Дневен ред за 17 седница закажана за 17 јуни 2026 година во 9:30 часот

На 17 јуни 2026 година, со почеток во 9:30, Уставниот суд ќе ја одржи 17. седница на која е предвидено да се  дискутира за осум предмети во кои се бара оценување на уставност и законитост и да се донесат три одлуки.  

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.176/2025

Оспорени одредби: Член 49 став 4 во делот „а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови“ и став 8 во деловите „реално направени трошоци“ и „врз основа на присуство на седници и обем на извршена работа“ од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 154/2019, 178/2021, 58/2024 и 124/2025). 

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Подносителот тврди дека е спорно e тоа што Одборот за акредитација во високото образование иако брои 15 членови вкупно, при донесување на одлука, доволно е да присуствуваат 8 членови, а одлуката да биде донесена со една третина од мнозинството, што би значело само 5 членови. Според наводите во иницијативата, спорно е што одлука на тој начин ќе биде донесена од малцинскиот број на гласови од вкупен број на гласови на едно тело, што ќе има правна сила како да е донесена од мнозинскиот број од вкупниот број гласови. Се тврди дека оспорените делови не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.  

2. Реферат У.бр.198/2025

Оспорени одредби: Член 10 став 3 алинеја 1 во делот „раководен”, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „инспектор” член 10 став 3 алинеја 3 во делот „државен инспекторат”, член 10 став 3 алинеја 3 во делот „инспекциска служба” и член 10 став 9 во делот „Член на„ од Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.144/2025 и 252/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените делови не се во согласност со член 32 од Уставот кој уредува дека секому му е достапно секое работно место, под еднакви услови. Ова е спорно бидејќи за да се стане член или претседавач на Програмскиот совет,  со оспорените норми се дава предност, или привилегија на раководни државни службеници и инспектори со најмалку осум години работен стаж во државен инспекторат или инспекциска служба, наспроти сите кои не биле на такви работни места. 

3. Реферат У.бр.19/2026

Оспорени одредби: Член 40 став 9 од Законот за дивечот и ловството „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.263/2023, 170/2024, 220/2024 и 132/2025).

Содржина на оспорената одредба:

Член 40 став 9 предвидува дека, по исклучок, предност при изборот за најповолен понудувач има правното лице кое било корисник (концесионер) на дивечот во ловиштето во претходниот ловностопански период, доколку во рок од 15 дена со писмена изјава го прифати износот на понудата на најповолниот понудувач и приложи нова финансиско-инвестициска програма за развој и унапредување на дивечот и ловиштето, како и акциски план за првите три години од времетраењето на договорот за користење на дивечот во ловиштето.

Подносител на иницијативата: Друштво за производство, трговија и услуги ИНТЕР ГУМА ТРЕЈД ДОО Скопје, преку управителот Звонко Трпковски. 

Од наводите во иницијaтивата:

Според наводите во иницијативата оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, на членовите 9, 55 и 118 од Уставот, како и на член 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и член 1 од Протокол 1 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

4. Реферат У.бр.30/2026

Oспорена одредба: Член 83 став 1 во делот „надзор над ажурното вршење на работите во судот” од Законот за судовите „Службен весник на Република  Македонија” бр.58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел е нејасен, општ и нормативно недоволно определен, што овозможува широко и произволно толкување од страна на извршната власт. 

Според наводите во иницијативата, со оспорениот дел од одредбата се остава широка и неограничена дискреција на Министерството за правда самото да утврдува што претставува „ажурно“, а што „неажурно“ постапување, без законски утврдени процедури, овластувања и правни последици, при што отсуството на прецизно уредени правила за начинот и обемот на надзорот е неспоиво со принципот на владеење на правото, бидејќи овозможува арбитрарно постапување на извршната влас. 

Се тврди дека ажурноста е директно поврзана со водењето на судските постапки, распределувањето на предметите, определувањето на рокови и одлучувањето по конкретни правни работи, кои се во исклучива надлежност на судската власт. На ваков начин, се создава механизам за индиректно влијание и притисок врз судовите и се релативизира нивната функционална независност.

5. Реферат УЗ.бр.85/2025

Оспорен акт: Правилникот за начинот на склучување договори и плаќање на здравствените услуги во биохемиските лаборатории (без наведен број на „Службен весник“ каде што е објавен оспорениот акт). 

Подносител на иницијативата:

ПЗУ-Лабараторија за молекуларна дијагностика ЛАОР Тетово преку полномошник Трајче Саздов, адвокат од Скопје. 

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените одредби, Фондот за здравствено осигурување на Македонија по исцрпување на месечниот лимит, престанува да ги покрива трошоците за извршените лабораториски анализи, со што биохемиските лаборатории се доведуваат во ситуација да даваат здравствени услуги без соодветен надомест, односно да ги сносат трошоците на сопствен товар. Ваквиот модел на уредување на односите, според наводите, нема основ ниту во Уставот, ниту во Законот за здравственото осигурување. 

Забелешка:  Предметот беше предложен за разгледување на XV-та седница на Судот, одржана на 3 јуни  2026 година, но истиот беше повлечен од страна на судијата-известител поради утврдување на дополнителни околности.

6. Реферат УЗ.бр.65/2025

Оспорен акт: Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Урбана единица 1, дел од Блок 3 (помеѓу улиците „Маршал Тито” и „Никола Петров”), Општина Неготино, донесена од Советот на Општина Неготино со бр.08-1551/5 на ден 06.08.2025 година, објавена во „Службен гласник на Општина Неготино бр.11/2025 од 07.08.2025 година.

Подносители на иницијативата: Зоран Ѓорѓиев, Методи Јанев, Илија Петрески, Игор Вујиќ, Душко Пасинечки, Зоран Пасинечки, Јордан Петрески, Светлана Петреска, Станка Ѓоргиева и Ѓорги Кимов, сите од Неготино, преку заеднички полномошник адвокат Катерина Тољкова Трајкова од Неготино.

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се тврди дека Општината не ги почитувала законските и уставните обврски при донесување на Одлуката. Се тврди дека согласно Законот за урбанистичкото планирање, општините задолжително формираат партиципативно тело кое има консултативна улога во постапката за изработување и донесуваање на урбанистички планови, што не е случај при донесување на оспорената Одлука, при што не е обезбедена јавноста и инклузивноста во тој процес. 

7. Реферат УЗ.бр.69/2025

Оспорена акт: Одлуката бр. 07-601/1 од 29.08.2008 година на Советот на Општина  Делчево со која е донесен Детален урбанистички план за дел од локалитет Милково брдо – „2” во Делчево („Службен гласник на Општина Делчево” бр.7/2008). 

Подносител на иницијативата:  Велиновски Владе преку адвокат Ќирил Величковски 

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека при донесувањето на Одлуката не била запазена уставната одредба во која е уредено правото на непосредното учество на граѓаните во одлучување за прашања од локално значење во областа на урбанизмот.

Имено, во постапката за донесување на оспорената предлог-одлука надлежниот орган не објавил повик за јавна презентација и анкета на начинот определен согласно со член 22, 23 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како би можеле сите заинтересирани лица да ги дадат своите забелешки и предлози.

Забелешка: Предметот беше предложен за разгледување на XVl-та седница на Судот, одржана на 10 јуни  2026 година, но истиот беше повлечен од страна на судијата-известител поради барање за  увид. 

8. Реферат УЗ.бр.10/2026

Оспорен акт: Одлука за методологијата за изработка на план за опоравување на системски значајни банки „Службен весник на Република Македонија” бр.2/2017 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.25/2026). 

Подносител на инцијативата: Игорчо Точев 

Од наводите во иницијативата: 

Содржина на одредбата во која е содржан оспорениот дел:

„43. По исклучок на точката 32 ставови 1 и 2 од оваа одлука, банката којашто до 30 април 2017 година Народната банка ја известила дека е идентификувана како системски значајна банка, е должна да го достави планот до Народната банка, најдоцна до 30 јуни 2018 година”.

II- ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА  

1. У.бр.138/2021

На 22 октомври 2025 година Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина Карпош, Скопје, бр.09-6947/3 од 12.10.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2021);

– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, блок 06, Општина Карпош – Скопје, бр.09-6334/4 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);

– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Блок 9 од градска четврт ССИ 03, Општина Карпош и Општина Чаир бр.09-6334/5 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);

– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 06, блок 3 06.09 Општина Карпош, Скопје, бр.09-5967/7 од 30.08.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.13/2021);

– Одлуката за донесување на измена и дополна на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол блок 1, Општина Карпош – Скопје бр.09-5017/6 од 15.07.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.10/2021);

– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03 блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје бр.09-2334/7 од 09.04.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.7/2021) и

– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, блок 04.02 Општина Карпош – Скопје бр.09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.20/2020). 

2. УЗ.бр.10/2025

На 4 март 2026 година, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007 од 26.04.2007 година). 

3. У.бр.22/2026

На 4 февруари 2026 година, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија,“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Сoцијалистичка Република Македонија” бр.36/1990; „Службен весник на Република Македонија” бр.44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024) и 

Му определи рок од 60 дена на Собранието на Република Северна Македонија за измена и/или дополнување на Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение, во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на истото.