Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.45/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.70/92), по моето гласање против Решението У.бр.45/2008 од 9 април 2008, со кое Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 114 од Законот за средното образование, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Не можам да се согласам со ставот на мнозинството судии дека не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорената одредба со член 8 алинеја 3 и член 52 од Уставот, имено со владеењето на правото и со забраната на повратно дејство на законите.

Се работи за одредба со која се пропишува времето од кога средното образование, како степен на образование, ќе се стекнува според нов режим, имено, со полагање на државна матура или завршен испит. Прашањето во случајов е дали обврската државна матура да полагаат и ученици кои се запишани во средното образование пред нејзиното влегување во сила, односно кои се запишале и учат според стариот режим без обврска за полагање на државна матура, на оспорената одредба и дава повратно дејство и дали со тоа ја загрозува правната сигурност и легитимните очекувања како елементи на владеењето на правото.

Мнозинството судии го отфрлаат постоењето на повратно дејство „од причина што ваквата одредба ги обврзува само генерациите кои што по нејзиното донесување ќе треба да полагаат завршен испит, што значи нејзината важност е за во иднина, односно по нејзиното влегување во сила.“ Мора да се каже дека секоја законска одредба, и онаа што има, и онаа што нема повратно дејство, важи по нејзиното влегување во сила, односно за во иднина. Критериумот за повратно дејство, меѓутоа, е околноста дали таквата одредба се однесува на односи помеѓу субјектите во правото што настанале во минатото, пред нејзиното влегување во сила. Ако се има предвид фактот што и средното образование се стекнува според определен режим којшто ги опфаќа не само програмските аспекти, туку и начинот на стекнување и проверка на знаењата и времетраењето на образовниот процес, тогаш ми се чини јасно дека менувањето на начинот на стекнување на степенот на образование на генерациите што го започнале образовниот процес пред влегувањето во сила на оспорената одредба, има повратно дејство. Во тој контекст е неважно дали од моментот кога полагањето на матурата беше предвидено со измените на Законот од 2004, поминале три или друг број години. Одредбава би немала повратно дејство само ако важи и се применува за генерациите што ќе запишат средно образование по нејзиното влегување во сила.

Освен тоа, што е многу поочигледно, оспорената одредба ги доведува во прашање правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи, кои зборуваат во прилог на правото на учениците однапред да ги знаат условите за нивното школување и да се потпрат на нивното важење како основ за нивните активности. Оспорената одредба, според моето мислење, зборува во спротивната насока, односно дека во секој момент тие услови може да се променат. Изминатите три години, кои што се споменуваат во Решението, а во кои се правеа обиди за воведување на режимот на стекнување образование со полагање на матура, се само доказ дека законски одредби од типот на оспорената ги повредуваат овие правни принципи.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Скопје, 16 април 2008

Решение У.бр.45/2008

Leave a Reply