Согласно членот 53 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
(1) Секое физичко или правно лице што смета дека
со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган
на единица на локалната самоуправа или друг субјект што
врши јавни овластувања му е повредена слобода или
право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да
поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита.
(2) Барањето во име и за сметка на друго лице
може да го поднесе и народниот правобранител.
(3) Барањето може да се поднесе откако ќе бидат
исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за
заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од
приемот на актот по кој се исцрпени правните средства,
односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање
на дејствието, но не подоцна од една година од денот на
преземањето.
(4) Барањето задолжително содржи: име и
презиме, односно назив ако подносителот е правно лице;
единствен матичен број на граѓанинот, односно единствен
матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правните
лица; живеалиште или престојувалиште, односно седиште
на правното лице; име и презиме на полномошникот;
податоци за поединечниот акт кој подносителот смета
дека му ги повредил слободите и правата, односно опис
на дејствието со кое според подносителот му се повредени слободите и правата; означување на слободите и
правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот кои
подносителот смета дека му се повредени; наводи во што
се состои повредата; потпис на подносителот, односно
лицето на кое му е издадено специјално полномошно за
поднесување барање до Уставниот суд.
(5) Со барањето се поднесува и оспорениот
поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните
средства, како и други докази од значење за одлучувањето.
Во прилог се дадени обрасци за тоа што треба да содржи барањето.
НАПОМЕНА:
Обрасците се изготвени со цел да помогнат на подносителите при нивното обраќање до Уставниот суд на Република Северна Македонија и истите не се задолжителни.
Доставување на барањата по пат на електронска пошта или писмено доставување преку факс до Уставниот суд не се сметат за поднесоци со кои се иницира поведување на постапка пред Судот.