоци на плата за јавнообвинителските службеници за конкретниот месец.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со ваквото постапување Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како работодавач, без законско овластување дополнително го регулирал прашањето за исклучителната компонента од плата – додатоци на плата и нивната висина на јавнообвинителските службеници, што е уредено со закон. Во овој случај донесувањето Правилник како подзаконски акт има правен основ за платите и додатоците на плати на јавните обвинители, согласно со Законот за плати на јавните обвинители, но не и за јавнообвинителските службеници за кои во Законот за јавнообвинителската служба е утврдено дека висината и исплатата на додатоците на плата се утврдуваат со решение, а не на месечно ниво врз основа на правилници, одлуки и други подзаконски акти на работодавачот.
Согласно со член 72 став 2 од Законот за јавнообвинителска служба, јавниот обвинител со решение треба да утврди кај кој од јавнообвинителските службеници постојат посебни услови за работа, висок ризик и доверливост, што значи не на секој јавенообвинителски службеник му следуваат надоместоци предвидени со Законот и во иста висина. Со Законот се утврдени условите кога, на кого и во колкав износ на јавнообвинителскиот службеник му следуваат додатоци на плата.
Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека јавниот обвинител носи решение за додатоци на плата за јавнообвинителските службеници врз основа на закон. Правилникот е подзаконски пропис донесен врз основа на законско овластување и има законски основ во член 6-б став 5 од Законот за платите на јавните обвинители, според кој додатоците на плата на јавниот обвинител, нивната висина и начинот на утврдување за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се уредуваат со акт на јавниот обвинител кој раководи со тоа јавно обвинителство, што значи дека јавниот обвинител носи Правилник за додаток на плата на Јавните обвинители, но не и за додаток на плата за јавнообвинителската служба, како што е наведено во член 1 во делот „и јавнообвинителските службеници“, член 4, член 5, член 6 став 1 во делот „и јавнообвинителските службеници од член 4 на овој Правилник“, став 3 и член 7 став 2 од Правилникот за додаток на плата, негова висина и начинот на утврдување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција А бр.26/16-1 од 13.02.2017 година
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со оглед на тоа што оспорената Одлука за месец април 2023 година А бр. 46/2023-6 од 05.05.2023 година, не е пропис во смисла на означената уставна одредба, туку акт со кој се уредува прашањето за пресметување на додатоци на плата, за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници за месец април 2023 година, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека со оспорените одредби од наведениот правилник се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија -владеењето на правото од член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 51 од Уставот и член 72 став 3 од Законот за јавнообвинителска служба („Службен весник на Република Македонија” број 62/15, 231/15, 11/16, 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 235/22).
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски