
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.10/2025
Скопје, 04.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 25/2007 од 26.04.2007 година).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“
Образложение
I
Општинската организација на сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово од Тетово, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во дизпозитивот на ова решение.
Според наводите, оспорената одлука е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и на член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.
Во образложението на иницијативата се наведува дека истата е донесена без претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија, со што се повредува и правната сигурност како составен дел на владеењето на правото и член 51 од Уставот.
Поради наведеното, со иницијативата се предлага Судот да ја укине Одлуката за промена на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, донесена од Советот на Општина Тетово.
II
На седницата Судот утврди дека Одлуката за определување и промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година, е донесена на 25-та седница на Советот на Општина Тетово одржана на 24.04.2007 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.25/2007 од 26.04.2007 година.
Согласно со член 1 од Одлуката, со оваа oдлука се врши промена на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и на другите инфраструктурни објекти во Општина Тетово.
Во член 2 од Одлуката е уредено дека промената се врши врз основа на листа на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово којашто е претходно усвоена од страна на Советот на Општина Тетово.
Согласно со член 3 од Одлуката во точките 1 – 11 е содржан приказ на имињата на инфраструктурите објекти (улици, мостови и плоштади) коишто се менуваат и нивните нови имиња.
Во член 4 од Одлуката е уредено стапувањето на сила на истата на начин што Одлуката стапува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Тетово“.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 51 став 1 од Уставот во Република Северна Македонија уредува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 110 алинеја 2 од Уставот, е определено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002, 84/2020 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024) меѓу другото, општините се надлежни и за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
Во член 36 од Законот се дефинирани надлежностите на советите на општините. Во став 1 точка 15 од истиот член од Законот се уредува дека надлежност на советот на општината е и да врши други работи утврдени со закон.
Согласно со член 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004, 55/2007, 145/2010, 136/2011,163/2013,147/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.224/2024), со овој закон се уредуваат условите и начинот на определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, нумерирање на објектите наменети за живеење и работа, поставување и одржување на табли со имиња на улиците и куќните броеви, како и водење регистар и евиденција на имиња на улици и куќни броеви.
Според член 4 став 1 од овој закон, определување име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината се врши со одлука донесена од советот на општината, а за подрачјето на Градот Скопје, со одлука донесена од Советот на Градот Скопје. Во став 2 на овој член е уредено дека одлуката од ставот 1 на овој член се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, односно на Советот на Градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, односно во Градот Скопје.
Името на улица, плоштад, мост и друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на Градот Скопје, согласно со член 5 став 1 од Законот, може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Според став 2 од истиот член од Законот, листата од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, односно Советот на Градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија.
IV
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и таа вредност се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.
Заради остварување на принципот на владеење на правото како темелна уставна вредност, законодавецот има уставно овластување со закон да ги дефинира надлежностите на единиците на локална самоуправа и да ги пропише условите и начинот на донесување на прописите од нивната страна.
Од доставената документација од страна на Општина Тетово, Судот утврди дека Советот на Општина Тетово врз основа на член 22 став 1 точка 4, член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа и член 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, ја донел оспорената одлука како надлежен орган за донесување на истата.
Oд увидот во Записникот од 25-та седница на Советот на Општина Тетово произлегува дека оспорената одлука е донесена со 29 гласа „ЗА“, од присутните членови на Советот на Општина Тетово. За Одлуката гласале сите 5 члена кои припаѓаат на заедниците коишто не се мнозинско население во Општина Тетово. Од ова произлегува дека оспорената одлука е донесена со мнозинство гласови за усвојување, како што е предвидено во член 4 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.
Исто така, од увидот во доставената документација се утврди дека во истата нема акт со кој Владата дала согласност за Листата, согласно со член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, поради што Судот изразува сомнеж дека овој законски услов е исполнет.
Имено, во рамки на претходната постапка во четири наврати беше побарано од Општина Тетово да се достави целокупната документација, којашто претходи на донесувањето на оспорената одлука. Но, од страна на Општината беше доставена само Листата на имиња на улици и плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-1820/3, донесена на 30.11.2006 година и објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.18/2006 од 04.12.2006 година, а притоа согласноста од Владата не беше доставена.
Понатаму, Уставниот суд во три наврати се обрати и до Владата на Република Северна Македонија со барање за достава на бараната согласност, но истата не беше доставена.
Од изнесеното, Судот изрази сомнеж дека условот предвиден во член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, не е исполнет. Оттука, пред Судот, основано се постави прашањето за согласноста на Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.25/2007 од 26.04.2007 година), со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 5 став 2 од Законот.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски