Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 114 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006 и 30/2007).
2. Михаел Младеновски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Со оспорената законска одредба, на учениците им се наметнувала таква законска регулатива со која на неколку месеци пред завршувањето на школската година да подготват и полагаат државна матура, со што не се водело сметка за забрана на ретроактивно важење на законите.
Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, односно темелните вредности на уставниот поредок – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Имено, ваквата одредба во Законот, децидно наведувала за која учебна година ќе се применува (2006/2007) што само по себе подразбирало и промена на наставничките планови и програми за таа учебна година. Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба би требало да се однесува на генерацијата која се запишувала во 2006/2007 година, а не на претходно запишаните генерации.
Во иницијативата, исто така, се укажува и на одлуката на 16-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 21 ноември 2006 година со која било одлучено да не се полага државна матура во учебната 2006/2007 и следната 2007/2008 година.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената одредба и да донесе времена мерка со која да се наложи неспроведување на оспорениот член од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 114 од Законот за средното образование одредбите од членовите 33 став 3, 35, 37, 38 ставови 1, 2 и 3 и 39 став 2 на овој закон, кои се однесуваат на државната матура, училишната матура и завршниот испит ќе се применуваат од учебната 2007/2008 година.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Според член 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.
Организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование во Република Македонија, како дел од системот на воспитанието и образованието, се уредува со Законот за средното образование.
Според членот 2 на овој закон, средното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни средни училишта (средно општинско училиште, односно средно училиште на градот Скопје и државно средно училиште) и приватни училишта.
Според член 21 од Законот, со наставните планови и наставните предмети се уредуваат целите, наставните подрачја, теми и содржини, образовните стандарди и профилот на наставникот што ја реализира наставата.
Образовните стандарди на предлог на Државниот испитен центар, ги донесува министерот. Програмите се изработуваат според модел на програми кој го донесува министерот на предлог на Бирото за развој на образованието. Во моделот се утврдува и флексибилноста во реализација на наставните подрачја и теми.
Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите и програмите за јавните училишта ги изработува Бирото за развој на образованието, а ги донесува министерот.
Согласно член 32 од Законот, средното образование се остварува преку планови и програми за: гимназиско образование, стручно образование, средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
Според членот 33 од Законот, учениците во гимназиското образование полагаат државна матура или училишна матура. Во гимназиското образование може да се реализира и програма за меѓунродна матура, која е со иста важност како и гимназиското образование.
По завршување на јавното стручно образование, со четиригодишно траење, учениците согласно член 35 став 2 од Законот, полагаат државна матура или завршен испит, а по завршувањето на јавното стручно образование со тригодишно траење учениците, согласно член 35 став 3 од Законот, полагаат завршен испит.
Учениците кои ја завршиле последната година во јавното уметничко образование, согласно член 37 од Законот, полагаат училишна матура според утврдени програми.
Во зависност од следењето на образовните програми за соодветни занимања, односно образовни профили во средното образование за ученици со посебни образовни потреби, согласно член 39 од Законот, учениците со посебни образовни потреби можат да полагаат државна матура или завршен испит.
Согласно член 38 став 1 од Законот, испитните прорами за полагање на испитите во државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура ги донесува министерот, на предлог на Бирото за развој на образованието.
Според став 2 на член 38 од истиот закон, начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура, училишната матура и завршниот испит ќе се уредат со Концепција за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование и со посебен пропис, што ги донесува министерот надлежен за вршење на работите од областа на образованието.
Поаѓајќи од уставните гаранции за обезбедување на правото на образование на секого под еднакви услови предвидени во цитираните норми, според Судот законодавецот со Законот за средното образование децидно определил дека средното образование во Република Македонија се остварува во јавни и приватни средни училишта и истовремено утврдил единствени услови за основање на средните училишта со јасно определување на видовите на средно образование, како и видовите на завршни испити што се полагаат во секој вид на средно образование.
Имено, од анализата на целината на Законот за средното образование, според Судот, јасно произлегува дека законодавецот определил испитните програми за полагање на завршните испити што се полагаат за секој вид на средно образование (државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура) да ги донесува министерот надлежен за вршење на работите од областа на образованието, а на предлогг на Бирото за развој на образованието.
Самиот чин на полагање на завршните ипсити во средното образование, всушност е право и должност на учениците од средните училишта утврдено со Законот со кој се врши проверка на стекнатото знаење на учениците. Со Законот се утврдени видовите на завршниот испит во зависност од видот на средното образование и испитнит епрограми за полагање на завршните испити во секој вид на средно образование.
Околноста на која се укажува во иницијативата дека во конкурсот за запишување на учениците во државните средни училишта во учебната 2004/2005 година не било наведено дека учениците на крајот на своето школување треба да полагаат државна матура и дека со истата се наметнувала таква законска регулатива со која се задолжувале учениците на само неколку месеци пред завршувањето на школската година да полагаат државна матура, според Судот, не може да ја доведе под сомнение согласноста на оспорената законска одредба со Уставот на Република Македонија, односно со принципот на владеењето на правото ниту со поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Имено, со оспорената законска одредба која е донесена со Законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование во 2005 година, не се повредува членот 52 став 4 од Уставот, и не може да се прифати дека законската одредба има повратно дејство, односно ретроактивно важење на правото, како што се тврди во иницијативата, од причина што ваквата одредба ги обврзува само генерациите кој што по нејзиното донесување ќе треба да полагаат завршен испит, што значи нејзината важност е за во иднина, односно по нејзиното влегување во сила. Ова дотолку повеќе, што законодавецот, оставил и подолг период по донесувањето на овој закон, да учениците полагаат завршен испит, што значи дека истите веќе 3 години порано пред полагањето знаеле за нивната обврска за полагање на државната матура, а не само неколку месеци пред полагањето, како што се наведува во иницијативата.
Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државна матура во гимназиското и во средното стручно образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2007) како подзаконски акт само ги уредува начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура во гимназиското и во средното стручно образование. Оттука, овој пропис за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на завршните испити во средното образование, за чие донесување е овластен министерот за образование и наука, е подзаконски акт кој е во функција на разработка на одредбите на Законот за средно образование, заради нивно извршување. Од ова јасно произлегува дека основот и обврските за полагање на матурата е содржан во Законот за средно образование, а начинот на полагањето е регулиран со подзаконски акт, кој е донесен од министерот кој раководи со Министерството за образвоание и наука, кој орган на државната управа е основан за вршење на работите од областа на воспитанието и образованието од сите видови и степени.
Понатаму, според Судот со воведувањетео на државната матура, училишната матура и завршниот испит не се нарушува ниту едно право на учениците во средното образование, бидејќи истото е со цел постигнување на еднаквост на сите ученици во средните училишта без оглед на нивниот досегашен постигнат успех. Истовремено, на тој начин се врши целосна проверка и контрола на целокупното стекнато знаење на сите ученици за време на нивното едуцирање во текот на средношколското образование. Истото би претставувало и услов, односно основ за продолжување на нивното образование на високообразовните установи. Ова од причина што според одредбите од Законот за високото образование положената државна матура претставува услов за запишување на високообразовна установа.
Предвид на наведената уставносудска анализа, според Судот не може да се доведе под сомнение согласноста на членот 114 од Законот за средното образование со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4 и 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.45/2008
9 април 2008 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски
Издвоено мислење по предметот У.бр.45/2008