У.бр.243/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.243/2024
Скопје, 24.12.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Јадранка Дабовиќ- Анастасовка, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 24 декември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 215 став 6 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2023 и 188/2023).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Васко Рубаноски од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законикот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот член 215 став 6 од Кривичниот законик којшто предвидува дека нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба е спротивна на уставното начело – владеење на правото, од причина што конкретното кривично дело се појавува во два облици и тоа во истиот член во ставот 1 се предвидува дејствие на извршување со неовластено произведување и преработување на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори Притоа, целта поради која е предвидено ова кривично дело е да нема појави на неконтролирано дистрибуирање дрога во промет, а не и заради задоволување на сопствени потреби.

Исто така, се наведува дека со оспорениот член 215 став 6 од Законот, сторителот на вакво кривично дело нема да се казни поради фактот што поседува наркотични дроги и психотропни супстанци за лична употреба, иако постои можност истиот да произведува или преработува наркотични дроги и тоа за сопствени потреби, а потоа да ја пушти во промет.

Според наводите, неспорно е дека уживањето на наркотични дроги за свои лични потреби е казниво како прекршок согласно со член 20 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, кој предвидува дека тој кој се оддава на уживање на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори ќе му биде изречена глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противредност.

Воедно, се наведува дека вториот облик на делото е самото продавање или нудење на продажба или поради продажба и купување, држење или пренесување или посредување во продажба или купување или на друг начин неовластено пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и самото дејствие на пренесување на наркотични супстанци претставува извршување на делото.

Во иницијативата се наведува и дека оспорената одредба од Кривичниот законик е спротивна на член 18 од Законот за судовите.

Од наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 215 став 6 од Кривичниот законик, како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, со цел да не настанат тешко остранливи последици во спроведувањето во практиката на судовите по конкретни предмети.

II

На седницата Судот утврди дека член 215 став 6 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2023 и 188/2023), предвидува дека нема да се казни тој што поседувa наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Согласно со член 1 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 48/2001, 4/2002, 16/2002, 43/2003, 19/2004, 40/2004, 81/2005, 50/2006, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 143/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017, 170/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.36/2023 и 188/2023), јасно е дефинирано дека на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон или со меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон.

Според член 2 од Законикот, заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности и применувањето на кривично-правната принуда кога е во мера во која тоа е нужно за спречување на општествено-штетни дејствија, претставуваат основа и граница за определување на кривичните дела и пропишување на кривичните санкции.

Имено, според член 7 од Законикот кривично дело е противправно дело што со закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.

Основниот облик на делото и сите негови елементи, вклучувајќи го и дејствието на извршување е пропишан во член 8 од Законикот, според кој не е кривично дело она дело што, иако содржи обележја на кривично дело, претставува дело од мало значење поради отсуството или незначителноста на штетните последици и нискиот степен на кривична одговорност на сторителот.

Оспорениот член 215 е со наслов „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и има 8 ставови.

Во ставот 1 на оспорениот член е предвидено дека тој што неовластено организира, произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години.

Според став 2 на истиот член, ако делото од ставот 1 на овој член е сторено со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од помало количество, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеца до три години.

Според став 3 од овој член се предвидува дека ако делото од став 1 го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници, или организирал дејствие од ставот 1 на овој член, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.

Согласно со став 4 на оспоремиот член ој што неовластено прави, набавува, посредува или дава на употреба опрема, материјал или супстанции за кои знае дека се наменети за производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Ставот 5 на истиот член, предвидува дека сторителот од став 2, со исклучок на организаторот, кој ќе го открие делото или ќе придонесе за неговото откривање, ќе се ослободи од казна.

Според став 6 нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба.

Во став 7 е предвидено дека ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна и во став 8 е наведено дека наркотичните дроги, психотропните супстанции и прекурсорите, како и подвижните или недвижните предмети употребени за нивно правење, пренесување или растурање, ќе се одземат.

