Издвоено мислење по предметот У.бр.243/2024

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.243/2024 од 24 декември 2025 година со кое Уставниот суд на Република Северна Македонија не поведе постапка за оценување на уставноста на член 215 став 6 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017, 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2023 и 188/2023), го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното    

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со почит кон различните ставови на мнозинството судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а во врска со донесеното решение, со ова издвоено мислење го изразувам моето несогласување по следните суштински и правно релевантни причини:

Најнапред, сметам дека оспорениот член 215 став 6 од Кривичниот законик, кој гласи „Нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба“, не ги исполнува уставните стандарди на јасност, прецизност и правна предвидливост. Законската одредба не утврдува јасно колкаво количество на наркотични дроги едно лице може да поседува или одгледува за лична употреба, што создава простор за различно толкување и нееднаква примена во пракса.

Понатаму, ваквата нормативна недореченост ја прави одредбата проблематична и од аспект на примената, а како последица на тоа ја отежнува спроведливоста на казнено-правните мерки. Недоволната прецизност во одредбата овозможува одредени лица да одгледуваат наркотични дроги со намера за понатамошна трговска дистрибуција, формално повикувајќи се на наводната лична употреба. Ваквата ситуација го доведува во прашање ефикасното функционирање на казнено-правниот систем и остварувањето на целите на кривичното право, особено во делот на превенција и заштита на јавниот интерес.

Дополнително, оспорената одредба не предвидува соодветни правни механизми или гаранции коишто би обезбедиле дека лицето кое одгледува наркотични дроги навистина ќе се воздржи од нивно отуѓување или продавање на трети лица. Отсуството на такви гаранции дополнително ја засилува правната несигурност и ризикот од злоупотреба на законската норма.

Имајќи го предвид наведеното, сметам дека наводите изнесени во иницијативата се во целост основани и поради тоа Судот требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на член 215 став 6 од Кривичниот законик, со цел да се испита неговата согласност со начелото на владеење на правото и барањата за правна сигурност и предвидливост на правните норми.

 

Судија на Уставниот суд

на Република Северна Македонија,

м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.243/2024