Издвоено мислење по предметот У.бр.13/2025

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по моето гласање против Решението У.бр.13/2025 од 4 март 2026 година, го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Не се согласувам со решението на Судот согласно кое постапката за оценување на уставноста се запира, бидејќи сметам дека во конкретниот случај постоеја уставно-правни основи за донесување мериторна одлука.

Со претходното  поведување постапка, Судот веќе утврди постоење на основан сомнеж за неуставност на оспореното законско решение.

Откажувањето од мериторна оцена во таква процесна состојба, во услови кога се засегнати права од суштинско значење за правната сигурност и еднаквоста на граѓаните, значи пропуштање на уставната функција на Судот како гарант на владеењето на правото.

Во конкретниот случај, повредата на уставното начело на еднаквост не се исцрпува во прашањето дали законодавецот направил разлика, туку во тоа дали ја почитувал суштината на правно релевантните разлики.

Уставниот принцип на еднаквост, како што е веќе елабориран и во самото решение за поведување постапка, не значи само еднакво третирање на еднаквите, туку и различно третирање на различните.

Правото на пензија не се стекнува апстрактно и подеднакво за сите, туку врз основа на законски утврдени критериуми, меѓу кои од суштинско значење се должината на пензискиот стаж и висината на уплатените придонеси.

Според тоа, корисниците на пензија не се наоѓаат во иста правна положба во однос на висината на индивидуално оствареното право.

Пензискиот систем, по својата природа, е заснован врз придонесен модел, кој подразбира дека различните уплати во текот на работниот век водат кон различна висина на пензиските права.

Во таков систем, законското решение со кое процентуалното усогласување на индивидуално остварената пензија се заменува со рамномерна распределба на вкупниот износ на средства на сите пензионери подеднакво, без оглед на висината на претходно оствареното право, создава привид на еднаквост, кој во своите последици произведува нееднаквост.

Еднаквиот апсолутен износ на зголемување, применет врз различни пензиски основи, значи нормативно изедначување на правно нееднакви состојби, со што се неутрализира значењето на придонесите како клучен елемент на пензискиот систем.

Затоа, не станува збор за дозволена законодавна   политика, туку за интервенција која ја нарушува внатрешната праведност и правичност на системот и ја доведува во прашање уставната гаранција на еднаквост.

Со бришење на правно релевантните разлики, законодавецот не ја унапредува еднаквоста, туку создава нова нееднаквост, спротивна на член 9 од Уставот.

Покрај тоа, оспореното законско решение ја засега правната сигурност како темелна вредност на уставниот поредок.

Станува збор за право кое има карактер на стекнато право, при што се менува начинот на неговото усогласување на начин што не бил предвидлив за носителите на правото.

Со тоа се нарушуваат легитимните очекувања на граѓаните дека нивното право на пензија ќе се реализира и развива согласно однапред утврдени и стабилни критериуми. Ваквата интервенција создава неизвесност во однос на идната вредност на пензијата и ја поткопува довербата во правниот поредок.

Особено значајно е што во конкретниот случај се засега и правото на сопственост. Во праксата на Европски суд за човекови права е утврдено дека пензијата, како право стекнато врз основа на претходни придонеси, претставува имот во смисла на заштитата на сопственоста. Во предметот Lakićević and оthers v. Montenegro and Serbia, Судот јасно укажува дека ваквото право ужива заштита како имотно право и дека секое мешање мора да биде пропорционално на легитимната цел што се настојува да се постигне.

Во конкретниот случај, отсуството на јасна и конзистентна методологија која би обезбедила зачувување на реалната вредност на индивидуално стекнатото право упатува на тоа дека не е воспоставен правичен баланс помеѓу јавниот интерес и заштитата на индивидуалните права. Напротив, со законското решение се создава ризик од фактичко намалување на вредноста на веќе стекнатото право, без соодветно оправдување.

Оттука, оценката за уставноста на ваквото законско решение не требаше да биде избегната со запирање на постапката. Напротив, постоеше обврска Судот да даде јасна и конечна уставно-правна оценка, имајќи ја предвид тежината на засегнатите права и последиците што произлегуваат од нивното ограничување.

Запирањето на постапката во ваков контекст не значи неутралност, туку доведува до продолжување на состојба во која постои сериозен сомнеж за неуставност. Со тоа се доведува во прашање улогата на Судот како чувар на Уставот и заштитник на правата и слободите на граѓаните.

Поради наведеното, сметам дека Судот требаше да ја продолжи постапката и да донесе мериторна одлука за уставноста на оспореното законско решение, која повеќе од очигледно, е надвор од уставните рамки и повредува неколку уставни принципи.

Судија на Уставниот суд
на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Конечно Решение У.бр.13/2025