Во став 1 на членот 216 од Законикот се санкционирани потешките, односно квалифицираните облици на ова дело, кој предвидува дека тој што наведува друг на уживање наркотични дроги или му дава наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори да ги ужива тој или друго лице или ќе стави на располагање простории заради уживање наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори или на друг начин му овозможува на друг да ужива наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, ќе се казни со затвор од една до пет години.

IV

Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитост во Републиката е подигнато на ранг на уставно начело. Во казненото право ова начело се разработува преку принципот на законска определеност на казнивите дела и казните и е гарант за правата и слободите на граѓаните од една страна и спроведувањето на казнената политика на државата, вградена во нејзините казнени закони, од друга страна.

Начелото на законитост во казненото право ги содржи следните елементи: државата да ги прогласи како казниви дела поведенијата на човекот со кои се повредуваат или загрозуваат индивидуалните слободи и права, државата да ги определи на прецизен начин битијата на казнивите дела и за секое казниво дело да пропише соодветна казна што е нужна и праведна и прецизно да ги одреди границите на казната и другите санкции, државата стриктно да ги определи овластувањата на судот и на другите органи во примената на казнено-правните норми, никој да не може да биде казнет за дело што пред да е сторено не било со закон пропишано како казниво дело, односно кон никој да не може да биде изречена казна што не е предвидена со закон.

Притоа, видовите казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон.

При уставно-судската анализа, Судот утврди дека во оваа смисла, со Кривичниот законик се утврдуваат основните начела и општи институти од материјално правен карактер, со кои се определува општиот поим на кривичното дело, се дефинираат претпоставките и условите на кривичната одговорност и се утврдуваат основите за нивното исклучување, се утврдува систем на санкции и поблиску се одредуваат условите за примена на санкциите и се пропишуваат конкретните кривични дела и санкциите коишто можат да се изречат за секое кривично дело.

Имајќи го предвид наведеното и наводите во иницијативата дека оспорената одредба создава правна несигурност од причина што за вакво кривично дело нема да се казни лицето поради фактот што поседува наркотични дроги и психотропни супстанци за лична употреба, а постои можност некој да произведува или преработува наркотични дроги и тоа за сопствени потреби, а потоа да ја пушти во промет, Судот оцени дека се неосновани.

Ова од причина што примената на одредбите од Кривичниот законик во конкретни случаи од посебно знaчење се законските елементи на кривичното дело за кое се товари обвинетиот од што ќе зависи и неговата кривична одговорност, односно не е кривично дело она дело кое иако содржи обележја на кривично дело, кога претставува дело од мало значење поради отсуството или незначителноста на штетните последици и нискиот степен на кривична одговорност на сторителот, согласно со член 7 и 8 од Законикот.

Од уставен аспект за примената на одредбата, значајно е дали таа јасно и прецизно ги содржи сите елементи врз основа на кои може да се утврди казненоправната одговорност на сторителот за неговото противправно поведение. Ова особено се однесува на дејствието на извршувањето кое, согласно со начелото на законитост, мора да биде утврдено во законскиот опис како што е предвидено во останатите ставови на оспорениот член 215 од Законикот.

Изборот на законодавно-правната техника при утврдување на описот на дејствието на извршување пак, е прашање за што одлучува законодавецот, а не Уставниот суд.

Во однос на наводите дека треба да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанци за лична употреба со казна затвор или друга казна, Уставниот суд нема надлежност да ја оценува целисходноста на законската норма со оглед на тоа што тоа е прашање на законодавецот во регулирањето на предметната материја, ниту пак е надлежен да определува друга содржина на нормата која според подносителот треба да ја има.

Оттука, произлегува дека во оспорениот став 6 од член 215 од Кривичниот законик несомнено не се содржани основните елементи на кривичното дело неовластено пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци заради продажба или произведување како што се предвидени во членовите 215 и 216 од Законикот поради фактот што ги поседува само за лична употреба, а не да наведува друг да ужива наркотични дроги, поради што Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и не може да се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во однос на барањето во иницијативата за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици, Судот утврди дека не се исполнети условите од член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на вакво решение.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.243/2024