Дневен ред за 11. седница на Судот закажана за 29 април во 9:30 часот

 На 29 април 2026 година (среда), со почеток во 9,30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи 11. Седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира за две иницијативи за оценување на уставност  и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и донесување на две конечни одлуки на Судот. 

I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ 

1. Реферат У.бр.167/2025

Оспорен: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија” бр. 217/2015).

Подносител на иницијативата: Александар Михајлоски, адвокат

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорената одредба се овозможува легализација на бесправно изградени објекти и на земјиште кое е сопственост или сосопственост на други физички или правни лица, без да е потребна согласност од тие сопственици, под услов барателот на легализацијата да потврди дека објектот бил изграден во време кога земјиштето било во државна сопственост. Имено, се наведува дека доколку објектот бил изграден на приватно земјиште на друго лице , доволно е подносителот да приложи уверение за имотен лист и изјава заверена на нотар со која ја наведува годината на изградба на објектот- а тоа е дека бил изграден кога земјиштето било во сопственост на државата, за да се продолжи постапкат за утврдување на правен статус на објектот, без согласност на актуелниот сопственик. Се наведува дека оспорениот член е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и 6, член 9 став 1 и 2, член 30 став 1, 2 и 3, член 51 став 1 и член 54 став 1 од Уставот. 

2. Реферат У.бр.18/2026

Оспорен: Член 67 став 1 алинеи 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од Законот за вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија” бр.37/1997, 4/1998, 14/1999, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 7/2002, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 88/2007, 102/2008, 142/2008, 144/2008, 161/2008, 161/2008, 162/2008, 50/2010, 88/2010, 71/2010, 51/2011, 86/2011, 11/2012, 80/2012, 114/2012, 153/2012, 39/2014, 44/2014, 44/2014, 112/2014, 113/2014, 56/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 27/2016, 119/2016, 21/2018, 113/2018 и („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.124/2019, 89/2020, 103/2021, 274/2022, 132/2025 и 269/2025).

Подносител на иницијативата: Оливер Давидовски

Содржина на оспорената одредба:

Член 67

Право на паричен надоместок не може да оствари невработено лице на кое работниот однос му престанал поради:

  • давање писмена изјава на работникот дека сака да му престане работниот однос, освен ако таквата изјава е дадена поради промена на местото на живеење на брачниот другар или склучување на брак;
  • спогодбено престанување на работниот однос;
  • остварува права од работен однос спротивно на закон;
  • престанок на работен однос по сила на закон, освен во случај на престанок на правното лице поради стечај;
  • неоправдано изостанување од работа последовно три работни дена или пет работни дена со прекин во текот на една година;
  • престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавач за кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа;

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата оценува дека лицата кои работеле и плаќале придонеси, по престанокот на работниот однос, се доведуваат во иста правна положба со лица кои никогаш не биле осигурени, единствено поради начинот на престанок на работниот однос. Според наводите, ова е спротивно на уставниот принцип на еднаквост.

Се посочува дека начинот на престанок на работниот однос не ја менува фактичката состојба на невработеност, ниту ја намалува егзистенцијалната потреба, поради што ваквиот критериум се оценува како неразумен.

Дополнително, се тврди дека со оспорената одредба се создава нееднаквост меѓу осигурени лица без разумна и уставно оправдана основа, при што мерката има и казнен ефект.

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. БЗСП.бр.1/2026

Предмет на барањето: Заштита на слободата на јавното изразување на мислата согласно член 110 алинеја 3 од Уставот 

Подносител на барањето: Давид Илиески

Од наводите во барањето: 

Барателот, тврди дека во својство на новинар, поднел барање за пристап до информации од јавен карактер до Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, со кое побарал податоци за компании и проекти финансирани преку банката, агрегирани статистички податоци, како и извештаи доставувани од деловните банки во рамки на кредитните линии за период од 01.01.2020 година до моментот на доставување на бараните информации. Развојна банка делумно го прифатила барањето, односно и споделила агрегирани податоци за бројот на поддржани компании, поделени по сектор година и кредитна програма, но не и списоците со компаниите и проектите кои добиле кредити од Развојна банка, ниту копии од извештаите што деловните банки ги доставуваат до Развојна банка во рамки на кредитните линии.

Поради нецелосни информации барателот вложил жалби до надлежната Агенција за заштита на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер. Таа спровела постапка и двапати одлучувала по предметот, при што во второто решение ја уважила жалбата во целост, ги поништила одбивните решенија и наложила доставување на бараните информации во рок од 15 дена. И покрај тоа, Развојна банка не постапила по конечното и извршно решение, ниту ги доставила бараните податоци со образложение дека станува збор за доверливи податоци, односно банкарска тајна. 

Барателот смета дека со ваквото неизвршување на решението, по исцрпување на сите правни средства, е сторена повреда на неговото право на слобода на изразување, конкретно правото да прима информации од јавен карактер. Наведува дека бараните информации се од јавен интерес, бидејќи се однесуваат на користење на јавни средства од страна на институција, односно банка во државна сопственост.

IIl.      ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКА

1. У.бр.201/2024

Судот на 22 октомври 2025 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување правила во урбанистичкото планирање и спроведување на параметри во рамки на дефинирана градежна парцела за реализација и спроведување на урбанистички план, бр.08-7099/17 од 12.06.2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.7/2024 од 13 јуни 2024). 

2. УЗ.бр.31/2025

Судот на 04 февруари 2026 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година, бр.08-125/7 од 23.01.2025 година, донесена од Советот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево” бр.1/25 од 23.01.2025 година). 

https://ustavensud.mk/archives/38020

Дневниот ред е дополнет со предметот Реферат БЗСП бр.17/2025

Предмет на барањето:

Барањето е поднесено согласно член 110 алинеја 3 од Уставот во врска со забрана од дискриминација на граѓаните, по основ на социјална припадност

Оспорен акт: Пресуда донесена од Основниот граѓански суд Скопје на 21.03.2024 година и Пресуда донесена од Апелациониот суд Скопје на 02.07.2025 година.

Подносител на барањето: Југослав Миленковиќ преку полномошник Жаклина Караниколова Пинзовска

Од наводите во барањето: 

Подносителот бара од Уставниот суд да утврди повреда на неговите слободи и права поради дискриминација по основ на социјална припадност бидејќи навдно е ставен во понеповолна положба во однос на група лица(компаратори). Имено, подносителот на барањето тврди дека четворица негови поранешни колеги во Уставниот суд, кои ги нарекува „компаратори” поради фактот дека и тие како и тој тужеле и барале да им се исплатат придонеси од 2015 до 2019 година по основ на стекнато право на додаток на платата за кариера “B”  и зголемување на платата за 15% од додаток на звање како вработени во Уставниот суд. Тој наведува дека за разлика од него, на компараторите, со пресуди во основните и апелационите судови им било усвоено тужбеното барање да им се исплатат придонесите и зголемувањето од 15% на платата која ја земале во тој период. Подносителот тврди дека е дискриминиран и поради фактот што Државното правобранителство како законски застапник на Уставниот суд постапило понеповолно кон него и не дало ниту одговор ниту образложение по неговите наводи поврзани со начелото на еднаквост и забрана од дискриминација изнесени на две главни расправи. Според подносителот доказ дека е дискриминиран по основ на социјалната припадност е тоа што компараторите добиле трајно зголемена старосна пензија и поголеми придонеси, за разлика од него.  

Забелешка (Овој предмет беше повлечен од Дневен ред на 10. седница на 22 април 2026 година на барање на судијата-известител, поради утврдување на дополнителни околности).