Поради интерес на повеќе медиуми во врска со одлученото за предметот У.бр.22/2026 информираме:
Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решение У.бр.22/2026 од 04.02.2026 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија,“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
На истата седница одржана на 4 февруари оваа година, Судот му определи на Собранието рок од 60 дена да изврши измени и/или дополнувања на наведениот закон и да ги усогласи со правните стојалишта изнесени во Решението за поведување постапка на Уставниот суд.(https://ustavensud.mk/archives/38037 ) Со тоа, Судот ја искористи можноста предвидена во член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд, да му овозможи на Законодавачот разумен рок, да интервенира, да ги отстрани утврдените недостатоци и да ги усогласи со Уставот.
До истекот на определениот рок од два месеца, Собранието не го извести Судот дека ќе направи изменување и/или дополнување на Законот.
Поради тоа, на 17 јуни 2026 година, Судот донесе Одлука со која ги укина наведените делови од одредбите.(https://ustavensud.mk/archives/40333 ).
Во овој случај Судот го примени и член 88 од Актот на Уставниот суд и предвиде одложено дејство на Одлуката, и му остави на Собранието дополнителен рок до 1 октомври 2026 година за усогласување на законското решение со правните ставови на Судот.
Доколку Собранието, до наведениот датум, не постапи во согласност со ставовите на Судот изнесени во одлуката, од 1 октомври 2026 година, при пресметката на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд ќе се применува Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024).
Решавачки аргумент за Судот беше фактот што платите на претседателот и судиите на Уставниот суд се уредени во ист нормативен режим како и платите на другите носители на јавни функции, врз основа на идентични критериуми и поистоветување на природата на нивните уставни надлежности. Според Судот, ваквото уредување претставува суштествена повреда на начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, бидејќи ја негира институционалната и функционалната автономија на Уставниот суд и ја релативизира неговата уставна положба како посебен орган задолжен за заштита на уставноста и законитоста.
Дополнително, Судот веќе го има афирмирано значењето на финансиската независност како составен дел на уставно загарантираната самостојност и независност и на судската власт. Со Одлуката У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 8 април 2026 година, Судот го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите од редовното судство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 39/2026).
По донесувањето на одлуката со која на сите останати судии во државата им се зголемува коефициентот, настана парадоксална ситуација, па така платите на претседателот на Врховниот суд и на судиите се повисоки од платите на претседателот и на судиите во Уставниот суд.
Во овој момент, платите на судиите и на претседателот на Врховниот суд се пресметуваат според повисоки коефициенти (2,61 и 2,84), додека платите на претседателот и судиите на Уставниот суд до 1 октомври ќе останат пресметувани според пониски коефициенти. (2.60 и 2.81).
Поради наведените аргументи, со Одлуката У.бр.22/2026, Судот го определува начинот на извршување на истата и нејзиното одложно дејство. Ова значи дека по истекот на определениот рок- 1 октомври 2026 година, пресметката на платите на претседателот и на судиите на Уставниот суд ќе се прави согласно со Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024), со кој е утврден повисок коефициент за пресметка на нивните плати судија – 2,85, претседател – 3,08.
Ова значи дека платите на претседателот на Уставниот суд и на судиите на Уставниот суд ќе бидат зголемени по 1 октомври во ист сооднос како и зголемувањето на платите на судиите во редовното судство.
Одлуката значи дека доколку Собранието не постапи во согласност со правните ставови на Судот заземени во наведената одлука, до 1 октомври 2026 година, односно сѐ додека претседателот и судиите на Уставниот суд не бидат издвоени како статусно, така и преку коефициентот за пресметка на нивните плати, за нив се применува законскиот режим што важи и за останатите избрани и именувани лица утврден во Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, но во конкретниот случај за платите на претседателот и на судиите на Уставниот суд ќе се применува законското решение наведено во одлуката на Уставниот суд.