У.бр.12/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 мај 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 54 ставовите 2 и 3 од Националната концепција за безбедност и одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека во уставниот поредок на Република Македонија не постоела кризна состојба и криза, туку постоела само воена и вонредна состојба (член 124 став 1 и член 125 став 1 од Уставот). Со раководењето на Управувачкиот комитет преку претседателот на Владата се вршела непринципиелна поделба на функцијата меѓу претседателот на Републиката, како врховен командант на вооружените сили и претседател на Советот за безбедност на Република Македонија (член 86 од Уставот) и претседателот на Владата како носител на другата извршна власт, а со самото тоа и до ограничување на ингеренциите на Врховниот командант и претседателот на Советот за безбедност на Република Македонија. Со оспорениот став 3 на точка 54 на Националната концепција за безбедност и одбрана, спротивно на Уставот и Законот за одбрана било предвидено дека заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија е одговорен за операции и готовност, а при постоење на Врховниот командант на вооружените сили на Република Македонија и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата, не можело со подзаконски пропис да се предвидува група за процена надвор од Министерството за одбрана, а особено со подзаконски пропис претседателот на Владата да биде овластен да определува со групата за процена да раководи било кој министер, а не министерот за одбрана. Оттука, со оспорените ставови се повредувале одредбите на членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 79 став 2, 86, 88 став 2, 122 став 1, 124 ставови 1 и 3, 125 ставови 1 и 3 и 127 од Уставот, како и членовите 18 став 1 точки 1, 2, 3, 5, 7, 8, 9 и 10, член 20 став 2 точка 2, членовите 25, 26, 27 став 1, 28 ставови 1, 3 и 4 и член 40 став 2 од Законот за одбрана.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 17 став 1 точка 8 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003), Собранието на Република Македонија ја донело Националната концепција за безбедност и одбрана која согласно точката 1 е основен документ на Република Македонија во областа на безбедноста и одбраната. Националната концепција за безбедност и одбрана е заснована врз процената за меѓународното опкружување и положба на Република Македонија, загрозувањата по нејзината безбедност и врз таа основа усогласени цели и насоки за водење на националната безбедносна политика.

Согласно оспорената точка 54 од Националната концепција за безбедност и одбрана, заради постојани консултации и донесување на одлуки на највисоко ниво, максимална координација, навремена реакција, ефикасност и соодветно искористување на расположливите способности и ресурси во случај на кризи и кризни ситуации, како и навремена, квалитетна и реална процена на загрозеноста на безбедноста на Република Македонија од ризици и опасности – системот за менаџмент со кризи треба да има три основни целини: управувачки комитет, група за процена и служба за поддршка на првата и втората целина, односно Центар за менаџмент со кризи.

Според оспорениот став 2 на точката 54, со управувачкиот комитет раководи претседателот на Владата на Република Македонија, а во него членуваат министрите за надворешни работи, одбрана, внатрешни работи, транспорт и врски, здравство и овластен претставник на претседателот на Република Македонија. Во зависност од кризната состојба и кризата, по потреба, се вклучуваат и други раководители на органите на државната власт и управата. Препораките, предлозите и одлуките на управувачкиот комитет се задолжителни за сите органи, организации и институции, во согласност и во рамките на нивните надлежности пропишани со Уставот, законите и другите прописи на Република Македонија.

Според оспорениот став 3 од точката 54, групата за процена е составена од претставници од истите органи од претходниот став во ранг на државни секретари, вклучувајќи ги и директорот на Агенцијата за разузнавање, заменик на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија одговорен за операции и готовност, како и раководителите на јавната и државната безбедност на Република Македонија. Со групата за процена раководи министер кој ќе го определи претседателот на Владата.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 122 став 2 од Уставот, одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 1 став 1 и 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003), одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.

Во членот 17 од овој закон е утврдена надлежноста на Собранието на Република Македонија во остварувањето на одбраната. Меѓу другите надлежности, според овој член, Собранието донесува национална концепција за безбедност и одбрана на Републиката.

Врз основа на овој член од Законот за одбрана, Собранието на Република Македонија ја донело Националната концепција за безбедност и одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2003).

Во воведниот дел од Националната концепција е утврдено дека Националната концепција за безбедност и одбрана е основен документ на Република Македонија во областа на безбедноста и одбраната заснована врз процената за меѓународното опкружување и положба на Република Македонија, загрозувањата по нејзината безбедност и врз таа основа усогласени цели и насоки за водење на националната безбедносна политика. Овој документ своите корени ги има во националните вредности и од нив произлезените интереси на Република Македонија, почитувањето на Уставот и законите, рамноправноста на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност, демократската основа на државата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и слободи, пазарната економија, социјалната правда и почитувањето на меѓународното право и меѓународните договори и спогодби.

Натамошниот текст на овој документ содржи четири посебни делови и тоа: И Интереси на Република Македонија; ИИ Безбедносно опкружување на Република Македонија (меѓународно опкружување и положба на Република Македонија, безбедносни можности, безбедносни ризици и опасности); ИИИ Политика на национална безбедност (цели и насоки за водење на политиката на национална безбеденост, области и инструменти за остварување на политиката на националната безбедност, надворешна политика, економска политика, одбранбена политика, политика на внатрешна безбедност, политика на заштита на животната средина, менаџмент со кризи) и ИВ Одбрана.

Тргнувајќи од содржината на Националната концепција за безбедност и одбрана, како основен документ на Република Македонија во областа на безбедноста и одбраната со кој се определуваат ставовите и се искажуваат погледите на Република Македонија за нејзините национални интереси, нејзиното безбедносно опкружување, политиката на националната безбедност како и целите, насоките, областите и инструментите за нејзиното остварување и погледите и ставовите во однос на одбраната, Судот оцени дека овој документ не е пропис во смисла на членовите 51 и 110 од Уставот и дека не подлежи на уставно судска оцена.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.

Со оглед на тоа што оспорената Национална концепциија за безбедност и одбрана не претставува пропис, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.12/2004
19 мај 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Издвоено мислење по предметот У.бр.12/2004